Алиса во земјата на чудата
„Алиса во Земјата на чудата“ (англиски: Alice's Adventures in Wonderland) — роман за деца од англискиот писател Луис Карол од 1865 година.
Содржина
уредиРоманот се состои од воведна песна, 12 глави и забелешка на писателот:
- Во зајачката дупка: Еден жежок, здодевен ден, Алиса здогледува бел зајак со елек и со часовник, загрижен дека задоцнил. Следејќи го зајакот, таа влегува во една дупка и потоа долго време паѓа во внатрешноста на земјата. Конечно, таа паѓа во една соба со многу врати. Една од нив води кон прекрасна градина, но Алиса не може да влезе низ вратата, којашто е малечка. Таа испива една течност од која станува мала, но заборава да го земе клучот за да ја отвори малечката врата. Затоа, таа јаде едно колаче.[1]
- Бара од солзи: Од колачето, Алиса станува многу голема и почнува да плаче, а од нејзините солзи се создава голема бара. Тогаш, повторно се појавува Белиот Зајак и, ладејќи се со неговото ладало, таа пак станува мала, а потоа зборува со едно глувче кое започнува да ѝ раскажува за неговата судбина. Истовремено, во барата се собираат многу животни.[2]
- Изборната трка и долгата приказна: Бидејќи животните се мокри, тие бараат начин како да се исушат. Глувчето раскажува за нападот на Норманите на Англија, но тоа воопшто не им помага. Затоа, пеликанот ја предложува Изборната трка и сите почнуваат да трчат во еден круг, без никаков ред, а Алиса им дава лижавчиња за награда. Тогаш, глувчето почнува да ја раскажува својата приказна, но навредено од невнимателноста на Алиса, тоа си заминува. Алиса почнува да им раскажува на птиците за својата мачка Дина, така што и тие ја напуштаат.[3]
- Зајакот го испраќа малиот Бил: Тогаш, повторно се појавува Белиот Зајак и, мислејќи дека Алиса е неговата слугинка Маријана, ѝ наредува да му ги донесе ракавиците и ладалото. Таа оди во неговата куќа, но таму испива волшебна течност и повторно станува голема и останува заглавена во куќата на зајакот. Поради тоа, околу куќата се собираат многу животни, со намера да ја избркаат надвор и најпосле, тие ја гаѓаат со колачиња од кои Алиса пак станува многу малечка. Алиса успева да им побегне во една шума, каде најпрвин среќава куче, а потоа здогледува чудна гасеница што пуши.[4]
- Советот на гасеницата: Гасеницата ѝ поставува на Алиса чудни прашања што ја збунуваат и таа го губи трпението, но на заминување, гасеницата ѝ кажува дека ќе порасне ако касне од едната страна на печурката, а ќе се намали ако касне од другата страна. Тогаш, Алиса каснува парче од печурката и станува многу голема, повисока дури од шумата. Така, таа вознемирува еден гулаб во неговото гнездо, кој мисли дека таа е змија. Сепак, најпосле, таа се враќа во својата природна големина. Барајќи ја убавата градина, таа доаѓа до една куќичка и за да не ги исплаши нејзините жители, повторно се смалува.[5]
- Прасето и црниот пипер: Тогаш, до куќата доаѓа риба-слуга, со порака дека Кралицата ја кани Војвотката на партија крикет. Алиса влегува во куќата, каде Војвотката дои бебе, а нејзината готвачка постојано фрла чинии и тави на сите страни. И Војвотката зборува многу нејасно и збунувачки, а потоа таа заминува, оставајќи ѝ го бебето на Алиса, а набргу тоа се претвора во прасе и си заминува во шумата. Во куќата на Војвотката Алиса среќава чуден мачор што може да исчезнува. Тој ѝ го покажува патот до домот на Дивиот Зајак и до домот на Шапкарот и потоа исчезнува. Алиса одлучува да појде кај Дивиот Зајак.[6]
- Една луда забава: Пред куќата таа ги среќава Дивиот Зајак и Шапкарот како пијат чај, додека Полскиот Глушец дреме под нив. Повторно, таа води чуден разговор, а Шапкарот ѝ ја поставува следнава загатка: По што се слични гавранот и масата за пишување? КОга глушецот почнува да раскажува приказна, Алиса постојано го прекинува, а Шапкарот и Зајакот ја опоменуваат, така што таа ги напушта. Тогаш, таа здогледува врата во едно стебло и влегува внатре. Всушност, Алиса пак се враќа во собата во која влезе на почетокот од своето необично патување, но сега се смалува доволно за да влезе во прекрасната градина.[7]
- Игралиштето за крикет и Кралицата: Таму, Алиса среќава чудни градинари во облик на карти за играње, кои ги бојат трендафилите во црвено. Тогаш пристигнуваат Кралот и Кралицата, со голема свита при што повеќето се во облик на карти, а таму Алиса го здогледува и Белиот Зајак. Кралицата е постојано нерасположена и само наредува некому да му ја пресечат главата. Алиса дознава дека Војвотката е осудена на смрт, зашто ѝ удрила шлаканица на Кралицата. Тогаш започнува необична партија крикет во која ежовите служат како топки, игралиштето постојано се поместува, а наместо палки се користат живи животни. По некое време се појавува и Мачорот и Кралот наредува да му се пресече главата, но Мачорот едноставно исчезнува.[8]
- Приказната на лажната желка: Тогаш, од затворот ја ослободуваат Војвотката, која зборува многу љубезно со Алиса, но постојано ѝ дава разни поуки. Меѓутоа, Кралицата ја брка Војвотката, по што продолжуваат да играат крикет при што Кралицата постојано издава смртни пресуди коишто никогаш не се извршуваат. Потоа, Кралицата ја праќа Алиса да ја види Лажната Желка, каде што заминува придружена од Грифонот, необично животно со тело на лав, со клун и со крилjа. Лажната Желка раскажува здодевна приказна за нејзиното училиште, а Алиса постојнао ја прекинува со своите прашања.[9]
- Кадрилот на морските ракови: Потоа, Желката да ја објаснува играта наречена Кадрилот на морските ракови која, исто така, на Алиса ѝ изгледа премногу глупава. Затоа, Желката и Грифонот ја замолуваат Алиса да им раскаже приказна, а таа почнува да им кажува за нејзиното необично доживување. Потоа, таа почнува да пее една песна, но сфаќа дека не ги кажува вистинските зборови. Наеднаш, нивното дружење е прекинато со повикот дека почнува судењето.[10]
- Кој ги украл слатките: Кралот и Кралицата организираат судење на една карта обвинета за кражба на нејзините слатки. Притоа, Белиот Зајак како сведоци ги повикува Шапкарот и готвачката на Војвотката, но од нивното сведочење нема никаква полза, зашто Шапкарот зборува бесмислени нешта, а готвачката едноставно си заминува. По нив, Белиот Зајак ја повикува Алиса како сведок, која во меѓувреме повторно пораснала голема.[11]
- Сведочењето на Алиса: Алиса кажува дека не знае ништо во врска со случајот, по што Кралот наредува таа да го напушти судењето. Тогаш, Белиот Зајак чита една бесмислена песна што никој не може да ја објасни. Бидејќи Алиса не сака да си оди, војниците-карти почнуваат да ја напаѓаат и тогаш таа се разбудува со писок, гледајќи дека се наоѓа во прегратката на својата сестра и дека сето тоа било само сон. Тогаш, сестра ѝ ги затвора очите и почнува да ги сонува истите нешта, по што си го замислува времето кога Алиса ќе биде возрасна и кога ќе им раскажува приказни на децата, сеќавајќи се на своето детство и на овој чуден сон.[12]
На крајот од книгата се наоѓа забелешката на писателот (напишана на Божиќ, 1896 година) во која тој дава еден можен одговор на загатката што Шапкарот ѝ ја поставува на Алиса. Притоа, тој вели дека има две заеднички нешта што ги поврзува гавранот и масата за пишување: прво, масата е рапава од долгата употреба и гавранот има рапав глас; второ, не треба да се плашиме од перјата на гавранот и од перото за пишување.[13]
Изданија на македонски јазик
уредиВо 1965 година, романот „Алиса во Земјата на чудата“ бил објавен од издавачката куќа „Култура“, во рамките на библиотеката „Бамби“. Преводот од англиски јазик го извршил Богомил Ѓузел; ликовното уредување на книгата е дело на Димитар Кондовски, јазичната редакција ја направила Лидија Ежова, а коректурата Димитрие Димишковски. Книгата, со обем од 124 страници и со тврди корици, била испечатена во графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје.[14]
Филмски адаптации
уредиФилм | Година | Режисер |
---|---|---|
Alice in Wonderland | 1931 | Бад Полард |
Alice in Wonderland | 1933 | Norman Z. McLeod |
Alice Au Pays Des Merveilles | 1949 | Лои Бунин |
Alice in Wonderland | 1951 | Clyde Geronimi, Wilfred Jackson, Hamilton Luske |
Alice Through the Looking Glass | 1966 | Alan Handley |
Alice's Adventures in Wonderland | 1972 | Вилијам Стерлинг |
Alice in Wonderland | 1982 | |
Fushigi no Kuni no Alice | 1983 | |
Alice in Wonderland | 1985 | Хери Харис |
Alice in Wonderland | 1986 | |
Alice Through the Looking Glass | 1987 | Andrea Bresciani, Richard Slapczynski |
Alice in Wonderland | 1988 | Richard Trueblood |
Alice in Wonderland | 1995 | Takashi Masunaga, Toshiyuki Hiruma |
Alice through the Looking Glass | 1998 | Џон Хендерсон |
Alice in Wonderland | 1999 | Ник Вилинг |
Alice in Wonderland: What's the Matter With Hatter? | 2007 | Ric Machin |
Alice in Wonderland | 2010 | Тим Бартон |
Alice Through the Looking Glass | 2016 | Џејмс Бобин |
Come Away | 2020 | Бренда Чепмен |
Alice's Wonderland Bakery (анимирана серија) | 2022 |
Наводи
уреди- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 7-14.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 15-22.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 23-31.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 32-40.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 41-50.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 51-61.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 61-72.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 73-82.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 83-93.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 94-104.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 105-112.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 113-122.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965, стр. 123.
- ↑ Луис Карол, Алиса во Земјата на чудата. Скопје: Култура, 1965.