Планот Р 4 бил нереализиран британски план за инвазија на Норвешка и Шведска од април 1940 година, за време на Втората светска војна. Овој план бил направен како одговор на германскиот план за инвазија и окупација на Норвешка.

Карта на Норвешка

Причини уреди

Германија на свое тло немала доволно ископување на железна руда, потребна за производство на челик, а тој пак бил неопходен за производство на тенкови, пушки, бродови, шински вагони, камиони и други воени средства. Пред војната, голема количина железна руда била увезувана од рудниците во француската област Лорена. Од септември 1939 година, не можеле веќе да набавуваат од таму и затоа Германците се свртиле кон Шведска. Во северниот дел од Балтичкото Море, во Ботнискиот Залив, се наоѓа шведското пристаниште Лулео, од каде што преку лето се транспортирала рудата. Но преку зима, пристаништето мрзнело, па неколку месеци секоја година Швеѓаните својата железна руда со железница ја транспортирале до пристаништето во Нарвик, на далечниот норвешки север. Во година со нормални температури, 80% од железната руда се извезувала преку Нарвик. Единствена алтернатива во зима бил транспортот со железница до Окселосунд на Балтичкото Море, јужно од Стокхолм, кое не мрзнело. Сепак, британското разузнавање навело дека Окселосунд може да испорача само една петтина од количината што ја бара Германија. Патувајќи низ норвешките територијални води во поголемиот дел од патувањето, испораките од Нарвик не можеле да бидат пресретнати од Британците. За Британија, запирањето на транспортот ќе ѝ нанесе тежок удар на германската воена индустрија и затоа бил од витално значење.

 

Сојузниците одлучиле да го искористат нападот на Советскиот Сојуз на Финска (30 ноември 1939) како покритие за заземање на шведските рудни полиња на север и на норвешките пристаништа преку кои рудата се испраќала во Германија. Според планот тие требало да добијат дозвола од Норвешка и Шведска за испраќање на експедициски сили во Финска преку Лапонија, наводно за да им помогнат на Финците. Откако ќе стигнат таму, требало да ја преземат контролата врз шведските пристаништа и рудници, и да ги окупираат градовите како Јевле и Лулео со што ќе го спречат пристапот на Германците до шведската руда.

Поради опасноста од сојузничка или германска окупација и опасноста војната да се води на нивна територија, Швеѓаните и Норвежаните ги одбиле барањата за транзит.[1]

Во меѓувреме, Германците, откако ја увиделе сојузничката закана, почнале да прават планови за превентивна инвазија на Норвешка за да ги заштитат своите стратешки ланци на снабдување. Инцидентот во Алтмарк (16 февруари 1940 година) го убедил Хитлер дека сојузниците нема да ја почитуваат норвешката неутралност и тој наредил да се забрзаат плановите за инвазија.

Германците донекаде знаеле за планот на сојузниците. Пресретнатиот радио сигнал потврдил дека сојузничките транспортни групи биле подготвени. Преку пресретнатите радио врски подоцна Германија разбрала дека сојузниците се откажале од планот и ги прераспоредиле своите сили. Сепак, Хитлер се плашел дека сојузниците кога-тогаш ќе ја започнат својата инвазија. Затоа, 9 април бил одреден како датум за почеток на операцијата Везерибунг, германскиот напад врз Данска и Норвешка.

План уреди

Британија имала два одделни, но паралелни плана: Операција Вилфред и План Р 4.

Операција Вилфред уреди

Операцијата Вилфред, која требало да започне на 5 април (но била одложена за 8 април), била операција на британската морнарица за поставување две мински полиња во норвешките територијални води. Тоа би ги принудило бродовите да носат руда преку меѓународните води и ќе можат да бидат пресретнати од британската кралска морнарица, која ќе може да го спречи транспортот на шведската железна руда. Норвешката и шведската влада требало да бидат информирани неколку дена пред почетокот на операцијата.[2]

План Р4 [3] уреди

R 4 се состоел од

  • Стратфорд - најголемите британски трупи (Шкотската гарда + АА) кои требало да ја окупираат областа од Нарвик до шведската граница долж железницата
  • Авонмаут (мешани британски и француски трупи) - бомбардирање на аеродромот Сола во околината на Ставанагер со цел негово уништување и окупација на Берген и Трондхајм. Трупите се состоеле од дел од 146-та и 148-та пешадиска бригада и француската алпска бригада.
  • Плимут (британски трупи) - составени од баталјонот Халамшир од 146-та пешадиска бригада требало да слета во Трондхајм и да напредува кон исток [2]

Планот претпоставувал дека Норвежаните нема активно да се спротивстават на британските сили.

Последици уреди

Иако „Планот Р 4“ не бил изведен според планот, затоа што германската морнарица веќе се наоѓала во норвешките територијални води, сојузничките трупи набрзо биле испратени во Норвешка да се борат заедно со Норвежаните. Тие имале успех против Германците само во областа Нарвик, каде што Германците за малку ќе се предаделе. Сојузничките трупи се состоеле од 24.500 британски, норвешки, француски и полски трупи, најчесто поморска пешадија, француски странски легионери и полски планински трупи. Германските трупи имале 2.000 планински војници и 2.600 морнари од потонатата германска флотила за време на инвазијата. На 17 април 1940 година, Хитлер им наредил на германските трупи да се евакуираат во Шведска за да бидат интернирани. Сепак, успешната германска кампања против Франција и Ниските земји довело до повлекување на сојузничките трупи од Норвешка. Сојузничките трупи биле евакуирани од Нарвик најдоцна до 8 јуни 1940 година.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Ziemke, Earl F. (2000) [1960]. „Chapter 2, The German Decision to Invade Norway and Denmark“. Command Decisions. United States Army Center of Military History. CMH Pub 70-7. Архивирано од изворникот на 2007-12-30. Посетено на 2022-03-27.
  2. 2,0 2,1 Ziemke, Earl F. (2000) [1960]. „Chapter 2, The German Decision to Invade Norway and Denmark“. Command Decisions. United States Army Center of Military History. CMH Pub 70-7. Архивирано од изворникот на 2007-12-30. Посетено на 2022-03-27.Ziemke, Earl F. (2000) [1960]. "Chapter 2, The German Decision to Invade Norway and Denmark" Архивирано на 20 октомври 2012 г.. Command Decisions Архивирано на 30 декември 2007 г.. United States Army Center of Military History. CMH Pub 70-7.
  3. „MEDDELANDEN FRÅN FÖRSVARSSTABENS KRIGSHISTORISKA AVDELNING •1959-1960“ (PDF).