Уго Чавес

претседател на Венецуела
(Пренасочено од Хуго Чавез)

Уго Рафаел Чавес Фријас (шпански: Hugo Rafael Chávez Frías, 28 јули 1954 - 5 март 2013) — претседател на Венецуела. Неговото претседателствување со Венецуела од 1998 година, демократско-социјалистички ориентирано, донело радикални промени во земјата, вклучувајќи нов Устав, многу нови социјални програми и нова надворешна политика насочена против хегемонизмот на САД.

Уго Чавес
Уго Чавес

Претседателот Чавес


Во служба
На функција од 
2 февруари 1999 - 5 март 2013
Претходник Рафаел Калдера

Роден 28 јули 1954
Сабанета, Баринас, Венецуела
Починал 5 март 2013
Партија Обединувана Социалистичка Партија на Венецуела
Сопружник Нанси Колменарес (разв.), Марисабел Родригес (разв.)
Религија Католик

Рани години

уреди

Кога наполни 17 години, Чавес се вклучува во падобранската легија на венецуелската војска и се запишува на Венецуелската академија за воени науки. Дипломира во 1975. Подоцна се запишува на Универзитетот Симон Боливар во Каракас на студии по политички науки, но се откажува пред да дипломира. Се вработува во војската, при што неколкупати е одликуван и со текот на времето стигнува до чин падобрански потполковник.

Фасциниран од Симон Боливар, на 200-годишнината од неговото раѓање, на 24 јули 1983, Чавес го основа Револуционерното боливарско движење 200. На 4 февруари 1992 Чавес и Револуционерното боливарско движење 200 извршија воен удар против тогашниот претседател Карлос Андрес Перес, поради прифаќањето на програмите на ММФ насочени против сиромашните слоеви на населението. Ударот брзо е сузбиен, по што Чавес е затворен. Во ноември истата година неговите приврзаници повторно се обидуваат да извршат воен удар, но повторно без успех. Откако одлежа две години во затвор, во 1994 Чавес е помилуван од претседателот Рафаел Калдера. По излегувањето од затвор, тој го преструктуира своето движење како политичко движење наречено Движење за Петта република.

Претседател на државата

уреди

Во 1998 Чавес се кандидира за претседател на државата и извојува победа на изборите со 56,2% од гласовите, што претставува најголема поддршка за некој претседателски кандидат во Венецуела во претходните четири десетлетија. Набрзо по стапувањето на должноста, Чавес пристапи кон процедурата за измена на Уставот. Новиот Устав беше усвоен по пат на референдум, кој се одржа во декември 1999. Според новиот Устав Венецуела е преименувана во „Боливарска република Венецуела“, мандатот на претседателот е продолжен на шест години и е овозможен негов реизбор, беше воведена нова процедура за отповикување на претседателот, а Парламентот од дводомен стана еднодомен. На изборите за новиот, еднодомен парламент, кои се одржаа во јули 2000, партиите што го поддржуваа Чавес освоија 2/3 од мандатите.

Државниот удар против Чавес

уреди

На 9 април 2002 тогашната најголема синдикална организација во Венецуела, Конфедерацијата на работниците на Венецуела, прогласи дводневен генерален штрајк. Генералниот штрајк беше веднаш поддржан од организацијата на работодавците. На 11 април избија судири помеѓу противниците и приврзаниците на Чавес. Чавес, откако увиде дека мнозинството од военото раководство е против него, ја понуди својата оставка, но под услов да биде почитуван Уставот, согласно на кого требаше да го наследи неговиот потпретседател. И покрај договорот со воените водачи, наместо неговиот потпретседател на местото претседател е назначен водачот на организацијата на работодавците, Педро Кармона.

Смената на власта веднаш предизвика немири во Каракас во знак на поддршка на Чавес. Охрабрени од масовната поддршка од народот, воените водачи лојални на Чавес ја освоија претседателската палата и ноќта на 13 април Чавес се врати на функцијата претседател на државата.

Претседателствувањето по државниот удар

уреди

Веќе во декември 2002 Чавес се соочи во нов предизвик. Започна штрајк во нафтената индустрија со цел Чавес да се повлече од власт. Штрајкот заврши со неуспех, бидејќи голем дел од работниците во нафтената индустрија се спротивставија на штрајкот што го поведе синдикалното раководство.

Во април 2003 водачите на опозицијата ја отпочнаа процедурата за отповикување на претседателот, која беше воведена со Уставот од 1999. Гласањето за доверба на Чавес се одржа на 15 август 2004. Против отповикувањето на Чавес гласаа 59% од гласачите, по што Чавес ја зачува власта со обновена поддршка од народот.

На претседателските избори во 2006 година, Чавес е реизбран за претседател на Венецуела со 63% од гласовите.

Надворешни врски

уреди