Знаме на Македонија — државно знаме на Македонија, усвоено на 5 октомври 1995 година кога се сменило етничкото македонско знаме по контроверзен политички пат. Знамето е составено од црвена позадина на која има осум крако златно сонце кое е инспирирано од сонцето на грбот на Македонија, и од старото македонско знаме.[1] Осумте сончеви краци се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Пречникот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на ширината и должината на знамето е еден наспрема два.


Знаме на Македонија
}}
Сразмер 1:2
Усвоено 5 октомври 1995
Опис Стилизирано златно сонце со осум краци - модификација на Ѕвездата од Кутлеш
Творец Мирослав Грчев / Костадин Танчев - Динка

Симболизам

уреди
 
Приказ на сонце сличен како на македонското знаме, издлабен на подот пред влезната врата во црквата Света Петка во с. Радибуш, Кривопаланечко (XIX век)

Македонското сонце претставува „ново сонце на слободата“, како што е и испеано во македонската државна химна Денес над Македонија:

Денес над Македонија се раѓа,
ново сонце на слободата.
Македонците се борат,
за своите правдини!

Сонцето како народен симбол на Македонија и Македонците има долга историска традиција. Тоа било официјален симбол на древномакедонското царство и македонската кралска династија Аргеади на која припаѓале најпознатите македонски цареви Филип и Александар Македонски. Познатата Ѕвезда од Кутлеш која симболизира сонце со 16 зраци била пронајдена на ковчег на кралската гробница на Филип Македонски, а исто така сличен приказ со помал број на сончеви зраци се пронајдени и на бројни борбени штитови кај гробницата во Старо Бонче и други места ширум Македонија. Сонцето е присутно и во народното творештво односно во голем број умотворби како песни, приказни, потоа во градителството и уметноста на фасади и внатрешноста на куќите, цркви, фрески, икони, а било присутно како симбол и во национално-ослободителната борба и движење, особено видливо во знамето на Македонското научно-литературно другарство на Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски. Грееењето на сонцето е исклучително важно за создавањето на неопходната светлина, топлина и температура за нормален живот на земјата, односно за нормално одвивање на сите природни и билошки процеси на луѓето, животните, растенијата и водата во природната средина без што е невозможен опстанок и живот на планетата[2]. Од друга страна, сонцето подеднакво без никакви поделби и дискриминации грее за сите луѓе и живи суштества на планетата[2]. Оттаму, симболиката на сонцето е многу космополитска, слободољубива, либерална, демократска, егалитаристичка, општочовечка — особини кои во голема мера се застапени и во традициите на Македонија, македонскиот народ и граѓани, кои отсекогаш мирољубиво живееле без никому да наштетуваат под едно исто сонце[2].

Дизајн и опис

уреди
 
Шаблон за конструкција на знамето.

Официјалниот опис на знамето според Законот на Македонија е следен[3]:

Знамето на Република Македонија е црвено со златно-жолто сонце. Сонцето е со осум сончеви зраци кои се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вркстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Пречникот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на ширината и должината на знамето е 1:2.

Сразмерот на знамето е 1:2 каде се искористени следните бои за да се добие дизајнот:

Систем Црвена Жолта
RGB 216-33-38 248-233-46
хексидецимален формат #D82126 #F8E92E

Создавање на знамето

уреди

За создавањето на знамето постојат две верзии. Едната на Мирослав Грчев, а другата на Костадин Танчев - Динка.

Според Мирослав Грчев, процесот на усвојување и промена на државното знаме на Македонија започнал во 1995 година. Летото, тогашната Влада на Македонија го задолжила Мирослав Грчев да подготви идејни решенија за ново знаме и нов грб на државата. Така, за еден месец, Грчев изготвил по 12 дизајни за знаме и грб на Македонија, каде знамињата се делеле на: знамиња со златен диск на црвена основа, знамиња со златен диск кој излегува од границите на знамето, знамиња со златни дискови и триаголни зраци и знамиња со златни дискови и со златни краци на целата основа. При изработка на знамето, Мирослав Грчев морал да внимава на двата критериума поставени од Владата на Македонија[1]:

  1. знамето да ги има истите бои како и претходните македонски знамиња, односно крвава црвена и златно жолта, и
  2. знамето да го има сонцето како единствена апликација.

По поднесувањето на сите 12 дизајна на знамиња и исто толку грбови, Собранието воопшто не расправало за грбот, иако тоа било во план, а како ново знаме се зел последниот предлог на Грчев, односно дизајнот каде сончевите зраци се на целата површина на знамето. Интересно е тоа што в0 оригиналниот дизајн немало одделување на зраците од дискот, туку тоа било отпосле сменето во Собранието. За таа промена, Мирослав Грчев вели дека не е во согласност со графичките, естетските и ликовните правила.[1]

Професорот Костадин Танчев – Динка, пак, во својата монографија издадена 2019 година пренесува дека на предлог на кабинетот на претседателот (под координација на Стојан Андов, Зоран Крстевски и Стево Црвенковски) изработува идејно-графичко решение за ново државно знаме кое го доставува до собранието и кое е идентично со изгласаното знаме[4].

Историски знамиња

уреди
Независна Македонија
 
 Знаме на Македонија (1992-1995).

Во периодот од 1992 до 1995 година, како симбол за знамето се употребувала ѕвездата од Кутлеш, што довело до масовни протести во Грција, поради наводните „ексклузивни права“ на користење на симболот од грчка страна. Првиот предлог за знаме на Македонија, односно Ѕвездата од Кутлеш, била поднесена до собранието од Тодор Петров на 6 август 1992 година. Денес ова знаме е македонско национално знаме и го користат македонските заедници и организации во Македонија, соседните држави и странство. Официјалниот опис на првото знаме на Македонија гласел[5]:

Знамето на Република Македонија е црвено со златножолто сонце. Сонцето е со осум основни и осум споредни сончеви зраци, благо здебелени во првата половина, наизменично и симетрично наредени околу сончевиот диск. Основните сончеви зраци непосредно се одделуваат од сончевиот диск, а крајната надворешна должина на сите шеснаесет сончеви зраци се поклопува со надворешната периферија на сонцето. Пречникот на сончевиот диск е една седмина од широчината на знамето. Односот на пречникот на сончевиот диск и должината на основниот сончев зрак е еден спрема два, а односот на должината на споредниот и основниот сончев зрак е седум спрема осум. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на широчината и должината на знамето е еден спрема два.
СР Македонија
 
 Знаме на СР Македонија од 1946 до 1990 година

Знамето на СР Македонија било државното знаме на оваа федерална единица на СФРЈ. Знамето било усвоено во 1946 година и со тоа било тргнато од употреба знамето на НР Македонија. Знамето на СР Македонија било составено од црвена позадина со златна, неисполнета, петокрака во прицврстениот дел од знамето. Боите се традиционалните македонски бои, а знамето е модификација на знамето на НР Македонија. За разлика од знамето на НР Македонија, знамето на СР Македонија имало потемна црвена боја.

НР Македонија
 
 Знаме на НР Македонија од 1944 до 1946 година

Знамето на НР Македонија било државното знаме на оваа федерална единица на НФР Југославија. Знамето е најверојатно засновано на знамето на македонскиот баталјон „Гоце Делчев“. Знамето на НР Македонија било со црвена позадина и со голема неисполнета петокрака со заоблени краеви која била поставена во средината на знамето. За разлика од знамето на баталјонот, знамето на НР Македонија немала златни граници.

Крушевска Република

Знамето на Крушевската Република е всушност знамето на крушевската востаничка чета. Знамето се користело за време на борбите на крушевските револуционери и подоцна станало „државно“ знаме на оваа република. Знамето има две верзии. Првата верзија на знамето е составена од црвена позадина на која во средината има приказ од две златни поздравени раце кои држат златен факел со два пламена. Под рацете има златен венец, најверојатно дабов, а околу сето ова има златни натписи „смрт или слобода“ („смърт или свобода“) и „знаме на крушовската чета“. Другата верзија на знамето е упростена верзија од првата и е составена од чисто црвена позадина.

Разловечко востание

Знамето на Разловечкото востание од 1876 година, по барање на водачот на востанието Димитар Поп-Георгиев Беровски, било изработено од страна на двете учителки од Солун, баба Недела и Станислава Караиванова. Знамето било изработено на жолта подлога со разјарен црвен лав, и на него пишувало: Македонија и Станете да ве освобода. Тоа го содржи вековниот македонски симбол и земски грб - лавот со натпис Македонија, што е сведоштво за свеста и поврзаноста на македонскиот народ со името Македонија како свое национално име.

Етнички знамиња

уреди

Како етнички македонски знамиња се сметаат знамето со Ѕвездата од Кутлеш и знамето со македонскиот златен лав.

Изведени знамиња

уреди

Следниве знамиња се знамиња кои се целосно или делумно засновани на старото или новото македонско знаме:

Занимливости

уреди

Во 2002, уредниците на World Almanac ги избрале десетте најдобри знамиња на државите од целиот свет. Македонското знаме завршило на второто место. На прво место завршило знамето на Бутан, а на трето место знамето на Кирибати. Останатите позиции до десетто место ги добиле Бразил, Канада, Јапонија, Швајцарија, Сејшелите и Франција.

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 „Македонски Хералд број 5“ (PDF). Посетено на 2011-08-13.
  2. 2,0 2,1 2,2 Шаревски, Марио (1 април 2013). „Под исто сонце“. Скопје: Дневник. Посетено на 24 јануари 2016.[мртва врска]
  3. Закон за знамето на Република Македонија
  4. „ЗНАМЕ.МК“. Архивирано од изворникот на 2020-02-15. Посетено на 2023-06-04.
  5. Закон за знаме на Македонија (1992)

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди