Живоин Павловиќ (писател)

(Пренасочено од Живоин Павловиќ)

Живоин Павловиќ (13 јануари 189828 ноември 1941) — југословенски комунист, автор на една од првите книги за Сталиновите чистки, „Билансот на советскиот термидор“. Убиен е од страна на југословенските комунисти како предавник за време на Ужичката република.

Делување во комунистичкото движење

уреди

Кратко време по Првата светска војна Павловиќ е поставен за учител, а потоа, кон крајот на 1922 година, за писар во Управата на град Белград. Од 1924 до 1929 година со мали прекини живее во Скопје. За време на својот престој во Скопје, во 1925 година тој станува член на Обласниот комитет на КПЈ за Македонија. Во 1927 година е протеран од Скопје поради левичарско делување.

Во 1929 година Павловиќ заминува за Цариград, од каде следната година заминува на студии во Париз. Таму се запознава и се оженува со една богата Французинка. Располагајќи со значителни парични средства, по доаѓањето на раководството на КПЈ во Париз, Павловиќ отвора партиска печатница и раководи со техниката. Учествува и во префрлањето на доброволците во Интернационалните бригади во Шпанската граѓанска војна. Воспоставува срдечни односи со тогашниот челник на КПЈ, Јосип Чижински.

Отрезнување

уреди

Во 1937 година, Чижински е повикан во СССР и, иако убеден сталинист, станува една од многуте комунистички раководители што се ликвидирани за време на Сталиновите чистки. Неговата трагедија делува отрезнувачки за Павловиќ, но неговото целосно разочарување од СССР ќе настапи со потпишувањето на пактот за ненапаѓање помеѓу СССР и нацистичка Германија во август 1939 година.

Опозициските ставови на Павловиќ му стануваат познати на новото раководство на КПЈ на чело со Јосип Броз Тито, кое го исклучува од партијата и издејствува француските власти да го протераат Павловиќ од Франција. Протеран од Франција, Павловиќ во февруари 1940 година се враќа во Југославија. Се вработува како чиновник во Централното прес-биро на Претседателството на министерскиот совет во Белград. Во меѓувреме работи на својата книга „Биланс на советскиот термидор“, која истата година и ја издава. Бидејќи во тоа време владата на Кралството Југославија воспоставува дипломатски односи со СССР, книгата на Павловиќ, која помеѓу првите во светот ги разобличува Сталиновите чистки, веднаш по печатењето е запленета и уништена. Авторот успева да спаси само десетина примероци од неа.

Заробување и убиство

уреди

По окупацијата на Југославија од страна на Силите на Оската и започнувањето на вооружената борба против окупацијата, Павловиќ се обидува да ја спречи меѓусебната борба помеѓу партизаните и четниците. За време на Ужичката република, партизаните го апсат во Крагуевац како сомнителен елемент и го обвинуваат дека бил полициски агент. Подложен е на мачење, при што како учесници во неговото сослушување се спомнуваат Слободан Панезиќ Крцун, Петар Стамболиќ, Владимир Дедијер, Милован Ѓилас и Родољуб Чолаковиќ, додека Александар Ранковиќ го надгледувал сослушувањето. При сослушувањето Павловиќ упорно ги негира обвинувањата кои Титовите партизани сакаат да ги докажат.

На крајот, ноќта помеѓу 28 и 29 ноември 1941 година, во моментите пред германската офанзива да ја задуши Ужичката република, Павловиќ се обидува да побегне. Не успева во својата намера. Фатен е од партизаните, кои веднаш и го убиваат.

„Билансот на советскиот термидор“

уреди

Во својата книга посветена „на жртвите на Сталиновиот терор“ Павловиќ врз основа на расположливите податоци го сумира крвавиот биланс од Сталиновите чистки, наведувајќи ги имињата и судбините на советски државни и партиски функционери, опозициски настроени, но и убедени сталинисти, кои се ликвидирани како дел од Сталиновите чистки од 1936 до 1939 година. Покрај советските кадри, наведени се и ликвидираните комунистичките раководители и од другите земји, во прв ред од КПЈ, која по советската и полската партија претрпува најкрупни загуби во текот на чистките.

„Билансот на советскиот термидор“ е една од првите книги во светски рамки кои упатуваат на обемот и бескрупулозноста на Сталиновите чистки, при што посебно заслужува да се посочи на прецизноста на презентираните податоци, особено имајќи ги предвид потешкотиите да се дојде до прецизни информации во тоа бурно време.

Живоин Павловиќ си ја запечати својата судбина пишувајќи ја оваа книга. Не само што југословенските комунисти, тогаш правоверни сталинисти, го убиваат како предавник, туку не го ни рехабилитираат по 1948 година, кога по Резолуцијата на Информбирото, и самите доаѓаат во судир со Сталин.

Книгата „Билансот на советскиот термидор“ повторно станува достапна на пошироката јавност дури во 1989 година, кога првпат по 1940 година се печати ново нејзино издание.

Надворешни врски

уреди