Подвис (Прилепско)

село во Општина Кривогаштани, Македонија

Подвис (порано: Турско) — село во Општина Кривогаштани, во околината на градот Прилеп.

Подвис

Поглед на селото

Подвис во рамките на Македонија
Подвис
Местоположба на Подвис во Македонија
Подвис на карта

Карта

Координати 41°23′34″N 21°19′36″E / 41.39278° СГШ; 21.32667° ИГД / 41.39278; 21.32667
Регион  Пелагониски
Општина  Кривогаштани
Област Прилепско Поле
Население 98 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7524
Повик. бр. 048
Шифра на КО 16017
Надм. вис. 607 м
Слава Света Троица
Подвис на општинската карта

Атарот на Подвис во рамките на општината
Подвис на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди

Во XIX век селото било викано Турско, иако во него не живеел ниту еден Турчин.

Името на селото доаѓа од неговото основање. Во 1927 година, селото го добило името Црквица и под тоа име било водено за време на Кралството Југославија до 1941 година. За време на Втората светска војна, бугарските окупаторски сили селото го нарекувале Медово. Дури по војната започнало да биде користено името Подвис.[2] Во ноември 1959 година, името службено било сменето од Турско во Подвис.[3]

Географија и местоположба

уреди
 
Куќи во селото

Селото се наоѓа во јужниот дел на Прилепското Поле, а на крајната северна страна на територијата на Општина Кривогаштани, чиј атар се допира со подрачјето на општините Крушево и Долнени.[4] Селото е рамничарско, на надморска височина од 607 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 16 километри.[4]

Селото се наоѓа помеѓу Годивле на југ и Локвени на север. Куќите во најголемиот дел се наоѓаат во подножјето на малото возвишение Глајца и се свртени кон југ. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари.[2]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Липа, Кобел, Долга Дрма, Голема Круша, Кале, Мало Кале, Бели Камења, Пустинско, Црквиште, Дрење, Горна Леска, Бој Нивиште, Чешма, Глајца, Дестаница, Градски Пат, Маџарица, Широјца, Караница и Годивски Камен.[2]

Селото има збиен тип и за време на отоманскиот период се делело на маала, кои се нарекувале по чифлиците. Тие маала биле Дебранско, Оџоско, Широско и други. Денес е поделено на Горно и Долно Маало.[2]

Источно од селото се наоѓа пространото Големо Блато, сместено помеѓу селата Подвис, Средорек, Годивле и Кореница. До 1943 година, блатото се наоѓало под вода секоја година по осум месеци, а некогаш и цела година. Тогаш тоа се користело за лов на птици (пајки) и риби, како и за сечење на трската. Откако е ископан долг 3 километри, поплавите се помали и денес на блатото има ливади.[2]

Историја

уреди

Според народната традиција, некогаш на возвишението Кале (909 м.) постоел град. Ова возвишение се наоѓа на тромеѓето на селата Подвис, Локвени и Норово. Се наоѓаат остатоци од ѕидови и парчиња ќерамиди. Под градиштето се наоѓа малото возвишение Мало Кале и изворот Петочница. Кај селото Подвис, археолози од Народниот музеј во Прилеп пронашле траги од една римска палата, чиј под бил од мозаик.[2]

Според кажувања, некогаш на месноста Пустинско се наоѓало старо христијанско село. Споменатата месност се наоѓала 1 километар југозападно од денешното село. На селиштето се воочуваат остатоци од темели на куќи, бунари, гробови и црквиште. Поради ова се претпоставува дека селото не било толку одамна раселено. Најверојатно, селото го раселиле дебранските Арбанаси, кои подоцна и го присвоиле селскиот атар.[2]

Денешното село е младо село. Било основано околу 1820-тите години од македонски доселеници, кои дошле од разни страни. Доселениците се населувале околу една беговска кула, која припаѓала на дебрани. Најстари доселеници биле денешните родови Пејовци и Близнаковци. Подоцна во селото дошле и други родови.[2]

Месноста Годивски Камен претходно припаѓал на селото Годивле, но таму бил убиен човек. Поради тоа, селаните од Подвис платиле крвнина за убиството и потоа ја присвоиле месноста.[2]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа простор од 7,4 км2. На него преовладуваат обработливите површини на површина од 431 хектар, на пасиштата отпаѓаат 133 хектари, а на шумите отпаѓаат 120 хектари.[4]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[4]

Прв чифлиг во селото бил на дебранските Арбанаси (Сулејман-ага и неговиот брат Риза). Подоцна во селото биле основани и чифлици на прилепските Турци (Голосабјовци, Дездаревци, Имер Оџа, Шировци, Ајро и Рушан). Селаните ја купиле земјата во периодот 1920-1929 година.[2]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948218—    
1953240+10.1%
1961271+12.9%
1971242−10.7%
1981232−4.1%
ГодинаНас.±%
1991181−22.0%
1994152−16.0%
2002143−5.9%
202198−31.5%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Подвис живееле 140 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Подвис имало 80 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Турско се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 15 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[8]

Селото е мало и населено со македонско население. Тоа, во 1961 година имало 271, а во 1994 година 152 жители.[4]

Според пописот од 2002 година, во селото Подвис живееле 143 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 98 жители, од кои 97 Македонци и 1 лице без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 140 80 218 240 271 242 232 181 152 143 98
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови

уреди

Подвис е македонско православно село.[2]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се:

  • Доселеници: Пејовци (3 к.), доселени се од селото Крушевица, Мариово, го знаат следното родословие: Цветко (жив на 70 г. во 1950-тите) Аце-Станко-Пејо, основачот на родот кој се доселил; Близнаковци (2 к.), не знаат од каде се доселени; Кутурџиовци (2 к.), доселени се од селото Мало Илино, Железник; Новевци (12 к.), по потекло се од Воѓани. Од зулум пребегнале во Крушево, па потоа прешле во Пресил, го знаат следното родословие: Јордан (жив на 41 г. во 1950-тите) Анѓеле-Нове, основачот на родот кој се доселил; Мрснакора (1 к.), од Годивле преминале во Воѓани, па во Бирино, и на крај дошле во денешното село; Дробачовци (1 к.), доселени се од селото Лажани; Врбјанци (2 к.), доселени се во 1910 година од селото Врбјани, и таму биле доселени однекаде; Кукевци (1 к.), од Свето Митрани прешле во Крушево, па од таму овде; Наумовци (2 к.), доселени се во 1923 година од селото Кореница, таму се викале Пресилци бидејќи дошле од селото Пресил; Сираковци (2 к.), доселени се во 1929 година од селото Годивле, таму припаѓале на родот Несторовци; Белувци (1 к.), доселени се во 1946 година од селото Белушино.

Иселеништво

уреди

Се знае за следните постари иселени родови и семејства од ова село: Кутурџиовци иселени се во селото Бело Поле, Думановци иселени се во селото Локвени. Од родови во селото, Кутурџиовци и Кукевци по едно семејство се преселило во Крушево. А иселеници има и во Прилеп.[2]

Од селото Подвис има иселено многу жители, претежно во прекуокеанските земји, но има и во европските земји, но нивниот број е помал во однос на оние во прекуокеанските земји.

Општествени установи

уреди
 
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика

уреди

Во XIX век, Подвис било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Кривогаштани, која била една од ретките општини во Македонија која не била изменета при територијалната поделба во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Житоше.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Кривогаштани, во која покрај селото Подвис, се наоѓале и селата Врбоец, Годивле, Кореница, Кривогаштани, Крушеани, Локвени, Милошево и Свето Митрани. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Годивје, кога во нејзе се наоѓале селата Годивје, Кореница, Локвени и Подвис.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1212 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 88 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[2][17]
  • Бавчи — некропола од доцноантичко време;
  • Кале — непознато од неопределено време; и
  • Пустинско — непознато од неопределено време.
Цркви[18]
  • Црква „Св. Троица“ — главната селска црква. Изградена е во 1921 година, врз темелите на постара црква, а преосветена е во 1999 година.

Редовни настани

уреди
Слави[2]
  • Света Троица — главна селска слава, која се одржува во црковниот двор. Секоја година се одржува кумство.

Култура и спорт

уреди

Во селото работи истоимениот фудбалски клуб.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  3. „Решение за промена на називот на селото Турско“ (PDF). Службен весник на Народна Република Македонија. 19 ноември 1959. стр. 573. Архивирано (PDF) од изворникот 2023-11-09. Посетено на 10 ноември 2023.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 305. Посетено на 10 јануари 2022.
  5. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 237.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 166-167.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 22.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 10 јануари 2022.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 203. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди