Атанас Близнаков (Д’мбени, Костурско, Егејска Македонија, 15 декември 1901Скопје, 10 јули 1998) — македонски национален деец, иселеник и повратник од САД, основач на Фондацијата „Атанас Близнаков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за стипендирање на талентирани студенти. Во 1920 година емигрирал во САД. Работел во Гери, Индијана и бил активен член на Македонско-американскиот народен сојуз (МАНС). Еден е од основачите на друштвата „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“ и главен иницијатор за изградба на првата македонска православна црква во Гери. Бил претседател на Болничкиот комитет во Гери за собирање парични средства за изградба на Државната болница во Скопје.[1]

Атанас Близнаков
Роден(а)15 декември 1901
Д’мбени, Костурско, денес  Грција
Починал(а)10 јули 1998
Скопје, Македонија Македонија
НационалностМакедонец
Занимањемакедонски активист, општественик и публицист

Животопис

уреди

Близнаков е роден на 15 декември 1901 година во селото Д’мбени, Костурско, Егејскиот дел на Македонија. Уште немал наполнето ни две години, кога мајка му Доча го криела по планините пред налетот на разулавениот аскер. За тоа време, неговиот татко Иван, кој со другите жители на селото се приклучил на револуционерните чети, со пушка во рака се борел за ослободување на Македеонија и создавње на самостојна држава на македонскиот народ. Релативно млад, со само деветнаесет години, Близнаков го напуштил својот роден крај и заминал во тогаш ветената земја Америка. На 16 декември 1920 година, Близнаков пристигнал во градот Медисон Сити, во сојузната американска држава Илиноис, каде постоела голема македонска колонија и се вработил како фабрички работник. По поминати година и пол, Атанас се преселил во градот Гери, Индијана, каде се вработил во тамошната Железарница. Во железарницата, која била една од најголемите индустриски гиганти на американската држава Индијана, тој останал да работи цели 34 години, сè до своето пензионирање.

Близнаков доста инвестирал во купопродажба на недвижности и берзанска трговија со акции. На тој начин тој го зголемил својот капитал. По петнаесет години поминати во САД, Близнаков се вратил во своето родно место Д’мбени, каде ја сретнал својата животна сопатничка Славка Попова. По венчавката, Атанас и Славка заминале за Гери и никогаш повеќе не го виделе своето родно огниште. Близнаков бил активен член на Македонско-Американскиот Народен Сојуз (МАНС), чија главна цел била борбата за ослободување и обединување на Македонија во независна република. Во текот на Втората светска војна, заедно со другите македонски патриоти, преку МАНС, Близнаков морално и материјално ја помагал народно ослободителната борба на македонскиот народ. По завршувањето на војната, учествувал во прибирање помош за настраданите од воените дејства, а потоа бил назначен за претседател на Комитетот за помагање на изградбата на Интерната клиника на Медицинскиот факултет во Скопје, што бил формиран во градот Гери, Индијана. Македонските иселеници дале огромен придонес успешно да се заврши изградбата, а денес на клиниката стои ознака со која се оддава признание за големата помош и љубов на македонските иселеници кон својата земја и народ. По забраната и распуштањето на Македонско-Американскиот Народен Сојуз (МАНС) во 1949 година, македонските иселеници нашле нови форми на здружување и помагање на македонската кауза. Атанас Близнаков, покрај што бил еден од основачите на помагателните друштва „Александар Македонски“ и „Лазар Поптрајков“, тој бил еден од инцијаторите за изградба на првата македонска православна црква „Св. Петар и Павле“ во Гери. Иницијативата започнала по Вториот македонско црковен – народен собор, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид, кога бил прифатен предлогот за обнова на Светата Климентова Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква. Истата 1958 година, Близнаков со својата сопруга ја посетил Македонија. Изградбата и осветувањето на првата македонска православна црква Св. Петар и Павле во 1963 година, станува пример за основање на нови цркви на просторите на САД и Канада. Помагајќи ги сите кои тргнале по истиот пат, првата македонска црква станала темел на црковно-националниот и културниот живот на македонските иселеници во Америка.

Атанас Близнаков повторно дошол во Македонија во 1968 година, кога учествувал на Илинденските свечености. Во 1976 година заедно со сопругата се преселил во Скопје, а наредната година ја основале Фондацијата „Атанас Близнаков“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во Фондацијата тој донирал дел од стекнатиот капитал, во износ од 800.000 долари, средства наменети за стипендирање на талентирани студенти. Со помош на оваа фондација, голем број студенти дипломирале и се вклучиле во образовниот процес на универзитетот како асистенти, доценти и вонредни и редовни професори. Неговиот чекор бил инспирација и за други македонски дарители, како што се иселениците Петар Стаматов од САД и Константин Стојанов од Франција.

Близнаков долги години активно соработувал со Матицата на иселениците во Македонија (денес Агенција за иселеништво), со Македонската православна црква и со други невладини организации. Покрај дарителството, тој ги објавил трудовите: монографијата „Д`мбени“ и „Спомени за националната, политичката и културната дејност на Македонците во САД и Канада“. Пишувал статии и дал повеќе интервјуа за печатениот и електронскиот медиум.

Атанас Близнаков во Скопје живеел повеќе од дваесет години. Починал на 10 јули 1998 година во Скопје. За своето животно дело, тогашното Претседателство на СФРЈ го одликувало со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, а го добил и највисокото републичко признание Наградата “11 Октомври”. Атанас Близнаков бил првиот добитник на медалот “Св. Климент Охридски”, како и на многубројни плакети. Неговото име зазема почесно прво место на Спомен плочата на дарители кои дадоа значаен придонес во создавањето и развојот на творечкиот подем на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во март 2018 година во Флорида била промовирана монографијата за Близнаков, чиј автор бил публицистот Славе Катин.[2]

Наводи

уреди