Дела на светите апостоли

(Пренасочено од Делата на апостолите)

Дела на Апостолите — една од книгите на канонскиот Нов завет, и кој се користи во сите православни и римокатолички, како е во останатите христијански деноминации како протестанти, Јеховини сведоци, адвентисти итн.

Според научните истражувања, оваа книга се препишува на авторот на Евангелието по Лука, односно Апостол Лука. Како и според евангелието на Лука, така и Делата на Апостолите започнуваат со обраќање кон Теофил, кој според некои бил римски големец. Според некои тој бил римски судија на судот на кој требало да му биде судено на Апостол Павле.

Во целина, Апостолски дела немаат конкретен назив, бидејќи поголемиот дел од книгата се однесува на животот и делото на апостолите Павле и Петар. За разлика од нив, останатите апостоли се споменуваа само неколкупати. Според некои научници, адекватниот наслов на книгата бил Дела на Светиот Дух.

Автор и име

уреди

Денеска сѐ уште се дебатира околу тоа дали Лука бил авторот на оваа книга која се наоѓа во Новиот завет. Отците на раната црква споменуваат дека Лука бил лекар, дека делувал во Антиохија и дека бил голем приврзаник на апостол Павле. Се смета дека авторот на евангелието по Лука е истиот кој ги напишал и делата на апостолите. Меѓутоа не постои консензус, па според Рејмонд Браун, сегашното мислење околу авторството на Лука е еднакво поделено меѓу истражувачите.

Името на насловот Дела на апостолите не бил оригинален. За прв пати ова име било употребено од страна на Иринеј Лионски во доцниот 2 век. Некои сугерираат дека насловот бил Делата на Исус или Делата на Светиот Дух, бидејќи во глава 1:1 се започнува со самиот Исус и продолжува околу она што Исус започнал и какво е неговото учење.

Најстариот досега познат примерок на „Делата“ е посведочен фрагментарно на папирус кој во науката е означен како П45 датиран околу 250 година, а пак, најстарата целосно сочувана верзија се наоѓа во т.н. Codex Vaticanus, датиран во околу 320 до 350 година. Делата на светите апостоли претставува единствениот новозаветен текст сочуван во два текстуални облици (верзии), западна (латинска) и александриска (страрогрчка). Притоа, науката, речиси едногласно, смета дека александриската верзија на „Делата“ е хронолошки постара и оттука единствено оригинална. Ваквото тврдење е прифатено и од страна на црквата.

Опис

уреди

Во Дела на апостолите најмногу се обрнува вниумание на ширењето на христијанството, излегување на Светиот Дух во денот на Педесетница до пристигнувањето на апостол Павле во Рим по околу 30 години, и организирањето на првите ранохристијански црковни општини не само во Ерусалим и Палестина, туку и пошироко во Мала Азија, Македонија и Грција. Овој период претставува важен дел од историјата на христијанството главно поради тоа што истото пристигнало во скоро сите делови на тогашниот познат свет.

Главниот збор кој се употребува во книгата е сведок, кој збор е споменет повеќе од триесет пати. Еден од најглавните стихови е:

...ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата...

Според податоци на црквата, до крајот на т.н. апостолска ера, бројот на христијаните бил околу 500.000 верници.

Содржина

уреди

По воскресението, Исус Христос им се јавува на своите ученици со налог да останат во Ерусалим за да проповедаат, а потоа се вознесува на небото. Како замена за предавникот Јуда, неговите ученици со ждрепка за нов апостол го избираат Матиј. Според даденото ветување од Исус Христос, врз неговите ученици слегува Светиот Дух и наеднаш тие започнуваат да зборуваат на различни јазици. Тогаш, апостолот Петар му се обраќа на насобраниот народ, говорејќи за жртвата на Исус и во таа прилика крштева три илјади луѓе, а подоцна, сè повеќе се зголемува христијанската заедница. Еднаш, влегувајќи во храмот, апостолот Петар излекува еден сакат човек, а зачудениот народ го повикува на покајување на гревовите. Првосвештениците ги затвораат двајцата апостоли, забранувајќи им да проповедаат, но по нивното ослободување тие продолжуваат со својата активност, придобивајќи многу народ. Поради тоа, првосвештениците ги затвораат сиет апостоли, но ангел ги ослободува од затворот и тие продолжуваат да проповедаат и да лекуваат болни. Во тоа време, Стефан, еден од учениците на апостолите, кој прави разни чуда, е наклеветен за богохулење и приведен кај првосвештениците, а потоа е убиен со каменување. Потоа започнува прогонот на следбениците на апостолите во кој учествува и едно момче со име Савле, кое присуствува на погубувањето на Стефан. Во тоа време, апостолот Филип заминува да проповеда во Самарија, каде привлекува голем број следбеници.[1]

На паттот кон Дамаск, Савле слуша глас од небото и веднаш ослепува. Во Дамаск, пак, Господ му се јавува на Ананиј со чија помош прогледува Савле, кој веднаш се покрстува и започнува да проповеда во градот. Поради тоа, Јудејците прават заговор со намера да го убијат, но тој успева тајно да побегне, а оттаму се враќа во Ерусалим, каде продолжува да проповеда. Во тоа време, апостолот Петар, пак, прави чудо така што оживува една мртва жена. Во градот Кесарија живее стотникот Корнилиј кому му се јавува ангел со порака да го покани на гости апостолот Петар. Кога Петар пристигнува во неговиот дом, над присутните се јавува Светиот Дух и тогаш за првпат се покрстуваат и луѓе кои не се Евреи. Истовремено, следбениците на апостолите, кои своевремено побегнале од Ерусалим по убиството на Стефан, го шират новото учење во Феникија, Кипар и Антиохија. Набргу, во Антиохија пристигаат Варнава и Савле и тогаш за првпат нивните следбеници почнуваат да се нарекуваат христијани. Царот Ирод ги прогонува христијаните и го убива апостолот Јаков, а Петар го става в затвор, но Петар успева да побегне со помошта на божји ангел. По некое време, умира царот Ирод.[2]

Од Антиохија, Варнава и Савле (кого го нарекуваат Павле) заминуваат за Кипар, каде Павле ослепува еден лажен пророк. Тој го шири христијанството и во околните области, привлекувајќи многу верници од другите народи, со што го предизвикува гневот на Јудејците. Во Листра, тој лекува сакат човек, а воодушевениот народ го прогласува за богот Хермес, а Варнава за Зевс, а Јудејците го каменуваат Павле и неговото тело го фрлаат надвор од градот, мислејќи дека е мртов. Тогаш, апостолите во Ерусалим одржуваат состанок и носат одлука дека другите народи не мора да бидат обрезани и да го прифатат Мојсеевиот закон. Додека го шири христијанството во Азија, Павле има визија да замине во Македонија. Кога пристигнува во градот Филипи, тој е затворен, а откако се моли во затворската ќелија, се случува потрес и на сите затвореници им отпаѓаат оковите. Гледајќи го тоа чудо, затворскиот чувар веднаш го прифаќа христијанството. Павле и неговиот соработник Сила заминуваат во Солун, каде придобиваат многу верници, но против нив стануваат солунските Јудејци, така што тие се принудени да побегнат во Бер, но и таму се судираат со нивните непријатели. Павле заминува во Атина, каде има препирка со филозофите, а потоа заминува во Коринт, каде останува една година и половина. Потоа, тој оди во Ефес, па во Ерусалим и Антиохија по што повторно се враќа во Ефес. Таму останува две години во кои го зацврстува христијанството, но неговите противници креваат бунт против него. ПАпостолот Павле повторно ги посетува Македонија и Грција и по три месеци се враќа во Азија. Во Милет, тој се простува со старешините на ефеската христијанска заедница кажувајќи им дека повеќе нема да се видат. Кога пристига во Кесарија, еден пророк му кажува дека ќе биде затворен во Ерусалим и навистина, кога Павле пристига во градот, Јудејците го заробуваат, обвинувајќи го за ерес. Тие прават заговора против него со намера да го убијат, но тој дознава и го известува рисмкиот заповедник, кој го пренесува во Кесарија, каде го држат под стража, но не им го предаваат на Јудејците. Неколкупати, римската власт го сослушува Павле, еднаш во присуство и на царот Агрипа и бидејќи не може да најде никаква вина кај него, власта одлучува да го испрати за Рим. За време на патувањето, бродот го зафаќа силно невреме, но патниците успеваат да се спасат, пристигнувајќи на островот Мелит, каде Павле ги лекува жителите. По тримесечен престој на островот, Павле се качува на брод за Сиракуза, а оттаму оди во Рим, каде останува две години слободно проповедајќи го христијанството.[3]

Наводи

уреди
  1. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 134-145.
  2. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 145-150.
  3. „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 150-172.