Кемал Сејфула (Скопје, 2 февруари 1921 - Скопје, 1978) — југословенски македонски политичар, Турчин по народност, учесник во НОБ. Носител е на Партизанска споменица 1941.

Животопис

уреди

Пред Втората светска војна Сејфула бил чибукчија. Бил член на Урсовите синдикати, на Друштвото „Јард’н“, на СКОЈ (од 1939) и на КПЈ (од мај 1941)[1] и организатор на турските и албанските средини од Скопје во НОБ. Од крајот на октомври 1941 година бил борец на Првиот скопски партизански одред.[2] Извесно време бил интерниран во Бугарија (во 1942) и илегалец, а потоа борец на обновениот Втор скопски партизански одред (1942). Бил член на ПК на СКОЈ (1943) и на Главниот одбор на НОМСМ, член на Политичкото одделение на Првата македонско-косовска бригада, младински раководител на Втората македонска бригада (1944). Во август 1944 година е делегат на Првото заседание на АСНОМ.[3]

По војната Сејфула ја завршил Вишата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград. Врши повеќе функции. Во 1945 година бил судија во Врховниот суд на Македонија.[4] Во Владата на Македонија од 1951 година е министер за локални работи и локална индустрија, член е и на следната влада (извршен совет) од февруари 1953 година. Во периодот 1951-1954 година бил и градоначалник на Скопје.[5] Бил и претседател на Занаетчиската комора на НР Македонија.

Во 1953 година, кога Милован Ѓилас излегува со свои предлози за демократизација на југословенскиот комунистички поредок, Сејфула во рамките на Македонија најмногу застанува зад неговите ставови. Сепак, по осудата на Ѓилас, Сејфула ретерира од поддршката на Ѓиласовите ставови.

Сејфула повторно се враќа во Извршниот совет во 1963 година, како негов потпретседател. На истата функција е и во следниот Извршен совет од 1965 година. Во април 1967 година е избран за пратеник во Собранието на СРМ.[6] Потоа бил амбасадор на СФРЈ во Замбија од 1970 до 1974 а од Лусака ја покривал и Боцвана[7]


Автор е на книгите „Сојузот на комунистите на Југославија и националните малцинства“ (1959), „Националните малцинства во СР Македонија“ (1965) и “Ullusalik sorunu” (1972, на турски јазик).

Наводи

уреди
  1. Kemal Sejfula “Muslimanska partijska ćelija u Skoplju 1941.” во “Ustanak naroda Jugoslavije”, Beograd, 1963, II tom, 660-661 str.
  2. Кемал Сејфула „Учеството на народностите и етничките групи во Скопје во НОВ 1941-1942“ во „Скопје во НОВ 1942“, Скопје, 1975, 143 стр.
  3. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, 1347-1348 стр.
  4. Врховен суд на Република Македонија „За судиите“
  5. Ивановска, Јорданка (22 јануари 2005). „Скопските градоначалници покриени со пајажина“. „Вест“. Архивирано од изворникот на 2014-08-21. Посетено на 2014-08-28.
  6. „Службен весник на СРМ, 18/67,6 стр.
  7. „СЛУЖБЕН ЛИСТ НА СФРЈ“, бр Број 47, Страна 1178 Четврток, 29 октомври 1970.