Иван Хаџи Николов

Македонски општественик и револуционер
(Пренасочено од Иван Хаџиниколов)

Иван Хаџи Николов (24 декември 1861, Кукуш9 јули 1934, Софија) — македонски револуционер, општественик, книжар, трговец и еден од основачите на Македонската револуционерна организација.

Иван Хаџи Николов
Роден 24 декември 1861
Кукуш, Егејска Македонија
Починал 9 јули 1934
Софија, Бугарија
самоубиство
Занимање револуционер, книжар и трговец
Потпис на Иван Хаџи Николов

Животопис

уреди

Потекло и школување

уреди

Хаџи Николов е роден на 24 декември 1861 г. во Кукуш, Егејска Македонија.

Во Кукуш завршил егзархиско класно училиште, а во 1888 г. — трговска академија во Линц, Австрија.

Првите револуционерни копнежи

уреди
 
Иван Хаџи Николов во 1912 или 1913 г.

Под влијание на политичките настани, од втората половина на 1870-тите, на Балканскиот Полуостров, кај Хаџи Николов се јавило едно револуционерно настроение и тој со неколки свој другари намислил да формира една револуционерна организација со цел да се орагнизира едно востание во Македонија и да се отфрли османлиската власт.

Тоа време јас водев сметка за касата во нашата фурна па ми се даде можност да ја прочитам историјата на С. Паисиј, второ издание, печатено 1842 год, во Будим. На крајот на книгата забележав нацртан лав и натпис: „Слобода или смрт". По примерот на тој цртеж решив ла се извезе знаме на нашата организација [1]

Меѓутоа откако ги рабрале одлуките од Берлинскиот конгрес решиле да се откажат од револуционерната идеја и да почекаат подобри времиња. Самиот Хаџи Николов истакнува:

Промена на решенијата на Берлинскиот конгрес најрано може да се очекува по 20 години, кога ќе се променат односите помеѓу големите сили, та во едно наше востание, некои од тие сили да се најдат на наша страна. Но да знаете, додека Македонија не стане втор Батак, т.е. додека не востане, нема да се ослободи". Се разотидовме. Ставивме точка на нашата револуционерна организација [1]

Меѓутоа Хаџи Николов не се откажал од своите идеалии. Во почетокот на 90 години на 19 век се нашол во Софија и зел учество во формирањето и дејствувањето на Младата македонска книжевна дружина и списанието Лоза, но поради македонските национални идеали [белешка 1], ММКД била растурена од страна на бугарските власти, а Лоза била забранета. Но набргу Хаџи Николов се нашол во Солун.

Учител

уреди

Меѓу 1879-1892 г. бил учител во Костенец, а по поканата на Кузман Шапкарев, се вратил во Македонија и учителствувал во Воден, Кукуш, Лерин и Солун. ОД 1888 до 1892 г. предавал аритметика и сметководство во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“

Во 1893 г. бил принуден да се откаже од професијата. Во Солун отворил своја книжарница.

Книжар

уреди

На 11 септември 1893 отворил книжарница во Солун. Неговата книжарницата издавала различни учебници, уметничка литература и друго, делата биле печатени главно во Бугарија, но и во Солун, во грчката печатница на Ираклидис, но и со бугарско т.е словенско одделение. Самиот Хаџи Николов за својата книжара вели:

Отворањето на мојата книжарница се покажа како задоволување на неопходна потреба. Од множество учители добив писма, во кои пишуваше: „Многу добро направивте што отворивте книжарница, за да се спасиме од неподнесливиот монопол на Самарџиев. Тој човек праќа учебници и други ученички и канцелариски потреби кога сака и колку што сака и по цена каква сака тој. Многупати ни ги испраќа стоките во јануари и февруари, иако ги добил парите уште во септември“ [1].

Книжарницата на Хаџи Николов станала една од првите револуционерни жаришта во Солун и преку неа агитирал меѓу учителите и учениците и придонесувал да се шири револуционерната идеја.

Основање на Македонската револуционерна организација

уреди
 
Споменик на основачите на МРО во Скопје

На 21.10/2.11. 1893 г. покрај солунскиот брег се сретнале Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Андон Димитров, притоа тие разговарале за ослободување на Македонија. Паднал предлогот тие тројца да формираат револуционерна организација. И. Х. Николов понудил во основањето да учествуваат и Петар Поп Арсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев.

Се договорил за два дена да имаат нова средба. Била договорена средбата на која била формирана: МРО (Македонска револуционерна организација). Состанокот се одржал во сабота навечер на 23.10/4.11.1893 г., во станот на Христо Батанџиев.

На овој состанок присуствувале Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево - Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила - Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово - Солунско и секако домаќинот Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско[2].

Едногласно се согласиле да се формира револуционерна организација. Според И. Х. Николов тогаш биле прифатени следните начела:

1. Организацијата да е тајна и револуционерна

2. Нејзината територија да ја сочинува само Македонија во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се нарекува Внатрешна.

3. Во неа ќе членуваат родени и лица што живеаат во Македонија без разлика на вера и народност.

4. Политичкото верују на организираните Македонци е автономија на Македонија.

5. Да се чува самостојноста на организацијата за да не падне под влијание на политиката на соседните држави [3].

Со тоа биле поставено темелите на револуционерната организација. Во текот на Јануарската средба за претседател бил избран Христо Татарчев и Даме Груев за секретар, а било одлучено Хаџи Николов во отсутсво на Татарчев да го зазема неговото место.

Меѓу другото на оваа средба му била доверена задача на Петар Поп Арсов да напише една брошура под името Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници [4], а од самата брошурата се дознава ставот на Организацијата кон бугарската пропаганда, а воедно и борбата која Организацијата ја започнала против таквата дејност [4].

Хаџи Николов брошурата ја испечатил во Софија по што таа била растурена низ Македонија и меѓу Македонската емиграција во Бугарија. Во понатамошната дејност Хаџи Николов продолжил да агитира преку својата книжара, но наишол на пречки за овие случувања самиот тој вели дека:

Успехот на мојата книжарница, заземањето од нас на управата во солунската општина и пробивањето на револуционерната идеја меѓу интелигенцијата во Македонија, ја наштрекнало не само опозицијата во Солун на чело со К. Г. Самарџиев, туку и самата Егзархија. Па Егзархијата му наложила на К. Г. Самарџиев во пролетта 1895 г. да тргне низ Македонија за да агитира против рев.организација. К. Г. Самарџиев обиколил поголем дел од Македонија и насекаде говорел против Организацијата, а најмногу против мене, велејќи дека јас сум бил учител што бил избркан од Егзархијата, дека сум никаквец, и дека сум си создал партија во Македонија па сум ја фрлил земјата во оган. Кога во време на распустот ми доаѓаа учителите, пред кои ова го зборувал Самарџиев, ми ги соопштуваа тие негови искажувања, јас им одговарав: „Тој зборува така против мене затоа што му е мака што и јас сум книжар; ако не бев книжар немаше да зборува така против мене. [1]

Меѓутоа и покрај таквите пречки Хаџи Николов ја продолжил својата револуционерна дејност како член на Централниот комитет и како таков учествува на Солунскиот конгрес од 1896 г.

Солунска афера

уреди
 
Расписка на Пере Тошев, Христо Матов и Иван Хаџи Николов.

На 23 јануари 1901 г. (стар стил) започнала Солунската афера. Таа ноќ турските власти ги уапсила Милан Михајлов, Александар Ников и Кочо Георгиев - Карловалијата поради нарушување на јавниот ред околу Вардарската капија [5].

По нивното апсење турските власти започнале со претреси и апсења кој се прошириле во поголемиот дел на Солунскиот вилает во текот на аферата биле уапсени голем број на лица, a последен на слобода од Централниот комитет останал Иван Хаџи Николов. Тој очекувајќи го своето апсење и опседнат со мислата дека се пропаѓа ги повикал Иван Гарванов и Спас Мартин и им го соопштил начинот на комуникација со внатрешноста и Врховниот комитет.

На втората средба тие решиле да издадаат 5 бланко потврди за офицерите во случај на евентуално кревање на востание, а овие потврди во Софија ги однел Софрониј Стојанов.

Во овој момент на очај, Иван Х. Николов Централниот комитет го предала на идејните противници на Организацијата, односно на членовите на поранешното Револуционерно братство.

Подоцна Хаџи Николов пред Татарчев се правдал дека на Иван Гарванов, Спас Мартин и Димитар Мирчев им ги предал само печатот на ЦК, шифрите и списоците и дека Спас Мартин го задолжил да им пише на задграничните претставници во смисла: Држете ја вие од таму здраво ситуацијата [6].

Меѓутоа Хаџи Николов веројатно ја разбрал својата грешка и поради грижа на совест посегнал по својот живот односно си ја пресекол радијалната артерија и поради тоа подолго време се нашол во болница [7].

На 7 мај 1901 г. Хаџи Николов бил осуден на доживотен затвор. Поради пренатрупаност во солунскот затвор на 6 јули 1901 г., Хаџи Николов зедно со 38 затвореници, меѓу кој биле Христо Матов, Христо Татарчев, Пере Тошев и др., во придружба на 20 џандари под придружба на еден поручник, бил спроведен до паробродот Марија во сопственост на претпријатието Хаџи Даут и испратен за Подрум Кале каде требало да ја издржува својата казна зедно со своите другари.

Подоцнежна дејност

уреди

Во Подрум кале останал до август 1902 г. Во почетокот на септември пристига во Солун и учествува на состанкотот на кој биле разгледани случувањата во Македонија, на оваа средба според Татарчев било решено да му се пренесе на Врховниот комитет да не ги форсира настаните за востание во Македонија.

По оваа средба Хаџи Николов заминал за Софија, а таму учествувал во советувањата по прашањето за востание во Македонија. Меѓутоа по Солунската афера и враќањето од затвор Хаџи Николов го немал она поранешно значење во Организацијата и потиснат од младиот револуционерен кадар постепено се повлекол од учеството во македонското револуционерно дело.

Во Софија продолжил да се занимава со книжартсво и издавачка дејност. Во тој период ги напишал своите Спомени, а неговите публикации биле вметнати во алманахот „Македонија“ на Илинденската организација под псевдонимот Основач. Спомените на Хаџи Николов се објавени во периодот меѓу 1935-1937 од страна на Христо Шалдев во списанието Илустрација Илинден.

До крајот на својот живот живеел во Софија. Бил тешко заболен и душевно растроен и самоубил на 9 јули 1934 г.[8][9][10]. Каква била неговата духовна состојба дознваме од самиот Хаџи Николов кој вели:

Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облева срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата Орранизација, туку Софија со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не национална политика, ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви во луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам виновен за сите тие злосреќни што со моите другари станавме причина за револуционизирањето и, во последица на тоа, погубувањето на Македонија и Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух како тие луѓе не нè убија со камења откако го согледаа грозниот излез на нашата револуционерна иницијатива [1]

Мисли на Хаџи Николов

уреди

За детството

уреди
Имав околу 10 години, кога за првпат почнав да учам бугарска историја од учебникот на Д.В. Манчов. При учењето од таа историја си велев: „Значи ние сме си имале царство, ама ни го зеле Турците“. Од истава историја дознав дека некогаш и Тесалија била населена со Бугари, кои Грците ги погрчиле. И тогаш пак си велев: „Значи и Грците се наши непријатели. Па, зошто нашите татковци не се дигнат да си го земат царството од Турците и да си ја вратат погрчената Тесалија? По средината на бугарските земји се протега Стара Планина. Тука можат да се соберат сите останати Бугари и од таму да тргнат кон Цариград, Солун и Тесалија“. Од Библијата (Битиписанието), пак, дознав дека Мојсеј кога видел како еден Египќанин тепа еден Израелит, го оттргнал Израелитот и го убил Египќанинот. Тогаш си реков: „...ако видам некој од друг народ или друговерец да тепа Бугарин, ќе го одбранам последниот, а првиот ќе го натепам“. И вистина, ми се случи тоа брзо да го применам. Еден ден во нашето маало видов како две Турчиња тепаат едно Бугарче, се спуштив, го оттргнав Бугарчето и ги натепав Турчињата. Од тогаш тие Турчиња не ги напаѓаа Бугарчињата во нашето маало [1] [белешка 2][белешка 3][белешка 4]

Револуционерни копнежи

уреди
Пораснат како човек што се движи во чаршијата, можев да го сфатам лошото однесување на возрасните Турци, на административните и судски чиновници, како и на лошите Турци кон Бугарите, кои често без вина си страдаа. Сите тие впечатоци се натрупуваа во мојата памет и душа и на таков начин во мене зрееше идејата за бунт против Турците-потисници, така што кога во април 1875 г. прочитав во в. „Зорница" дека во Босна и Херцеговина букнало востание против Турците, возбуден си реков: „Е сега е време сите Бугари да се дигнеме и заедно со востанатите Бошњаци и Херцеговци да ги протераме Турците од Старопланинскиот Полуостров и повторно да го образуваат своето царство што ќе граничи со трите мориња: Црно, Бело и Јадранско". Заседната веќе таа мисла во мојата душа и свест, почнав да размислувам како ние од Кукуш можеме да востанеме. И така дојдов до јасно сознание за тоа што треба да правиме, а имено дека треба да се создаде една револуционерна организација што ќе го подготви народот за востание [1].

Принципи за основање на една револуционерна организација

уреди
Во јули 1892 г. заминав во Софија. Таму се сретнав со К.Шахов и му го изнесов планот, а тој за соодветен и авторитетен човек ми го посочи Гоце Делчев, уште јункер во военото училиште. Шахов ни закажа средба во неговата печатница во идната недела, бидејќи јункерите само во неделен ден можеле да излегуваат од училиштето. На нашата средба јас ја оцртав положбата на нашето национално дело во Македонија, ја изнесов заканата на солунскиот валија, и успесите на српската пропаганда и пред двајцата го поставив прашањето: не е ли време да се основа револуционерна организација во Македонија. И двајцата ми одговорија потврдно, но побараа да им ги изнесам какви треба да бидат, според моето мислење, основите на таа тајна организација [1].
1. Организацијата да се основе во Македонија а не во Софија, бидејќи, основана во Софија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарското правителство, ќе основаат и тие такви организации и од нашата организација нема да изелезе ништо. Притоа таа треба да биде тајна. 2. Основачите да се Македонци, чесни, да се ползуваат со добро име и да живеат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија, да бидат и тие изложени на истата опасност, на каква што ќе бидат изложени нивните последувачи, преку кое полесно ќе ја спечалат и довербата на населението. 3. Лозинката треба да биде автономијата на Македонија. Нашето барање треба да се потпира врз 23-от член од Берлинскиот конгрес, за да се надеваме на успех. Да постигнеме автономија на Македонија значи да ја откинеме не само од Турција, туку и од Србите и Грците. Оцртани еднаш границите на автономна Македонија, Србите и Грците не ќе можат веќе да бараат делови од неа, кога, ако посакаме присоединување на Македонија кон Бугарија, Србите и Грците ќе посакаат и тие делови од неа. Нашата задача треба да биде да ја спасиме Македонија цела, а тоа може да стане преку една автономна Македонија. 4. Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади. 5. Од Македонците во Бугарија и од бугарскиот народ ќе бараме и материјална поддрша, без притоа да ни се мешаат во работата [1].

За егзархистите

уреди
Учителите во гимназијата, за да имаат поевтина храна, побараа да се хранат заедно со нас - воспитачите и да ја плаќаат по цената на чинењето. Нивната молба Егзархијата ја уважи и почнавме сите учители и надгледувачи да се храниме заедно. За сето време на ручекот и секој ден единствениот разговор беше за Македонците. Какви ли не навредувачки зборови паѓаа на адреса на Македонците: „Македонци - гнили конци“, „дај ми пари за да станам Бугарин“, „муур ми е, и овде го клавам и онде го клавам“ итн. итн. - Воопшто, како да се Македонците без патриотизам, несвесни, ете така - дивјаци, без секакво национално чувство. Овие обвинувања и навредувања се слушнаа главно од Васил Кнчев и Петко Машев, луѓе за првпат дојдени во Македонија, и тоа само во Солун, и кои не ја знаат и не ја познаваат вистинската положба на Македонија во минатото и сегашноста“ [1].

Основање на ВМРО

уреди
Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата Орранизација, туку Софија со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не национална политика, ја погреба Македонија и и` причини огромни жртви во луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам виновен за сите тие злосреќни што со моите другари станавме причина за револуционизирањето и, во последица на тоа, погубувањето на Македонија и Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух како тие луѓе не не` убија со камења откако го согледаа грозниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогателна еднодушност тргна по нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба; ние го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство; и при такви, дијаметрално противположни резултати, пак да не не` обвинува, да не не` навредува, да не мрмори против нас - создавачите на Револуционерната организација, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба, да си го подземе тешкиот голготски крст, - тоа предизвикува во мене адмирација, и велам: „Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас сите жртви се заслужени [1].
Во договореното време на 23 октомври 1893 г., во петокот навечер, сите шестмина се собравме во живеалиштето на Хр. Батанџиев. Јас ја објаснив целта на нашата средба дали не е време да се основа револуционерна организација, каква треба да биде нејзината тактика и нејзиното политичко верују, кои ќе имаат право да членуваат во неа, и какви треба да бидат нејзините односи со македонската емиграција што се наоѓа надвор од територијата на Македонија и слично. Поставените прашања беа предмет на разгледување од нас шестемина, но најподробно и најопширно се искажа д-р Хр. Татарчев. На крај дојдовме до следнава согласност: 1. Организацијата треба да биде тајна и револуционерна, 2. Нејзината територија ја сочинува само Македонија, во нејзините географски и етнографски граници, поради што ќе се наречува и внатрешна 3. Во неа ќе членуваат лица родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност, 4. Политичкото верују на организираните Македонци е: автономија на Македонија и 5. Да се запазува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните словни држави. Јас бев задоволен што сите присутни ги искажаа кажаните јасни мислења, што јас порано ги бев искажал пред К. Шахов и Г, Делчев во Софија, затоа н најмалку зборував, но на крајот реков: „Другари, ние веќе основавме револуционерна организација, но дали знаете какви можат да бидат последиците за секој еден од нас во случај на провала? Сите ние можеме да отидеме на бесилка. За себеси ви изјавувам дека сум решен да одам докрај, а вие што ќе речете?“ Сите одговорија потврдно, т.е. дека и тие се готовни да одат докрај. Со тоа заврши формалниот чин на основањето на Револуционерната организација, идејата за која зреела кај секој еден од нас уште порано [1].

Историски погледи

уреди

Историчарите ја истакнуваат неговата улога за развојот на македонскиот народ и го сметат за еден од првите втемелувачи на македонската државност, односно за втемелувач на идејата за создавање на самостојна македонска држава.

Белешки

уреди
  1. Во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби за да докажат дека македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик и со посебни историски задачи... дека Македонија е нивната татковина и дека таа е одделна словенска држава, чие минато е покриено со блесок, особено во времето на Филип и Александар Велики, но во времето на нивните наследници опаднало... Младата дружина под превезот на книжевноста нема за цел реализација и пропаганда на некаков фантастичен фонетски правопис, туку тенденции и цели, кои се куриозни, жални, возмутувачки, срамни и опасни. Како што гледате, Македонската дружина смета дека нивната татковина е Македонија, дека таа е населена со одделно словенско племе Македонци, дека таму се собрале секакви надворешни елементи, т. е. Бугари, Грци, Срби и други..., дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се зачуваат од нашите разбојнички посегања... За таа цел ќе се послужеле со слободниот капитал што ќе го чувале во Заемоспестовната каса на Македонците... Ќе го подготвувале бугарското општествено мнение за одделување на Македонија од Бугарија и полека-полека ќе воведувале зборови од охридското поднаречје што ќе бил литературен јазик на идната Велика Македонија, на чело на која ќе дојде некој од уредниците на Лоза во својство на Филип или Алексаднар, види: Д. Т. Левов.Лоза, Свобода, ВИ/786, Софиja, 13. 04 1892,
  2. Во Османлиското Царство не постоел редовен ситем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Османските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманското Царство кој биле под духовна јуриздкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кој биле нарекувани и како Грци. Христијанското население кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат Македонците-егзархисти кој биле нерекувани како Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графа како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци, види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  3. Македеонската национална свест во 19 и почетокот на 20 век била слабо развиена. Тоа го потврдуваат повеќе странци: Сеќавањата за минатото потполно исчезнале и кај селаните останале само нејасни преданија за дамнешната слобода која тие ја уживале. Во едно зафрлено село во близината на Охрид, во кое нема ни учител ни свештеник, а неговите жители не знаат ниту да пишуваат ниту да читаат, говорев со неколку дечиња за да дознаам колку тие знаат за минатото. Ги однесов кај едно осамаено и необично закосено ритче на чиј врв се наоѓа урнатините на бугарскиот цар, тие се наоѓаат над езерото и долината. Кој го изградил ова? Ги запрашаав. Одоворот беше впечатлив: Слободните луѓе. А кој биле тие? Нашите дедовци. Да ама дали тие биле Срби, Бугари, Грци или Турци? Не, не биле Турци, тие биле христијани. И тоа беше изгледа сè што тие го знаеја, види: Доживувањата на Х. К. Бреилсфорд, Во Македонија не се поистоветуваат со својата нација (1905). Од друга страна пак повеќето странски пропаганди на територијата на Македонија го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците, види: Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006, Слобода или Смрт, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Скопје 1997, Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  4. Основоположниците на Македонската револуционерна организација биле бугарски воспитаници и биле под влијание на бугарската пропаганда од тоа влијание тие не се отргнале наеднаш туку постепено. Крсте Петков Мисирков во својата книга За македонцките работи истакнува: Мислата за национално обединување на Македонците, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 г. Во крајот на 1889 г. се префрлија во Бугарија 30-40 души ученици и студенти Македонци од Белград во Софија. Тие ученици се душата на сите настани во Македонија оттогаш досега. Тие беа запознаени со Србија и Бугарија, со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја сознаа опасноста за дележ на Македонија помеѓу тие две држави - ако Македонците самите не се вооружат за да си извојуваат сами, со сви сопствени сили и средства слобода и со тоа да го предупредат дележот на Македонија. По нивна иницијатива во почетокот на деведесеттите години се образува едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со издигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза”.Но тоа духовно движење на Македонците не и’ се бендиса на бугарската стамболовска влада, којашто забрани да се издава „Лоза” и фати да ги гони Македонците сепаратисти. Од тоа уште време побегна Дамјан Груев, којшто беше во бројот на Македонците ученици што паминаа од Белград во Софија и во бројот на сепаратистите. Немајќи во Бугарија почва за национален сепаратизам, Македонците што пребегаа од Белград во Софија, се зафатија со образување на револуционерни организации во Бугарија и во Македонија.Видните Македонци револуционери сепаратисти, како Делчев, беа само ученици на првото поколение Македонци ученици српски и бугарски. Исто така и Сарафови другите подоцнешни револуционери се јавија само како нивни продолжувачи и следбеници, но не иницијатори на револуционерната организација. Од самиот зафаток на револуционерната организација Македонците во Бугарија, или со бугарско образование, работеа под маската Бугари, едно затоа што така се викаше голем дел од населението, а друго, што по тој пат можеше да се добие поддршката на бугарската влада, на бугарскиот народ и на Бугарската егзархија.

Извори

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 Иван Хаџи Николов, Спомени
  2. Л. Милетич, Първият централен комитет на ВМОРО, Спомени на д-р Христо Татарчев София, 1928, страница 100.
  3. Основаването на ВМРО (записи на Иван Х. Николов) съобщава Христо Шалдев, Ил. Илинден VIII / 1 (71) София, 1936
  4. 4,0 4,1 Вардарски (Петар Поп Арсов), „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, превод, редакција, коментар и предговор д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006
  5. Pierre d’ Espagnat - Avant le massacre (Roman de la Macedoine actuelle) - Македония - политическо и научно литературно списание г. I кн. VII, София, 1922
  6. Д-р, Христо Татарчев, Вътрешна македоно-одринска революционна организация като мит или реалност, Цочо Биљарски и Валентин Китанов, София, 1995
  7. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 г., Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  8. Енциклопедия Пирински край. Том 2, Благоевград, 1999, стр. 370-371.
  9. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр.177.
  10. Парижков, Петър. Революционерът-книжар Иван Хаджиниколов. - Во: "Възрожденски книжари", София, 1980, стр.255-259

Литертаура

уреди
  • Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  • МАКЕДОНСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ, МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА, СКОПЈЕ 2009

Надворешни врски

уреди