Натали Вуд
Натали Вуд, родена како Наталија Николаевна Захаренко (руски: Наталья Николаевна Захаренкo, 20 јули 1938 - 29 ноември 1981) била американска глумица.
На четиригодишна возраст, Вуд започна да глуми во филмови и стана успешна детска ѕвезда во филмовитe: Чудо на 34-та улица од 1947. Доброприфатена изведба покрај Џејмс Дин во Бунтовник без причина и донесе номинација за Оскар за најдобра споредна женска улога. Потоа, таа имаше главна улога во мјузиклите: Приказна од западната страна(1961) и Џипси (1962). Исто така, таа се здоби со номинации за Оскар за нејзините изведби во филмовите: Сјај во тревата (1961) и Љубов со вистински странец(1963).
Нејзината кариера успешно продолжи со глумење во филмови како што се: ”Боб и Керол и Тед и Алис” (1969). По овој филм, таа направи пауза од глумата и имаше две деца, појавувајќи се во само два театарски филма за време на 70-те години. Таа двапати беше во брак со глумецот Роберт Вагнер. Беше во брак и со продуцентот Ричард Грегсон. И со двајцата имаше по една ќерка: Наташа Грегсон и Корни Вагнер. Нејзината помлада сестра, Лана Вуд, исто така, е глумица. Вуд имаше главна улога во неколку телевизиски продукции, вклучувајќи го и римејкот на филмот Одовде до вечноста (1979) за кој ја освои наградата Златен глобус.
Вуд се удави на 43-годишна возраст во близина на островот Санта Каталина,Калифорнија. Таа сè уште не го беше завршила својот последен филм, научно-фантастичната драма Бреинсторм (1983) со Кристофер Вокен, кој беше прикажан посмртно.
Животопис
уредиДетство и детска слава
уредиНатали Вуд е родена во Сан Франциско како Наталија Николаевна Захаренко, чиишто родители се имигранти од Русија, Марија Степанова (родена како Зудилова) и Николај Захаренко. Нејзиниот татко е роден во Владивосток и семејството побегнува од Русија за време на Револуцијата.Тој беше испратен да живее со роднини во Канада, но подоцна се преселува во Сан Франциско каде работел како надничар и дрводелец. Мајката на Натали потекнува од Сибир, но израснала во градот Харпин. Таа го опиша своето семејство со вметнување детали во мистериозни приказни каде тие се или цигани или земјопоседнички аристократи .
Во својата младост, мајката на Натали сонувала да стане глумица или балерина. Биографот Ворен Херис пишува дека во сиромашните околности на семејството ,нејзината мајка можеби ги пренасочила своите копнежи кон нејзината средна ќерка Натали. Нејзината мајка ја водела Натали на кино колку што можела почесто. Професионалната обука на Натали беше гледањето холивудски ѕвезди од скутот на мајка си.-констатира Херис. Подоцна, Натали ќе се присети на овој ран период:
..Мојата мајка имаше навика да ми каже дека камерманот кој го посочува својот објектив на публиката при завршетокот на филмските новости на Парамоунт ме сликаше мене. Јас ќе се наместев и насмеев како тој да ќе ме направеше славна или така нешто. Верував во сè што мајка ми ќе ми кажеше.
Веднаш по нејзиното раѓање во Сан Франциско, нејзиното семејство се преселува во близина на округот Сонома и живее во Санта Роса,Калифорнија, каде Вуд беше забележана за време на снимање филм во центарот на Санта Роса. Набргу, нејзината мајка одлучи семејството да се пресели во Лос Анџелес каде ќе ја започне кариерата на својата ќерка. Вуд имаше една помлада сестра, Светлана Захаренко (Лана Вуд), која исто така, стана глумица, а потоа и девојка на Бонд. Таа и Лана имаат постара полусестра Олга Вириапаеф. Иако Натали е родена како Наталија Захаренко, нејзиниот татко подоцна го промени презимето во “Гурдин”, а Натали беше често позната како “Наташа”, деминутивната форма од Натали. Подоцна, Холивуд ќе го смени нејзиното име во Натали Вуд, име кое никогаш вистински не ѝ значеше.
Неколку недели пред да наполни пет години, Вуд го имаше својот прв деби на филм во сцена од 15 секунди во филмот „Среќна земја“. Без оглед на на краткиот дел во филмот, таа го привлече вниманието на режисерот Ирвинг Пичел, кој остана во контакт со нејзиното семејство две години, сè додека некоја друга улога не се појави. Режисерот ја повика мајката на Наташа и ја замоли да ја доведе Наташа на пробно снимање за филмско платно во Лос Анџелес. Нејзината мајка беше толку многу возбудена за можностите, така што “бурно издраматизира и го натера целото семејство да се преселат во Лос Анџелес и таму да живеат.”-пишува Харис. Нејзиниот сопруг се противеше на целата идеја, но нескротливата желба на сопругата да ја направи Наташа ѕвезда беше од суштински приоритет.
Вуд, тогаш на 7-годишна возраст, ја доби улогата и глумеше германско сираче покрај Орсон Велс и Клодет Колберт во филмот Утре е засекогаш. Велс потоа ќе изјави дека Вуд е роден професионалец ”толку добра, што е застрашувачка.” Додека снимаше друг филм, режиран од страна на Пичел, нејзината мајка потпиша договор за улога со студиото 20th Century Fox, за нејзината прва голема улога, класичниот божиќен филм Чудо на 34-та улица, што ја направи една од најголемите детски ѕвезди во Холивуд.
Само неколку месеци откако филмот ќе биде прикажан, таа стана толку многу популарна што Мејси ќе ја покани да се појави во годишната парада на стоковната куќа за Ден на благодарноста. Како дете, таа ќе се појави во повеќе од 20 филма, појавувајќи се покрај ѕвезди како што се: Џин Тирни, Џејмс Стјуарт, Морин О’Хара, Бет Дејвис и Бинг Крозби. Како детски глумец, каде и да глумеше,нејзиното официјално образование се одвиваше во филмските студија. Законот на Калифорнија наложува дека до 18-годишна возраст, глумците би требало да поминуваат најмалку по 3 часа дневно во училница. Забележува Харис: „Таа беше одличен ученик со сите петки. И едно од ретките деца-актери кои се истакнале по аритметика“. Режисерот Џосеф Л.Манкиевиц кој го режираше Духот и г-ѓата Мјур (1947) изјави дека –за сите години во овој бизнис, никогаш не сум сретнал попаметно девојченце. Вуд се сеќава на овој период: „Секогаш се чувствував виновна кога знаев дека тимот само седеше и ме чекаше да ги завршам моите три часа. Веднаш штом учителката ќе не пуштеше да си одиме, јас ќе дотрчав до местото на снимањето колку што можев побрзо.“
Тинејџерска слава
уредиНа 16-годишна возраст, Вуд успешно го направи преодот од детска ѕвезда во млада жена,кога глумеше заедно со Џејмс Дин и Сал Минео во Бунтовник без причина,филмот на Николас Реј за тинејџерскиот бунт. Таа беше номинирана за Оскар за најдобра женска споредна улога. По ова следеше мала, но судбоносна улога во вестерн филмот на Џон Форд, „Трагачи“ во кој исто така глумеше Џон Вејн, а се појави и сестрата на Вуд, Лана која ја глумеше помладата верзија на нејзиниот лик во првичните сцени на филмот. Во 1956, таа дипломираше од средното училиште Ван Њус. Со потпишаниот договор со Ворнер Брадерс, Вуд постојано работеше во текот на преостатокот од деценијата и имаше улоги на девојки во кои таа не наоѓаше некакво задоволство. Студиото и додели улоги во два филма покрај Таб Хантер,надевајќи се да го претвори дуото во голем финансиски успех на билетарниците...кој никогаш не се оствари.Меѓу другите филмови кои таа ги сними во овој период се: „Кралевите одат напред“ од 1958 и „Марџори Морнингстар“. Како Марџори Морнингстар, таа глумеше млада Еврејка во градот Њујорк, која треба да се справи со општествените и религиозните очекувања на нејзиното семејство,додека таа се обидува да го пронајде својот пат и изгради свој идентитет.
Подоцнежна кариера
уредиПо појавувањето во филм кој беше фијаско на благајните, „Сите фини човекојадци“, кариерата на Вуд беше спасена со добивање главна улога покрај Ворен Бити во филмот „Сјај во тревата“ (1961) на режисерот Елија Казан за кој се здоби со номинација за „Оскар“ за најдобра женска улога, „Златниот глобус“ и наградите Бафта. Во 1961, исто така, Вуд ја глумеше улогата на Марија во мјузиклот „Приказна од западната страна“ во режија наЏером Робинс и Роберт Вајс, кој доживеа голем успех на благајните и наиде на добар прием кај критиката,но сепак деловите со пеењето беа испеани од страна на Марни Никсон.Вуд пееше кога имаше главна улога во филмот Џипси од 1962 г. Таа глумеше во комедијата-фарса „Големата трка“, заедно со Џек Лемон, Тони Кертис и Питер Фалк. Во 1964 година, Вуд се здоби со нејзината трета номинација за „Оскар“ и уште еден „Златен Глобус“ за филмот „Љубов со вистински странец“ во кој глумеше со Стив Меквин.
Иако многу од филмовите на Вуд беа комерцијално профитабилни, нејзинита глума беше понекогаш критикувана.Во 1966 г. таа ја прими наградата Харвард Лампун-сатиричен памфлет за најлоша глумица на годината.Таа беше првиот изведувач кој ја прими оваа награда лично во историјата на овие награди,и Харвард Кримсон напиша дека таа е прилично добар ортак. Спротивно на тоа ,режисерот Сидни Полак изјави-кога таа беше вистинска за улогата,не постоеше некој подобар. Таа беше проклето добрa глумица. Други значајни филмови во кои таа имаше главна улога беа :Дејзи Гловер од 1965 и „Овој имот не е погоден за живот“. И во обата филма глумеше покрај Роберт Редфорд и тие и ги донесоа следните номинации за „Златен глобус“ за најдобра глумица. И во едниот и во другиот филм ,чие дејство се одвиваше за време на Големата економска криза од 1930-тите години, Вуд глумеше девојка од мал град со големи соништа. По прикажувањето на филмовите Вуд доживува емоционален слом и бара професионална терапија. Во текот на ова време ја одби улогата во филмот Бони и Клајд,која подоцна ќе и биде доделена на Феј Данавеј,бидејќи не сакаше да биде одвоена од својот психоаналитичар.
Откако направи пауза од три години од глумецството, Вуд глумеше во филмот „Боб и Керол и Тед и Алис“, комедија за сексуално ослободување. Таа година,филмот беше еден од десетте најуспешни филмски хита на благајната, и Вуд доби 10 проценти од заработката од филмот. Откако во 1970 г. остана бремена со нејзиното прво дете,Наташа Грегсон,таа се повлече малку од глумецството и одглуми само уште во четири филма до крајот на животот. Во 1972 година се појави во Кандидатот, обединувајќи се по третпат со Роберт Редфорд. На големото платно,повторно се обедини и со Роберт Вагнер во филмот „Афера“, телевизиска адаптација на Мачка на вжештениот,лимен покрив и имаше кратки појавувања во некои шоу програми. Во текот на нејзините две последни години од животот,Вуд започна да работи почесто затоа што нејзините ќерки пораснаа и тргнаа на училиште. Меѓу филмските улоги што Вуд ги одби за време на паузата од нејзината кариера беа улогата на Али Мекгроу во Збогум Колумбо,Миа Фароу во Прекрасниот Гетзби и Феј Данавеј во Пеколната кула.Наместо,Вуд одбра да глуми во филм за природна катастрофа Метеор со Шон Конери од 1979 година и секс комедијата Последната брачна двојка во Америка од 1980 г. Во 1979,таа имаше поголем успех на телевизија,се здоби со високо реноме,со поголема гледаност и добар прием кај публиката за фабриката Крекер и особено посебно за мини серијата Одовде до вечноста со Ким Бесинџер и Вилијам Дивајн.Во 1980 година,ја освои наградата Златен глобус За нејзината изведба во серијата.Истата година,имаше главна улога во филмот Сеќавање на Ева Рикер која се покажа како нејзината последна завршена продукција.
Неколку месеци пред нејзината смрт, Вуд го снимаше научно-фантастичниот филм Бреинсторм ,во кој глумеше со Кристофер Вокен,а филмот беше режиран од страна на Даглас Трамбул. Според планот, исто така, требаше да глуми во театарската продукција на Анастазија и во филм, наречен „Земја на срцето“, каде нејзиниот лик е неизлечливо болна писателка која има љубовна афера со тинејџер кој би бил глумен од страна на Тимоти Хатон. Но поради нејзината прерана смрт, двата проекти беа откажани, а крајот на Бреинсторм требаше да биде изменет. Беше користен дублер да се замени Вуд во некои од нејзините опасни сцени. Филмот ќе биде прикажан посмртно на 30 септември 1983 година, а ќе и биде посветен на неа во завршниот список на учесници во филмот. Таа се појави во 56 филма за големото платно и телевизија. По нејзината смрт, списанието „Тајм“ констатираше дека иако критичките пофалби во текот на целата нејзина кариера биле ретки, таа секогаш имаше работа,беше зафатена.
Приватен живот
уредиБракови
уредиДвата брака со глумецот Роберт Вагнер предизвикаа голем публицитет кај публиката. Вуд изјави дека ѝ се допаѓал уште од детството,и на нејзиниот 18-ти роденден излезе на состанок со 26-годишниот глумец кој беше организиран од страна на студиото.По една година забавување,тие стапија во брак на 28 декември 1957 година што наиде на приговор од страна на мајката на Натали. Во статија од февруари 2009 година Вагнер се присети на нивната романса:
..Ја гледав Натали низ градот,но таа никогаш не изгледаше заинтересирано.Го снимаше Бунтовник без причина и излегуваше со Џејмс Дин,додека јас се дружев со постаро друштво. Се сеќавам дека првпат кога навистина разговарав со неа беше во едно модно шоу во 1956 г.Таа беше прекрасна,но не покажуваше знаци дека многу и се допаѓам.Подоцна дознав дека потпишала договор со мојот менаџер само затоа што тој е мој менаџер.Еден месец подоцна,ја поканив Натали на премиера и токму тогаш беше нејзиниот 18-ти роденден.Кога вечеравме почувствувавме дека нештата не беа исти.Продолживме да излегуваме заедно.Се сеќавам на мигот кога се вљубив во неа.Една вечер на палубата од мојот мал брод,ме погледна со толку многу љубов,а нејзините темни кафеави очи беа осветлени од фенерот на масата.Тој миг го промени мојот живот.
Една година по нивната венчавка,Вуд своите чувства за нејзиниот сопруг ги изрази во писмо:
..Ти си мојот сопруг,мое дете,моја сила,моја слабост,мој љубовник,мој живот.
Вуд и Вагнер се разделија во јуни 1961 г., а се разведоа во април 1962 г. На 30 мај 1969 година, Вуд се омажи за британскиот продуцент Ричард Грегсон. Двојката се забавуваше две и пол години пред да стапат во брак,додека Грегсон чекаше неговиот развод да се финализира. Тие имаа ќерка Наташа Грегсон која се роди на 29 септември 1970 г.Тие се разделија во август 1971 откако Вуд наслушна недоличен телефонски разговор помеѓу нејзината секретарка и Грегсон. Освен тоа,разделбата претставуваше краткотрајно отуѓување меѓу Вуд и нејзиното семејство,кога мајката Марија и сестрата Лана ја советуваа да се помири со Грегсон заради доброто на штотуку роденото дете.Таа поднесе барање за развод кој беше финализиран во април 1972 г.
Во почетокот на 1972 г., Вуд ја обнови својата љубовна врска со Вагнер. На 16 јули 1972 ,двојката повторно стапи во брак,само 5 месеци откако се помирија и само три месеци откако таа се разведе од Грегсон. Само 5 месеци откако се помирија и три месеци откако таа се разведе од Грегсон ,на 16 јули 1972 г.повторно се венчаа. На 9 март 1974 се роди нивната ќерка Кортни Вагнер. Тие останаа во брак сè до смртта на Вуд,која ќе се случи седум години подоцна, на 29 ноември 1981 г.
Други врски
уредиБиографот Сузан Финстад пишува дека Вуд била во врска со Николас Реј, режисерот на „Бунтовник без причина“, кога таа имала 16 години,а тој 43 години. За време на нејзините тинејџерски години Вуд излегуваше на состаноци организирани од страна на студиото со постари мажи,вклучувајќи ги глумците Теб Хантер и Ник Адамс,и се забавуваше со глумецот Рејмонд Бар ,кога таа имаше 17 години,а тој 38 години. Исто така,Вуд се забавуваше и со глумците Мајкл Кејн,Стив Меквин,Ворен Бити и Денис Хопер,пејачот Елвис Присли,режисерот Хенри Џеглом и политичарот Џери Браун. Меѓу нејзините пријатели кои беа славни личности беа колегите ,детски изведувачи:Маргарет О’Брајан, Керол Линли, Стефани Пауерс и Џил Сент-Џон.
Смрт
уредиВо септември и октомври 1981 г., Вуд и Вагнер престојуваа во Рејли,Северна Каролина,додека Вуд снимаше на терен за научно-фантастичниот филм Бреинсторм.Во текот на целиот ноември,Вуд тогаш го помина скоро целиот ноември во Калифорнија каде снимаше сцени во внатрешна атмосфера со Кристофер Вокен и други членови од глумецската екипа на филмското студио МГМ во Калвер Сити,Калифорнија. На ден по Денот на благодарноста,Вуд,Вагнер и Вокен отидоа за време на викендот на островот Каталина,а ноќта на 28 ноември,јахтата на Вагнерови -Сплендор беше укотвена во заливчето Истмус. Исто така,на бродот беше и капетанот на бродот Денис Даверн,кој работеше за двојката многу години. Официјалната теорија е дека Вуд или се обидувала да ја напушти јахтата или да прицврсти гумениот чамец за да не удира по трупот на бродот кога таа случајно се лизнала и паднала во морето.Кога нејзиното тело беше пронајдено ,таа била облечена во палто,ношница и чорапи. Жена која била на јахта во близина изјавила дека слушнала извици за помош околу полноќ.Извиците траеле околу 15 минути и беа одговорени од страна на некој друг кој рекол:-Биди смирена!ќе стигнеме таму да те спасиме. -Стана смирено-се потсети сведокот. Немаше итност или непосредност во нивните извици. Имаше многу прослави во таа област ,но никогаш не е докажано дека жената која повикувала за помош беше навистина Натали ,но ниту една друга личност не била идентификувана или се пријавила дека повикувала помош таа вечер.
Истрагата на вештакот Томас Ногучи од округот Лос Анџелес, резултирала со официјална пресуда за случајно давење. Ногучи дошол до заклучок дека Вуд испила седум или осум чаши вино и била под дејство на алкохол кога починала. Ногучи исто напишал дека открил гребнатини од ноктите на Натали на гумениот чамец и тоа укажува на фактот дека таа се обидувала да влезе во него. Вуд починала на 43-годишна возраст и е закопана во меморијалните гробишта Вествуд Вилиџ. На 11 мај 2010, сестрата на Вуд, Лана Вуд, одлучила повторно да го отвори случајот за нејзината смрт. На погребот, имало илјадници посетители, покрај огромниот број на фотографи, имало репортери од целиот свет зад ѕидовите на гробиштата. Меѓу гостите на нејзиниот погреб биле и Лоренс Оливие, кој долетал од Лондон. Исто така,присутни биле и: Френк Синатра, Елизабет Тејлор, Рок Хадсон, Дејвид Нивен, Грегори Пек,Џин Кели и режисерот Елија Казан.