Гида
Гида (грчки: Αλεξάνδρεια, Александрија; до 1953 година: Γιδάς, Гидас[2]) — град во Солунско, Егејска Македонија, дел од денешната Општина Гида, во Централна Македонија, Грција.
Гида Αλεξάνδρεια | |
---|---|
Црква во Гида | |
Координати: 40°38′N 22°27′E / 40.633° СГШ; 22.450° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Иматија |
Општина | Гида |
Општ. единица | Плати |
Надм. вис. | 8 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 14,821 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Пошт. бр. | 59300 |
Повик. бр. | (+30) 23330 |
Рег. таб. | HM |
Мреж. место | alexandria.gr |
Градот претставува административно седиште на истоимената општина. Има извонреден раст насочен на неговото стопанство преку земјоделството, трговијата и алтернативниот туризам.[3]
Географија и местоположба
уредиГрадот се наоѓа на 28 километри североисточно од градот Бер, 26 километри јужно од градот Пазар и 49 километри западно од градот Солун, крај главниот пат кој води од Солун за Бер, на надморска височина од 8 метри.[4]
Сместен е во Солунското Поле.
Гида поседува железничка станица на железничката линија Солун-Лерин-Битола. Автопатите А2 и А1 поминуваат низ општината.
Историја
уредиПо Првата светска војна, во 1922 година, во тогашното село биле населени грчки бегалци. Во 1928 година, Гида претставувала мешана населба со 35 бегалски семејства со вкупно 134 жители.[5]
Поради порастот на населението и стопанското значење кое го имала за околината, Гида добила статус на градска општина во 1948 година. Гида е една од малкуте населби во Егејска Македонија, која поради мошне поволната географска положба и стопанските можности се развила во поголемо гратче, со услови за натамошен подем.[4]
Во 1953 година, гратчето било преименувано во Александрија (Αλεξάνδρεια).
Стопанство
уредиДенес, Гида претставува стопански центар на околните села, од кои повеќето се богати. Градот е во целост урбанизиран со бројни трговски и занаетчиски дуќани и со разни други објекти.[4]
Покрај стопанските објекти, во градот има и бројни административни и други установи, кои исто така влијаат на локалното стопанство. Во градот се сретнуваат и експозитури на бројни грчки банки.[4]
Меѓутоа, населението и понатаму главно се занимава со земјоделство, произведувајќи големи количества памук, пченица, бостан и други земјоделски производи. Земјиштето е многу плодно и целосно се наводнува. Еден помал дел од разнородното население се занимава со занаетчиство и трговија, како и други занимања.[4] Областа околу Гида има најголемо производство на праски во Грција, а јаболката, крушите, тутунот и памукот исто така се одгледуваат во големи количини.
Население
уредиВо 1900 година според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во Гида (Гидахор) живееле 410 Грци христијани и 60 Роми.[6] По податоци на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Гида (Guida) имало 600 Грци и работело грчко училиште.[7]
Во 1913 година, тогашното село било забележано со 715, во 1920 година со 854, во 1928 година со 1.151 (од кои 163 бегалци), а во 1940 година достигнало бројка од 1.752 жители. По Втората светска војна, бројот на жителите започнал да расте уште побрзо. Веќе во 1951 година биле попишани 3.083 жители, во 1961 година нивниот број двојно се зголемил на 6.168, а во 1971 година на 8.199 жители. Во пописот од 1981 година, Гида веќе имала 10.543 жители, а во 1991 година 12.109 жители, со тенденција за понатамошен пораст. Тоа било овозможено благодарение на исушувањето на Ениџевардарското Блато, на регулациите на коритата на реките Вардар и Колудеј и на вонредно добрите комуникации.[4]
Во пописот спроведен во 2001 година, градот бил попишано со 13.229 жители. Во најновиот спроведен попис од 2011 година во Грција, селото било забележано со 14.821 жител.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.752 | 3.083 | 6.168 | 8.199 | 10.543 | 12.109 | 13.229 | 14.821 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
уредиГида станал град во текот на 1948 година, како последица на зголемувањето на населението и стопанската важност за околината.
Градот припаѓа на општинската единица Гида со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Гида, во округот Иматија. Воедно, градот е дел од општинскиот оддел Гида, во кој покрај градот Гида се наоѓаат и селата Нишел и Шкинат.
Општествени установи
уреди- Полициска станица
- Пошта
- Железничка станица „Гида-Капсохор“
Личности
уреди- Родени во Гида
- Апостолис Матопулос (1868-1952) — грчки андартски капитен
- Василиос Цјартас (р. 1972) — грчки фудбалер
- Јоргос Перифанос — грчки андартски капитен
- Зисис Гидиотис — грчки револуционер[8]
- Теохарис Кункас (1870-1917) — грчки андартски капитен
- Томас Кукулудис — грчки андартски член
Наводи
уреди- ↑ „Попис на населението од 2011 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Γιδάς -- Αλεξάνδρεια
- ↑ „Αλεξανδρινή Γη | Τοπικά Σχέδια Δράσης για την ΑπασχόλησηΑναπτυξιακής ΣϋμπραξηςΑλεξανδρινή Γη“. Архивирано од изворникот на 2013-10-29. Посетено на 2016-03-10.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 Симовски, Тодор (1998). „Берски округ“. Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 8.
- ↑ „Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928“. Архивирано од изворникот 20 јуни 2012. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ К’нчов, Васил. Македонија. Етнографија и статистика, Софија, 1900, стр. 141.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 218-219.
- ↑ Ανέκδοτα έγγραφα και άγνωστα στοιχεία για κλεφταρματολούς και για την επανάσταση (1821-1822) στη Μακεδονία και ιδιαίτερα στον Όλυμπο, Γεώργιος Χ. Χιονίδης, Βέροια 1979[мртва врска]
Надворешни врски
уреди- Официјална мрежна страница (грчки)