Евроазиска кафеава мечка

Евроазиска кафеава мечка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Ursidae
Род: Ursus
Вид: Ursus arctos
Триномен назив
Ursus arctos arctos
Linnaeus, 1758

Евроазиската кафеава мечка е под-вид на кафеавата мечка, позната и под името „обична кафеава мечка“. Во минатото, кафеави мечки се среќаваа од Ирска на запад до Јапонија на исток, и од Нордкалотен на север до планината Атлас на југ. Денес кафеавата мечка се смета дека е истребена во регионите на планината Атлас, Британија и Ирска, но сѐ уште ги има низ Европа и Русија. Мали популации кои се во опасност од истребување се среќаваат на Пиринеите (на границата помеѓу Франција и Шпанија) и на планините Абруци и долината Трентино во Италија. Изолирани популации има и на Балканот, односно Словенија, Бугарија, Романија и Македонија. Најголемиот број на кафеави мечки се наоѓаат во Русија, кои сепак во минатото беа блиску до истребување поради неконтролираниот лов пред Руската револуција во 1917. Поголеми популации има источно од планината Урал, поточно во сибирските шуми, делови од Средна Азија (бивши советски републики), Авганистан, Кашмир, Индија, централна Кина и островот Хокаидо во Јапонија.

Особености

уреди

Евроазиската кафеава мечка има крзно чија боја варира од светло до темнокафена, црвеникава и скоро црна во некои случаи. Крзното е густо и влакното може да достигне должина од 10 сантиметри. Обликот на главата е топчест со релативно мали и округли уши. Поседува 42 заба, вклучувајќи и заби кои се карактеристични за месојадите. Има моќна структура на коските и широки шепи со големи канџи кои можат да пораснат и до 10 сантиметри. Тежината зависи од присутност на храна и од годишното време. Возрасен мажјак тежи во просек од 135 до 205 кг, а женката од 90 до 150. Најголемата регистрирана евроазиска мечка тежела 481 кг и била со должина од скоро 2,5 метри[2]. Мечките од азискиот дел имаат посветло и поцрвеникаво крзно, и се смета дека се поагресивни од европските.

Потекло на видот

уреди

Со помош на современите технологии[3], денес истражувачите се способни да го изучуваат потеклото на видовите. Сè уште е тешко да се потврди но се претпоставува дека кафеавата мечка се развила пред околу 5 милиони години. Научниците откриле дека евроазиската мечка се поделила пред 850 000 година на две гранки, едната заснована во Западна Европа, доека во другата спаѓаат Русија, Источна Европа и Азија. Преку истражувањата со митохондријална ДНК откриено е дека европското семејство има две подгрупи, една од Пиринејскиот Полуостров и една од Балканот. Во Скандинавија има 4 значајни популации на кафеави мечки. Со анализи на митохондриалната ДНК, откриено е дека најверојатно јужните популации водат потекло од полулациите во Франција и Шпанија, кои се доселиле после последното ледено доба. Северните популации се со потекло до финско-руска популација.

Кафеавата мечка во Македонија

уреди
 
Евроазиска кафеава мечка

Мечките во Македонија се заштитен вид. Забрана за лов постои од 1996 година, кога е евидентирано нагло опаѓање на бројот на примероци од ова животно. Според податоците од Сојузот на ловџиите, во земјава се регистрирани околу 160 мечки. Ги среќаваме во националните паркови Галичица, Маврово и Пелистер и во околината на резерватот Јасен. Често се случува мечка да се симне од планините во селата во потрага по храна. Најчеста цел на мечките, кои се љубители на медот, се пчеларниците.

Во Македонски Брод е пронајдена скулптура во облик на мечка. Истражувачите од центарот за карпеста уметност укажуваат дека се работи за скулптура од периодот на неолитот. Во околината на Виница и други краишта се откриени бројни минијатурни теракоти со претстава на мечиња како гробен материјал од овој период.

Кафеавата мечка е заштитен знак на националниот парк Пелистер[4].

Евроазиските кафеавите мечки низ историјата

уреди
 
Кафеава мечка од Пиринеите

Кафеавите мечки биле присутни во Британија до 500 година од новата ера, кога се истребени поради прекумерен лов.[5]

Европските кафеави мечки биле употребувани во борби во арените во Стар Рим. За најјаки мечки се сметале мечките од Далмација и Каледонија.[6]

За разлика од Америка каде во просек секоја година двајца умираат поради напад од мечка, во Скандинавија има податоци за само 3 фатални напади во последните 100 години.[5]

Во минатото, евроазиската кафеава мечка била претежно месојад (80% од исхраната), но оваа навика постепено се губела, така во средниот век само 40% одпаѓаат на храна од животинско потекло, додека денес е околу 10-15%.[6]

Наводи

уреди
  1. Ursus arctos. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 1996. Посетено на 12 мај 2006.
  2. Wood, The Guinness Book of Animal Facts and Feats. Sterling Pub Co Inc (1983), ISBN 978-0-85112-235-9
  3. „Det Skandinaviske Bjørneprosjektet“. Архивирано од изворникот на 2009-04-06. Посетено на 2008-11-05.
  4. http://www.bbc.co.uk/macedonian/news/story/2006/02/060227_pelister_bear.shtml BBC
  5. 5,0 5,1 „Brown Bear“. Tooth & Claw. Архивирано од изворникот на 2008-05-16. Посетено на 2008-01-05.
  6. 6,0 6,1 Pastoureau, Michel (2007). L’ours; Histoire d’un roi dechu. стр. 419. ISBN 2-02-021542-X.