Операција Везерибунг
Операција Везерибунг (германски: Unternehmen Weserübung превод: Операција Везерова вежба, 9 април - 10 јуни 1940 година) бил Германски напад на Данска и Норвешка за време на Втората светска војна и почеток на операцијата Норвешки поход.
Во раните утрински часови на 9 април 1940 година (Весертаг, „Ден на Везер“), Германија ја окупирала Данска и ја нападнала Норвешка, како превентивна операција против планираната француско-британска окупација на Норвешка позната како План Р 4 (кој всушност бил развиен како одговор на идна германска агресија врз Норвешка). По окупацијата на Данска (на данската војска ѝ било наредено да се повлече бидејќи Данска не ѝ објавила војна на Германија), германските намесници ги информирале владите на Данска и Норвешка дека Вермахтот дошол во заштита на неутралноста на земјите против француско-британската агресија.
Политичка и воена позадина
уредиОд пролетта 1939 година, Британскиот адмиралитет почнал да гледа на Скандинавија како можен воен театар во конфликтот со Германија. Британската влада нејќела да се вклучи во уште еден конфликт на континентот за кој верувала дека ќе биде повторување на Првата светска војна. Затоа, почнала да размислува за стратегија на блокада во обид индиректно да ја ослабне Германија. Германската индустрија во голема мера била зависна од увозот на железна руда од северните шведски рударски области, а рудата во текот на зимските месеци најчесто била испорачувана преку северното норвешко пристаниште Нарвик.[1] Ако се воспостави контрола врз норвешкиот брег, блокадата против Германија би била поостра.
Во октомври 1939 година, началникот на германската Кригсмарине, Ерих Радер на Адолф Хитлер му ја предочил опасноста од потенцијалните британски бази во Норвешка и дека Германија може да ги заземе овие бази пред Британците. Морнарицата тврдела дека ако ја заземат Норвешка ќе имаат контрола врз околните мориња и ќе можат да организираат напади со подморници против Обединетото Кралство.[1] Меѓутоа, другите ограноци на Вермахтот не биле заинтересирани, а Хитлер штотуку издал наредба во која се наведува силите да се насочат на копнената офанзива низ Ниските Земји.
Кон крајот на ноември, Винстон Черчил, како нов член на британскиот воен кабинет, предложил минирање норвешките територијални води со операцијата Вилфред. Ова би ги принудило транспортерите на руда да патуваат низ отворените води на Северното Море, каде што Кралската морнарица би можела да ги пресретне.
Черчил претпоставил дека Вилфред ќе предизвика германски одговор во Норвешка, а сојузниците потоа ќе го спроведат планот Р 4 и ќе ја окупираат Норвешка. Иако подоцна била спроведена, операцијата Вилфред прво била отфрлена од Невил Чембрлен и Лорд Халифакс плашејќи се од непосакувана реакција на неутралните нации како САД. Почетокот на Зимската војна меѓу Советскиот Сојуз и Финска ја променила стратешката ситуација, па Черчил повторно ја предложил својата рударска операција, но повторно била одбиена.
Во декември, Обединетото Кралство и Франција започнале план за да ѝ помогнат на Финска. Според планот требало воени трупи да се истоварат во Нарвик, во северна Норвешка, (главно пристаниште за извоз на шведската железна руда) и да ја преземат контролата врз железничката линија Малмбанан од Нарвик до Лулео во Шведска на брегот од Ботнискиот Залив. Планот ќе им овозможел на сојузниците да ја окупираат шведската област со рудници за железна руда. Планот добил поддршка од Чембрлен и од Халифакс. Тие се надевале и на соработката на Норвешка за да се надминат некои правни прашања. Но, Норвешка и Шведска не се согласиле со планот поради предупредувањата од Германија. Откако во март 1940 година бил потпишан Московскиот мировен договор, ваквата операција била неоправдана и била повлечена.
Планирање
уредиПо состанокот со норвешкиот министер Видкун Квислинг на 14 декември, [2] Хитлер го свртел своето внимание кон Скандинавија. Убеден дека сојузниците се закана за снабдувањето со железна руда, Хитлер ѝ наредил на Врховната команда на Вермахтот (OKW) да отпочне со планирање за инвазија на Норвешка. Првичниот план бил наречен Студие Норд (Studie Nord) и била потребна само една армиска дивизија.
Од 14 до 19 јануари, Кригсмарине развила проширена верзија од овој план. Имало два клучни фактора: факторот изненадување кое било клучно за да се намали заканата од норвешкиот отпор (и британската интервенција); и користењето на побрзи германски воени бродови за транспорт на војници. Ако се задоволат факторите, сите цели би се окупирале истовремено. Новиот план предвидувал комплетен армиски корпус. Цел на планот бил освојување на норвешкиот главен град Осло како и Берген, Нарвик, Тромсо, Трондхајм, Кристијансанд и Ставангер. Со планот се предвидувало и брзо апсење на кралевите на Данска и Норвешка со надеж дека потоа ќе има брзо предавање на нациите.
На 21 февруари 1940 година, за командант на операцијата бил назначен генералот Николаус фон Фалкенхорст. За време на Првата светска војна тој се борел во Финска и бил запознат со арктичкото војување, но требало да командува само со копнените сили, и покрај желбата на Хитлер да има обединета команда.
На 27 јануари 1940 година, конечниот план го добил кодното име Операција Везеибунг. Копнените сили ќе бидат составени од XXI армиски корпус, како и од 3-тата планинска дивизија и пет пешадиски дивизии. Првата фаза се состоела во напад од три дивизии, а другите требало да се приклучат во следниот бран. Три падобрански чети требало да се користат за заземање аеродроми. Одлуката за испраќање на 2та планинска дивизија била донесена подоцна.
Скоро сите операции на подморниците во Атлантикот требало да бидат прекинати за тие да помогнат во операцијата. Секоја подморница која била на располагање, како и некои чамци за обука, биле користени како дел од операцијата Хартмут за поддршка на Весерибунг.
На почетокот, планот бил да се нападне Норвешка и да се воспостави контрола врз данските аеродроми преку дипломатски напори. Но, на 1 март Хитлер издал нова наредба со која повикал на инвазија на Норвешка и на Данска. Наредбата била издадена на инсистирање на Луфтвафе за заземање на воени бази и места за станици за воздушно предупредување. За инвазијата на Данска бил формиран Корпусот XXXI, составен од две пешадиски дивизии и 11-та моторизирана бригада. Целата операција би била поддржана од Х воздухопловен корпус, составен од околу 1.000 авиони од различни типови.
Подготовки
уредиВо февруари, разурнувач на Кралската морнарица се качил на германскиот транспортен брод Алтмарк додека тој се наоѓал во норвешките територијални води, со што ја наруши норвешката неутралност. Хитлер прекршувањето на норвешката неутралност го сметал за јасен знак дека сојузниците исто така биле подготвени да ја нарушат норвешката неутралност, и затоа се посветил на инвазијата.[1]
На 12 март, Обединетото Кралство одлучило да испрати експедициски сили во Норвешка, непосредно пред завршување на Зимската војна. Откако Зимската војна завршила силите биле отповикани, а операцијата откажана. Британскиот кабинет изгласал одобрување на Черлиловата операција за минирање на норвешките води, пропратена со растоварање на војници.
Првите германски бродови испловиле за нападот на 3 април. Два дена подоцна, започнала и долго планираната операција Вилфред, и одред од Кралската морнарица го напуштила Скапа Флоу со цел да ги минира норвешките води. На 8-ми април биле поставени мински полиња во Вестфјорден. Операцијата Вилфред била завршена.
На 9 април, започнала германската инвазија, а исто така веднаш било започнато извршувањето на планот Р 4.
Инвазија на Данска
уредиСтратешки, Данска ѝ била важна на Германија како почетна точка за окупација на Норвешка. Како мала земја која се граничи со Германија, исто така се сметала за земја која во одреден момент ќе мора да падне. Со оглед на местоположбата на Данска на Балтичкото Море, земјата, исто така била клучна во контролата на поморскиот пристап до главните германски и советски пристаништа.
На 9-ти април 1940, во 04:00 часот, германскиот амбасадор во Данска, Сесил фон Ренте-Финк, му се јавил на данскиот министер за надворешни работи Петер Мунк и побарал средба со него. Откако 20 минути подоцна се сретнале, Ренте-Финк му кажал дека германските трупи тргнале да ја окупираат Данска за да ја заштитат земјата од француско-британскиот напад. Германскиот амбасадор побарал веднаш да престане данскиот отпор и да се воспостави контакт меѓу данските власти и германските вооружени сили. Ако не се исполнат овие барања, Луфтвафе ќе го бомбардира Копенхаген.
Додека се соопштувале германските барања, Германите веќе напредувале; во 03:55 часот првите германски трупи со траект се растовариле во Гедсер и се упатиле на север. Германските падобрански единици (Фалширмјегер) непречено слетувале зазеле 2 аеродроми во Алборг, мостот Сторстрем како и тврдината Маснедо. Нападот на Маснедо е првиот регистриран напад во воената историја од страна на падобранци. [3]
Во 04:20 часот, баталјон од германски пешадиски војници се истоварил на пристаништето во Копенхаген и веднаш без посилен отпор го зазел данскиот гарнизон во Кастелет. Од пристаништето, Германците се упатиле кон палатата Амалиенборг за да го заробат данското кралско семејство. Додека напаѓачите се движеле кон резиденцијата на кралот, била предупредена кралската гарда и на помош кон палатата тргнало засилување. Првиот германски напад на Амалиенборг бил одбиен, а Кристијан X и неговите министри добиле време за да се состанат со началникот на данската армија, генерал Приор. Додека разговарале, неколку формации на германски бомбардери над градот фрлале летоци во која се наведувала оправданоста за германската инвазија на Данска.
Соочени со заканата дека Луфтвафе ќе го бомбардира цивилното население во Копенхаген, кралот Кристијан и целата данска влада капитулирале околу 06:00 часот, а тоа требало да ја задржат политичката независност во внатрешните прашања.
Нападот на Данска траел помалку од шест часа и била најкратката воена кампања спроведена од Германците за време на војната. Брзата данска капитулација резултирала со блага окупација на Данска (особено до летото 1943 година), и со одложување на апсењето и депортацијата на данските Евреи кои пак биле навреме предупредени и побегнале да се засолнат во неутралната Шведска.[4]
Инвазија на Норвешка
уредиКоманда на нападот
уредиВоениот штаб за операцијата се наоѓал во хотелот Еспланаде во Хамбург, од каде што биле давани наредби и на воздушните единици вклучени во инвазијата.[5]
Норвешка била важна за Германија од две основни причини: како база за поморските единици и подморниците, со кои имала за цел да ги блокира испораките на сојузничките бродови во Северен Атлантик и да испорачува железна руда од Шведска преку пристаништето Нарвик.[1]
Инвазијата на Норвешка требало да ја изврши XXI армиски корпус под команда на генерал Николаус фон Фалкенхорст и се состоел од следниве поголеми единици:
- 69-та пешадиска дивизија
- 163-та пешадиска дивизија
- 181-ва пешадиска дивизија
- 196-та пешадиска дивизија
- 214-та пешадиска дивизија
- 3-та планинска дивизија
Трупите биле пренесени до Норвешка во неколку групи со бродови на Кригсмарине.
Тек на операцијата
уредиДоцна вечерта на 8 април 1940 година, норвешкиот патролен брод Пол III забележал германска воена формација. Германците отвориле оган на Пол III и го убиле капетанот на бродот Леиф Велдинг-Олсен. Тој бил првиот Норвежанец убиен во акција за време на нападот. Германските бродови потоа по Ослофјорд се упатиле кон норвешката престолнина.
Во раните утрински часови на 9 април, топџиите од тврдината Оскарсборг пукале врз бродот Блухер, кој бил осветлен од рефлекторите околу 04:15 часот. За два часа, тешко оштетениот брод, не можејќи да маневрира во тесниот фјорд од многуте артилериски удари и торпеда, потонал а многимина од вкупниот екипаж од 600-1.000 луѓе го загубиле животот. Германците помислиле дека бродот потонал поради мини (што било неточно) и накратко запреле со инвазијата. Во меѓувреме, кралското семејство, кабинетот и членовите на парламентот биле евакуирани, заедно со националната ризница. Бидејќи норвешкиот крал и неговата легитимна влада не биле заробени, Норвешка никогаш не им се предала на Германците во правна смисла, а квислиншката влада била нелегитимна. Норвешката влада во егзил со седиште во Лондон, според тоа, останала сојузничка нација во војната.
Во 19:06 часот, 5 норвешки ловци биле испратени во битка против бран од 70-80 непријателски авиони. Германските воздухопловни трупи слетале на аеродромот во Осло Форнебу, на аеродромот во Кристијансанд Кјевик и во воздушната станица Сола - последното слетување е прв падобрански напад во воената историја кој наишол на отпор;[1] случајно, меѓу пилотите од Луфтвафе кои слетале во Кјевик бил и Рајнхард Хајдрих.
Државниот удар објавен преку радио од Видкун Квислинг во 19.30 часот на 9 април[2] е уште еден преседан во воената историја.
Во 20:30 часот норвешкиот разурнувач Егер бил нападнат и потопен пред Ставангер од десет бомбардери Јункерс Ју 88, откако тој претходно го потопил германскиот товарен брод Рода. Рода носел таен товар со противвоздушна артилерија и муниција за германските инвазивни сили. Берген, Ставангер, Егерсунд, Кристијансанд, Арендал, Хортен, Трондхајм и Нарвик биле нападнати и окупирани во рок од 24 часа. Норвешките оклопни крајбрежни одбранбени бродови Норге и Еидсволд неуспешно се спротивставиле на Германците кај Нарвик. И двата брода биле торпедирани и потонати со многу човечки жртви.
На 9 април се одршала Првата битка кај Нарвик помеѓу Норвешката кралска морнарица и Кригсмарине.[2] Германските сили го освоиле Нарвик и тука се истоварила планинската пешадија од 2.000 војници, но во британската поморска контраофанзива во наредните неколку дена биле потонати сите десет германски разурнувачи откако им снемало гориво и муниција.
Градовите Нибергсунд, Елверум, Андалснес, Молде, Кристијансунд Н, Штајнкер, Намсос, Бодо и Нарвик биле уништени по германското бомбардирање; некои од нив биле тактички бомбардирани, други терористички бомбардирани. Германците од Осло со супериорна опрема се упатила кон север; Норвешките војници со оружје од почетокот на векот, заедно со некои британски и француски војници, успеале одредено време да ги сопрат напаѓачите но подоцна попуштиле; ова било прва копнена борба меѓу британската армија и Вермахтот во Втората светска војна. Во Втората поморска битка кај Нарвик (13 април) Кралската морнарица го поразила Кригсмарине.[2]
Во копнените битки кај Нарвик, норвешките и сојузничките сили под команда на генералот Карл Густав Флејшер ја постигнаа првата голема тактичка победа против Вермахтот во Втората светска војна. Германските сили потоа ги совладале норвешките трупи кај Гратанген. На 29 април кралот и неговиот кабинет се евакуирале од Молде во Тромсо, а на 1 мај сојузниците се евакуирале од Андалснес. Отпорот во Јужна Норвешка престанал.
Тврдината Хегра продолжила да се спротивставува на германските напади до 5 мај. Кралот Хокон, престолонаследникот Олав и кабинетот на 7 јуни на британскиот крстосувач Девоншир си заминале од Тромсо и продолжиле да ја претставуваат Норвешка во егзил. Кралот се вратил во Осло на истиот датум пет години подоцна.
На крајниот север, норвешките, француските и полските трупи, поддржани од Кралската морнарица и Кралските воздухопловни сили (РАФ), се бореле против Германците за контролата на норвешкото пристаниште Нарвик. Германците биле истиснати од Нарвик на 28 мај, но влошената ситуација на европскиот континент ги натерала сојузничките трупи да се повлечат во операцијата Алфабет, и на 9 јуни Германците повторно го зазеле Нарвик, кого го напуштале и цивилите поради масовното бомбардирање од Луфтвафе.
Опколување на Шведска и Финска
уредиПреку контрола на Норвешка, данските протоци и поголемиот дел од брегот на Балтичкото Море, Третиот Рајх ја опколил Шведска од север, запад и југ. На исток, бил Советскиот Сојуз кој бил во пријателски односи со Хитлер според условите од пактот Молотов-Рибентроп. Мал број фински доброволци и помогнале на норвешката армија против Германците во единицата за брза помош.
Шведската и финската трговија била зависна од Кригсмарине, а Германија извршила притисок врз неутралната Шведска да дозволи транзит на воена стока и војници. На 18 јуни 1940 година бил постигнат договор. Војниците требало да патуваат невооружени и да не бидат дел од движењата на единицата. Вкупно 2,14 милиони германски војници, како и преку 100.000 германски воени железнички вагони, ја преминале Шведска додека сообраќајот не бил прекинат на 20 август 1943 година.
На 19 август 1940 година, Финска се согласила на Вермахтот да му дозволи пристап до нејзината територија. Договорот бил потпишан на 22 септември. На почетокот договорот бил за транзит на војници и воена опрема до и од најсеверна Норвешка, но наскоро опфаќал и транзит за помали бази долж транзитниот пат кој на крајот ќе прерасне во подготовка за операцијата Барбароса.
Поврзано
уредиБелешки
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Booth 1998.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Petrow 1974.
- ↑ Outze 1962.
- ↑ Danish Jewish Museum 2003.
- ↑ Jacobsen, Alf R. (2016). Kongens nei - 10. april 1940 (2. изд.). Oslo: Vega Forlag. стр. 42. ISBN 978-82-8211-279-6.
Библиографија
уреди- Booth, Owen (1998). The Illustrated History of World War II. London: Chartwell Books, Inc. ISBN 978-078581-016-2.
- Hooton, Edward R. (2007). Luftwaffe at War; Blitzkrieg in the West: Volume 2. London: Chevron/Ian Allan. ISBN 978-1-85780-272-6.
- McDouglas, Myres (1997). The International Law of War:Transnational Coercion and World Public Order. New York: Springer. ISBN 978-079232-584-0.
- Outze, Børge (1962). Danmark under anden verdenskrig (дански). Copenhagen: Hasselbalch. ISBN 87-567-1889-6.
- Petrow, Richard (1974). The Bitter Years; The Invasion and Occupation of Denmark and Norway, April 1940-May 1945. London: William Morrow & Co. ISBN 978-068800-275-6.
- Schrøder, Hans A. (1999). Angrebet på Værløse flyveplads den 9. april 1940 : flyveren Vagn Holms dagbog fra den 8. og 9. april suppleret med en omfattende dokumentation (дански). Denmark: Flyvevåbnets bibliotek. ISBN 87-982509-8-1.
- Zabecki, David T. (2014). Germany at War: 400 Years of Military History. London: ABC-Clio Inc. ISBN 978-1-59884-980-6.
- Ziemke, Earl F. (1960). „The German Decision to Invade Norway and Denmark“. Command Decisions. United States Army Center of Military History. Архивирано од изворникот на 2012-10-20. Посетено на 2016-08-18.