Петар Ангеловски (биолог)
- За сценографот со исто име видете Петар Ангеловски (сценограф)
Петар Ангеловски (Луково, Кратовско, 16 септември 1943 – Скопје, 1999) — македонски биолог и унивезритетски професор.[1]
Животопис Уреди
Ангеловски е роден на 16 септември 1943 година во селото Луково, Кратовско. Основното образование го завршил во Злетово, а средното во Струмица. По матурирањето во 1963 година се вработил во ЗИК "Овче Поле" во Свети Николе, каде што како земјоделски техничар работел една година. Во 1964 се запишал на Природно-математичкиот факултет во Скопје - група биологија, завршувајќи ги студиите во 1968 година за неполни 4 години. За асистент на Институтот за биологија при ПМФ бил избран истата година, вклучувајќи се веднаш во наставната и во научноистражувачката дејност на Зоолошкиот завод. Во учебната 1972/73 година се запишал на постдипломски студии на Природно-математичкиот факултет на Свеучилиштето во Загреб - насока хидробиологија, во рамките на кои ја пријавил и ја одбранил во 1975 година магистерската работа под наслов „Sastav i dinamika populacije i biomase hironomida kamenitog staništa Dojranskog jezera”и со тоа се здобил со научниот степен магистер на биолошките науки. Во почетокот на 1976 година на Природно-математичкиот факултет во Скопје пријавил тема за изработка на докторска дисертација под наслов ”Хирономидната фауна на Дојранското Езеро”, што ја одбранил во 1980 година. Истата година бил избран за доцент по предметот органска еволуција. Во периодот 1981 - 1983 година ја вршел функцијата продекан на Биолошкиот факултет. Во 1986 е избран за вонреден професор, а во 1992 година за ред. професор по предметите инвертебрата и органска еволуција. Покрај обемната наставна работа, д-р Ангеловски има постигнато значајни резултати и во научноистражувачката работа. Таа била насочена кон хидробиологијата на копнените води, особено кон таксономијата и екологијата на хирономидната фауна, поради што престојувал извесно време во хидробиолошката лабораторија во Загреб и во Институтот за биолошки истражувања "Синиша Станковиќ" во Белград. Како резултат на тоа, автор е на повеќе научни трудови и учесник на повеќе научни и стручни собири. Ангеловски починал во 1999 година.
Наводи Уреди
- ↑ „За инстирутот“. Филозофски факултет - УКИМ. Посетено на 2011-08-28.