Бубрежна слабост
Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување во врска со темите од областа на медицината (здравјето). |
Акутната бубрежна инсуфициенција, или скратено АБИ, е ненадејно губење на способноста на бубрезите да ја вршат нивната основна функција – елиминирање на вишокот течности и електролити, како и отпадниот материјал од крвта. Кога бубрезите ја губат филтрирачката способност, во телото се акумулираат опасни нивоа на течности, електролити и отпадни материјали. Акутната бубрежна инсуфициенција се развива брзо, во текот на неколку часа или неколку дена. Таа се јавува често кај луѓе кои веќе се хоспитализирани, особено кај критично болните луѓе кои имаат потреба од интензивна нега. Акутната бубрежна инсуфициенција може да биде фатална и бара интензивен третман. Но, таа може да биде реверзибилна состојба. Ако пациентот е во добра здравствена состојба, тогаш големи се шансите, ако благовремено се реагира, да се поврати нормалната бубрежна функција.
Бубрежна слабост | |
---|---|
Апарат за хемодијализа | |
Специјалност | Нефрологија |
Причини
уредиАкутната бубрежна инсуфициенција се случува кога бубрезите одеднаш стануваат неспособни да ги филтрираат отпадните материи од крвта. АБИ се јавува кога некоја состојба ги оштетува бубрезите, или кога некоја состојба го забавува протокот на крв низ нив. Акутната бубрежна инсуфициенција, исто така, може да се случи кога отпадните материи, филтрирани од страна на бубрезите, не се во можност да се исфрлат од телото преку урината.
Во болестите и состојбите кои го забавуваат протокот на крв во бубрезите, спаѓаат:
- загуба на крв
- лекови за крвен притисок
- срцев удар
- срцево заболување
- инфекција
- цироза на црниот дроб
- нестероидни антиинфламаторни лекови, како што се: аспиринот, ибупрофенот и напроксенот
- тешка алергиска реакција (анафилакса)
- тешки изгореници
- тешка дехидратација
Болести и состојби кои ги оштетуваат бубрезите се:
- згрутчена крв во артериите и вените во и околу бубрезите
- депозити на холестерол кои го блокираат протокот на крв во бубрезите
- гломерулонефритис
- хемолитично-уремичен синдром
- инфекција
- лупус
- лекови, како што се одредени цитостатици, антибиотици и контрасти кои се користат за визуелизација на бубрезите
- мултипен миелом
- склеродерма
- тромботична тромбоцитопенична пурпура
- токсини, како на пример алкохол, тешки метали и кокаин
- васкулитис
Во состојбите и болестите кои го оневозможуваат исфрлањето на урина од телото (уринарна опструкција) спаѓаат:
- рак на мочен меур
- згрутчена крв во уринарниот тракт
- рак на грлото на матката
- рак на дебелото црево
- хипертрофична (зголемена) простата
- камчиња во бубрези
- оштетување на нервите кои го контролираат мочниот меур
- рак на простата
Фактори на ризик
уредиАкутната бубрежна инсуфициенција речиси секогаш се јавува како придружна појава на некоја друга медицинска состојба, додека таа поретко е основна болест кај пациентот. Условите кои го зголемуваат ризикот од АБИ се:
- лицето да е хоспитализирано, особено поради сериозна состојба која бара интензивна нега
- напредна возраст
- блок на крвните садови на рацете или нозете (периферна артериска болест)
- дијабетес
- висок крвен притисок
- срцева слабост
- бубрежни заболувања
- заболувања на црниот дроб
Симптоми
уредиРаните симптоми на бубрежната инсуфициенција обично се суптилни и затоа не е лесно да се забележат. Бубрежната неспособност може да напредува бавно или да се појави ненадејно. Вообичаено, штом се појават симптомите, тоа значи дека болеста веќе е во напредна фаза и дека бубрегот е значително оштетен, што предизвикува и други болести, како срцеви проблеми. Промената на навиките на мокрење, бојата и типот на урината или честото мокрење се најчестите манифестации на бубрежната инсуфициенција. Исто така, може да се забележи напор и тешкотии при мокрењето, а понекогаш, урината може да биде пенлива, поради зголеменото присуство на белковини или пак да биде крвава.[1]
Знаците и симптомите на АБИ може да вклучат:[1]
- намален волумен на урината, иако повремено уринарниот волумен останува нормален
- задршка на течностите, што предизвикува отекување на нозете или глуждовите
- дремливост
- недостаток на воздух
- хроничен замор
- губење на апетитот и слабеење
- чешање и осип на кожата
- лош здив и чувство на вкус на железо во устата
- збунетост
- гадење
- анемија и чувство на студ
- вртоглавица
- напади или кома во потешките случаи
- градна болка или притисок
- грчеви во мускулите и оштетување на коските
- умерена или силна болка во грбот
- мускулна парализа или абнормални срцеви ритми
Понекогаш, акутната бубрежна инсуфициенција не предизвикува никакви симптоми и знаци, и случајно се открива преку лабораториски тестови кои се направени поради некоја друга причина.
Дијагноза
уредиАко знаците и симптомите кај пациентот укажуваат на можно постоење на акутна бубрежна инсуфициенција, лекарот може да препорача тестови и процедури со цел да се потврди дијагнозата.
Во испитувањата кои се прават за откривање на АБИ, спаѓаат:
- Мерење на уринарниот волумен. Износот на урина која се исфрла во текот на еден ден може да помогне за да се одреди состојбата на бубрезите.
- Тестови на урината. Анализата на уринарен примерок, постапка која се нарекува уриноанализа, може да ги открие абнормалностите кои сугерираат на бубрежна инсуфициенција.
- Крвни тестови. Во примерокот од крв може да се открие брзото качување на нивото на уреа и креатинин – двете супстанци кои се користат за мерење на бубрежната функција
- Тестови за визуелизација. Тестовите како што се ултразвук и компјутеризираната томографија може да помогнат во визуелизација на бубрезите
Бубрежна биопсија. Тое е земање на мал примерок на ткиво од бубрезите кое се отстранува за лабораториски тестирања. Ткивото се отстранува со помош на долга игла, која се внесува преку кожата директно во бубрезите.
Лекување
уредиЛекувањето на акутната бубрежна инсуфициенција обично бара болнички престој. Повеќето луѓе со АБИ се претходно хоспитализирани. Колку долг ќе биде болничкиот престој зависи од причината за појавата на АБИ и колку брзо бубрезите ќе се опорават. Лекување на основната болест или состојба која довела до АБИ. Лекувањето на акутната бубрежна инсуфициенција вклучува откривање на болест или повреда која примарно ги оштетила бубрезите. Опциите за лекување ќе зависат од тоа што ја предизвикало АБИ.
Лекување на компликации додека бубрезите не закрепнат:
- Нормализирање на рамнотежата на состојките во крвта. Акутната бубрежна слабост, понекогаш е предизвикана од недостаток на течност во крвта. Во овој случај, лекарот може да ординира поставување на интравенски течности. Во други случаи, АБИ може да е предизвикана од вишок на телесни течности, што доведува до отоци на рацете и нозете. Во овие случаи, се препишуваат диуретици, за да се исфралат непотребните течности од телото.
- Лекови кои го контролираат калиумот во крвта. Ако бубрезите не го филтрираат калиумот од крвта нормално, тогаш лекарот може да препише калциум, гликоза или натриум полистирен сулфонат, за да се спречи акумулација на високи ниоа на калиум во крвта. Премногу калиум во крвта може да предизвика опасни аритмии.
- Лекови за нормализирање на нивото на калциум во крвта. За оваа состојба, потребна е интравенска инфузија со калциум.
- Дијализа. Ако се насоберат токсини во крвта, потребно е пациентот да се подложи на привремена хемодијализа, за да се отстранат вишокот на течности и отрови од телото, додека закрепнат бубрезите. Со помош на дијализата, се отстранува и вишокот на калиум од телото.
Компликации
уредиПотенцијалните компликации од акутната бубрежна инсуфициенција вклучуваат:
- Трајно оштетување на бубрезите. Повремено, АБИ предизвикува трајна загуба на бубрежната функција, или терминален стадиум на бубрежна болест. Луѓето со терминална фаза на бубрежна болест им е потребна дијализа – процес на механичка филтрација на крвта за отстранување на токсините и отпадниот материјал од телото – или пресадување на бубрези за да преживеат.
- Смрт. Акутната бубрежна инсуфициенција може да доведе до губење на функцијата на бубрезите, и консеквентно до смрт. Ризикот од смрт е највисок кај пациентите кои имаат бубрежни проблеми пред појавата на АБИ.