Жервохор (Негушко)
Жервохор или Чрвор (понекогаш и Долно Жервохор или Старо Жервохор; грчки: Παλαιό Ζερβοχώρι, Палео Зервохори; книжевно: Παλαιόν Ζερβοχώριον, Палеон Зервохорион) — село во Негушко, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Негуш, во Централна Македонија, Грција. Населението е сочинето исклучиво од Македонци.[2]
Жервохор Παλαιό Ζερβοχώρι | |
---|---|
Реката Марица низ Жервохор | |
Координати: 40°39′N 22°14′E / 40.650° СГШ; 22.233° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Иматија |
Општина | Негуш |
Општ. единица | Иринуполи |
Надм. вис. | 14 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 301 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа на 16 километри североисточно од градот Негуш и на речиси исто растојание северно од градот Бер и југоисточно од Вртикоп, на рамното берско-воденско поле, на надморска височина од 14 метри.[2]
Сместено е во Солунското Поле. Оддалечено е само еден километар источно од новата бегалска населба Горно Жервохор. Низ селото тече реката Марица.
Историја
уредиИ ова село, како и сите околни села, биле населени исклучиво со македонско население.[2]
Во 1907 година, селото е напаѓано од четите на грчката вооружена пропаганда во Македонија на чело со Телос Агапинос[3] и капетанот Пелас (Панајотис Папаѕанетејас), но успешно било заштитено од четата на Апостол Петков[4]
По Првата светска војна во 1923 година, во селото биле населени поголем број бегалски семејства од Понд, така што селото станало мешана населба која во 1928 година имала 466 жители, од кои 65 бегалски семејства со вкупно 205 жители.[5] Меѓутоа, бидејжи бегалската семејства биле сместени во новата населба, која се наоѓа на еден километар од Жервохор и која подоцна се води како посебна населба под името Горно Жервохор, селото Жервохор останало чисто македонско.[2]
Стопанство
уредиБлагодарение на високата плодност на земјата, која целосно се наводнува, Жервохор е мошне богато село. Главното занимање на населението е земјоделството, а како главни производи се овошјето, памукот и нешто пченица.[2]
Население
уредиВо 1900 година според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во селото Жервохор живееле 240 Македонци христијани.[2][6] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото Жервохор (Jervohor) имало 240 Македонци.[7]
Во 1910 година, во Жервохор (Ζερβοχώρι) имало 180 жители.[8]
Во пописот од 1913 година било забележано со 242, а во 1920 година со 270 жители. По 1923 година во селото биле населени грчки бегалци, со што селото станало мешана населба, така во 1928 година броело 466 жители. Меѓутоа, бегалците подоцна биле преселени во новата бегалска населба (подоцна наречена Горно Жервохор), која била издвоена од селото Жервохор, со што селото останало само со месното македонско население. Тоа е и причината поради која во пописот од 1940 година, Жервохор се води со намален број на жители, односно само со 284 жители. По Втората светска војна, селото покажува извесно зголемување: во 1951 година било забележано со 331 жител, во 1961 година со 369, во 1971 година со 375, во 1981 година со 394, а во 1991 година со 413 жители, сите Македонци.[2]
Во пописот спроведен во 2001 година, селото било попишано со 369 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 301 жител.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 284 | 331 | 369 | 375 | 394 | 413 | 369 | 301 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Знаменитости
уреди- Црква „Св. Никола“ од 1843 г., прогласена за споменик на културата
Самоуправа и политика
уредиСелото припаѓа на општинската единица Иринуполи со седиште во селото Вештица Берска, која припаѓа на поголемата општина Негуш, во округот Иматија. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Горно Жервохор, во кој покрај Жервохор влегуваат и селата Горно Жервохор и Ново Село.
Наводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Симовски, Тодор (1998). „Берски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 35.
- ↑ „Силянов, Христо. Освободителните борби на Македония, том II, изд. на Илинденската Организация, София, 1943, стр.181“. Архивирано од изворникот на 2012-12-13. Посетено на 2016-03-13.
- ↑ Παπατζανετέας Παναγιώτης преземено од страницата http://pandektis.ekt.gr
- ↑ „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ К’нчов, Васил. Македонија. Етнографија и статистика, Софија, 1900, стр. 144.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 222-223.
- ↑ Χαλκιόπουλος, Αθανάσιος Εθνολογική στατιστική των βιλαετίων Θεσσαλονίκης και Μοναστηρίου, Αθήναι 1910. Цитирано по: Λιθοξόου, Δημήτρης. Πληθυσμός και οικισμοί της περιοχής Βέροιας, 1886 - 1927
Белешки
уреди- Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.