Мекленбург (германски: Mecklenburg; долногермански: Mękelborg) — историска областа во северна Германија сместена во западниот и поголем дел на сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија. Најголеми градови во областа се Росток, Шверин, Нојбранденбург, Висмар и Гистров.

Грб на Мекленбург
Мекленбург, поделен помеѓу Мекленбург-Шверин и Мекленбург-Штрелиц, од 1866 до 1934.

Името Мекленбург потекнува од замокот наречен „Микиленбург“ (старосаксонски: Mikilenburg; „голем замок“), сместен помеѓу градовите Шверин и Висмар. Во словенскиот јазик бил познат како Велиград. Бил седиште на Мекленбуршката династија, која со време се поделила на Мекленбург-Шверин и Мекленбург-Штрелиц.

Мекленбург од јазична гледна точка го употребува долногерманскиот зборовен фонд и фонологија.

Географија

уреди

Мекленбург е познат по неговиот главно рамен пејзаж. Низ областа се наоѓаат многу мочуришта, езерца и полиња, помеѓу кои се распрскани мали шуми. Во северниот дел на областа се наоѓа Балтичкото Море.

Под почвата на Мекленбург понекогаш се наоѓаат талози од течење на лава. Традиционално, камењата од овие течења се сечел и се користел во изградбата на домовите, често со цемент, тули и дрво, создавајќи го уникатниот изглед на надворешноста на куќите.

Мекленбург поседува силно земјоделство, но земјата е најмногу погодна за пасишта.

Список на градови во Мекленбург

уреди
 
Мекленбург во денешните административни граници
Град/
Општина
Округ Население
до 31 декември 2012
Росток слободен град 202.887
Шверин слободен град 91.264
Нојбранденбург Мекленбуршка Езерска Област 63.509
Висмар Северозападен Мекленбург 42.433
Гистров Росток 28.586
Нојштрелиц Мекленбуршка Езерска Област 20.322
Варен (Мириц) Мекленбуршка Езерска Област 21.074
Пархим Лудвигслуст-Пархим 17.174
Лудвигслуст Лудвигслуст-Пархим 11.998
Бад Доберан Росток 11.427
Хагенов Лудвигслуст-Пархим 11.324
Гревесмилен Северозападен Мекленбург 10.621
Бојценбург (Елба) Лудвигслуст-Пархим 10.169
Тетеров Росток 8.733
Малхин Мекленбуршка Езерска Област 7.657

Историја

уреди

Рана историја

уреди

Во Мекленбург се наоѓаат многу праисториски долменски гробови. Неговите најрано забележани жители веројатно имале келтско потекло. Не подоцна од 100 п.н.е. областа била населена од Германите.

Традиционалниот симбол на Мекленбург, насмеана бикова глава (долногермански: Ossenkopp; „глава на вол), со прикачена кожа и круна над него, можеби потекнува од овој период. Прикажува што носеле луѓето во тоа време; глава на бик како капа и кожа што виси до долу како заштита од сонцето и да создаде страв кај непријателот.

Од VII до XII век, областа на Мекленбург била преземена од Западните Словени, главно Ободритите и други племиња кои франкските извори ги назначиле како „Венди“. Основачот на мекленбуршката династија на војводи и големи војводи од XI век, која траела до 1918, бил Никлот од Ободритите.

Кон крајот на XII век, Хајнрих Лавот, војвода на Саксонците, ја освоил областа, делејќи ја на неговите локални грофови и ги покрстил луѓето, како претходник на Северните крстоносни војни. Од XII до XIV век, голем број на Германци и Фламанци се населиле во областа, носејќи го германското право и подобрувајќи ги земјоделските техники. Вендите кои останале и ги преживеале војните и уништувањата биле асимилирани во наредните векови. Меѓутоа, одредени елементи на имињата и зборовите користени во Мекленбург имаат словенско влијание. Одличен пример е градот Шверин, кој првично бил наречен Цуарин (Zuarin). Друг пример е градот Брезегард, каде „гард“ потекнува од словенскиот збор „град“.

Од XII век, територијата останала стабилна и релативно независна од нејзините соседи; една од малкуте германски територии. Во текот на реформацијата, војводите го прифатиле протестантсвото.

 
Историски грб, кој ги прикажува седумте области на Мекленбург

1621-1933

уреди

Како многу германски територии, Мекленбург понекогаш бил делен и повторно делен помеѓу различни членови на владејачката династија. Во 1621 бил поделен на две војводства Мекленбург-Шверин и Мекленбург-Гистров. Со истребувањето на линијата во Гистров во 1701, земјите на Гистров биле повторно поделени, дел од нив припаднале на Војводството Мекленбург-Шверин и дел во новата гранка Мекленбург-Штрелиц.

Во 1815, двете мекленбуршки војводства биле подигнати во големи војводства и како такви постоеле одвоено. Животот во Мекленбург бил прилично тежок. Навиките да се бара дозвола за брак од големиот војвода или да бара дозвола за емиграција, траеле до доцна во историјата на Мекленбург (т.е. до 1918), многу подолго откако таквите навики биле напуштени во другите германски земји. Дури и во втората половина на XIX век, големиот војвода лично поседувал половина од земјата. Последниот војвода абдицирал во 1918, кога паѓале монархиите низ Европа. Владејачката династија на војводата владеела во Мекленбург непрекинато (освен две години) од нејзиното воспоставување до влегувањето во Светото Римско Царство во 1918. Од 1918 до 1933, војводите биле слободни држави во Вајмарската Република.

Традиционално, Мекленбург отсекогаш бил една од најсиромашните германски држави и подоцна посиромашна од покраините во рамките на Германија. Причините за ова се разликуваат, но постојано се наведува една: земјодеството е слабо и не може да се носи со другите делови на Германија. Двете мекленбуршки држави направиле обид да станат независни држави по 1918, но на крајот не успеале бидејќи нивната зависност од остатокот на Германија била очигледна.

По 1934

уреди

По три векови поделба, Мекленбург бил обединет во 1934 од нацистичката влада. Вермахтот го доделил Мекленбург и Померанија на воениот округ II под команда на генералот Вернер Киниц со седиште во Штетин.

 
Регионално знаме на Мекленбург

По Втората светска војна, советската влада ја окупирала источна Германија, спојувајќи го Мекленбург со помалата соседна област Западна Померанија (Vorpommern) за да ја создадат покраината Мекленбург-Западна Померанија. Мекленбург учествува со две третини од површината на новата покраина и мнозинство од населението. Исто така, новата покраина станала привремен или постојан дом на многу бегалци избркани од поранешните германски територии одземени од Советскиот Сојуз и Полска по војната. Советите го промениле името од „Мекленбург-Западна Померанија“ во „Мекленбург“ во 1947.

Во 1952, владата на Источна Германија ги укинала покраините, а со тоа и Мекленбург, основајќи окрузи на нивното место. На местото на Мекленбург биле создадени три окрузи ("Bezirke"): Росток, Шверин и Нојбранденбург.

По повторното обединување на Германија во 1990, сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија била обновена и сега е една од 16. сојузни покраини на Сојузната Република Германија.

Грб на војводите од Мекленбург

уреди

Мекленбуршката династија била основана од Никлот, принц на Ободритите, Хижаните и Череспаните на Балтичкото Море, кој починал во 1160. Неговиот христијански потомок бил признаен како принц на Светото Римско Царство во 1170 и војвода на Мекленбург на 8 јули 1348. На 27 февруари 1658, војводската династија се поделила на две гранки: Мекленбург-Шверин и Мекленбург-Штрелиц.

Знамето на обете мекленбуршки војводства е традиционално составено од сината, жолтата и црвената боја. Меѓутоа, редоследот бил менуван повеќе од еднаш во изминатите 300 години. Во 1813 војводствата користеле жолто-црвено-сино. Од 23 декември 1863 за Шверин и од 4 јануари 1864 за Штрелиц важело сино-жолто-црвено.[1] Мекленбург-Шверин користело бела боја наместо жолта за поморските знамиња.[2]

Средишниот грб го покажува штитот на Мекленбург, кој постои од XVII век. Округот Шверин е во средина, а околу се наоѓаат Мекленбург (главата на бикот со кожа), Росток (грифон), кнежевството Шверин (грифон кој прескокнува зелен правоаголник), Рацебург (крст со круна), Штаргард (рака која држи прстен) и Венден (глава на бик). Штитот е придржуван од бик и грифон и над него стои кралска круна.

Економија

уреди

Туризам

уреди

Мекленбург се соочува со голем пораст во туризмот по повторното обединување на Германија во 1990, особено приморските одморалишта на Балтичкото Море (Варнеминде, Болтенхаген, Хајлигендам, Килунгсборн, Рерик и други), Мекленбуршката Езерска Област (Mecklenburgische Seenplatte), Мекленбуршка Швајцарија (Mecklenburgische Schweiz) со нејзината недопрена природа, старите ханзеатски градови Росток и Висмар, во кои се наоѓаат зачувани средновековни тулноготски градби и поранешните благороднички резиденции во Шверин, Гистров, Лудвигслуст и Нојштрелиц.

Познати луѓе

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. (Ströhl, Deutsche Wappenrolle, Штутгарт, 1897, стр. 89)
  2. (Ströhl, 86)

Надворешни врски

уреди
  • Официјална страница за Мекленбург-Западна Померанија Архивирано на 23 јануари 2014 г.
  •   „Мекленбург“ . Catholic Encyclopedia. New York: Robert Appleton Company. 1913.
  •   Chisholm, Hugh, уред. (1911). „Мекленбург“ . Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press.

53°36′46″N 12°25′47″E / 53.61265° СГШ; 12.42960° ИГД / 53.61265; 12.42960