Олдос Хаксли
Олдос Ленард Хаксли (англиски: Aldous Leonard Huxley; 26 јули 1894 – 22 ноември 1963) — англиски писател и еден од најистакнатите европски есеисти на XX век. Најпознат е по романот „Храбар нов свет“ и големиот број есеи. Хаксли бил хуманист и пацифист, а во подоцнежните години се интересирал за спиритуални теми, како парапсихологија и филозофски мистицизам. Исто така, тој бил познат и по консумирањето психоделични супстанции (за што опширно опишува во книгата „Врати на восприемањето“) и по залагањето за нивната употреба. Уште пред крајот на неговиот живот, во некои академски кругови Хаксли бил сметан за водач на современата мисла и интелектуалец од највисок ранг, а бил мошне ценет и како еден од најзначајните истражувачи на визуелната комуникација како и теориите за видот.[1]
Олдос Хаксли Aldous Huxley | |
---|---|
Роден/а | 26 јули 1894 Годалминг, Сари, Англија |
Починат/а | 22 ноември 1963 Лос Анџелес, САД |
Занимање | писател |
Потпис |
Животопис
уредиОлдос Хаксли е роден во Годалминг, Велика Британија во 1894 година. Тој е третиот син на писателот и учител Леонард Хаксли и неговата прва сопруга Јулија Арнолд, која ја основала школата „Приорс Филд“. Јулија била внука на Метју Арнолд и сестра на г-ѓа Хемфри Ворд. Олдос бил внук на Томас Хенри Хаксли, зоолог, агностичар и полемичар („Дарвиновиот булдог“). Неговиот брат Џулијан Хаксли и полубрат Андреј Хаксли, исто така, биле истакнати биолози. Хаксли имал уште еден брат, Ноел Тревенен (1891 - 1914), кој извршил самоубиство страдајќи од клиничка депресија.
Хаксли ја започнал својата обука во добро опремената ботаничка лабораторија на татко му, а потоа продолжил во училиштето Хилсајд. Негова учителка била и мајка му, која го надгледувала неколку години, сѐ додека не се разболела од неизлечлива болест. По Хилсајд, тој се школувал на колеџот Итон. Мајка му починала во 1908 година, кога тој имал четиринаесет години. Во 1911 година, тој се разболел од (keratitis punctata), а болеста го оставила речиси слеп во текот на две-три години. Поради неговото слепило, тој не бил регрутирал во Првата светска војна. Откако видот доволно му се подобрил, тој студирал англиска литература на колеџот Балиол при Оксфорд. Во 1916 година, тој станал уредник на списанието „Оксфордска поезија“, а подоцна дипломирал со почести.
„Верувам дека неговиот далтонизам беше благослов. Како пример, тоа го натера да започне кариера во медицината. Неговата уникатност лежеше во неговата универзалност. Тој можеше да го искористи сето знаење за своја корист.“
По неговото образование во Балиол, Хаксли бил финансиски задолжен кај татко му и морал да заработува за живот. Една година предавал француски јазик на познатиот колеџ Итон, каде негови ученици биле Ерик Блер (подоцна познат по името Џорџ Орвел) и Стефан Рунциман, но Хаксли бил запаметен како некомпетентен и безнадежен наставник кој не може да ја одржи дисциплината. Сепак, Блер и другите биле импресионирани од неговате јазични способности. За кратко време во 1918 година, тој бил вработен како набавувач во Министерството за воздухопловство.
Исто така, значајно е дека Хаксли на седумнаесет годишна возраст, за време на 1920-ите работел во технолошки напредната хемиска фабрика „Брунер и Монд“ во Билингам, Тисајд, а најновите воведи во неговиот познат научно фантастичен роман „Храбар нов свет“ (1932) наведуваат дека ова искуство на „еден подреден универзум во светот на беспланска неповрзаност“ бил една од инспирациите за романот.
Подоцнежниот дел од животот го поминал во САД,[2] каде живеел во Лос Анџелес од 1937 година па сѐ до смртта.
Творештво
уредиХаксли го завршил својот прв (необјавен) роман на возраст од седумнаесет години, а во своите рани дваесетти години сериозно почнал да пишува. Неговите рани дела вклучуваат важни романи за дехуманизацијата на научниот напредок, најславниот „Храбар Нов Свет“, како и на пацифистичките теми (на пример, „Слеп во Газа“). Во „Храбар Нов Свет“ Хаксли го отсликува општеството кое функционира на принципите на масовното производство и на Павловиот рефлекс. Хаксли бил под силно влијание на Ф. Матијас Александар кого го вметнал како лик во „Слеп во Газа“.
Хаксли бил и уредник на списанието „Оксфордска поезија“ и пишувал кратки раскази, поезија, патописи, филмски стории и сценарија.[3][4]
Значење и влијание
уредиВо својот роман „Елементарни честички“, францускиот писател Мишел Уелбек вели дека, без сомнение, Хаксли е лош писател, зашто неговите реченици се тешки и без никаква привлечност и му недостигале стил и психологија, а неговите ликови се безбојни и механички, но тој имал темелна интуиција дека човековата еволуција е водена од научно-технолошката еволуција. Како резултат на таа интуиција, Хаксли направил извонрендо точни предвидувања за современото општество. Освен тоа, по Втората светска војна, Хаксли, кој бил приврзаник на целосната сексуална слобода, ја поставил теоретската основа на хипи-движењето (а посредно, и на движењето „New Age“) и одиграл пионерска улога во користењето на психоделичните супстанции.[5]
Наводи
уреди- ↑ Thody, Philipe (1973)
- ↑ Oldos Haksli, Vrli novi svet. Beograd: Plato, 2014.
- ↑ Thody, Philipe (1973). Huxley: A Biographical Introduction. Scribner. ISBN 978-0-289-70188-1.
- ↑ David K. Dunaway (1995). Aldous Huxley Recollected: An Oral History. Rowman Altamira. стр. 90. ISBN 978-0-7619-9065-9.
- ↑ Mišel Uelbek, Elementarne čestice (2. izdanje). Beograd: Plato, 2006, стр. 151-155.