Прикривање (астрономија)

поим во астрономијата
(Пренасочено од Астероидно прикривање)

Прикривање или окултација[1] — појава каде едно небесно тело е скриено зад друго кое поминува меѓу него и набљудувачот.

Јупитер (малото тело горе десно) неколку минути пред да биде прикриен од Месечината на 16 јануари 2005 г.

Во случаи кога поблиското тело нецелосно го покрива подалечното, настанот се нарекува премин. Двете појави можат да се наречат попречување или оклузија[2] Ако врз набљудувачот има сенка, тогаш појавата се нарекува затемнување.

Симболот за прикривање, особено во случај на затемнување на Сонцето е 🝵 (U+1F775 🝵).

Прикривања од Месечината

уреди
Прикривање на ѕвезда од Месечината

Поимот прикривање најчесто се користи за месечеви прикривања. Ова се релативно чести појави кога Месечината ќе помине пред една ѕвезда во текот на нејзиното орбитално движење околу Земјата. Бидејќи Месечината, со аголна брзина од 0,55 лмин/с (2,7 μрад/с) во однос на ѕвездите, има многу тенка атмосфера, а ѕвездите имаат аголен пречник од највеќе 0,057 лсек (0,28 μрад), ѕвездата прикриена од Месечината ќе ја снема и повторно ќе се појави од работ на Месечината во рок од 0,1 секунди или помалку. Од особен интерес за набљудувачите е кога ова ќе се случи во темниот дел на Месечината бидејќи отсуството од одблесок го прави настанот повидлив и полесен за времеодредување.

Месечевата орбита има мал наклон во однос на еклиптиката, што значи дека може да прикрие секоја ѕвезда со еклиптичка ширина помеѓу –6,6 и +6,6 степени.[3] Овие ѕвезди од прва величина (Регулус, Спика и Антарес) се добро сместени во тој појас, што значи дека може да бидат прикриени од Месечината или од планетите.[4] Алдебаран во оваа епоха може да го прикрие само Месечината бидејќи планетите го одминуваат северно. Сега не се возможни ни планетарни ниту месечеви прикривања на Полукс, но пред неоклку илајди години тој бил прикриван од Месечината. Месечината може да прикрие и некои значајно блиски длабоконебесни тела како Плејадите.

 
Прикривање на Сатурн од Месечината на 3 ноември 2001 г.

На растојание од неколку километри од предвидената патека на прикривањето (нареч. северна или јужна граница), ѕвездата неизменично исчезнува и се појавува бидејќи се наоѓа на работ на Месечината чиј облик е неправилен. Ова се нарекува допирно месечево прикривање. Овие допири се најдинамичните и најинтересни месечеви прикривања за астрономите.

Аматерските астрономи редовно ги пресметуваат месечеви прикривања со значајна точност. Ова е доста корисно за подобрувањето на нашите сознанија за месечевата топографија. Фотоелектричната анализа на месечевите прикривања исто така откриле дека некои ѕвезди се мошне блиски визуелни или спектроскопски двојки. Со месечевите прикривања се измерени некои аголни пречници на ѕвездите, според кои се одредуваат делотворните температури на тие ѕвезди. Раните радиоастрономи се служеле со прикривањата на радиоизворите од Месечината како полезно средство за одредување на нивните точни положби бидејќи долгите бранови должини на радиобрановите ја ограничувале забележливоста со непосредно набљудување. Ова одиграло пресудна улога во пронаоѓањето на радиоизворот 3C 273 со оптичкиот квазар и неговиот млаз,[5] и основен предуслов за откривањето на космолошката природа на квазарите од страна на Мартен Шмит.

Месечината прикрива планета неколку пати во годината.[6] Бидејќи планетите, за разлика од ѕвездите, имаат значајни аголни големини, месечеви прикривања на планетите создаваат тесен поја с на Земјата од кои се гледа делумно прикривање на планетата. Набљудувачот во овој појас може да го забележи планетарниот диск делумно препречен од бавнодвижечката Месечина. Истиот механизам важи и за Сонцето, при што набљудувачот ова го гледа како затемнување на Сонцето. Затоа, целосното затемнување на Сонцето во основа е прикривање на Сонцето од Месечината.

Прикривања од планети

уреди
 
Допирно прикривање на Реја од Диона, Две Сатурнови месечини

Ѕвездите може да бидат прикриени од планети. Прикривањата на сјани ѕвезди се ретки. Во 1959 г. Венера го прикрила Регулус, а следното прикривање на сјајна ѕвезда од планета (истите две) ќе се случи во 2044 г.[4] Урановите прстени се откриени кога таа планета прикрила ѕвезда во 1977 г. на 3 јули 1989 г. Сатурн поминал пред ѕвездата 28 Стрелец, која е од 5-та величина. Џуџестата планета Плутон прикрила ѕвезди во 1988, 2002 и 2006 г. што овозможило изучување на неговата слаба атмосфера со помош на аерологија.

Во ретки случаи една планета може да помине пред друга.[7] Тогаш поблиската планета изгледа поголема од подалечната, а настанот се нарекува заемно планетарно прикривање. Последното прикривање или премин се случило на 3 јануари 1818 г., а следното ќе биде на 22 ноември 2065 г. Во обата случаја се работи за истите две планети — Венера и Јупитер.

Јупитер исклучително ретко го прикрива Сатурн. Ова е една од најретките појави,[8] и следната ќе се случи на 10 февруари 7541 г. Настанот ќе биде видлив од секое место на светот бидејќи двете планети ќе бидат сместени речиси во противположба на Сонцето, на границата меѓу соѕвездијата Орион и Бик. Последен пат ова се случило во 6857 г. п.н.е.[9]

Прикривања од помали тела

уреди

Прикривања се случуваат и кога мало тело во Сончевиот Систем или џуџеста планета ќе помине пред некоја ѕвезда, привремено попречувајќи ја нејзината светлина кон Земјата.[10] Овие прикривања се корисни за мерење на големината и положбата на телото си многу поголема точност отколку што е можно со други средства. Може да се утврди дури и пресечен профил на обликот на телото ако има набљудувачи на различни места недалеку едно од друго. Со прикривање се пресметувани и пречниците на заднептунци како 2002 TX300, Иксион и Варуна.

Покрај тоа, може да се случаи и заемни прикривачки и затемнувачки настани помеѓу мала планета/астероид и нејзината месечина. Голем број месечини се откриени со анализа на фотометриските светлински криви на мали тела и пронаоѓање на втора препречена сјајносна варијација; од ова може се изведува орбиталниот период на месечината (споредното тело), и пречничкиот сооднос на главното и споредното тело (за двоен систем).

Двојни прикривања

уреди

Месечината и друг небесно тело може истовремено да прикријат повеќе небесни тела.

Поради нејзиниот релативно големи аголен пречник, Месечината во секое време прикрива неодреден број на ѕвезди и галаксии. Меѓутоа, прикривањето на две сјајни тела истовремено (на пр. две планети или сјајна ѕвезда и планета) е крајна реткост и може да се види само од мал дел на светот: последниот ваков настан се случил на 23 април 1998 г. кога Месечината ги прикрила Венера и Јупитер за набљудувачите од јужноатлантскиот остров Вознесение.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „окултација“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. „оклузија“Дигитален речник на македонскиот јазик
  3. Jean Meeus, "La périodicité des occultations", Ciel et Terre, 87 (1971), 240–252 ADS link — превод на англиски во: Jean Meeus, "Series of occultations", in: Mathematical Astronomy Morsels (Richmond: Willmann-Bell, 1997), pp. 113–124.
  4. 4,0 4,1 „Occultations of bright stars by planets between 0 and 4000“. Посетено на 16 јуни 2005.
  5. Hazard, C.; Mackey, M. B.; Shimmins, A. J. (1963). „Investigation of the Radio Source 3C273 by the method of Lunar Occultations“. Nature. 197 (4872): 1037. Bibcode:1963Natur.197.1037H. doi:10.1038/1971037a0. S2CID 4270661.
  6. The International Occultation Timing Association (IOTA). „Bright Planet & Asteroid Occultations by the Moon for 2021“. Посетено на 10 ноември 2021.
  7. Albers, Steven, Mutual Occultations of Planets: 1557-2230, Sky and Telescope, March 1979
  8. „Chapter 2: PREDICTABLE NON-PERIODIC EVENTS-PART II“. Архивирано од изворникот на 13 август 2012. Посетено на 9 август 2012.
  9. Bob King (20 декември 2020). „Jupiter and Saturn Embrace in Solstice Conjunction“. Sky & Telescope.
  10. „Stellar Occultations“. MIT Planetary Astronomy Lab. 20 декември 2007. Посетено на 26 октомври 2009.

Надворешни врски

уреди