Хипи супкултурата првично било младинско движење кое започнало во САД во текот на средината на 1960-тите години и брзо се проширило во другите земји околу светот. Етимологијата на изразот „хипи“ е од зборот hipster (панталони на колк) и се користело да ги опише битниците кои дошле во Гринич Вилиџ, околината на градот Њујорк и во областа Хеит Ешбери во Сан Франциско.[1][2][3] Раната хипи-идеологија ги вклучувала контракултурните вредности на бит-генерацијата. Некои создале свои сопствени општествени групи и заедници, слушале психоделичен рок, ја прифатиле сексуалната револуција и користеле дроги како што е марихуаната и ЛСД, со цел да ги проучат алтернативните состојби на свеста.

Мировен (peace) симбол настанал во текот на Кампањата за јадрено разоружување во УК.

Во јануари 1967 година, настанот Human Be-In (Човеково битисување) во паркот Голден Гејт во Сан Франциско ја популаризира хипи-културата, водејќи кон легендарниот настан Лето на Љубовта на западниот брег од Соединетите Држави и кон фестивалот „Вудсток“ на источниот брег во 1969 година. Хипиците во Мексико, познати како хипитекас, ја формираа Ла онда чикана и се собираа кај Авандаро, додека во Нов Зеланд номадските хаустракери (групи кои ги претворале старите камиони и автобуси во подвижни домови за живеење) практикувале алтернативен животен стил и промовирале одржлива енергија во Намбаса. Во Обединетото Кралство, мобилните „мировни конвои“ на патниците од новото доба правее летни аџилаци на бесплатните музички фестивали во Стоунхенџ.[4] Во Австралија, хипиците се собраа во Нимбин за фестивалот Аквариус (водолија) во 1973 година и годишното рели за реформи во законот за канабисот (марихуана) во МардиГрас. Во Чиле беше одржан фестивалот „Пиедра Роха“ во 1970 година и тој беше главниот хипи настан во таа земја.[5]

Хипи модата и вредности имаа големо влијание врз културата, поп-музиката, телевизијата, филмот, литературата и уметноста. Од појавата на широко распространетото движење во 1960-тите години, многу аспекти на хипи културата беа асимилирани во доминантната струја на општеството. Религиозната и културна разнообразност што ја поддржуваа хипиците беше широко прифатена, а источната филозофија и духовниот концепт привлекоа голема публика. Завештанието на хипиците може да се гледа во современата култура во мноштво од форми - од здрава храна до музички фестивали, до современи сексуални обичаи (норми на однесување), па дури и до револуцијата во киберпросторот.[6]

Потекло на поимот

уреди

Лексикографот Џеси Шаидловер, главниот американски уредник на оксфордскиот англиски речник, полемизира дека изразите хистер и хипи произлегуваат од зборот хип, чие потекло е непознато. Изразот хипстер е кованица создадена од Хари Гибсон во 1940 година. Иако зборот хипи се појавуваше изолирано во текот на раните шеесетти години, првата јасно современа употреба на тој термин се појави во печатот на 5 септември 1965 година во написот „Нов рај за битниксите“ напишан од новинарот Мајкл Фелон од Сан Франциско. Во тој напис Фелон пишуваше за кафулето Блу јуникорн (Синиот еднорог) користејќи го изразот хипи за новата генерација битници кои дојдоа од Норт Биич во областа Хеит Ешбери. Уредникот на весникот Њујорк Тајмс и писателот Теодор М. Бернштајн рече дека весникот го изменил пишувањето на зборот од hippy во hippie, за да се одбегне двосмислениот опис на облеката како hippy мода.

Историјат

уреди

Потекло

уреди

Основањето на хипи-движењето има свој историски преседан уште во контракултурата на древните Грци, поддржувана од филозофите како што биле Диоген и Синопи и од циниците, како најрани облици на хипи-култура. Хипи-филозофијата исто така ги признава и одобрува духовните учења за Исус Христос, Хилел, Буда, Маздак, св. Франциск Асишки, Хенри Дејвид Торо и Махатма Ганди.

Првите знаци на она што би можеле да го наречеме модерни „прахипици“ се појавија во крајот на векот во Европа. Помеѓу 1896 и 1908 година, се појави едно германско младинско движење како контракултурна реакција на организираните општествени и кулутрни клубови кои се собрале иколу германската народна музика. Познати под името Вандерфогели (гер. Wandervogel „птица-скитница“), движењето се спротивстави на формалноста на традиционалните германски клубови, нагласувајќи ги наместо неа аматерската музика и пеење, креативното облекување и заеднички излети кои ќе вклучуваат долги пешачења и кампување. Инспирирани од делата на Фридрих Ниче, Гете, Херман Хесе, Вамдерфогелите привлекоа илјадници млади Германци кои го отфрлија брзиот тренд кон урбанизацијата и чезнееа по паганскиот, духовен живот во стилот, враќање кон природата, исто како нивните предци. Во текот на првите неколку декади од дваесеттиот век, Германците се сместија околу Соединетите Држави, донесувајќи ги со себе вредностите на Вамдерфогелите. Некои ги отворија првите продавници со здрава храна, а многумина се преселија во јужна Калифорнија, каде можеа да стават во пракса еден алтернативен животен стил во топла клима. Со текот на времето, младите Американци ги прифатија убедувањата и практиките на новите имигранти. Една група наречена „Момчиња на природата“ се упати кон калифорниската пустина и одгледуваше органска храна, поттикнувајќи го животниот стил „враќање кон природата“ исто како Вамдерфогелите. Песнописецот Еден Абез напиша хит песна наречена Момче од природата инспирирана од Роберт Бутцин (Цигански чизми), кој помогна да се популаризира свеста за здравјето, јогата и органската храна во Соединетите Држави.

Како и Вамдерфогелите, хипи движењето во Соединетите Држави започна како младинско движење. Составени претежно од бели тинејџери и млади возрасни лица на возраст помеѓу 15 и 25 години, хипиците наследија традиција на културно дисиденство (несогласување) од боемите и битниксите на Бит генерацијата во доцните педесетти години. Некои од Бит генерацијата, како Ален Гинсберг, прејдоа од бит движењето и станаа препознатлив елемент на сè повеќе растечките хипи и против-воени движења. До 1965 година, хипиците станаа веќе препознатлива општествена група во САД, а движењето конечно се прошири и во другите земји, доаѓајќи дури до Обединетото Кралство и Европа, Австралија, Канада, Нов Зеланд, Јапонија, Мексико и Бразил. Хипи филозофијата и обичаи влијаеа врз Битлсите и други во Обединетото Кралство и други делови во Европа, а тие пак, за возврат, влијаеа врз нивните американски колеги и сожители. Хипи кулутрата се рашири насекаде во светот преку спојување на рок-музиката, фолклорот, блузот и психоделичниот рок; таа исто така најде свој одраз и во литературата, драмската уметност, модата и визуелните уметности, вклучувајќи го филмот, постерите за рекламирање на рок концерти и кориците на албумите. Јавно декларираните хипици станаа значително малцинство до 1968 година, претставувајќи нешто под 0,2% од американското население, пред нивниот број да опадне во седумдесеттите години.

Паралелно со Новата левица и американското движење за граѓански права, хипи движењето беше една од трите дисидентски групи со контракултура во шеесеттите години на 20 век. Хипиците ги отфрлија веќе утврдените институции, ги критикуваа вредностите на средната класа, беа против нуклерното оружје и војната во Виетнам, прифатија одредени аспекти од источната филозофија, ја пропагираа сексуалната слобода, честопати беа вегетаријанци и пријателски расположени кон животната средина, го поттикнуваа користењето на психоделичните дроги за кои веруваа дека ја прошируваат човековата свест и создаваа меѓународни заедници или комуни. Тие практикуваа алтернативни уметности, уличен театар, народна музика и психоделичен рок, сето тоа како дел на нивниот животен стил и како начин на изразување на нивните чувства, протести и согледувања за светот и животот. Хипиците се спротивставуваа на политичката и општествена ортодоксност, избирајќи нежна и недоктринирачка идеологија која претпочиташе мир, љубов и лична слобода изразена, на пример, во песната на Битлси, Сè што ти треба е љубов“. Хипиците ја сметаа доминантната култура како еден расипан, монолитски ентитет кој наметнува неправедна моќ над нивните животи, нарекувајќи ја таа култура „Естаблишментот“, „Големиот брат“ или „Човекот“. Посочувајќи дека тие беа „трагачи по значење и вредности“, некои познавачи на хипиците, како Тимоти Милер, ги опишаа хипиците како едно ново религиозно движење.

Раните хипици (1960-1966)

уреди

„Шеесеттите години беа скок во човековата свесност. Махатма Ганди, Малколм Х, Мартин Лутер Кинг, Че Гевара, Мајка Тереза, сите тие водеа револуции на полето на свесноста. Битлси, Доорс, Џими Хендрикс, тие создаваа револуционерни и еволутивни теми. Музиката беше како на Дали, со многу бои и револуционерна. Денешната младина треба да оди таму за да се пронајде себеси.“

— Карлос Сантана


Во текот на раните шеесетти години, романописецот Кен Кеиси и заедницата Мери Пренкстерс (Веселите мајтапчии) живееја во една комуна во Калифорнија. Членови на комуната беа: херојот на Бит генерацијата, Нил Касади, Кен Бабс, Каролајн Адамс, (Маунтин грл и Керолајн Гарсија), Стјуарт Бренд, Дел Клоус, Пол Фостер, Џорџ Вокер, Сенди Леман-Хопт и други. Нивните најрани лудории и авантури беа документирани во книгата на Том Вулф, Електричниот асид тест. Касади го управува училишниот автобус наречен Понатаму со кој Веселите мајтапчии патуваа низ Соединетите Држави за да го прослават објавувањето на романот на Кеиси, Некогаш голем поим и да го посетат светскиот саем во 1964 година во градот Њујорк. Веселите мајтапчии беа познати по користењето марихуан, амфетамиони и ЛСД, а во текот на нивните патувања, тие „навлегле“ многу луѓе на нивните дроги. Веселите мајтапчии ги снимаа (визуелно и аудио) нивните патувања со автобус, создавајќи така едно секадеприсутно мултимедиумско присуство кое подоцна би се прикажало во форма на фестивали и концерти. Грејтфул Дед напишаа песна за автобуските екскурзии на Веселите мајтапчии и ја нарекоа „Тоа е она за другиот“.

Во текот на овој период, Гринич Вилиџ во градот Њујорк и Беркли, Калифорнија, го заокружија кругот за американската народна музика. Двете кафулиња во Беркли, Кејбл Кримери и Џебервок ги спонзорираа претставите со изведувачи на народна музика во една бит околина. Во април 1963 година, Шандлер А. Логлин III, соосновач на Кејбл Кримери, основа еден вид на племенска заедница, семеен идентитет меѓу приближно 50 луѓе кои присуствуваа на една традиционална Пејот церемонија на домородечките Американци во една селска средина. Оваа церемонија го комбинираше психоделичното искуство со традиционалните духовни вредности на домородечките Американци; овие луѓе спонзорираа еден оригинален жанр со музички израз и претстава во салонот Ред Дог во едно изолирано, старо рударско гратче во Вирџинија Сити, Невада. Во текот на летото 1965 година, Логлин привлече голем дел од првичниот талент, што доведе до еден уникатен амалгам од традиционална народна музика и психоделичкиот рок што се појави на сцената. Тој и неговите другари (ортаци) создадоа нешто што стана познато како „Ред Дог Икспириенс“, порано непознати музички имиња - Греитфул Дед, Џеферсон Ерплеин, Биг Брадер енд д Холдинг Кампани, Квиксилвер Месинџер Сервис, Шарлатанс и други - кои свиреа во потполно обновена, интимна околина во кафулето Ред Дог Салун во Вирџинија Сити. Немаше некоја реска граница помеѓу „изведувачите“ и „публиката“ во Ред Дог Икспириенс, при што во текот на музиката се комбинираа психоделичното екпсериментирање, едно уникатно чувство од личен карактер и првите примитивни светлосни претстави (лаит шоуа) на Бил Хем, со цел да се создаде ново чувство за заедницата. Логлин и Џорџ Хантер од Шарлатаните беа вистинските „прото-хипици“со нивните долги коси, чизми и гротексна облека од Америка од XIX век и наследството (на домородечките Американци). Произведувачот на ЛСД, Оусли Стенли, живееше во Беркли за време на 1965 година и го обезбедуваше поголемиот дел од ЛСД-то за Ред Дог Експериенс, најраната еволутивна фаза на психоделичниот рок и зародишот на хипи културата. Во Ред Дог Салун, Шарлатаните беа првиот психоделички рок состав кои свиреа во живо (иако ненамерно) под дејствие на ЛСД.

Кога се вратија во Сан Франциско, членовите на Ред Дог, Луриа Кастел, Елен Харман и Елтон Кели создадоа една заедница наречена Фемили Дог (Семејно куче). Врз основа на искуството на Ред Дог, на 16 октомври 1965 година, Фемили Дог беа домаќини на Трибјут ту доктор Стреинџ во Лонгшореман Хол. Со посетеност од приближно 1.000 од првичните „хипици“ од Беи Ареа, ова беше првиот настап во Сан Франциско со психоделичен рок, со танцување во костуми и лајт шоу, при што настапија Џеферсон Ерплеин, Д Греит Сосајати и Д Марбелс. До пред крајот на годината имаше уште два други настани, еден во Калифорнија Хол, а друг во Матрица. По првите три настапи на Фемили Дог, се случи друг, многу поголем психоделичен настан во Лонгшореман Хол во Сан Франциско. Наречен „Фестивал на Трипови (патувања)“, тој траеше од 21-23 јануари 1966 година и беше организиран Стјуард Бренд, Кен Кејси, Оусли Стенли и други. Десет илјади луѓе дојдоа на одамна распродадениот концерт, а плус уште по илјада дојдоа на секоја од вечерите. На 22 јануари Грејтфул Дед и Биг Брадер анд д Холдинг Кампани излегоа на сцена и 6.000 луѓе дојдоа да конзумираат пунч „зачинет“ со ЛСД и да бидат сведоци на еден од првите целосно изведени јалт шоуа во околината.

Ова не е ништо ново. Овде има една приватна револуција што е во процес. Револуција поврзана со индивидуалност и разновидност што може да биде само приватна. Кога ќе стане групно движење, таквата револуција завршува со имитатори, не со учесници... Таа е во суштина една борба за човековото остварување на врската помеѓу животот и другите луѓе...

Боб Стабс, „Уникорн Филозофија“ До февруари 1966 година, Фемили Дог стана Фемили Дог Продакшанс со организаторот Чет Хелмс кој промовираше настани во Балската Сала Авалон и Аудиториумот Филмор, во првична соработка со Бил Грахам. Балската Сала Авалон, Аудиториумот Филмор и други локации беа местата каде учесниците можеа да учествуваат во целосното психоделично музичко искуство. Бил Хем кој прв ги воведе лајт шоуата во Ред Дог ја усоврши неговата уметност со течна светлосна проекција која ги комбинираше лајт шоуата и филмските проекции, со што стана синоним со доживувањето во балските сали во Сан Франциско. Чувството за стил и костум кое започна во Ред Дог Салун процвета кога театарот Фокс во Сан Франциско престана да работи и хипиците ги откупија неговите костуми, лудувајќи од радост на слободата да се облекуваат за неделните музички претстави во нивните омилени балски сали. Како што тоа го кажа колумнистот Ралф Глисон на Сан Франциско Хроникл, „Тие танцуваа цела ноќ, оргијастично, спонтано и потполно слободно.“

Некои од најраните хипици од Сан Франциско беа поранешни студенти во државниот колеџ во Сан Франциско, кои ги заинтегрира брзорастечката музичка сцена на хипиците. Овие студенти им се придружија на составите што ги сакаа и им се допаѓаше да живеат како во комуна во големите, евтини станови во викторијански стил во Хеит-Ешбери. Младите Американци од секаде од земјата започнаа да се движат кон Сан Франциско, па до јуни 1966 година околу 15.000 хипици се преселија во Хеит. Шарлатани, Џеферсон Ерплеин, Бог Брадер анд д Холдинг Комапни и Грејтфул Дед, сите се преселиле во соседството во Сан Франциско, Хеит Ешбери, во текот на овој период. Активностите се концентрираа околу Дигерс, уличен театар од герилски тип кој го комбинираше спонтаниот уличен театар, анархичните дејствија и уметничките настани во нивната агенда, со цел да се создаде еден „слободен град“. До крајот на 1966 година, Дигерс отвориле слободни продавници кои едноставно ја раздавале нивната стока, обезбедувале бесплатна храна, давале бесплатно дрога, раздавале пари, организирале бесплатни музички концерти и изведувале дела од политичката уметност.

На 6 октомври 1966 година, државата Калифорнија ја прогласи дрогата ЛСД за контролирана супстанца, со што таа стана нелегална. Како одговор на криминализирањето на психоделичните дроги, хипиците од Сан Франциско одржале собир во тесниот крак во паркот Голден Гејт наречен Љубовен пагански собир, кој привлекол приближно 700-800 луѓе. Како што објаснил Алан Кохен, соосновачот на Сан Франциско Оракл, целта на собирот била двострана: да се привлече вниманието на фактот дека ЛСД тукушто била прогласена за нелегална дрога и да се покаже дека луѓето кои користат ЛСД не се криминалци ниту пак ментално болни луѓе. Групата Грејтфул Дед настапи, а според некои извори, ЛСД се конзумирал на тој собир. Според Кохен, оние кои земале ЛСД „не беа виновни за користење нелегални супстанци. Ние ја прославувавме трансценденталната свесност, убавината на универзумот, убавината на постоењето.“

Лето на љубов (1967)

уреди

Дома направена обоена маичка со куси ракави му додавале психоделичен вкус на хипи фустаните. На 14 јануари 1967 година, надвор одржаната средба Хјуман Би-Ин, организирана од Мајкл Боуен, помогна да се популаризира хипи културата низ Соединетите Американски Држави, при што 200.000 хипици се собраа во паркот Голден Гејт во Сан Франциско. На 26 март, Лу Риид, Еди Седвик и 10.000 хипици се собраа во Менхетен на главната средба во Сентрал Парк на велигденската недела. Поп фестивалот во Монтереј од 16-18 јуни ја претстави рок-музиката на контракултурата на широа аудиториум и го обележи почетокот на „Лето на љубовта“. Интерпретацијата на Скот Мекензи на песната на Џон Филипс, „Сан Франциско“, стана хит во Соединетите Држави и во Европа. Зборовите од песната „Ако одиш во Сан Франциско, немој да не носиш цвеќиња во косата“, инспирираа илјадници млади луѓе од целиот свет да патуваат во Сан Франциско, понекогаш носејќи цвеќиња во косата и разнесувајќи цвеќиња на минувачите, по што беа наречени „Деца на цвеќето“. Состави како што беа Грејтфул Дед, Биг Брадер и Холдинг Компани (со Џенис Џоплин) и Џеферсон Ерплени живееја во Хеит.

Во јуни 1967 година, еден угледен магазин побара од Херб Кен да напише што ги привлече хипиците во Сан Франциско. Тој ја одби понудата, но интервјуираше хипици во Хеит за неговата колумна во весникот Сан Франциско Хроникл. Кен сметаше дека, „Освен за нивната музика, ништо друго не им е важно во светот.“ Кен лично сметаше дека градот Сан Франциско е толку „исправен“ што претставува очигледен контраст со хипи културата. На 7 јули, магазинот Тајм објави ударна приказна насловена „Хипиците: филозофијата на една подкултура.“ Написот ги даваше основните начела за хипи кодексот: „Прави како тебе ти чини секогаш кога мораш и каде ти сакаш.“ Излези. Остави го општеството онакво какво што го познаваш. Остави го целосно. Растурете му го умот на секој што е инаков до кого ќе дојдете. Преобратете ги, ако не кон дрогата, тогаш кон убавината, љубовта, чесноста, забавата. Проценето е дека околу 100.000 луѓе отишле во Сан Франциско во летото во 1967 година. Медиумите биле веднаш зад нив, пишувајќи за областа Хеит-Ешбери и популаризирајќи го името „хипици“.Со вакво зголемено внимание, хипиците најдоа поддршка за нивните идеали на љубов имир, но беа исто така критикувани за нивното спротивставување на работата, поддршката на дрога и либералните сфаќања.

Во тој миг Битлси го објавија нивниот голем успешен албум Клубот на осамени срца на наредникот Пепер кој брзо беше прифатен од хипи движењето со неговата живописна, психоделична сонична слика.

До крајот на летото, местото Хеит-Ешбери почна да го губи сјајот. Непрекидното следење на настанот од страна на медиумите доведе до тоа Дигерс да ја објават „смртта“ на хипи движењето со една парада. Според подоцнежниот поет Сузан Чамблес, хипиците закопале кукла од хипик во Панхендл, за да го демонстрираат крајот на хипи ерата. Хеит-Ешбери не можеше да го прими приливот на толку луѓе (претежно наивни млади луѓе) кои немаа каде да живеат. Многу од нив почнаа да живеат на улиците, питачејќи и продавајќи дрога. Се појавија проблеми со [неисхранетост], болести и наркоманија. Криминалот и насилството пораснаа значително. До крајот на 1967 година, многу од хипиците и музичарите кои беа иницијатори на Летото на љубовта, се отселија оттаму. Членот на Битлси, Џорџ Харисон еднаш го посети Хеит-Ешбери и утврди дека тоа е рај за отпадниците, што го инспирира да се откаже од ЛСД. Недостатоците на хипи културата, претежно во однос на наркоманијата и слабиот морал, ја поттикнаа моралната паника во доцните шеесетти години.

Револуцијата (1967 - 1970)

уреди

До 1968 година, модата поттикната од хипи движењето почна да влегува во тренд, особено за младите и младите возрасни лица од познатата „Бејби-бум генерација“, од кои многумина можеби тежнееја да ги имитираат движењата кои сега живееја во племенски заедници (комуни), но немаа некоја очигледна поврзаност со нив. Ова се забележа не само во однос на облеката и подолгата коса кај мажите, но исто така и во музиката, филмот, уметноста, литературата, и тоа не само во САД, туку и низ целиот свет. Кусата претседателска кампања на Јиџин Мекарти успешно ги убеди еден значителен број од младите луѓе да „се средат за да станат почисти“ со тоа што ќе ги избричат брадите или ќе носат подолги сукњи; сепак, „чистите гени“ малку ја поремети популарната слика на влакнестиот хипик покриен со бисери, пердуви, цвеќиња и ѕвончиња.

Јипиците, кои беа еден вид на огранок на хипи движењето и ги исмејуваа политичкие партии, беа забележани во пролетта во 1968 година, за време на прославата на рамнодневицата, кога околу 3.000 од нив ја презедоа Главната централна станица во Њујорк, што на крајот имаше за резултат 61 апсење. Јипиците, а особено нивните водачи, Аби Хофман и Џери Рубин, станаа озлогласени по нивната театралност, како што беше обидот да се доведе во состојба на левитација Пентагон на воениот протест во октомври 1967 година, и слоганите од типот „Кренете се, напуштете го одвратното ќофте.“ Нивната очигледна намера да протестираат против Демократската национална конвенција во 1968 година во Чикаго, во август, вклучувајќи го и нивното номинирање на свој кандидат, „Линдон свињата“ (фактички, вистинска свиња), доби исто така широк публицитет во медиумите во тоа време.

Во април 1969 година, со градењето на Паркот на народот во Беркли, Калифорнија привлече меѓународно внимание. Универзитетот во Калифорнија, Беркли, ги сруши сите згради на парцелата од 2.8 ари (11,000 м2) во близина на кампусот, намеравјаќи земјиштето да се искористи за изградба на терени за играње и паркинзи. По подолго одлагање, местото стана опаснен трн во око и илјадници обични жители на Беркли, трговци, студенти и хипици ги зедоа работите во свои раце садејќи дрва, грмушки, цвеќиња и трева, со цел земјиштето да го претворат во парк. Поголем судир се случи на 15 мај 1969 година, кога Гувернерот Роналд Реган нареди паркот да се уништи, што доведе до двонеделна окупација на градот Беркли од страна на Националната гарда на Соединетите Држави. Моќта на цвеќето дојде тогаш до израз, бидејќи хипиците се вклучуваа во дејствија кои беа поврзани со граѓанска непослушност, садејќи цвеќиња на парцели низ целиот град Беркли, под слоганот „Нека цветаат илјадници паркови“.

Во август 1969 година се одржа Вудсток, фестивалот на музиката и уметноста, во Бетел, Њујорк, кој, според многумина, беше најдобар пример на хипи контракултурата. Преку 500.000 луѓе дојдоа да ги чујат некои од најзначајните музичари и состави од тоа време, меѓу кои беа: Ричи Хејвенс, Џоан Баез, Џенис Џоплин, Грејтфул дед, Криден Клирвотер Ривајвел, Крозби, Стил, Неш енд Јанг, Карлос Сантана, Д Ху, Џеферсон Ерплеин и Џими Хендрикс. Свињарската фарма на Вејви Грејви пружаше сигурност и се погрижи за практичните потреби, па хиписките идеали за љубов и човечко дружење се чинеше како да добија свој целосен израз таму.

Во декември 1969 година се случи сличен настана во Алтамон, Калифорнија, околу 45 км. источно од Сан Франциско. Првично наречен „Вудсток Вест“, неговото официјално име беше „Бесплатниот концерт во Алтамон“. Околу 300.000 луѓе се собраа да ги чујат Ролинг Стоунс, Крозби, Стил, Неш енд Јанг, Џеферсон Ерплејн и други состави. Моторџиите, членови на бандата „Ангели на пеколот“ ја обезбедија сигурноста која се покажа за далеку понеблагонаклона од безбедноста на фестивалот во Вудсток: 18-годишната Мередит Хантер беше прободена и убиена за време на настапот на Ролинг Стоунс.

Дополнителни потреси (1970-до сега)

уреди

До седумдесеттите години од 20-иот век, духот на шеесеттите години, кој ја рашири хипи културата, се чинеше како да почнува да слабее. Настаните на бесплатниот концерт во Алтамон ги шокираа многу Американци, вклучувајќи ги и оние кои силно се идентификуваа со хипи културата. Дополнителен удар дојде во форма на убиствата на Шарон Тејт и Лено и Розмари Лабјанка, извршени во август 1969 година од страна на Чарлс Мејсон и неговото „цветно“ семејство. Сепак, немирната политичка атмосфера која го вклучуваше бомбардирањето во Камбоџа и пукањето на припадниците на Националната гарда врз студентите во државните универзитети Џексон и Кејт, сè уште ги сплотуваше и зближуваше луѓето. Овие пукања доведоа до создавањето на песната од седумдесеттите години на Квиксилвер Месинџер Сервис, „А јас?“, во која пееја: „Бројката постојано расте, како ми ги убиваш луѓето“, како и песната „Охајо“ на Нил Јанг, снимена од Крозби, Стил, Неш енд Јанг.

Значителен број на елементи од хипи движењето беа вклучени во главната струја на американското општество до раните седумдесетти години. Големи рок концерти, чии првенци беа поп фестивалот во Мотереј во 1967 година и фестивалот на островот Вајт во 1968 година, станаа норматив, водејќи до рок концерти на стадиони. Во средината на седумдесеттите години, со крајот на војната во Виетнам, обновените патриотски чувства се поврзаа приближувањето на двестегодишнината на Соединетите Држави, а со појавата на панкот во Лондо, Манчестер, Њујорк и Лос Анџелес, главните медиуми го изгубија интересот за хипи културата. Истовремено, дојде до заживување на подкултурата Мод, на скинхедците, теди боиз, како и до појава на нови младински култури како што се Готите (еден огранок на панкерството) и Фудбалските хулигани. Асид рокот му отстапи место на прог рокот, хеви метал музиката и диско и панк рокот.

Почнувајќи во доцните шеесетти години, хипиците почнаа да бидат напаѓани од скинхедците кои потекнуваа од работничката класа. Хипиците беа исто така оцрнувани, а понекогаш и напаѓани, од панкерите, модерите, гризерите, фудбалските хулигани, теди боиз и од членовите на други младински подкултури кои постоеја во седумдесеттите и осумдесеттите години на дваесеттиот век. Контракултурното движење беше исто така под еден притаен напад од страна на „Програма против интелигенцијата“ на Џ. Едгар Хувер (COINTELPRO), но во некои земји имаше и други младински групи кои претставуваа закана. Хипи идеалите имаа воочливо влијание врз анархо-панкот и некои под-панкерски младински подкултуру, особено во текот на Второ лето на љубовта.

Додека многу хипици доживотно се обврзаа на хипискиот животен стил, некои полемизираат дека хипиците „се продале“ во доцните осумдесетти години и станале дел од материјалистичкото потрошачко општество. Иако не толку упадлива како што беше порано, хипи културата никогаш не изумре потполно. Хипици и неохипици можат сè уште да се најдат во кампусите во колеџите, во комуни и на собири и фестивали. Многумина ги прифаќаат вредностите на хипиците, односно мирот, љубовта и живот во заедница, а хипиците можат уште да се најдат во боемските енклави низ светот.

Кон крајот на дваесеттиот век, се појави еден тренд на „киберхипици“, кои ги прифатија некои од квалитетите на психоделичната контракултура од шеесеттите години.

Обичаи и одлики

уреди

Хипиците тежнееја кон ослободување од општествените ограничувања, одбирање на свој сопствен пат и наоѓање нова смисла во животот. Еден одраз на хипи независноста од општествените норми се најде во нивниот начин на облекување и дотерување, што ги правеше хипиците лесно и веднаш препознатливи меѓу себе, па како такви служеа како визуелен симбол на нивното почитување на правата на индивидуалецот. Преку нивното појавување, хипиците ја објавуваа нивната подготвеност да го изразат својот сомнеж во однос на власта и се оградија од „правите“ и „неправите“ (односно, конформистичките) сегменти на општеството.

Истовремено, голем број на промислени хипици се оддалечија и од самата идеја дека начинот на кој некој се облекува може да биде еден сигурен сигнал за тоа кој е тој всушност, особено откако очигледни криминалци како Чарлс Мејсон, почнаа да прифаќа некои површински одлики на хипиците, а и откако полицајците обично облечени во едноставна униформа почнаа „да се облекуваат како хипици“, со цел да ги поделат и победат легитимните членови на контракултурата. Френк Запа даде прекорен коментар на својата публика, велејќи дека „сите ние носиме униформа“:кловнот/хипик од Сан Франциско, Вејви Грејви, рече во 1987 година дека тој сè уште може да види чувства во очите на стопанственикот од Маркет Стрит, кој се облекуваше конвенционално за да преживее.

Како во бит движењето кое им претходеше и панк движењето кое наскоро следеше, хипи симболите и иконографијата беа намерно позајмени од други или „ниски“ или „примитивни“ култури, при што хипи модата претставуваше одраз на еден бунтовен, честопати бездомничко-питачки стил. Како и кај другите адолесцентни движењата на белата средна класа, девијантното однесување на хипиците вклучуваше и предизвикување на доминантните разлики во половите од нивнот време: и мажите и жените во хипи движењето носеа фармерки и долга коса, а обата рода носеа сандали или одеа босоноги. Мажите честопати носеа брада, додека жените имаа малку или воопшто никаква шминка и повеќето се движеа без прслук. Хипиците честопати избираа облека во силни, светли бои и носеа невообичаени стилови, како на пример, ѕвонарки, елеци, облека со жарени апликации, широки наметки, лесни летни блузи и долги сукњи; незападњачки инспирирана облека со американски, азиски, африкански и латиноамерикански мотиви беше исто така популарна. Поголемиот дел од облеката хипиците ја правеа сами, пркосејќи ѝ така на бузнис културата, а некои од хипиците честопати ја купуваа облеката од пазар за стари работи и од продавници за половна стока. Омилени украси и за мажите и за жените беа северноамерикански накит, шарпи за глава, траки за чело и долги ѓердани од монистри. Домовите, возилата и другите сопствености на хипиците беа честопати украсувани со психоделична уметност.

Патување

Патувањето, како во земјата така и во странство, беше истакната одлика на хипи културата, при што стана, во тој процес на дружење, дополнителен облик на пријателство. Училишни автобуси слични на Фадер на Кен Кејси, или познатиот Фолксваген автобус, беа популарни бидејќи пријатели во групи можеа евтино да патуваат. Фолксваген автобусот стана познат како симбол на контракултурата и хипи движењето, а голем број од нив беа пребојосани со графички прикази и/или обични фарби - претходници на денешните „уметнички“ автомобили. Симбол на мирот честопати го заменуваше логото на фолксваген возилата. Многу хипици го обожуваа автостопирањето како примарен облик на патување, бидејќи истото беше економично, нешкодливо за животната средина, а и начин за запознавање на нови луѓе.

Хипиците главно патуваа без многу багаж и знаеја да тргнат кога и да е и каде и да е, онаму каде имаше акција; дали во „љубов во живо“ во Маунт Тамалпе близу Сан Франциско, демонстрација против војната во Виетнам во Беркли, еден од „асидние тестови“ на Кен Кејси, или, доколку „вибрациите“ не биле точни и им требало промена на местото, хипиците стануваа моментално подвижни. Претходно планирање се одбегнувало, бидејќи хипиците едноставно ќе ставеа неколку парчиња облека во ранецот, ќе ги испржеа палците и ќе автостопираа за каде и да сакаат. Хипиците ретко се грижеа дали имаат пари, хотелски резервации или кое и да е друго од вообичаените потребни работи при патување. Хиписките домаќинства со срдечно добредојде ги дочекуваа ненадејните гости, а природата на животниот стил овозможувала слобода на движењето. Луѓето обично соработуваа за да ги задоволат заемните потреби, на начини кои станаа помалку вообичаени по раните седумдесетти години. Овој начин на животен стил е виден меѓу семејните групи „Рејнбоу“ (Виножито), Њу ејџ травелерс и новозеландските Хаустрекерс. Резултат на овој слободен животен стил беа хипи камиони и куќи, рачно изработени мобилни куќи изградени врз камионска или автобуска шасија за да се олесни номадскиот животен стил, како што е документирано во книгата Носи сè свое со себе од 1974 година. Некои од овие подвижни цигански куќи беа далеку од едноставни, со кревети, вециња, тушеви и кујнски елементи за готвење. На Западниот брег се разви еден оригинален животен стил околу Присталици на ренесансата кои Филис и Рон Патерсон ги организираа за првпат во 1963 година.

Во текот на летните и есенските месеци, цели семејства патувале заедно во нивните камиони и автобуси, паркирајќи на локациите на Присталици на ренесансата во јужна и северна Калифорнија, ги изработувале нивните ракотворби во текот на неделата и облекувале костуми од елизабетанскиот период за претставите во текот на викендот и за да отидат до тезгите каде ги продавале ја жителите нивните ракотворби.

Самиот број на млади луѓе кои живееја во тоа време така, претставувал можности без преседан за патување и доживување секакви доживеалици. Врвно искуство од овој тип беше Вудсток фестивалот близу Бетел, Њујорк, од 15 до 18 август во 1969 година, кој привлече 500.000 луѓе.

Едно патувачко доживување во кое се впуштија стотици и илјадници хипици помеѓу 1969 и 1971 година, беше патот за Индија наречен Хипитреил. Со малку или без никаков багаж и со мала готовина пари, речиси сите ја следеле истата маршрута автостопирајќи низ Европа до Атина и понатаму, до Истанбул, потоа со воз низ централна Турција, преку Ерзурум, продолжувајќи со автобус низ Иран, преку Тебриз и Техеран до Машхад, преку авганистанската граница во Херат, низ јужен Авганистан, преку Кандахар до Кабул, па до Кибер Пас, во Пакистан, преку Равалпинди и Лахор, до индиската граница. Откако ќе пристигнеа во Индија, хипиците одеа на различни места, но во голем број се собираа на плажите Гоја, или ја преоѓаа границата влегувајќи во Непал, за да поминат неколку месеци во Катманду. Во Катманду повеќето хипици се движеле во едан мирна околина, место наречено Фрик Стрит (Непалска Васа: Џоо Кен), кое сè уште постои близу Катманду Дурбар Сквер.

Религија

уреди

Многу хипици ги отфрлија главните организирани религии, прифаќајќи едно лично духовно доживување, кое честопати се засновало врз домородечки верувања и народни религии, меѓу другото. Ако се приклонеа кон главната вера, тогаш таа беше будизам, хиндуизам и движењето на Исус. Многу хипици го прифатија и неопаганството (особено Вика).

Политика

уреди

Симболот за мир се роди во Обединетото Кралство, како лого за кампањата за јадрено разоружување, но беше прифатен и од американските демонстрирачи против војната, во текот на 1960 години (иако беше заштитен со авторски права). Хипиците честопати беа пацифисти и учествуваа во ненасилни политички демонстрации, како што беа маршевите за граѓански права, маршевите во градот Вашингтон и демонстрациите против војната во Виетнам, вклучувајќи ги и демонстрациите против задолжителната воена обврска и протестите во 1968 година против Демократската национална конвенција. Степенот на политичка инволвираност варираше значително меѓу хипиците, од оние кои беа активни во демонстрациите за мир, до поригорозните улични демонстрации против власта на Јипите, кои беа политички најактивната хипи подгрупа. Боби Сил ги дискутираше разликите помеѓу јипиците и хипиците со Џери Рубин кој му кажа дека јипиците беа политичкото крило на хипи движењето, бидејќи „хипиците уште не се политизирале“.Што се однесува до политичката активност на хипиците, Рубин рече: „Тие воглавно сакаат да бидат „хаи“, но повеќето од нив сакаат мир и крај на оваа глупост.“

Покрај ненасилните политички демонстрации, хипи опозицијата на виетнамската војан вклучи организирање политички акциони групи кои се спротивставија на војната, одбивање на служење на воената обврска и спроведување на „предавања“ на кампусите од колеџите, во кои се обработувала историјата на Виетнам и политичката позадина на војната.

Предавањето на Скот Мекензи за песната на Џон Филипс Сан Франциско (Не заборавај да ставиш цвеќиња во косата)“, која помогна во инспирирањето на хипиското Лето на љубовта, стана песна за добредојде при враќање од Виетнам на воените ветерани, кои пристигнуваа во Сан Франциско од 1967 година. МекКензи ја посвети секоја изведба на Сан Франциско на ветераните од Виетнам и пееше на дваесетгодишницата од посветувањето на споменикот на ветераните од Виетнамската војна, во 2002 година. Хиписките политички изрази честопати добиваа облик на „отпадништво“ од општеството, за да се спроведат промените по кои тие трагаа. Политички мотивираните движења потпомогнати од хипиците го вклучуваат движењето Враќање во природата од 1960 година, кооперативни деловни претпријатија, алтернативна енергија, движењето за слобода на печатот и за органска храна.

Политичките идеали на хипиците имаа влијание и врз други движења, како што се анархопанкот, рејв културата, зелената политика, стоунер културата и движењето Њу Ејџ. Пени Римбауд од англискиот анархопанк состав Крас велеше во интервјуата, а и во еден есеј по име Последниот хипик, дека составот Крас бил оформен во спомен на неговиот пријател Вали Хоуп. Римбауд исто така рече дека членовите на Крас биле прилично инволвирани во хипи движењето во текот на шеесеттите и седудесеттите години, при што Даиал Хаус беше основан во 1967 година. Многу панкери честопати беа критички настроени кон членовите на Крас за нивната инволвираност во хипи движењето. Како Крас, Џело Бијафра беше под влијание на хипи движењето и тврдеше дека јипиците се клучното влијание врз неговата политичка активност и размислување, иако тој навистина пишуваше песни во кои ги критикуваше хипиците.

Дроги

уреди

Кањонот Тахквиц, Палм Спрингс, Калифорнија, 1969 година, споделување на џоинт Следејќи ги добропознатите стапки на битовите, хипиците исто така употребуваа канабис (марихуана) и ја сметаа за нешто пријатно и неопасно. Тие ја зболемуваа нивната духовна фармакопеа (список со лекови) со вклучување на халуциногени дроги како што е ЛСД, псилоцибинот и мескалинот, но го отфрлаа конзумирањето на алкохо. На источниот брег од Соединетите Држави, харвардските универзитетски професори Тимоти Лири, Ралф Мецнер и Ричард Алперт ги препорачуваа психтропските дроги како психотерапија, самоистражување и за религиозна и духовна примена. Што се однесува до ЛСД, Лири рекол: „Проширете ја вашата свесност и најдете ја екстазата и откровениеото во неа (ЛСД)“.

„Според хипиците, ЛСД е лепилото кое ги држело сите споени. ЛСД-то беше хипискиот сакрамент, детергент за умот способен да збрише години на општествено програмирање, направа за повторно впечатување, проширувач на свеста, алатка која ќе нè крене една скала погоре на еволутивната скала.“

Џеј Стивенс

уреди

На западниот брeг од Соединетите Држави, Кен Кејси беше една важна фигура во промовирањето на употреба на психотропни супстанци (лекови), а особено на ЛСД-то, кој беше исто така познат како асид. Вршејќи нешто што тој го нарекуваше „Тестови со асид“ и патувајќи низ земјата со неговиот состав Весели мајтапчии, Кејси стана магнет за вниманието на медиумите, што привлече голем број на млади луѓе кон ова движење кое тогаш беше во зародиш. Грејтфул Дид (првично наречени Ворлокс), го имаа еден од нивните први настапи на тестовите со асид, при што и тие беа еднакво „хаи“ како и публиката. Кејси и ...мајтапчиите имаа една визија за преобратување на целиот свет. Посилните дроги, како што беа амфетамините и хероинот, исто така се користеа во хипи средбите, но честопати на овие дроги се гледаше со презир, дури и од страна на самите нивни корисници, бидејќи се сметаа за штетни и дека создаваат зависност.

Наследство

уреди

Хипи наследството продолжува да се шири во западните општества. Во суштина, невенчани парови од која било возраст слободно патуваат и живеат заедно без осуда од општеството. Отвореноста во поглед на сексуалноста стана се' почеста, а правата на хомосексуалците, бисексуалците и транссексуалците, како и на луѓето кои избираат да не се стават во ниедна категорија, се зголемени. Има поголемо прифаќање на религиската и културната разновидност. Кооперативните бизнис компании и аранжманите за живеење во креативни заедници се повеќе прифатени од порано. Некои од хипи прикаските за здрава храна од ’60-тите и ‘70-тите се сега големи и профитабилни бизниси, што се должи на зголемениот интерес за природна храна, лекови од тревки, витамини и други нутриционистички додатоци во исхраната. Авторите Стевард Бренд и Џон Маркоф тврдат дека развојот и популаризацијата на личните сметачи и интернетот ги пронаоѓаат своите корени во анти-авторитативните обичаи промовирани од хипи културата.

Различноста во изгледот и облеката е една од директните наследства низ целиот свет. За време на ‘60-тите и ‘70-тите, мустаќите, брадите и долгата коса станаа вообичаени и колоритни, а мулти етничката облека доминираше во светот на модата. Од тоа време наваму, широкиот спектар на стилови на облекување и личен изглед, вклучувајќи ја и голотијата, станаа повеќе прифатливи, а сите тие беа невообичаени пред хипи ерата. Хипиците исто така го поттикнале опаѓањето на популарноста на вратоврската и други бизнис облеки, кои биле неизбежни за мажите во времето на ‘50-тите и раните ‘60-ти.

Астрологијата, вклучувајќи се од сериозни истражувања до оригинална забава во погледна на лични одлики, е во склоп на хипи културата.

Култура

уреди

Хипи наследството во културата ја вклучува и постојаната популарност на книгите кои го отсликуваат хипи искуството, како на пример ,,Електричниот кул ацид тест’’. Во музиката, фолк рокот и психоделичниот рок се развија во стилови како што се ацид рокот, светски ритам и хеви метал музика. Психоделичниот транс (познат и како псајтранс) е вид електронска музика која била под влијание на психоделичниот рок од 1960. Традицијата на хипи музичките фестивали започна во САД во 1965 со ацид тестовите на Кен Кесеј, каде Грејтфул дед свиреа под дејство на ЛСД и поттикнаа психоделично журкање. Во текот на наредните неколку децении, многу хипици и нео-хипици станаа дел од Дедхед заедницата, присуствувајќи музички и уметнички фестивали низ земјата. Грејтфул дед постојано правеа турнеи, со неколку прекини од 1065 до 1995 година. Фиш и нивните обожаватели (наречени Фиш хедс), функционираа на ист начин, бендот постојано беше на турнеи од 1983 до 2004 година. Многу современи бендови кои настапуваат на хипи фестивали и на фестивали од исто потекло, се нарекуваат журка бендови бидејќи свират песни кои имаат долги инструментални делови слични на оригиналните хипи бендови од 1960-тите.

Со исчезнувањето на Фејтфул дед и Фиш, хипиците номади кои одат на турнеи присуствуваат на сè поголемиот број на летни фестивали, меѓу кои најголемиот е фестивалот на музика и уметност Бунару, кој првпат се одржа во 2002. Орегонскиот фестивал каде се промовираат рачни изработки, образовни излагања и претстави(забава) со костими.

Фестивалот Брнинг мен запона во 1986 во Сан Франциско на една забава на плажа а сега се одржува во пустината Блек Рок североисточно од Рено, Невада. Иако малку од учесниците би прифатиле да се етикетирани како хипици, Брнинг Мен е модерен одраз на алтернативна заедница во истиот дух како на раните хипи случувања. Собирот постанува привремен град (со 36.500 учесници во 2005 година), со разбиени кампови, изложби и многу уметнички коли. Други настани кои уживаат голема посетеност се семејните собири Реионбоу, Собирот на вибрации, Мир во заедница и Вудсток фестивалите.

Во Велика Британија има многу современи номади кои се познати како хипици за странците, но тие претпочитаат да се викаат себеси Конвојот на мирот. Тие го започнаа Стоунхенџ фри фестивал во 1974, но Англиското наследство подоцна го забрани фестивалот, што резултираше со фестивалот Бетл од д Бинфилд во 1985. Со забраната за Стоунхенџ како фестивалско место, модерните номади се собираат на годишниот [Гластонбериски фестивал|Гластонберискиот фестивал].

Во Нов Зеланд од 1976 до 1981 година десетици илјади хипици се собирале од целиот свет на големи фарми околу Ваики и Ваикино за музика и алтернативни фестивали. Фестивалите се нарекувале Намбаса и биле фокусирани на мир, љубов и балансиран животен стил. Настаните биле карактеристични по практичните работилници и изложби кои промовираат алтернативни стилови на живот, самобитие, чиста и витална енергија и витален живот.

Во Белика Британија и Европа, периодот од 1987 до 1989 година беа одбележани по големо обновување на многу одлики на хипи движењето. Ова подоцнежно движење, кое го сочинувале луѓе од 18 до 25 години, ги присвоило многу од примарните хипи филозофии за љубовта, мирот и слободата. Летото во 1988 стана познато како „Второ лето на Љубовта“. Иако музиката која била омилена на ова движење е модерната електронска музика, особено хаус музиката и ацид хаус, на журките во собите за опуштање можеле да се слушнат песни од ерата на хипи движењето. Во Велика Британија, многу од добро познатите личности на движење прво живееле во заедница во Страут Грин, област во северниот дел на Лондон сместена во паркот Финсбури.

Познати филмови кои ги отсликуваат хипичките обичаи и стил на живеење се Вудсток, Слободен јавач, Коса, Д Дорс, Преку универзумот, Пивлечниот Вудсток и Ронка.

Во 2002 година, фотографот и новинарот Џон Басет Мек Клири објави нецензуриран сленг речник од 650 страни и 6.000 фрази посветен на јазикот на хипиците кој го носеше насловот „Речникот на хипиците: Културна енциклопедија од 1960 до 1970 година“. Книгата беше подобрена и проширена на 700 страници во 2004 година. Мек Клири смета дека супкултурата на хипизмот додала значаен број на зборови во англискиот јазик позајмувајќи од лексиконот Бит Генерација, преку хипичките кратенки на битничките зборови и потоа популаризирајќи ја нивната употреба.

Хипи-движењето како тема во музиката

уреди
  • „Кошмарна хипи девојка“ (англиски: Nitemare Hippy Girl) — песна на американскиот рок-музичар Бек (Beck) од 1994 година.[7]
  • „Хипи-момче“ (англиски: Hippie Boy) - песна на американската кантри-група The Flying Burrito Bros од 1969 година.[8]

Наводи

уреди
  1. To say "I'm hip to the situation" means "I'm aware of the situation. See: Sheidlower, Jesse (2004-12-08), Crying Wolof: Does the word hip really hail from a West African language?, Slate Magazine, Посетено на 2007-05-07
  2. „Online Etymology Dictionary“. Etymonline.com. Посетено на 2014-02-03.
  3. „Hep - Definition and More from the Free Merriam-Webster Dictionary“. Merriam-webster.com. 2012-08-31. Посетено на 2014-02-03.
  4. "The attendance at the third Pop Festival at...Isle of Wight, England on 30 Aug 1970 was claimed by its promoters, Fiery Creations, to be 400,000." The Guinness book of Records - 1987, (p91), Editor Russell, Alan. Guiness Books, 1986 ISBN 0851124399
  5. Purcell, Fernando; Alfredo Riquelme (2009). Ampliando miradas: Chile y su historia en un tiempo global. RIL Editores. стр. 21. ISBN 956-284-701-2.
  6. Brand, Stewart (Spring 1995), „We Owe It All To The Hippies“, Time, том 145 no. 12, Архивирано од изворникот на 2011-05-01, Посетено на 2007-11-25
  7. DISCOGS, Beck – Mellow Gold (пристапено на 10.9.2022)
  8. DISCOGS, The Flying Burrito Bros ‎– The Gilded Palace Of Sin (пристапено на 21.2.2020)