Вангел Наумовски (Скребатно, Охрид, 22 март 1924 - Охрид, 13 јуни 2006) бил еден од најпознатите македонски сликари, претставник на наивата[1]. Посетувајќи една од неговите излижби во Париз во 1970 година, Салвадор Дали изјавил дека Наумовски е „сликар од бајките“.[2]

Животопис

уреди

Наумовски е роден во охридското село Скребатно во 1922 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е иусклучен од истото како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. После следувале нови изложби и награди и признанија. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделил наградата „Свадбен венец". Истата година градот Охрид му ја доделил наградата за сликарство „Седми ноември", година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија. Во 1974, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон" во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори" на ДЛУМ, а во 1979 година стана член на италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Premio d’ Italia 1980. На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Centro Studi e Ricerche delle Nazioni му ја доделил наградата „Premio Mondale della Cultura" и „Statuata della Vittoria 1984", a Academia de Europa од Италија наградата „European Banner of arts" со златен медал. Во 1982 година македонскиот режисер Александар Ѓурчинов снимил филм за Наумовски, во кој се прикажува неговиот живот и творештво[3]. Починал на 13 јуни 2006 година во Охрид[4].

Наводи

уреди
  1. Nadica Boškovska (2000). Bibliografija na makedonskata likovna umetnost, Band 2. Narodna i Univerzitetska Biblioteka "Kliment Ohridski".
  2. Asen Grupče (1998). Ohrid: kulturniot život i tvoreštvo vo Ohrid i Ohridsko vo 20. vek : pregled na poistaknati ličnosti od 20. vek. Matica makedonska.
  3. „Филм - Вангел Наумовски“. Македонски информациски филмски центар. Посетено на 2010-12-09.[мртва врска]
  4. „ИН МЕМОРИАМ Почина сликарот Вангел Наумовски“. Време. 15 јуни 2006. Посетено на 2010-12-09.[мртва врска]

Надворешни врски

уреди