Средноатлантски Гребен

подводен гребен во Атлантскиот Океан

Средноатлантски Гребенсреднокеански гребен сместен по дното на Атлантскиот Океан и дел од најдолгиот планински венец на светот. Во северниот Атлантик ја двои Евроазиската Плоча од Северноамериканската, а во јужниот — Африканската од Јужноамериканската. Се протега од спојот со Гакељовиот Гребен (Средноарктички Гребен) североисточно од Гренланд, па на југ сè до Бувеовата Тромеѓа во јужниот Атлатски Океан. Иако гребенот е претежно под водата, постојат исвесни места кои се издигаат над неа поради нивната висина. Потегот од гребенот во кој спаѓа Исланд е наречен Рејкјанески Гребен. Просечната стапка на ширење на гребенот изнесува околу 2,5 см годишно.[1]

Средноатлантскиот Гребен на карта.

Откривање

уреди
 
Делбата на суперконтинентот Пангеја.

Постоењето на гребен под Атлантскиот Океан прв го претпоставил Метју Фонтен Мори во 1850 г. Гребенот е пронајден во експедицијата на „Челиџер“ во 1872 г.[2] Научната екипа на бродот, предводена од Чарлс Вајвил Томсон, открила големо возвишение во Атлантикот испитувајќи погодни места за поставање на прекуатлантски телеграфски кабел во иднина.[3] Местоположбата на таквиот гребен е потврдена со сонар во Германската атлантска експедиција од 1925 г.[4] и забележано е дека оди од ’Ртот на Добрата Надеж и минува низ Индискиот Океан .[5]

Во 1950-тите е направен голем картографски потфат за исцртување на океанските дна во светот. Во него учествувале научниците Брус Хизен, Морис Јуинг, Мери Тарп и други, кои утврдиле дека Средноатлантскиот Гребен има мошне чудна батиметрија на долини и сртови,[6] при што средишната долина е сеизмолошки активна и претставува епицентар на многу земјотреси.[7][8] Јуинг, Хизен и Тарп откриле дека гребенот е дел од систем на последователни океански гребени кој се протега по дната на сите океани и е долг 40.000 км.[9] Откривањето на овој светски систем довело до теоријата за ширење на морското дно и општоприфатеноста на теоријата на Алфред Вегенер за континенталното поместување и ширење во видоизменетиот облик на тектоника на плочите. Овој гребен одиграл суштинска улога во расцепот на претпоставениот суперконтинент Пангеја кој отпочнал пред 180 милиони години.

Забележителности

уреди
Средноатлантскиот Гребен низ националниот парк Тинкветлир во Исланд.

Средноатлантскиот Гребен има длабока раседна долина која се протега по неговата оска во речиси сета должина. Овој расед е вистинската граница меѓу тектонските плочи, каде магмата од плаштот го достигнува морското дно, избивајќи како лава и создавајќи нов корест материјал за плочите.

Близу екваторот се наоѓа ровот Романш кој го дели гребенот на Северноатлантски и Јужноатлантски, Овој ров е тесен и достигнува длабочина од 7.758 м — меѓу најдлабоките места во Атлантскиот Океан. Истиот ров сепак не се смета за граница помеѓу Северноамериканската и Јужноамериканската Плоча, ниту пак меѓу Евроазиската и Африканската.

Острови

уреди

Ова е список на островите кои лежат на или близу Средноатлантскиот Гребен, тука наведени со нивните највисоки врвови и местоположба:

Северна полутопка (Северноатлантски Гребен):

  1. Јан Мајен (Беренберг, 2.277 м (71°06′N 08°12′W / 71.100° СГШ; 8.200° ЗГД / 71.100; -8.200), Северноледен Океан
  2. Исланд (Кванаталсхнукир кај Ватнајекидл, 2.109,6 м (64°01′N 16°41′W / 64.017° СГШ; 16.683° ЗГД / 64.017; -16.683), низ кој поминува гребенот
  3. Азори (Пику, на островот Пику, 2.351 м, (38°28′0″N 28°24′0″W / 38.46667° СГШ; 28.40000° ЗГД / 38.46667; -28.40000)
  4. Свети Петар и Павле (Југозападна Карпа, 22,5 м, 00°55′08″N 29°20′35″W / 0.91889° СГШ; 29.34306° ЗГД / 0.91889; -29.34306)

Јужна полутопка (Јужноатлантски Гребен):

  1. Вознесение (Пик, Зелена Планина, 859 м, 07°59′S 14°25′W / 7.983° ЈГШ; 14.417° ЗГД / -7.983; -14.417)
  2. Света Елена (Дијана, 818 м 15°57′S 5°41′W / 15.950° ЈГШ; 5.683° ЗГД / -15.950; -5.683)
  3. Тристан да Куња (Кралица Мери, 2062 м, 37°05′S 12°17′W / 37.083° ЈГШ; 12.283° ЗГД / -37.083; -12.283)
  4. Гоф (Единбург, 909 м, 40°20′S 10°00′W / 40.333° ЈГШ; 10.000° ЗГД / -40.333; -10.000)
  5. Буве (Олавтопен, 780 м, 54°24′S 03°21′E / 54.400° ЈГШ; 3.350° ИГД / -54.400; 3.350)

Геологија

уреди
 
Базалтни карпи на гребенот забележани од подморското возило „Херкулес“ во 2005 г.

Гребенот седи врз највисокото место на големиот земјиштен облик наречен Средноатлантско Возвишение, кој претставува долгнавеста испакнатина по должината на целиот Атлантик. Се смета дека испакнатината е предизвикана од нагорни сили на истумбување во астеносферата кои ги притискаат океанска кора и литосферата. Раздвојувачката граница настанала за време на тријасот, кога нниза трикраки грабени се соедининиле во суперконтинентот Пангеја и го сочиниле гребенот. Обично само два од трите крака на еден трикрак стануваат дел од раздвојувачката граница на плочата. Неуспешните краци се наречени авлакогени и од нив подоцна настанале долините на големите реки во Америка и Африка како што се Мисисипи, Амазон и Нигер. Фандиевата Котлина на атлантскиот брег на Северна Америка помеѓу Њу Бранзвик и Нова Шкотска во Канада е остаток од првобитниот облик на Средноатлантскиот Гребен.[10][11]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. USGS (5 May 1999). „Understanding plate motions“. Посетено на 13 March 2011.
  2. Hsü, Kenneth J. (1992). Challenger at Sea: A Ship That Revolutionized Earth Science. Princeton University Press. стр. 57. ISBN 0-691-08735-0.
  3. Redfern, R.; 2001: Origins, the Evolution of Continents, Oceans and Life, University of Oklahoma Press, ISBN 1-84188-192-9, p. 26
  4. Alexander Hellemans and Brian Bunch, 1989, Timeline of Science, Sidgwick and Jackson, London
  5. „Stein, Glenn, A Victory in Peace: The German Atlantic Expedition 1925-27, June 2007“. Архивирано од изворникот на 2016-03-09. Посетено на 2018-09-09.
  6. Ewing, W.M.; Dorman, H.J.; Ericson, J.N.; Heezen, B.C. (1953). „Exploration of the northwest Atlantic mid-ocean canyon“. Bulletin of the Geological Society of America. 64 (7): 865–868. doi:10.1130/0016-7606(1953)64[865:eotnam]2.0.co;2.
  7. Heezen, B. C.; Tharp, M. (1954). „Physiographic diagram of the western North Atlantic“. Bulletin of the Geological Society of America. 65: 1261.
  8. Hill, M.N.; Laughton, A.S. (1954). „Seismic Observations in the Eastern Atlantic, 1952“. Proceedings of the Royal Society of London A: Mathematical and Physical Sciences. 222 (1150): 348–356. doi:10.1098/rspa.1954.0078.
  9. Spencer, Edgar W. (1977). Introduction to the Structure of the Earth (2. изд.). Tokyo: McGraw-Hill. ISBN 0-07-085751-2.
  10. Burke, K.; Dewey, J. F. (1973). „Plume-generated triple junctions: key indicators in applying plate tectonics to old rocks“ (PDF). The Journal of Geology. 81 (4): 406–433. doi:10.1086/627882. JSTOR 30070631. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-10-23. Посетено на 2018-09-09.
  11. Burke, K. (1976). „Development of graben associated with the initial ruptures of the Atlantic Ocean“. Tectonophysics. 36 (1–3): 93–112. doi:10.1016/0040-1951(76)90009-3.

Библиографија

уреди

Надворешни врски

уреди