Лопуд
Лопуд е еден од Елафитските Острови во Јадранско Море, кој ѝ припаѓа на Хрватска.
Поглед од тврдината Сутврач | |
Географија | |
---|---|
Место | Јадранско Море |
Координати | 42°41′N 17°57′E / 42.683° СГШ; 17.950° ИГД |
Архипелаг | Елафитски Острови |
Површина | 4,5 км2 |
Највисоко место | 214 м |
Највисока точка | Полечица |
Држава | |
Хрватска | |
Жупанија | Дубровничко-неретванска жупанија |
Демографија | |
Население | 220 |
Густина | 49 /km2 (127 /sq mi) |
Географија
уредиОстровот Лопуд ѝ припаѓа на јужно-далматинската група на острови и се наоѓа на околу 5 наутички милји (9 километри) северозападно од дубровничкото пристаниште Груж. Источно од Лопуд се наоѓа островот Колочеп, а на запад од островот Шипан. На западната страна на островот се наоѓа истоименото место.
Површината на островот е 4,63 км2. Највисоката точка на островот е врвот Полачица, со надморска височина од 216 метри. Должината на Лопуд е 4,6 км, а вкупната должина на крајбрежјето е 13,2 километри.
Историја
уредиОстровот Лопуд, според некои археолошки наоди, бил населен пред илјадници години. На островот се наоѓаат бројни остатоци од старогрчки, римски и словенски градби. На местото на денешната кула Шпањола биле пронајдени делови од керамика од илирскиот период. До денес на островот се задржани и топоними со грчко потекло, како на пример Велики и Мали Скупио – од грчкиот збор скополес што значи остров, Иго, Игало – од грчкиот збор аигиалос, што значи крајбрежје или плажа. Дури и името на островот Лопуд доаѓа од романизираниот назив Лафодиа. Од римскиот период останати се фрагменти на релјефно обработениот камен на предроманичките цркви. Остатоци од старохрватската култура од IX и X век се предроманичките капели: Света Марија, Св. Илија, Св. Јован Крстител, Св. Петар и Св. Никола. Дубровничките историчари тврдат дека на островот Лопуд постоела хрватска населба уште во IX век.
Од 1457 година, Лопуд станал еден од регионалните центри на Дубровничката република. Во тоа време на островот живееле повеќе од 1.000 жители, а напредокот на Дубровничката република значел и напредок на островот. Бродосопствениците од Лопуд имале сопствена флота од 80 бродови и свое бродоградилиште. Во тој период на островот постоеле 19 млинови, имало 700 овци, а била обработувана земја која денес е необработена и напуштена.
Локалниот парк е поранешна градина на вилата која потекнува од XIX век. Во градината растат повеќе видови на растенија кои биле собирани од целиот свет, како на пример евкалиптуси, бамбуси и разни видови на кактуси.
На Лопуд постојат 24 цркви, како и фрањевски и доминикански манастири. На видиковецот Белведере се наоѓа црквата Св. Јован, која била изградена најверојатно во 9-ти или 10 век, во типичен стил на старохрватска архитектура. Таа е еднобродна капела, со полукружен свод и мала купола која се издигнува над средишниот дел од кровот. Во ѕидовите од внатрешната страна се изѕидани 19 мазни глинени садови, кои веројатно имале цел да ја подобрат акустиката. Се смета дека во 14 век капелата била проширена во црква со готски и ренесансни мотиви, како што се розетите на фасадата и капителите на порталот. Веднаш до црквата, во 1697 година, бил надограден манастирот за калуѓерки, а во 1811 година било изградено гробиште. Сѐ до 15 век оваа црква била матична црква на островот Лопуд, а денес богослужение се одржува само на празникот на Св. Иван на 24. јуни.
На највисоката точка на островот се наоѓа тврдината Сутврач која потекнува од 1563 година.[1] Од неа има прекрасен поглед на целиот остров, се гледаат и другите Елафитски Острови, копнениот дел од дубровничкото крајбрежје и Срѓ. На островот има 1,6 километри долга патека, од која на спротивната страна се гледа другиот брег кој е стрмен и непристапен.
Вегетација
уредиНа островот, како и на другите Елафитски Острови, има бујна шума, во која доминира алепскиот (Pinus halepensis), приморскиот бор (Pinus pinaster), питомиот бор (Pinus pinea)[2] и средоземна макија. На островот има палми, маслинови и ловорови дрва.
Стопанство
уредиСтопанските гранки на островот се туризам, угостителство, риболов, земјоделство и лозарство. Лопуд е најразвиениот остров од Елафитскиот архипелаг, посебно во доменот на туризмот. Постојат неколку хотели, а најпознат е луксузниот хотел Лафодиа. Има и бројни кафулиња и ресторани.
На југоисточната страна на островот се наоѓа убавиот залив Шуњ, со песочна плажа која е една од најубавите на Јадранското Море.
На островот се наоѓа основното училиште Иво Куљеван, кое го изградил самиот тој.
Население
уредиСпоред попис на населението од 2001 година, на островот живеат 270 жители, претежно стари лица, со католичка вероисповед.
Познати личности
уреди- Урбан Талија, хрватски свештеник и писател[3]
- Пашко Антун Казали, хрватски писател[4]
- Марија Кон, хрватска театарска, телевизиска и филмска глумица
Галерија
уреди-
Црквата Св. Јован
-
Запуштен објект
-
Црквата Св. Никола Грчки
-
Шпанска тврдина Сутврач
-
Шумите на Лопуд гледани од Сутврач
-
Внатрешноста на тврдината Сутврач
-
Црквата Богородица од Шуњ
-
Гробен релјеф
-
Пејзаж на Лопуд
-
Над плажата Шуњ
-
Поглед од пешачката патека
-
Другата страна на островот
-
Видиковец на почетокот од пешачката стаза долга 1,6 километри
-
Една од куќите во населбата
-
Црква во населбата на островот
-
Предна страна на црквата
-
Поранешниот Гранд хотел
-
Парк на Лопуд
-
Брегот на населбата
Наводи
уреди- ↑ „Lopud | Proleksis enciklopedija“. proleksis.lzmk.hr. Архивирано од изворникот на 2013-12-14. Посетено на 2018-12-15.
- ↑ „WWW.HR - POČETNA STRANICA HRVATSKE“. www.hr. Посетено на 2018-12-15.
- ↑ Lončarević, Vladimir. „Urban Talija - »duhovni Atlant«“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-09-03.
- ↑ Dokumentation, Österreichisches Biographisches Lexikon und biographische (2003). „Kazali, Paško Antun“. ISBN 978-3-7001-3213-4 (германски). Посетено на 2018-12-15.
Надворешни врски
уреди- Лопуд на Ризницата ?
- Островот Лопуд - Пељар
- Историја на Лопуд