Елементарни честички (роман)
„Елементарни честички“ (француски: Les particules élémentaires) — роман на францускиот писател Мишел Уелбек од 1988 година.
Содржина
уредиПролог
уредиАвторот накусо го претставува Мишел Ѓерзенски, врвен микробиолог, а исто така ја изложува својата идеја за метафизичките мутации кои одвреме-навреме од корен го менуваат човештвото.[1]
Прв дел: Изгубеното кралство (5 глави)
уредиНа 1 јули 1998 година, Мишел ја напушта работата за да се посвети на размислување. Тој живее сам во Париз, а по таткова линија има полско потекло. Него го одгледала баба му, зашто татко му исчезнал во Тибет, работејќи на една репортажа, а мајка му заминала да живее во Калифорнија. Мишел бил одличен ученик, со голем интерес кон науката. По мајчината страна, тој има полубрат Бруно, кој исто така одраснал со баба му, најпрвин во Алжир, а потоа во Марсеј. По смртта на баба му, родителите го сместиле во интернат каде бил подложен на постојано мачење од поголемите ученици. Кога Мишел и баба му се преселиле во близината на Париз, тој ја запознал убавата девојка Анабела, која била вљубена во него. Набргу, Мишел дознал за постоењето на Бруно, со кого учеле во истата гимназија, и тие почнале редовно да се среќаваат. Бруно бил дебело и несреќно дете, кое во пубертетот било опседнато со сексот, но без успех кај девојките. Мишел, пак, воопшто не возвраќал на љубовта на Анабела, зашто бил рамнодушен кон светот и не покажувал никакви емоции, а единственото задоволство го наоѓал во учењето. По завршувањето на гиманзијата, за време на еден летен одмор, Анабела имала кратка љубовна авантура со едно момче и останала бремена така што била принудена тајно да изврши абортус. Тогаш, Мишел се оддалечил од неа и тие не се виделе никогаш повеќе во следните 25 години. Набргу по заминувањето на студии, баба му на Мишел се разболела и умрела, а тој бил тешко погоден од нејзината смрт.[2]
Втор дел: Чудни моменти (22 глави)
уредиБруно, веќе на возраст од 42 години, пристигнува во еден камп со надеж дека таму ќе сретне жени за секс. Во текот на неколку дена по пристигнувањето, тој упорно се труди да воспостави контакт со присутните жени и девојки, но ниту една не е заинтересирана за него. Најпосле, една ноќ, сосема неочекувано има орален секс со непозната жена. Тој се запознава со неа (нејзиното име е Кристијана) и минува неколку пријатни дена со неа, по што го напушта кампот и го посетува Мишел со кого разговара за својот пропаднат брак, свесен дека ги упропастил својот живот и животите на најблиските. Потоа, тој минува две недели со својот син Виктор, но не може да воспостави близок однос со него. По некое време, Кристијана го посетува Бруно, а тој ѝ раскажува за својот живот: за време на бракот, тој го загубил интересот за сопругата и редовно ги користел услугите на проститутките; истовремено, поради својата опседнатост со сексот, тој одел на психијатар, но без никаква полаа; откако мастурбирал пред една своја ученичка, поминал одредено време во психијатриска клиника, а потоа се разведол. Бруно и Кристијана заминуваат на одмор во еден познат нудистички камп каде тој за првпат во животот се чувствува среќен и ја замолува неа да живеат заедно. Мишел се враќа во селото во кое израснал за да го премести гробот на баба си и таму случајно ја среќава Анабела. Подоцна, тие се среќаваат во Париз, водат љубов и продолжуваат да се гледаат, но меѓу нив не се раѓа љубов. Истовремено, Бурно и Кристијана ја одржуваат својата љубовна врска, редовно посетувајќи ги секс-клубовите. Меѓутоа, нивната заедничка среќа набргу е нарушена откако Кристијана се разболува и останува парализирана, а набргу и умира. Така, Бруно е повторно осамен и несреќен и доброволно се враќа во психијатриската клиника во која се лекувал во минатото. По некое време, тој и Мишел се среќаваат во едно село во близината на Ница каде присустуваат на последните мигови од животот на нејзината мајка, а по нејзиниот закоп, тие се разделуваат. Всушност, тоа е нивната последна средба.[3]
Трет дел: Неограничено емоционално (7 глави)
уредиМишел одлучува да оди во еден истражувачки центар во Ирска со цел да ги спроведе своите научни идеи. Анабела бара од него да ѝ направи бебе и навистина, наскоро забременува, но поради откриените аномалии на плодот, таа е принудена да изврши абортус. истовремено, таа заболува од рак на грлото на матката, но и покрај радикалната операција, ракот се шири низ целото тело. Не можејќи да се помири со болеста, таа се обидува да изврши самоубиство и паѓа во кома. Додека лежи во болницата, Мишел пишува љубовна песна за неа, но утредента таа умира, а телото ѝ е кремирано. Во октомври 1999 година, Мишел оди во Ирска каде во текот на два-три месеца не работи ништо, туку само размислува, но во периодот 2000-2009 работи напорно и измислува многу значајни научни теории. На 27 март 2009 година, тој ненадејно исчезнува, а неговото тело не е пронајдено.[4]
Епилог
уредиТеоријата на Мишел за неограничено размножување на клетките предизвикува голем интерес во научните кругови, а младиот научник Фредерик Хубчезак создава движење за популаризација на идеите на Мишел за несексуално размножување и за создавање нов вид луѓе. УНЕСКО и многу научници ширум светот ги остваруваат неговите идеи и во 2029 година се појавува првиот припадник на новиот човечки вид. Педесет години подоцна постојат само неколку примероци од стариот вид луѓе, додека новите луѓе живеат среќно, без индивидуализам, егоизам и насилство.[5]
Наводи
уреди- ↑ Mišel Uelbek, Elementarne čestice (2. izdanje). Beograd: Plato, 2006, стр. 5-6.
- ↑ Mišel Uelbek, Elementarne čestice (2. izdanje). Beograd: Plato, 2006, стр. 9-90.
- ↑ Mišel Uelbek, Elementarne čestice (2. izdanje). Beograd: Plato, 2006, стр. 91-252.
- ↑ Mišel Uelbek, Elementarne čestice (2. izdanje). Beograd: Plato, 2006, стр. 253-291.
- ↑ Mišel Uelbek, Elementarne čestice (2. izdanje). Beograd: Plato, 2006, стр. 293-301.