Жан-Бертран Аристид
Жан-Бертран Аристид (француски: Jean-Bertrand Aristide; р. 15 јули 1953) — хаитски политичар и поранешен католички свештеник на функцијата претседател на Хаити во 1991, од 1994 до 1996 година и повторно од 2001 до 2004 година. Аристид, кој беше популарен помеѓу сиромашните жители на Хаити, беше двапати соборуван од воени удари, во 1991 и во 2004 година. Во врска со неговото второ соборување, стојалиштето на Аристид и на неговите приврзаници е дека всушност САД го помогна ударот, киднапирајќи го Аристид.
Образование и црковна кариера
уредиАристид дипломира во 1974 година, а во 1979 година ги завршува пост-дипломските студии. Во 1983 година станува свештеник. Станува познат како приврзаник на теологијата на ослободувањето. Во една негова позната изјава од 1988 година, тој го искажа следниот став: „Американскиот империјализам ја поддржуваше хаитската влада. Изборите не се одговор, изборите се начин за оние што се на власт да го контролираат народот. Решението е револуцијата, прво во духот на Евангелието; Исус не можеше да прифати народот да биде гладен. Се работи за судир помеѓу класите, богати и сиромави. Мојата улога е да проповедам и да организирам...“ Поради ваквите изјави отец Аристид во 1988 година е исклучен од неговиот ред. Во 1995 година Аристид самиот ќе се откаже од свештенството.
Првиот претседателски мандат на Аристид
уредиАристид се кандидира на првите вистински демократски избори во Хаити во 1990 година и победи со 67% од гласовите. По стапувањето на должноста почна да презема мерки во прилог на сиромашното население на Хаити, но веќе на 30 септември истата година беше извршен воен удар.
Аристид беше принуден да замине во егзил. Прво оди во Венецуела, а потоа и во САД. Му успева да стекне меѓународна поддршка и под американски и меѓународен притисок, воената хунта се повлече од власта. На 15 октомври 1994 година Аристид се враќа на Хаити и го довршува својот претседателски мандат.
Вториот мандат на Аристид и вториот државен удар
уредиПоради уставни ограничувања, Аристид не можеше повторно да се кандидира на изборите во 1995 година. Но според хаитскиот устав тој имаше право повторно да се кандидира на следните избори во ноември 2000 година. На нив тој победи со 91,8% од гласовите, но најголем дел од опозициските партии ги бојкотираа изборите. Бојкотот беше продолжување на политиката на опозицијата на оспорување на легитимноста на победата на Аристид, Фамни Лавалас, на парламентарните избори во мај истата година.
Во таква ситуација политичката ситуација на Хаити во следниот период ќе биде постојано во тензија. Во 2003 година не се одржуваат предвидените парламентарни избори, бидејќи опозицијата не прифаќа ништо помалку од оставка на Аристид. Политичкото насилство помеѓу приврзаниците на Аристид и приврзаниците на опозицијата ескалира во јануари 2004 година. На 5 февруари една бунтовничка група го зазема четвртиот по големина град на Хаити, Гонев, со што започнува масовен бунт против Аристид. На 22 февруари бунтовниците го заземаат и вториот по големина град, Кап Хаитиен, и напредуваат кон главниот град.
Заминување од Хаити
уредиУтрото на 29 февруари Аристид заминува со американски авион за Централноафриканската Република. Околностите поврзани со неговото заминување се контроверзно прашање.
Според Аристид, тој бил принуден да поднесе оставка од страна на американски дипломати и маринци, по што бил грабнат против својата волја. Според Бушовата администрација, Аристид самиот побарал помош и доброволно се качил на американскиот авион.
На 14 март Аристид успева да замине од Централноафриканската Република и оди во Јамајка. Француската и американската влада остро се спротивставуваат на тој негов потег, тврдејќи дека неговото присуство во западната полутопка ќе го дестабилизира Хаити. На 31 мај Аристид со своето семејство заминува за Јужна Африка. Јужноафриканската влада го карактеризира неговиот престој како времен. Аристид и до денес не се има вратено во Хаити.
Поврзано
уредиНаводи
уредиНадворешни врски
уреди- Гостувања на C-SPAN
- Жан-Бертран Аристид на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Жан-Бертран Аристид собрани вести и коментари на The New York Times
- Дела од или за Жан-Бертран Аристид во разни библиотеки (каталог WorldCat) (англиски)