Банска Штјавница
Банска Штјавница (словачки: Banská Štiavnica; германски: Schemnitz; унгарски: Selmecbánya (Selmec)) — град во централна Словачка кој се наоѓа во средина на огромна калдера, создадена по колапсот на стар вулкан. Поради својата големина калдерата е позната под името Штијавнички Планини. Самиот град има околу 10.000 жители. Тој е целосно сочуван средновековен град. Поради својата историска вредност, градот со околината бил прогласен за светско наследство од УНЕСКО на 11 декември 1993 година.
Банска Штјавница | ||
---|---|---|
Град | ||
Плоштадот на Светото Тројство (Námestie Svätej Trojice) во Банска Штјавница | ||
Држава | Словачка | |
Регион | Банскобистрички крај | |
Област | Банска Штјавница (округ) | |
Првпат споменат | 1156 | |
Управа | ||
• Градоначалник | Nadežda Babiaková | |
Површина | ||
• Вкупна | 46,378 км2 (17,907 ми2) | |
Надм. вис. | 600 м | |
Население (2017-12-31) | ||
• Вкупно | 10.097 | |
• Густина | 0,22/км2 (0,56/ми2) | |
Час. појас | CET (UTC+1) | |
• Лето (ЛСВ) | CEST (UTC+2) | |
Поштенски код | 969 01 | |
Повик. бр. | +421-45 | |
Регистарски таблички | BS | |
Мреж. место | www.banskastiavnica.sk | |
Светско наследство на УНЕСКО | ||
Службен назив | Историски град Банска Штјавница и техничките споменици во околината | |
Критериум | iv, v | |
Навод | 618 | |
Запис | 1993 (XVII заседание) |
Историја
уредиГрадот своето основање и местоположбата ја должи на рудниците, посебно на рудниците на сребро. Според доказите од археолошките ископувања, местото било населено уште во младото камено време.
Првата рударска населба била основана од Келтите, во 3 век п.н.е. Веројатно била основана од келтското племе Котини, кои живееле во денешна централна Словачка, сѐ додека не биле депортирани во Панонија за време на Маркоманските војни, познати и како Германска војна (Bellum Germanicum) на Римјаните против германските племиња. Местото подоцна било населено од Словените. Во 10 и 11 век, била изградена утврдена населба од страна на Старите Словаци, кои местото го нарекле Terra banensium (земја на рударите) уште во 1156 година. Населбата во долината, од месното население била нарекувана Штјавница (кисел поток), а населбата погоре на ридот кој се викал Ligotavá hora, или Glanzenberg (во превод значи сјајна планина), ја нарекувале Бана (рудник). Заедничкото име Schebnyzbana за првпат било документирано во 1255 година.[1] На локалното словенско население им се придружиле германски доселеници, кои почнале на пристигнуваат во 13 век. Со нивното доаѓање името се променило во германското име Шемниц (Schemnitz). Банска Штјавница го добила статусот кралски град во 1238 година, како еден од првите градови во Кралството Унгарија.
Во текот на средниот век, градот бил главен произведувач на сребро и злато во Кралството Унгарија. За време на Османлиските војни во Европа, Турците направиле големи напори да ги освојат богатите рударски градови во Горна Унгарија (Банска Штјавница, Банска Бистрица, Кремница), поради што во Банска Штјавница биле изградени моќни утврдувања, вклучувајќи и два замка во 16 век. Градот бил и еден од центрите на протестантската реформација, и ѝ припаѓал на т.н. протестантска „Лига на седумте рударски градови“ заедно со Банска Бела, Банска Бистрица, Кремница, Нова Бања, Љубјетова и Пуканец.
Градот бил и водечки центар за иновации во рударската индустрија. Тој бил меѓу првите градови во светот, по францускиот град Ле Тио, кој го користел барутот во рудниците во 1627 година. Кога во 1722 година, рудниците биле поплавени, водата ја испумпувале со помош на парни машини, што била прва употреба на парни машини надвор од Обединетото Кралство. За да се исцеди водата од поплавените рудници бил изграден софистициран систем на резервоари за вода и канали, познати како тајхи, а бил изграден од локалните научници Јозеф Карол Хел, Максимилијан Хел и Самуел Миковини во XVIII век. Тајхи системот не само што ги спасил рудниците од затворање, туку со него се обезбедувала енергија за раната индустријализација.
Првото рударско училиште во Кралството Унгарија било основано во 1735 година од страна на Самуел Миковини. Со поддршка на кралицата Марија Терезија, училиштето било трансформирано во Академија за рударство. Во 1807 година, бил основан Шумарски институт со одлука на царот Франц Јосиф, а во 1848 година, училиштето било преименувано во Академија за рударство и шумарство, кој бил првиот технички универзитет во светот. Во 1919 година, по создавањето на државата Чехословачка, Академијата за рударство и шумарство била преместена во градот Шопрон, во Унгарија. Некогашната академија денес има наследници во Универзитетот во Мишколц, Словачкиот универзитет за технологија во Братислава[2] и колеџите во Шопрон, Секешфехервар и Дунаујварош.
Во 1782 година, Банска Штјавница била трет по големина град во Кралството Унгарија, по Позсони (денешна Братислава) и Дебрецин. Градот броел 23.192 жители, а со предградијата имал околу 40.000 жители. Бидејќи развојот на градот бил условен од рударската активност, со нејзиното намалување во втората половина на XIX век, градот полека згаснувал. Денес, Банска Штјавница е важен центар за рекреација и туризам, со оглед на богатото историско наследство.
Во текот на Втората светска војна градот бил освоен од Советската 53 армија, на 7 март 1945 година.
Знаменитости
уредиПоради особено добро сочуваните средновековни архитектонски градби, градот на 11 декември 1993 година бил запишан од УНЕСКО во списокот на светското културно наследство. Во центарот на градот се наоѓа историскиот Плоштад на Светото тројство (словачки: Trojičné námestie), во кој доминира кружниот пил. На плоштадот се наоѓаат и Градското собрание и Минеролошкиот музеј, во кој често се одржуваат културни манифестации.
Готското градско собрание од 14 век било реновирано меѓу 1507–1679 година во ренесансен стил, бил споен со капелата Света Ана, која била срушена во 18 век, а на нејзино место била ставена скулптурата на Света Богородица. Двата дворци, стариот (словачки: Starý zámok) и новиот (словачки: Nový zámok), биле претворени во музеи. Во Музејот за рударство има и подземен ходник долг два километра, по кој се прави обиколка на рудникот за сребро од 17 век, а уште постариот рудник Гланценберг, кој се наоѓа под центарот на градот, бил посетуван од туристи уште од времето на царот Франц Јосиф.
Денес како зона за рекреација, служат и каналите тајхи, кои имаат мрежа со должина од стотина километри.
Цркви
уредиВо Калварија Банска Штјавница (словачки: Banskoštiavnická Kalvária) постои комплекс на цркви и капели кои се наоѓаат во близина на Остри врх, кој бил изграден во 18 век од страна на Језуитите.
Демографија
уредиБанска Штјавница има население од 10.674 (во декември 2005 година). Според пописот од 2001 година, 93,9% од жителите биле Словаци и 2% Роми. Многу луѓе се потомци на Карпатските Германци, кои играле многу важна улога во средновековната историја на градот. Според религиозна припадност има 65% римокатолици, 18,9% лица без верска припадност и 7,6% лутеранци.
Меѓународни односи
уредиЗбратимени градови
уредиБанска Штјавница е збратимена со градовите:
Познати луѓе
уреди- Улрика Бабјакова, (Словакинка) астроном
- Јозеф Карол Хел, (Унгарец) иноватор и рударски инженер
- Максимилијан Хел, (Унгарец) астроном
- Дезо Хофман, (Словак) фотограф
- Антон Хикиш, (Словак) писател, дипломат и политичар
- Николаус Јозеф фон Жакен, (Австриец) лекар и ботаничар
- Андреј Кмет, (Словак) научник
- Домокош Кошари, (Унгарец) историчар
- Људовит Лачни, (Словак) шаховски композитор
- Мастер МС (Шебешцен), (Унгарец) сликар
- Самуел Миковини, (Словак) математичар, инженер и картограф
- Александар Питук, (Унгарец) шаховски композитор
- Емилија Вашариова, (Словакинка) глумица
- Магда Вашариова, (Словакинка) глумица и дипломат
Поврзано
уреди- Сењица, Словачка (германски: Senitz)
- Градови во Словачка
Наводи
уреди- ↑ „Banská Štiavnica - Stredovek“. www.banskastiavnica.sk. Архивирано од изворникот на 2019-04-11. Посетено на 2019-04-05.
- ↑ Bratislava, S. T. U. „The history - Slovak University of Technology in Bratislava (STU)“. www.stuba.sk (англиски). Посетено на 2019-04-05.
- ↑ Bozsoki, Agnes. „Partnervárosok Névsora Partner és Testvérvárosok Névsora“ [Partner and Twin Cities List]. City of Székesfehérvár (унгарски). Архивирано од изворникот на 2012-12-08. Посетено на 2013-08-05.
Надворешни врски
уреди„Банска Штјавница“ на Ризницата ? |