Битка на Кајмакчалан

Битка на Кајмакчалан
Дел од Македонскиот фронт (Прва светска војна)

Спомен капела на српски војници од Првата светска војна на врвот на Кајмакчалан
Датум од 12 до 30 септември 1916 година
Место Кајмакчалан
Исход Тактичка српска победа[1]
Завојувани страни
 Србија  Бугарија
Команданти и водачи
Милош Васиќ

Крста Смиљаниќ

Климент Бојаџиев

Алекси Попов Стефан Богданов

Сила
3. Армија со главен товар на Дринската дивизија 4. полк 5. полк 6. полк 17. полк 7. полк 1. Бригада од 3. пешадиска дивизија „Балкан“ со главен товар на 11. Сливенски полк
Жртви и загуби
4.643 погинати[2][3][4] од кои 3/4 биле од Дринската дивизија погинати војници/офицери: 1.876/51

Ранети војници/офицери 5.941/126

Битка на Кајмакчалан или Кајмакчаланска битка - битка која се водела меѓу српските и бугарските трупи на Македонскиот фронт за време на Првата светска војна.

Битката се водела од 12 до 30 септември 1916 година, кога српската војска успеала да го освои врвот Пророк Илија, при што ги потиснала Бугарите кон Мариово, каде што тие формирале нови дефанзивни линии. Помеѓу 26 и 30 септември, врвот неколкупати бил заземан од едната и од другата страна, сè до вториот ден кога конечно бил освоен од страна на српската војска.

Битката однела многу жртви на двете страни. Српските загуби до 23 септември достигнале бројка од околу 10.000 загинати и повредени [5]. Бугарските единици биле сведени на по 90 мажи, а еден полк, 11. Слиевенски полк, имал 73 офицери и 3.000 мажи вон строј [6].

На стратешки план, битката не била голем успех за Сојузниците поради претстојната зима кога понатамошни воени ангажмани биле речиси невозможни.

Денес, на врвот на пророкот Илија се наоѓа мала црква, каде што се чуваат черепите на мртвите српски војници. Истата се смета за културна локација и е туристичка атракција. Постои забуна во врска со името на црквата, истата се вика Свети Петар и таа е изградена на врвот наречен Пророк Илија [7].

Подготовки

уреди

Во почетокот на есента 1916 година почнала долгоочекуваната офанзива на Антантата со напредување на српските и француските сили кон Битола, додека британските сили се упатиле кон Вардарската долина[8].

Бугарите се утврдиле во тешки тврдини[8].

Тек на воените дејствија

уреди

Есента 1916 година се воделе жестоки борби на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе, при што од 12 до 30 септември загинале над 4.600 војници од српската армија и околу 3.200 војници од бугарската армија. Според српските историски извори, српската армија била распоредена на планината, на просечна надморска височина до 2.000 метри. На десното крило, од Вардар до Кожуф, дејствувала Првата армија со Моравската дивизија, од Кожуф до Кајмакчалан била распоредена Втората армија со Тимочката дивизија, а од Кајмакчалан до Лерин била распоредена Третата армија со Дринската дивизија. Вкупно, српската армија располагала со 122.600 војници, вооружени со 100.000 пушки, 9.000 карабини, 5.000 автоматски пиштоли, 288 митралези, 12 брзострелачки полски артилериски дивизиони, шест ридски дивизиони, 12 батерии со хаубици од 12 милиметри, 10.000 коњи префрлени од Крф, 25.000 коњи добиени од Франција, 4.320 транспортни запреги, 300.000 гас-маски итн.[9]

Битката на Кајмакчалан започнала на 17 август 1916 година, кога бугарската Прва армија започнала офанзива, со цел да ги заземе јужните падини на Ниџе. Во нападот, бугарската армија употребила 62 баталјона, 122 митралези, 12 коњички ескадрони и 53 топовски батерии. Утрото, Бугарите го нападнале левото крило на Дунавската дивизија, со која командувал полковникот Миливое Анѓелковиќ-Кајафа и до мракот избиле на линијата од десниот брег на реката Брод преку Петорачки Вис до железничката станица во Лерин. Во борбите што се воделе од 17 до 30 август, српската војска имала 907 мртви, 3.270 ранети и 730 исчезнати војници. Силните борби продолжиле и во текот на наредните недели, па на 8 септември началникот на штабот на врховната команда на српската војска, генералот Петар Бојовиќ, дал наредба Втората армија по секоја цена да го освои гребенот Козјак-Ниџе. Пробивајќи се под силен оган на бугарската артилерија, на 18 септември 1916 година, околу 19 часот, српската војска го зазела Кајмакчалан.[10]

Потоа, бугарската армија извршила прегрупирање на силите и вклучила дополнителни осум баталјони, настојувајќи да преземе противнапад. Оттука, на 26 септември, Дринската дивизија ги загубила Кочобеј и дел од највисоката кота на Кајмакчалан, но делови од српската војска успеале да се задржат во близината на врвот. Според српските извори, Дринската дивизија имала над 1.250 тешко ранети војници и офицери, па српската врховна команда веднаш испратила засилување. Сепак, наспроти српските барања, генералот Кордоние не ја активирал француско-руската армија, па затоа, на 30 септември, во офанзива на Кајмакчалан тргнала само српската Трета армија под команда на полковникот Милош Васиќ. Прва во јуриш тргнала Дринската дивизија, заземајќи го Старков Гроб, а потоа и врвот Кајмакчалан, но во борбите загубила 3.800 војници. Притоа, според српската воена евиденција, за време на борбите на Кајмакчалан, од 30 август до 23 септември, српската војска имала загуби од 4.438 војници и 39 офицери.[9]

Според бугарските историски извори, клучната борба за Кајмакчалан започнала на 15 септември 1916 година попладнето, кога српската војска се приближила до позициите на кои биле стационирани четири бугарски артилериски батерии. Притоа, Дринската дивизија го нападнала Кајмакчалан со поддршка на 50 тешки артилериски орудија и со многу минофрлачи. Како резултат на тоа, српските војници успеале да ги преминат дури и жичените пречки поставени пред бугарските ровови, но по противнападот на 11. Сливенски полк, српските сили биле одбиени, со големи загуби. На 16 и 17 септември, Србите повторно го нападнале врвот, но бугарската војска успеала да ги одбие нападите, иако со големи загуби. Особено биле тешки загубите на 11. Сливенски полк, кој ги загубил сите подофицери и голем дел од офицерите. Затоа, за одбрана на Кајмакчалан биле испратени Шипченскиот и дел од 23. полк.[11]

Осмата тунџанска дивизија, која го бранела фронтот во должина од 60 километри, била нападната од четири српски и една француска дивизија, како и една руска бригада. Притисокот врз бугарската одбрана особено се засилил по нападот на француските и руските единици на потегот Бигла – Арменохор, така што, на 18 септември, француската војска го зазела Лерин. Истовремено, на 18 и 19 септември, за време на жестоките напади на Кајмакчалан, 11. Сливенски полк ги загубил сите командири на чети и половина од војниците. Сепак, и српската војска имала тешки загуби и не успеала да ја заземе втората линија на бугарската одбрана. На 20 септември, по претходна артилериска подготовка, Србите повторно го нападнале Кајмакчалан, но бугарската војска го одбила и тој напад. Три дена подоцна, Србите успеале да стигнат на само 50 метри од врвот, но и тој напад бил одбиен, со големи загуби на двете страни. Истиот ден, во 16 часот, српската војска го обновила нападот, но била вратена назад со бочен противнапад од страна на резервите на бугарската војска. Со големи загуби, српските сили се повлекле, но на 24 септември бугарската одбрана повторно била изложена на силен артилериски оган. На 25 септември, српските сили пак се доближиле на само 100-150 чекори до бугарските ровови на Кајмакчалан, но повторно биле одбиени, претрпувајќи огромни загуби. Според бугарските воени извори, тоа бил последниот воен успех на бугарската војска на Кајмакчалан. Во следните три дена, бугарската одбрана била изложена на силен артилериски оган, така што на врвот останале само малку бугарски војници способни за борба. Така, на 30 септември 1916 година, во бугарскиот 46. пешачки полк останале живи само еден офицер и 86 војници! Како последица на тоа, во 13 часот и 30 минути српската војска го зазела Кајмакчалан,[12] по што продолжила да напредува кон Старков Гроб.[11][13]

Сведочејќи за крвавите борби на Кајмакчалан, швајцарскиот криминолог д-р Арчибалд Рајс, во својот дневник, на 26 септември 1916 година, запишал: „Некаде до месноста Старков Гроб на Ниџе, стотици трупови, немаше време да се закопаат сите жртви на оваа кланица и рововите се полни. Телата останале во положбата во која ги изненадила смртта... Насекаде околу нас страв и ужас. Борбата на Кајмакчалан траеше три часа, метеж кој не може да се опише. Низ чад и магла се гледа како светкаат бајонетите и се слушаат експлозии од бомби... На висина од 2.525 метри, на овој гол простран терен, лежат стотици трупови. Нивна покривка се облаците и маглата што ги дува ветерот, а големите јастреби и гаврани крстосуваат над нив за да се најадат од нивното распаднато месо.“[11]

Веднаш по заземањето на Кајмакчалан, српската војска започнала да гради споменик, кој во 1928 година бил претворен во црква, осветена заедно со костурницата во која се чуваат коските на дел од загинатите војници.[11]

Последици

уреди

За Антантата и Србија

уреди

Со оваа победа Сојузниците успеале да ја запрат бугарската офанзива водена против положбите на францускиот генерал Морис Сарај [14].

Со заземањето на Кајмакчалан олеснето ѝ е на 1. Српска армија и на француските сили да ги продолжат операциите во кои подоцна ќе биде заземена Битола[15]. Во ноември освоен е појасот околу Битола, вклучувајќи ја и самата Битола на 19 ноември[8].

Српските сили вкупно имале 4.643 погинати, ранети и загубени војници, од кои Дринската дивизија имала 3.320 погинати, односно 3.804 исфрлени од строј [15] или три четвртини од вкупниот број војници.

За Централните сили и Бугарија

уреди

Падот на Кајмакчалан ги убедил Германците дека средишниот дел на Македонскиот фронт е во криза.

Иако поразот за бугарските војници и за војската делувал депримирачки, бугарските победи над Романија ги охрабрила[16].

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Allcock, John B., and Antonia Young, Black Lambs and Grey Falcons, (Berghahn Books, 2000), 82.
  2. Dusan-T Batakovic, Ljubomir Mihailović, Histoire du peuple serbe, 2005 - p. 259
  3. Andrej Mitrović, Serbia's great war, 1914-1918, 2007 - p. 165
  4. Richard C. Hall, Balkan Breakthrough: The Battle of Dobro Pole 1918, 2010 - p. 75
  5. Gordon-Smith pp.280
  6. Gordon-Smith pp.279
  7. http://www.serbia.com/srpski/o-srbiji/istorija/srbija-u-prvom-svetskom-ratu/osmatracnica-sa-kajmakcalana/
  8. 8,0 8,1 8,2 John B. Allcock, Antonia Young, Black Lambs and Grey Falcons: Women Travellers in the Balkans, (Berghahn Books, 2000) -, pp. 82
  9. 9,0 9,1 „Само Македонците немаат споменик иако гинеле од двете страни на фронтот!“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 6-7.
  10. „Само Македонците немаат споменик иако гинеле од двете страни на фронтот!“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 6.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 „Само Македонците немаат споменик иако гинеле од двете страни на фронтот!“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 7.
  12. Мира Радојевиќ, Љубодраг Димиќ, Србија у Великом рату 1914 - 1918, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2018, стр.
  13. Жанета Здравковска, „Не сум ни Бугарка ни Србинка, јас сум Македонка и ми е смачено од војни!“, Дневник, година XX, број 6174, понеделник, 26 септември 2016, стр. 6-7.
  14. M. Th Houtsma, E.J. Brill's first encyclopaedia of Islam, 1913-1936 -, pp. 204
  15. 15,0 15,1 Војна енциклопедија, II издање, Београд. 1972. pp. 194
  16. Todorov Kosta, Balkan Firebrand - The Autobiography of a Rebel Soldier and Statesman. 2007. pp. 95

Надворешни врски

уреди
  • [1], The battle of Kajmakchalan, Η μάχη του Καϊμακτσαλάν