Дијализа (гр. διάλυσις дијализа – олабавување), во медицината, е процес на отстранување на вишокот вода, растворени материи и токсини од крвта на луѓето чии бубрези повеќе не можат природно да ги извршуваат овие функции. Првата успешна дијализа е направена во 1943 година.

Пациент на дијализа

Дијализата се применува кога има намалена бубрежната функција, познато како акутна бубрежна инсуфициенција или кога има постепено опаѓање на функцијата на бубрезите, хронична бубрежна болест, односно стадиум 5. Стадиум 5 хронична бубрежна инсуфициенција се постигнува кога стапката на гломеруларна филтрација е 10-15% од нормалната, клиренсот на креатинин е помал од 10 ml во минута и присутна е уремија.[1]

Дијализата се користи како привремена мерка при акутно оштетување на бубрезите или кај оние кои чекаат трансплантација на бубрег и како трајна мерка кај оние за кои трансплантацијата не е индицирана или не е можна.[2]

Во Австралија, Канада, Обединетото Кралство и Соединетите Држави, дијализата ја плаќа владата за оние кои ги исполнуваат условите.[3]

Во истражувачките лаборатории, техниката на дијализа може да се користи и за одвојување на молекулите врз основа на нивната големина. За дијализа во лабораторија се користи тубуларна полупропустлива мембрана направена од целулоза ацетат или нитроцелулоза.[4] Големината на порите варира во зависност од потребното одвојување на големината со поголеми димензии на порите што овозможуваат поголеми молекули да минуваат низ мембраната. Растворувачите и јоните лесно може да дифузираат низ полупропустливата мембрана, но поголемите молекули не можат да поминат низ порите. Ова може да се користи за прочистување на протеин од сложена смеса со отстранување на помали белковини и молекули.

Постојат два основни типа на дијализа:

Околности

уреди

Бубрезите играат важна улога во одржувањето на здравјето. Кога човекот е здрав, бубрезите ја одржуваат внатрешната рамнотежа на водата и минералите (натриум, калиум, хлорид, калциум, фосфор, магнезиум, сулфат) во телото. Киселите крајни продукти на метаболизмот од кои телото не може да се ослободи преку дишењето се излачуваат преку бубрезите. Бубрезите исто така функционираат како дел од ендокриниот систем, произведувајќи еритропоетин, калцитриол и ренин. Еритропоетинот е вклучен во производството на црвени крвни зрнца, а калцитриолот игра улога во формирањето на коските[5] . Дијализата не е совршен третман за замена на бубрежната функција бидејќи не ги корегира нарушените бубрежни ендокрини функции. Третманот со дијализа заменува некои од овие функции со дифузија (отстранување на отпадот) и ултрафилтрација (отстранување на течност).[6] Процесот на дијализа користи високо прочистена (исто така позната како „ултрачиста“) вода.[7]

Принцип

уреди
 
Апарати за дијализа.

Дијализата работи на принципите на дифузија на растворени материи и ултрафилтрација на течност преку полупропустлива мембрана. Дифузијата е својство на супстанции во вода; супстанциите во водата имаат тенденција да се движат од област со висока концентрација во област со мала концентрација. Крвта тече на едната страна од полупропустливата мембрана, а дијализатот, односно специјалната течност за дијализа, тече на спротивната страна. Полупропустлива мембрана е тенок слој на материјал кој содржи дупки со различни големини, т.е. пори. Помалите растворени материи и течности минуваат низ мембраната, но мембраната го блокира преминувањето на поголеми материи (на пример црвени крвни зрнца и големи белковини ). Ова го повторува процесот на филтрирање што се одвива во бубрезите кога крвта влегува во бубрезите и поголемите материи се одвојуваат од помалите во гломерулот.[8]

Двата главни типа на дијализа, хемодијализата и перитонеалната дијализа, го отстрануваат отпадот и вишокот вода од крвта на различни начини.[2]

 
Машина за хемодијализа

Хемодијализата ги отстранува отпадот и водата циркулирајќи ја крвта надвор од телото преку надворешен филтер, наречен дијализатор, кој содржи полупропустлива мембрана. Крвта тече во една насока и дијализатот во спротивна насока. Контраструен проток на крв и дијализат го максимизира градиентот на концентрацијата на растворени материи помеѓу крвта и дијализатот, што помага да се отстрани повеќе уреа и креатинин од крвта. Концентрациите на растворени материи кои вообичаено се наоѓаат во урината (на пример, калиум, фосфор и уреа ) се непожелно високи во крвта, но ниски или отсутни во растворот за дијализа, а постојаната размена на дијализатот гарантира дека концентрацијата на несаканите растворени материи останува ниска од оваа страна на мембрана. Растворот за дијализа има нивоа на минерали како што се калиум и калциум кои се слични на нивните природни концентрации во здравата крв. За другата растворена супстанција, бикарбонатот, нивото на растворот за дијализа е поставено на малку повисоко ниво отколку во нормалната крв, за да се поттикне дифузијата на бикарбонат во крвта, да дејствува како pH пуфер за да ја неутрализира метаболичката киселост често присутна кај овие пациентите. Нивоата на компонентите на дијализата обично ги пропишува нефролог во зависност од потребите на индивидуалниот пациент.

 
Шематски приказ на перитонеална дијализа

Во перитонеалната дијализа, отпадните производи и водата се отстрануваат од крвта во телото со користење на перитонеумот како природна полупропустлива мембрана. Отпадот и вишокот вода се движат од крвта, преку перитонеалната мембрана и во специјален раствор за дијализа, наречен дијализат, во абдоминалната празнина.

Дијализата од психолошки аспект

уреди

Пациентот на дијализа може да се чувствува онеспособен во многу аспекти од животот. Голем дел од нив тешко го поднесуваат фактот дека станале зависни од апарати и лекари . Нивниот секојдневен живот веќе е комплициран поради организацијата на транспортот до дијализа. Терапијата влијае на слободното време, работното време и школувањето. Лицето на дијализа е изложено на големи материјални трошоци и секое движење надвор од местото на живеење е условено со дијализата. Постарите луѓе стануваат зависни од членовите на своето семејство. Пациентите на дијализа често имаат чувство на вина и незадоволство, секојдневните обврски и рутини се менуваат, остатокот од семејството ги презема обврските на болниот член. Следуваат и телесни загуби и промени во изгледот како последици. Децата на дијализа може да се чувствуваат отфрлени од нивните врсници. Луѓето на дијализа стануваат депресивни, повлечени и недружени. Психолошките проблеми на пациентите се намалуваат, не само со подобрување на квалитетот на дијализата, туку и со подобрување на севкупниот квалитет на животот на пациентот. Околината во која живее и работи пациентот треба да остане непроменета, но сите околу него треба да бидат свесни дека неговиот живот е постојано загрозен.

Наводи

уреди
  1. Tadros, Atef R; Sopher, G; Langlois, R G (1998-06-11). „A New Approach For Passive Securing At Landing and Powered Handling of Helicopters Onboard Small Ships“. Warship 98 - Surface Warships The Next Generation. RINA. doi:10.3940/rina.sw.1998.3.1.
  2. 2,0 2,1 Satko, Scott G.; Burkart, John M. (2008). Initiation of Dialysis Therapy. Elsevier. стр. 341–351.
  3. Shneider, Benjamin L.; Moore, Jeff; Kerkar, Nanda; Magee, John C.; Ye, Wen; Karpen, Saul J.; Kamath, Binita M.; Molleston, Jean P.; Bezerra, Jorge A. (2017-05-11). „Initial assessment of the infant with neonatal cholestasis—Is this biliary atresia?“. PLOS ONE. 12 (5): e0176275. doi:10.1371/journal.pone.0176275. ISSN 1932-6203.
  4. Ninfa, Alexander J. (2010). Fundamental laboratory approaches for biochemistry and biotechnology. David P. Ballou, Marilee Benore (2nd ed. изд.). Hoboken, NJ: John Wiley. ISBN 978-0-470-08766-4. OCLC 420027217.CS1-одржување: излишен текст (link)
  5. „Clinical Transesophageal Echocardiography. Howard C. Dittrich Mosby Yearbook, St. Louis (1992) Mosby Yearbook, St. Louis (1992) 179 pages, illustrated, $95.00 ISBN: 0-8016-1211-X“. Clinical Cardiology. 16 (4): 365–365. 1993-04. doi:10.1002/clc.4960160418. ISSN 0160-9289. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  6. Anderson, J.; Glynn, L. G. (2011-02-09). „Definition of chronic kidney disease and measurement of kidney function in original research papers: a review of the literature“. Nephrology Dialysis Transplantation. 26 (9): 2793–2798. doi:10.1093/ndt/gfq849. ISSN 0931-0509.
  7. Dheda, Shyam; Van Eps, Carolyn; Hawley, Carmel; Johnson, David W. (2015-09-09). Water Treatment for Centre and Home-Based Haemodialysis. InTech.
  8. Tamara., Myers, (2006). Mosby's dictionary of medicine, nursing & health professions. Mosby Elsevier. ISBN 0-323-03562-0. OCLC 779076851.CS1-одржување: излишна интерпункција (link)