Џејмс Алан Хетфилд (англиски: James Alan Hetfield; роден на 3 август 1963 година во Дауни, Калифорнија, САД) е ритам гитарист, основач, главен текстописец и главен вокал на американскиот хеви метал состав Металика. Хетфилд учествувал во основањето на Металика во октомври 1981, откако се пријавил на оглас во весник што бил објавен од тапанарот Ларс Улрих, кој барал членови за бенд. Од тогаш Металика има добиено девет Греми награди, имаат издадено девет студиски албуми, три албуми во живо, четири проширени плочи, 24 спотови, и 45 синглови. Во 2009 година, Хетфилд беше рангиран на деветтото место во книгата на Џоел Мекајвер „Топ 100 најдобри метал гитаристи“. Исто така Хетфилд беше рангиран на 24 позиција од Хит Парадер во нивниот список на 100 најдобри метал вокалисти на сите времиња.

Џејмс Хетфилд
Џејмс Хетфилд
Животописни податоци
Родено имеЏејмс Алан Хетфилд
Роден(а)3 август 1963(1963-08-03)(60 г.)
Калифорнија, САД
ЖанровиХеви метал, треш метал, хард рок, спид метал
ЗанимањаМузичар, продуцент, текстописец
ИнструментиГитарист, пејач, пијанист,
Период на активност1981–денес
ИздавачиВорнер Брос Рекордс, Електра Рекордс, Мегафорс Рекордс
СоработнициМеталика, Спастик Чилдрен, Ледер Чарм
Мреж. местоmetallica.com

Животопис уреди

Младост уреди

Хетфилд е роден на 3 август 1963 година. Тој има германско, англиско, ирско и шкотско потекло. Има двајца постари полубраќа од првиот брак на мајка му и една помлада сестра.

Таткото на Хетфилд, Верџил, бил возач на камиони кој го напуштил семејството кога Хетфилд бил мал. Неговата мајка, Синтија, била оперетска пејачка. Двајцата се развеле во 1976 година. Верџил и Синтија биле многу строги христијански верници, и според нивните верувања, биле строго против медицината и секое медицинско лекување и останале верни на нивната религија дури и додека Синтија умирала од рак. Оваа воспитување подоцна било инспирација за многу од текстовите на Хетфилд во неговата кариера во Металика.

Синтија Хетфилд починала од рак во 1979 година кога Џејмс имал 16 години. По смртта на мајка му, Хетфилд се преселил кај неговиот постар полубрат Дејвид. Татко му Верџил, починал на крајот на 1996 година за време на турнејата „Лоуд“ на Металика.

Музички влијанија уреди

Хетфилд имал девет години кога започнал да оди на часови по пијано, по што продолжил со тапаните на брат му Дејвид и на крајот на 14 години, почнал да учи да свири гитара. Исто така учествувал во неколку бендови како тинејџер - еден од нив бил Ледер чарм, а друг бил, Опсешн.

Хетфилд ги посочува Аеросмит како главно музичко влијание додека бил дете, и вели дека тие биле причината за неговата желба да свири гитара. Тој ги наведува и: Лед Зепелин, Блек Сабат, Моторхед, Тин Лизи, Тед Нуџент и Дип Парпал како важни музички влијанија.

Металика (1981 – денес) уреди

Во почетоците на составот, Металика експериментирале со различни комбинации на вокали и гитари, за на крајот да добијат постава слична на Дајмонд Хед. Некои од разгледуваните опции вклучувале и друг гитарист, Џон Роудс свирел соло гитара, како и Џон Буш од Арморд Сеинт (подоцна се приклучил на Антракс) кој пеел. Крајниот состав на бендот бил Хетфилд (главен вокал и ритам гитара), Ларс Улрих (тапани), Дејв Мастејн (соло гитара) и Рон Мекговни (бас гитара).

 
Хетфилд во 2008 година.

Од 1982 година до 1983 година, алкохолизмот на Мастејн ги подгреал односите меѓу него и Хетфилд. Исто така, Мастејн во една прилика истурил пиво врз басот на Мек Говни и за малку не предизвикал сериозна штета. На 1 април 1983 година, составот го регрутирал соло гитаристот Кирк Хамет од бендот Егзодус. По десет дена Хетфилд и Улрих и официјално го исфрлиле Мастејн од бендот поради проблеми со алкохолот. Мустејн бил испратен дома на четиридневно патување. Подоцна тој го формира хеви метал составот Мегадет. Подоцна, Мустејн е цитиран како се прашува, зошто не бил испратен на рехабилитација.

Сè до 1990-тите, Хетфилд ги снимал сите делови за ритам гитара и повеќето хармонизации. Од снимањето на Лоуд, и Хамет почнува да снима делови за ритам гитара. Хетфилд свири ги свири солата на песните „Nothing Else Matters“, „My Friend of Misery“, завршното соло на „The Outlaw Torn“, второто соло на „To Live Is to Die“, првото соло во „Suicide & Redemption“, и првото преодно соло во „Master of Puppets“ и воведното хармонично соло во „The Day That Never Comes“. Тој исто така ги компонира повеќето хармонизации за гитари, пишува текстови, вокални мелодии, и прави аранжмани на песните заедно со Улрих.

 
Хетфилд во 2008 г.

Хетфилд е вклучен во неколку инциденти на сцената, најзабележителен е пиротехничкиот инцидент на Олимпискиот стадион во Монтреал за време на турнејата на Guns N' Roses / Металика на 8 август 1992 година. Хетфилд настрада во тешкиот инцидент со пиротехниката за време на песната „Fade to Black“, при експлозија на пиротехниката. Гитарата го заштитила Хетфилд од целосната силина на експлозијата, но огнот ја зафатил неговата лева страна, правејќи му изгореници на раката, дланката, веѓите, лицето и косата. Тој претрпе изгореници од втор и трет степен, но се врати на сцената по 17 денови, иако гитарата му беше доверена на поранешниот гитарист на Метал Черч, Џон Маршал, за време од 4 недели додека да се опорави.

Хетфилд неколкупати ја скрши раката додека скејтал, што го спречило да свири гитара на сцена. Како последица неговата менаџерска компанија Кју Прајм додала клаузула во неговиот договор која му забранува да вози скејтборд додека Металика е на турнеја. За време на настап во живо на турнеја на Металика, Хетфилд искусил компликации со гласот по изведба на песната „So What?“ од Анти-Ноуеар Лиг, што го приморало да земе часови по пеење за првпат. Тој правел основни вежби за загревање со музицирање од пијано со помош на неговиот ментор, кој му дал касета со вежби за идна употреба. Хетфилд сè уште ја користи истата касета која му беше дадена на почетокот на деведесеттите години пред секој настап или снимање. Хетфилд говори за своите напори на часовите по пеење во документарецот на Металика, „Некакво Чудовиште“ продуциран и режиран од Џо Берлингер и Брус Синофски. За време на снимањето на осмиот студиски албум на составот St. Anger во 2001 година, Хетфилд отиде на рехабилитација поради своите проблеми со алкохолот. Тој се врати во бендот по седум месеци на рехабилитација и четири месеци закрепнување во домашни услови. Сега е трезвен и чист и има намера да остане таков, што е прикажано во Some Kind of Monster[1].

Документарецот го прикажува и снимањето на албумот St. Anger, и ги документира различните конфликти и проблеми со кои се соочуваше составот, вклучувајќи го заминувањето на басистот Џејсон Њустед, алкохолизам, семејни обврски, и иднината на бендот, со многу озборување во печатот за тоа дали бендот ќе го издржи завршувањето на албумот St. Anger.

Хетфилд и Металика ја изразија својата потреба од нов басист со регрутирањето на Роберт Трухиљо. Новиот состав продолжи со снимањето и светските турнеи. Деветтиот студиски албум на Металика, Death Magnetic, беше пуштен во продажба на 12 септември 2008 година. Исто како St. Anger и секој албум со оригинален материјал на Металика од 1991 година па наваму и Death Magnetic се искачи на првата позиција на Топ листите во над 30 земји во текот на првата недела од пуштањето во продажба.

На 4 април 2009 година, Хетфилд заедно со останатите членови на Металика, Улрих, Хамет, Трухиљо како и поранешниот басист Њустед и починатиот Клиф Бартон. беа поставени во алејата на славните рокенрол музичари[2]. Во интервјуто по нивната номинација, Хетфилд даде коментар дека сите кои се појавиле на албум со бендот би требало да бидат вклучени. Ова ги исклучи првиот гитарист Дејв Мустејн и првиот басист Рон Мек Говни, бидејќи и двајцата се имаат појавно само на првите демо снимки на бендот.

Хетфилд беше рангиран на 24-то место списокот на Хит Парадер, Најдобар Метал Вокал на Сите времиња. Во 2009 година, беше рангиран на 9-тата позиција во книгата на Џоел Мек Ливер, 100 Најдобри Метал Гитаристи.

Приватен живот уреди

 
Концерт на Металика во Лондон (15.09.2008)

Кога не пишува, пее или свири, Хетфилд се вклучува во бројни физички активности, како, лов, скејтбординг, сноубординг, скијање на вода, возење на скутер за вода, скицирање, работење во неговата гаража каде преправа автомобили и мотоцикли, гледање фудбал („Оукланд Рајдерс“, неговиот омилен тим), посети на изложби на хот-родови.

Собира винтиџ гитари – особено од 1963 година – и ужива да работи на класични автомобили. Меѓу неговите омилени се „Шеви Нова“ од 74-та, што помогнал во нејзината реставрација, и „Ѕверот“, теренец со погон на сите четири тркала.

Тој го стави неговото Шевролет Камаро на продажба на Ибеј[3], а заработката ја намени за програмата Музика за училишта. Автомобилот беше искористен во спотот на „I Disappear“ и му беше подарена по завршувањето на спотот. Години подоцна, Џејмс го донираше автомобилот на Хард Рок Кафе, што е прикажано во филмот Хард Рок Богатства. „Слоубарн“ неговиот брз автомобил од 1936 година ја доби наградата за Уест Коуст Кастом на Гудгајс изложбата во 2010 година.

Хетфилд има бројни тетоважи, вклучувајќи и пламена кои зафаќаат четири карти, ас (1), 9, 6, и 3 – кои ја претставуваат годината на неговото раѓање и зборовите „Carpe Diem“ („зграпчи го денот“, исто така дел од насловот на песната „Carpe Diem Baby“ од албумот Рилоуд). Пламените јазици во тетоважата се поврзани со инцидентот со пиротехниката во кој настрада во 1992 година. Тој исто така има истетовирано, „М“ на десната рака кое значи „Металика“ и „F“ на левата рака кое значи „Франческа“.

Покрај овие окупации, Хетфилд вели дека често е најсреќен кога поминува време со неговата сопруга Франческа и нивните три деца: Кали (13 јуни 1998 година), Кастор (18 мај 2000 година), и Марсела (18 мај 2002 година). Хетфилд се ожени со Франческа Томаши, на 17 август 1997 година.

Во едно интервју на НПР[4], Фреш Ер, Хетфилд изјави дека неговата сопруга му помогнала да созрее и да научи по конструктивно да се справува со проблемите со бесот, и дека откако се сретнале неговите деструктивни тенденции ги засрамиле и двајцата. Од неговата рехабилитација во 2002 година, тој е сѐ уште трезвен (документирано во филмот Some Kind of Monster), и е во целосна апстиненција од алкохолот.

Првиот сингл кој го купил бил „Sweet Home Alabama“ од Линард Скинард[5].

Денес, неговото семејство живее во Марин Кантри, Калифорнија, северно од Сан Франциско. Беше прикажан во документарецот наречен Отсутен режиран од Џастин Хант, кој дава осврт на ефектите од отсуството на татковците во животите на децата и „татковата рана“ која ја отвораат. На 30 март 2011 година, Хетфилд и Хант беа интервјуирани за филмот од Фокс Њус Чанел[6], во програмата Фокс енд Френдс[7].

Хетфилд го изрази својот презир спрема политиката и славните кои „мислат дека нивните се најправилни“, велејќи „За нас, луѓето се луѓе - сите треба да имаат сопствено мислење.“ Во 2007 година, Металика настапи во живо на концертот Лондон Лајф Ерт. Кога Џејмс беше прашан што мисли за климатските промени, тој го одговори следново:

"Навистина ги избегнував новинарите околу денот на Лајф Ерт. Не се согласував целосно со тоа што се случуваше таму. Политиката ме излудува, и не сакам да зборувам за политиката. Политиката се испречува на патот на работите; го попречува сработувањето на работите а распространувањето на нашата музика е тоа што ние сакаме да го сработиме - не сакаме да го помрачуваме тоа со „Демократ, Републиканец“, што било. Нашата филозофија е „мисли за себе“ на крајот на денот - направи го она за што имаш добро чувство. Навистина верувам дека луѓето ќе преживеат. Многу верувам дека што и да е, човештвото ќе го преброди и ќе се приспособи; Без разлика дали е од човек или од бога, или Земјата / Мајка Природа - имаме многу паметни луѓе на планетава кои од нешто лошо ќе направат нешто добро."


Наводи уреди

  1. Some Kind of Monster
  2. Rock and Roll Hall of Fame
  3. Ebay
  4. http://www.npr.org/templates/story/story.php?storyId=4469978
  5. Mikael Wood. „Metallica: The Billboard Cover Story“. Billboard.
  6. Fox News Chanel
  7. Fox and Friends

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: