Света Петка (Валовишко)
Света Петка (грчки: Αγία Παρασκευή, Агија Параскеви — село во Валовишко, Егејска Македонија. Влегува во Општина Кукуш во Кукушкиот округ, Егејска Македонија, денес во областа Централна Македонија, Грција.
Света Петка Αγία Παρασκευή | |
---|---|
Координати: 41°15′N 22°50′E / 41.250° СГШ; 22.833° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Кукушки округ |
Општина | Кукуш |
Општ. единица | Кукуш |
Надм. вис. | 226 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 240 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа на 46 километри северно од градот Кукуш и на неколку километри од грчко-македонската граница, во близина на североисточниот брег на Дојранското Езеро во подножјето на планината Беласица[2]. Селото се наоѓа на надморска височина од 226 метри.
Историја
уредиВо XV век во Ајо Параскева или Света Петка живееле 42 семејства.[3] Во отоманскиот збирен даночен список на немуслиманското население од вилаетот во 1616-1617 година, селото се состоело од 92 домаќинства[4].
Во XIX век Света Петка е мешано македонско-турско село во Дојранската каза на Отоманското Царство. Во селото има црква „Св. Ѓорги“, изградена околу 1800 г.[5]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година Света Петка имала 580 Македонци и 650 Турци[6][7]. Според Бранков, македонското население било околу 200 жители.
Селото било под влијание на Бугарската егзархија. Според податоците на секретарот на Егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Света Петка живееле 400 Македонци и работело егзархиско училиште.[6][8]
Во Балканските војни од селото како доброволец учествувал Ѓорѓи Петров - Ербапо[9].
Демографија
уредиПо крајот на војната, селото било вклучено во составот на Грција. Голем дел од муслиманското и македонското население заминало од селото кон Македонија во Струмица или Бугарија во Петрич и на негово место било населено грчко население од Понд. Според Тодор Симовски, бројот на грчките доселеници изнесувал 338 луѓе.
Во 1913 година, во селото живееле 915 жители. Во 1924 година, целото муслиманско турско население според Лозанскиот договор било принудено да го напушти селото. Во тоа време, според Тодор Симовски во Бугарија се иселиле 33 жители на селото. И покрај тоа, во селото останале да живеат мал број на Македонци.
Така, заедно со новите жители на селото, во 1928 година селото броело 486 жители, додека во 1940 година селото броело 781 жител.
Во текот на Втората светска војна, како и во текот на Грчката граѓанска војна, селото настрадало. Поради тоа, голем дел од населението го напуштило селото и заминало на побезбедно место. Намалувањето на бројот на населението се должело на фактот што дел од населението на селото заминало во новата населба наречена Нова Света Петка, која се наоѓа во близина на селото. Селото во пописот од 1951 година броело 140 жители, на пописот од 1961 година во селото живееле 106 жители. Денеска, населението на селото е 240 жители.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 781 | 140 | 106 | — | — | — | — | 240 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Луѓе од селото
уреди- Родени во Света Петка
- Ѓорѓи Петров - Ербапо (1890 - 1931) — македонски револуционер од ВМОРО
- Јоргос Георгандас (р. 1967) — грчки политичар
- Иван Г. Панев — македонски револуционер[10]
- Кочо Андонов — македонски револуционер[11]
Наводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Симовски, Тодор Христов; Здружение на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија (1998). Населените места во Егејска Македонија Д. 1. Скопје: Печатница „Гоце Делчев”.
- ↑ Гандев, Христо. Българската народност през XV век. Демографско и етнографско изследване, Наука и Изкуство, II изд., София, 1989.
- ↑ Турски извори за българската история, т. VII, София 1986, с. 227.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 24 јануари 2021. Посетено на 2016-02-24.
- ↑ 6,0 6,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 185.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 188-189.
- ↑ Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав, Главно управление на архивите, 2006, стр. 876.
- ↑ Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав, Главно управление на архивите, 2006, стр. 533.
- ↑ Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав, Главно управление на архивите, 2006, стр. 38.