Новачани
Новачани — село во северниот дел на Општина Велес, во околината на градот Велес, недалеку од браната, на вештачко езеро Младост, познато како Велешко Езеро.
Новачани | |
Поглед на селото Новачани | |
Координати 41°46′0″N 21°44′44″E / 41.76667° СГШ; 21.74556° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Велес |
Население | 1 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 29045 |
Надм. вис. | 220 м |
Новачани на општинската карта Атарот на Новачани во рамките на општината | |
Новачани на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото Новачани се наоѓа во северниот дел на Општина Велес недалеку од браната на вештачкото езеро Младост познато како Велешко Езеро[2]. Новачани се наоѓа од левата страна на автопатот „Александар Македонски“ (делницата Скопје - Велес), веднаш после наплатната рампа „Сопот“. Сместено е на десната падина во долот на потокот Бучало[3] непосредно пред вливот во Вардар. Ваквата положба во долината на потокот, која има одлики на клисура, е доста поволна бидејќи го заштитува селото од ветрови од сите страни[3]. Од градот Велес селото е оддалечено 9 километри[2]. До селото се стигнува по краток земјен крак кој се одвојува од асфалтниот пат веднаш непосредно пред браната на езерото Младост и хотелот „Романтик“. Иако е расположено на падините на долот, Новачани се сметка како рамничарско село кое лежи на 220 метри надморска височина[2]. Атарот на селото зафаќа површина од 13,3 км2, на кои преволадуваат пасиштата со 736 хектари, 426 хектари зазема обработливото земјиште, а шумите зафаќаат само 36 хектари[2]. Поради слабата пошуменост, голите ридови во непосредната околина и крај самиот пат кој води до селото повеќепати се пошумувани со зимзелени дрвја како бор и елка.
Историја
уредиСпоред општото предание во подалечното минато селото било во месноста Бела Вода (денешните лозови насади крај автопатот Скопје - Велес десно од наплатната рампа „Сопот“) крај патот кој водел за Скопје и дека поради крџалии (разбојнички дружини) се преместило во клисурата на потокот Бучало[4]. Кај месностите Бела Вода и Ограѓе имало темели од градби, а кај чешмата Прдле била пронајдена голема плоча со латински натпис од едната страната[4]. Во древните времиња меѓу Новачани и Сопот била границата на античка Македонија како и границата на римските провинции Македонија на која граничела и употребата и говороењето на латинскиот и хеленскиот јазик, поради што селото Новачани и неговата околина изобилуваат со старини од античкиот период. Меѓу нив е и пронаоѓањето на златни пари како и остатоци од (ранохристијанска) црква на ридот Грамади[4]. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, селото Новачани имало 70 куќи и во него имало пекарница и дуќани[4]. Поради големите иселувања во Башино Село, Велес, Скопје и Куманово селото започнало да опаѓа и да се реселува при што уште во средината на првата половина на XX век останале многу разрушени куќи[4].
Стопанство
уредиСпоред составот на селскиот атар Новачани има поледелско-сточарска функција[2]. Најзастапено е сточарството односно одгледувањето на овци кои често зимуваат во трлата на крајот од селото кои се забележуваат и од автопатот, кози, а во многу помала мерка и крупен добиток како крави и волови. Од поледелските култури кои ги одгледуваат преостанатите жители најзастепено е житото, односно пченицата, а од градинарските култури се одгледуваат пиперки, домат и кромид за сопствени потреби. Поради убавата растителност од зимзелени шуми повеќе лица кои имаат куќи и повремено престојуваат во селото се занимаваат со пчеларство и правење мед кое е во пораст и постојат повеќе дворови со неколку десетици пчелни сандаци.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Новачани живееле 340 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Новачани имало 520 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.[7]
Новачани е мошне мала селска населба во фаза на наполно раселување[2], но сепак во однос на последните два пописи бележи мал пораст на населението. Во 1961 година во селото живееле 44 жители, а во 1994 година само 2 жители, Владо и Марија Панови, Македонци[2]. Забележливо е повратништвото на постари жители кои се родиле во селото, а потоа се иселиле во Велес и Скопје или пак водат потекло од ова село. Покрај нив еден дел луѓе кои водат потекло од Новачани ги обновуваат своите стари куќи или градат целосно нови во кои престојуваат привремено, бавејќи се со земјоделски дејности.
Според пописот од 2002 година, во селото Новачани живеат 5 жители, сите Македонци.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жители, Македонец.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 340 | 520 | 264 | 248 | 44 | 43 | 6 | 4 | 2 | 5 | 1 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]
Родови
уредиВо селото Новачани отсекогаш живееле исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Според записи и податоци од 1935 година во Новачани живееле следните македонски родови: Василевци, Прелоговци, Камиларовци, Панови (сите староседелци), Бузалковци (од с. Сопот, подалечно потекло од с. Бузалково), Бабунци (од областа Бабуна), Цаневи, Згрополци (двата рода од с. Згрополци), Симитковци (од с. Сопот), Ѓурчинови (од с. Грнчиште), Аџови-Алексови (од с. Џидимирци), Васковци (од с. Ветерско), Утевци (од с. Ораовец), Анчеви (од с. Бадар - Скопско), Неделковци (од с. Каратманово во Овче Поле), Карасларци (од с. Караслари), Гугуталиевци, Челбовци (двата рода од Велес), Анчевци (од с. Раштани и следните родови кои не го знаеле местото на отселување Доколенковци (Пашови), Митковци, Андовци, Гочеви, Војновци, Џајкови, Маркови, Таскови и Шетлови[12].
Општествени установи
уреди- Верски објекти
Самоуправа и политика
уредиИзбирачко место
уредиСелото е опфатено во избирачкото место бр. 2182 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Башино Село. Во избирачкото место се опфатени населените места: Новачани, Башино Село, Сопот[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 624 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
уредиВо селото Новачани постои многу стара црква Свети Атанас. Нејзиното постоење датира од турско време.Одолеала на забот на времето.Не е реконструирана, ниту поправана. Еден тамошен нејзин жител (сега починат) Владо Панов долги години сè до својата смрт ја одржуваше малата црквичка. Со голема љубов го поправаше покривот, и со свои раце го корнеше коровот околу ова прекрасно здание.Заедно со неговата жена Марија Панова се закопани во малиот двор пред црквата.Тој е ограден со ограда од камен, а старата дрвена порта стои едвај на малиот ѕид, целата рапава и избрздена како брчките на старите Панови, кои се грижеа за ова свето место. Многу чудотворни случки се имаат случено при посета на ова место.Раскажуваше Владо, за многумина кои побарале спас пред иконата на Свети Атанас. Моментално нема живи жители староседелци, освен куќите на луѓето кои за викенд доаѓаат да се нагледаат природна убавина, да се надишат чист воздух и да се напијат ладна, бистра вода од селската чешма која се наоѓа во центарот на самото село. Ако Ве нанесе патот кон Новачани запалете свеќи во малата црквичка. Секоја парична помош за нејзина заштита и реконструкција е добредојдена.
- Археолошки наоѓалишта[15]
- Бела Вода — населба од римското време
Редовни настани
уредиЛичности
уредиКултура и спорт
уредиИселеништво
уредиОд Новачани се иселиле голем број на жители особено во Велес (родовите Џајкови, Попови), Скопје (целиот род Градиновци), Куманово (целиот род Пачкови), Неготино (родот Здравевци), Башино Село како и во странство во Србија во градот Крагуевац[16]
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.211
- ↑ 3,0 3,1 Филиповиќ, Миленко. Северни велешки села. Белград, 1935. стр.553
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Филиповиќ, Миленко. Северни велешки села. Белград, 1935. стр.554
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 157.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, рр. 118-119.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Филиповиќ, Миленко. Северни велешки села. Белград, 1935. стр.554-555
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-01-02. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. стр. 60. ISBN 9989649286.
- ↑ Филиповиќ, Миленко. Северни велешки села. Белград, 1935. стр.555