Желки
Желките се животни од класата на влекачите. Се одликува со коскен или кожен штит, односно оклоп. Секој влекач со оклоп може да се нарече желка.
Желки Период: доцен тријас – денес, | |
---|---|
Разни желки на илустрација од делото „Убавините на природата“ (1904) од Ернст Хекел | |
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Животни |
Тип: | Хордови |
Класа: | Влекачи |
Ред: | Желки Linnaeus, 1758 [1] |
Подредови | |
Cryptodira | |
[[|Разновидност]] | |
14 фамилии со 300 видови | |
сино: морски желки, црно: сувоземни желки |
Желките се древни животни форми кои најпрво се појавиле на Земјата за време на тријасот, кој траел од пред 240 до 205 милиони години. Желките ги преживеале катастрофите кои ги истребиле диносаурусите и многу други суштества при крајот на мезозоикот од пред околу 65 милиони години. Најраните познати фосилни желки биле слични со желките кои живеат и денес. Најраните желки имале заби, за разлика од денешните желки кои се без заби и ги користат острите вилици за да ја гризаат храната. Исто така, раните желки ја немале способноста да ја повлекуваат главата во оклопот.
Распространетост и разновидност
уредиПостојат околу 270 денешни видови на желки кои се групирани во 12 или 13 фамилии. Овие фамилии се класифицираат во два подреда: желки кои ги заштитуваат своите глави со извиткување на својот врат, при што тој се вметнува во оклопот и желки кои директно ги вметнуваат главите во оклопот. Првите се наоѓаат само во Јужна Америка, Африка и Австралија, како и во блиските острови. Вторите се пораспространети од првите. Во нив спаѓаат сите претставници кои живеат во океаните, како и оние од слатководните басени на Северна Америка, Европа и Азија и копнените желки. Морските желки, како и неколку други видови на желки, се сметаат за членови на вториот подред, иако целосно не можат да ги вовлечат главите.
Желките го населуваат секој континент освен Антарктикот. Живеат во различни живеалишта, како бари, реки и океани; шуми и степи; а дури и во пустини. Како и сите денешни влекачи, желките се ектотермни - ладнокрвни животни чија телесна температура е под влијание на надворешната средина. Поради ова, желките се најраспространети во топлите тропски и суптропски клими. Источна Северна Америка, меѓутоа, е дом на многу видови на желки иако во неа владее умерена клима.
Видови во Македонија
уредиВо Македонија се присутни четири вида на желки од три фамилии:[2]
- фамилија сувоземни желки (Testudinidae)
- полска желка (Testudo graeca)
- ридска желка (Testudo hermanni)
- фамилија блатни желки (Emydidae)
- блатна желка (Emys orbicularis)
- фамилија слатководни желки (Geoemydidae)
- речна желка (Mauremys rivulata)
Физички опис
уредиЖелките варираат значително во големина. Најголемата светска желка е големата кожногрбна морска желка и таа достигнува должина на оклопот од 240 см и може да тежи повеќе од 900 кг. Џиновските копнени желки од островите Галапагос близу Јужна Америка и оние од островот Алдабра, близу источниот африкански брег, можат да достигнат околу 130 см во должина. Најголемата северноамериканска слатководна желка е алигаторската желка, која достигнува должина на оклопот до 80 см. Меѓу најмалите желки се американските калливи и мошусни желки, кои се распространети од Канада па до Јужна Америка. Должината на оклопот кај многу видови во овие групи е помалку од 13 см. Други мали желки се ретката барска желка од источен САД, со 11 см; и точкестата желка од Јужна Африка, чиј оклоп е само 10 см долг.
Физиологија
уредиЖелките дишат воздух со помош на бели дробови (како и другите влекачи и копнени ‘рбетници). Бидејќи ребрата на желките се дел од оклопот, тие не можат да ги придвижуваат ребрата за да ги прошируваат или смалуваат белите дробови. Наместо тоа, желките најизменично експандираат и контрахираат различни групи на мускули, вклучувајќи ги и тие во нивниот абдомен и оние над предните и задните нозе, за таа цел. Кога овие мускули се експандираат, достапен е помал простор и белите дробови се компресирани, дозволувајќи и на желката да издиши. Воздухот се вдишува како што овие мускули се контрахираат за да овозможат поголем простор во кој белите дробови можат да се шират. Многу водни желки остануваат под водата за период од неколку часови до неколку денови, а и многу месеци за време на зимската хибернација. Многу желки се способни да земат кислород од водата преку линиите на устата, гркланот и преку клоаката, како и преку кожата. Но, кога водните желки се активни, тие мора да отидат до површината периодично за да земат воздух со нивните бели дробови.
Како и повеќето влекачи, со исклучок на крокодилите и нивните блиски роднини, желките имаат срце со три компартмани. Желкиното срце дејствува речиси како да е четириделно, но комората има непотполна преграда. Оваа преграда оневозможува крвта која примила кислород од белите дробови да се меша со редуцираната крв.
Во дигестивниот систем на желката, храната поминува од устата низ цевковиден хранопровод во желудникот, каде започнува дигестијата. Од желудникот, храната оди во цревата каде хранливите мономери се ресорбираат во крвта. Отпадните материи од цревата се исфрлаат во клоаката, откаде го напуштаат телото. Желките имаат и уринарен систем кој ги филтрира екскретите од крвта и ги спроведува до клоаката.
Желките имаат централен нервен систем и добро развиен мозок. Тие имаат остри сетила со кои се ориентираат во средината. Повеќето желки имаат остар вид и можат да распознаваат нијанси и бои. Очите на морските желки се адаптирани за подводно гледање, а можат да гледаат само на кратки растојанија кога се на копно. Голем број желки имаат добар осет за мирис. Оклопот и кожата на желките се чувствителни на допир. Можноста на желките да слушаат звуци кои патуваат низ воздухот е ограничена на ниски честоти, но тие можат да осетат вибрации пренесувани низ земјата или водата.
Систематика
уредиЖелките се поделени на два подреда: Cryptodira и Pleurodira.[3] Двете групи се разликуваат по начинот на кој го вовлекуваат вратот за нивна заштита. Pleurodira го вовлекуваат вратот странично, додека Cryptodira го вовлекуваат вратот наназад во оклопот. Овие движења се овозможени од морфологијата и распоредот на вратните пршлени.[4][5] Морските желки (кои припаѓаат на Cryptodira) ја изгубиле способноста за вовлекување на главата.[6]
Желките како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Како желката го добила оклопот“ — абориџинска приказна.[7]
- „Желката и орелот“ — басна на старогрчкиот баснописец Езоп.[8]
- „Зајакот и желката“ — басна на американскиот писател Емброуз Бирс.[9]
- „Желка“ — кус расказ на македонската писателка Сања Михајловиќ-Костадиновска од 2018 година.[10]
- „Зајакот и желката“ — басна на Лафонтен.[11]
- „Ветрот на далечината“ — расказ на мексиканскиот писател Хосе Емилио Пачеко.[12]
- „Вечна желка“ - краток расказ на македонскиот писател Димитар Солев.[13]
- „Како желката ја доби куќата“ — песна на македонскиот поет Васе Тодоров - Шлеговец.[14]
- „Сонот на старата желка“ — песна на полската поетеса Вислава Шимборска.[15]
- „Tortoise“ (англиски: Желка) — американска рок-група.[16]
- „Желкин блуз“ (англиски: Turtle blues) — песна на американската рок-група Big Brother and the Holding Company од 1967 година.[17]
- „Сонот на сините желки“ (англиски: The dream of the blue turtles) — песна од истоимениот албум на британскиот рок-музичар Стинг.[18]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Testudines“. Обединет таксономски информативен систем. (англиски)
- ↑ Анализа и валоризација на биодиверзитетот на национално ниво (PDF). Скопје: УНДП. 2010. ISBN 978-9989-188-66-4. (македонски)
- ↑ Joyce, Walter G.; Anquetin, Jérémy; Cadena, Edwin-Alberto; и др. (February 9, 2021). „A Nomenclature for Fossil and Living Turtles Using Phylogenetically Defined Clade Names“. Swiss Journal of Palaeontology. 140 (1): 5. doi:10.1186/s13358-020-00211-x. ISSN 1664-2384.
- ↑ Werneburg, Ingmar; Wilson, Laura A. B.; Parr, William C. H.; Joyce, Walter G. (March 1, 2015). „Evolution of Neck Vertebral Shape and Neck Retraction at the Transition to Modern Turtles: an Integrated Geometric Morphometric Approach“. Systematic Biology. 64 (2): 187–204. doi:10.1093/sysbio/syu072. ISSN 1063-5157. PMID 25305281.
- ↑ Herrel, Anthony; Van Damme, Johan; Aerts, Peter (2008). „Cervical Anatomy and Function in Turtles“. Во Wyneken, Jeanette; Bels, V. L.; Godfrey, Matthew H. (уред.). Biology of Turtles. CRC Press. стр. 163–186. ISBN 978-0-8493-3339-2. OCLC 144570900.
- ↑ Orenstein 2012, стр. 110.
- ↑ Крилатиот лав (црнечки приказни). Детска радост, Скопје, 1954, стр. 56-57.
- ↑ Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: Просвета, 1963, стр. 37.
- ↑ Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 51.
- ↑ Сања Михајловиќ-Костадиновска, (Бес)конечни модели на расказот. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 130.
- ↑ Басни (избор). Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2009, стр. 18.
- ↑ Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 383-385.
- ↑ Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 34-35.
- ↑ Васе Тодоров - Шлеговец, Магија на детството. Скопје: александар & александар, 2000, стр. 45.
- ↑ Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 182.
- ↑ Официјално мрежно место на „Тортоиз“ (пристапено на 15.12.2016)
- ↑ Big Brother and the Holding Company. Columbia/Sony Music Entertainment Inc. CD 469020 2.
- ↑ Sting - The Dream of the Blue Turtles (CD The Dream of the Blue Turtles) (пристапено на 15.12.2016)
Галерија
уреди-
Кутијна желка, Terrapene carolina major.
-
Кожногрбна морска желка, Dermochelys coriacea.
-
Желка Eretmochelys imbricata.