Свети Наум (манастир)

манастир во Македонија
(Пренасочено од Манастирот Свети Наум)

Св. Наумманастир изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на неговата најјужна точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигнувањето на овој манастир е поврзано со името на Наум, Климентовиот соработник. Св. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година бил погребан во него. Околу манастирот има повеќе други црквички, како: Света Петка, Свети Атанасиј, Агијазмо и др.

Свети Наум

'

Македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Охридско
Местоположба
Населено место Охрид
Општи информации
Покровител Свети Наум
Архитектонски опис
Портал
Разгледница од Охрид, Св. Наум, 1934 година

Манастриската црква

уреди

Оваа црква по својот првобитен облик била речиси идентична на црквата „Св Пантелејмон“ во Охрид. Некаде помеѓу X и XIII век, Наумовата црква била потполно разурната. Но потоа, некаде околу XVI век, на нејзините темели била подигната сегашната црква, и тоа во две етапи. Прво, при обновувањето, биле изградени наосот и нартексот, а во втората етапа биле подигнати двете куполи - над наосот и нартексот. Сегашната црква ги носи преправките, и таа има форма на впишан крст во квадратно пространство со купола, поставена на четири столбови. Гробницата на Наум е посебна зграда со широка и ниска купола.

 
Борис I — ктитор на манастирот Св. Наум покрај Охрид, фреска од 1806 година
 
Кодика од манастирот „Св. Наум“


Една легенда зборува дека св. Наум и св. Климент биле браќа и се договориле заедно да изградат два манастира на спортивните краишта од Охридското Езеро. Притоа, двајцата светци требало да започнат со изградбата на манастирите во исто време, а почетокот на изградбата требало да биде изначен со звукот на ѕвончето. Меѓутоа, на јажето коешто било оптегнато преку езерото застанале галеби, па ѕвончето заѕвонило и св. Климент ја започнал изградбата порано. За казна, подоцна, неговиот манастир на Плаошник бил претворен во џамија. Друга легенда зборува дека св. Наум ги држел клучевите на Охридското Езеро, а по неговата заповед, водата на Црн Дрим минува низ езерото без да се помеша со езерската вода.[1]
Во врска со изградбата на манастирот, една легенда зборува дека св. Наум патувал некаде и преноќил на имотот на некој богат човек, кој му се пожалил дека е несреќен, бидејќи неговата ќерка била ќелава. Тогаш, св. Наум направил ќерката да добие коса, а во знак на благодарност, богатиот човек му го поклонил имотот на светецот. Подоцна, на тој имот, св. Наум го изградил својот манастир.[1]

Фрескопис

уреди

Најновата обновена манастирска црква била живописана по 1400 година, за што сведочи еден фрагмент пронајден под подот на сегашната црква. На него пишува дека фрескописот е дело на „зографот Трпо, син на зографот Константин од Корча, сликан во времето на игуменот Стефан“.[1] Главната манастирска црква е посветена на Светите Архангели Михаил и Гаврил (Црква „Свети Архангели“ - Љубаништа), а има и параклис посветен на солунските браќа (Црква „Св. Кирил и Методиј“ - Љубаништа)[2] и Св. Петка Римска[3] и црквите Пресвета Богородица на изворот на Дрим.[4] и „Св. Атанасиј“ кои се наоѓаат недалеку од манастирот на самите извори на реката Дрим.[5]
Во 1985 година, од манастирот биле украдени 13 таканаречени „целивашти икони“, насликани од јеромонахот Константин во 1711 година. Тоа е најголемата кражба на икони во поновата македонска историја, а иконите до ден-денес не се пронајдени.[1]

Активност на манастирот

уреди

Благодарение на чудотворнота на св. Наум, неговиот манастир стекнал голема популарност. Првобитно, во манастирот се одржувал панаѓур на денот на неговата смрт (23 декември, т.е. 5 јануари според новиот стил), но на 5 мај 1720 година, архиепископскиот совет во Охрид решил празнувањето да се префрли на 20 јуни (3 јули по новиот календар). Причината за тоа била наведена во посланието на архиепископот Јосиф од 21 мај 1740 година, во кое се вели дека поместувањето било направено поради зимските услови, како и поклопувањето со прославата на Божик. Празнувањето на св. Наум не престанало дури и за време на комунистичката власт. Така, Министерството за внатрешни работи на Демократска Федерална Македонија, на 14 јуни 1945 година, напишало допис со кој било дозволено „да се отвори границата за сите што доаѓаат за празникот во манастирот“, со што им се овозможило на верниците од Албанија да присуствуваат на панаѓурот.[1]
Во манастирот „Св. Наум“ до 1941 година секој ден се печеле по две фурни леб. Според едно предание, пред портата на манастирот, секогаш седел некој од манастирските луѓе и на секој човек кој ќе поминел му давал по еден леб. Потоа, тој што ќе зел леб, им давал по еден залак на домашните, како и на луѓето кои ќе ги сретнел. Оние кои патувале за Албанија, ако биле пресретнати од качаци, штом ќе го покажеле лебот со втиснат знак од манастирот, веднаш биле ослободувани. Исто така, кога игуменот ги испраќал калуѓерите да собираат придонеси за манастирот, тој им давал повеќе вакви лебови, кои тие им ги давале на гладните луѓе.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Блаже Миневски, „Чудата и благодетите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“, Дневник, година XIX, број 5806, петок, 3 јули 2015, стр. 25.
  2. „НАУМОВИОТ МАНАСТИР СВЕТИ АРХАНГЕЛИ“. Општина Охрид. Архивирано од изворникот на 2011-07-19. Посетено на 2010-10-03.
  3. Осветување на параклис посветен на св. Параскева Римјанка
  4. Слика[мртва врска]
  5. ОХРИД - Изворите во Св.Наум ... OHRID - Water sources in St. Naum
  6. Блаже Миневски, „Чудата и благодетите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“, Дневник, година XIX, број 5806, петок, 3 јули 2015, стр. 24.

Надворешни врски

уреди