Австралиски Алпи
Австралиските Алпи се планински венец во југоисточна Австралија. Тоа е највисокиот планински венец во Австралија и е еден од привременте австралиски биорегиони.[1] Венецот се протега долж границата меѓу источна Викторија, југоисточен Нов Јужен Велс и Австралиската престолнина територија. На нив се наоѓаат единствените врвови во Австралија повисоки од 2000 метри надморска височина и се единствен биорегион на австралиското копно на кој паѓа снег секоја година. Венецот зафаќа површина од 1.232.981 хектари.[2]
Австралиските Алпи се дел од Големите Разводни Планини, верига од планински и ридски венци и висорамнини кои се протегаат на околу 3000 километри - од северен Квинсленд, преку Нов Јужен Велс и до северниот дел на Викторија.[3] Оваа верига од висорамнини го дели сливот на реки што се влеваат на исток во Тихиот Океан и реки кои течат на запад и се влеваат во Мареј-Дарлинговиот басен (а оттаму во Јужниот Океан) или во внатрешни води, како езерото Ер, кое е под нивото на морето, или пак брзо испаруваат.
Австралиските Алпи се состојат од два биогеографски подрегиони: Снежните Планини, во чиј склоп влегува и венецот Бриндабела кој се наоѓа во Нов Јужен Велс и Австралиската Престолнина Територија; и Викторијанските Алпи во Викторија, познати и како „Висока Земја“, особено во културен или историски контекст.
Геологија
уредиЗа разлика од другите високи планински венци како: Карпестите планини (највисок врв 4401 метри), Европските Алпи (највисок врв 4808 метри) или Хималаите (највисок врв 8848 метри), Австралиските Алпи не биле формирани со судир на две континентални плочи кои го туркале карпестиот плашт на Земјата за да создадат нерамни, карпести врвови. За разлика од нив, Австралиските Алпи се состојат од високо плато, со многу поблаги ридови кои се наоѓаат долж долга, широка висорамнина која се издигнала во висина од илјадници метри поради движењето на магмата кога Гондвана почнала да се распаѓа пред 130 и 160 милиони години. Највисокиот врв на австралиските Алпи е на планината Кошќушко (2228 метри).
Формирањето на австралиските Алпи во голема мера било завршено пред околу 100 милиони години, но во текот на изминатите 90 милиони години, се случувале многу мали процеси на издигнување, со повремени ерупции на базалтна лава од мали вулкани, која течела низ падините кон некои од долините, со што се пополниле низините и се формирале рамни предели кај овие висорамнини.
За време на Плеистоценското леденото доба, пред околу 2 милиони години, кога се формирале ледени капи на многу високи венци ширум светот, и на половите, на највисоките делови на Австралиските Алпи биле формирани мали ледници, претежно во близина на планината Кошќушко. Иако денес не останал ниеден ледник, доказите за нивното постоење може да се најдат во бројните циркови во тој регион, како што се Клуб Лејк, Блу Лејк и Хедли Тарн.
Екологија
уредиАвстралиските Алпи се важни како резерват, за рекреација и како одводен слив, со тоа што голем дел од истекот од источните падини од венецот вештачки е пренасочен во реката Мари и во нејзината притока во реката Мурумбиџи преку градежниот проект на Образецот за Снежните Планини.
Природата е заштитена со големи национални паркови, како Националниот парк Кошќушко во Нов Јужен Велс и соседниот Алпски национален парк во Викторија. Со националните паркови на Австралиските Алпи заеднички управуваат агенциите на Австралиската влада и државните влади од овој регион.
На Австралиските Алпи се наоѓаат единствените скијачки подрачја во континентална Австралија. Заедно со градот Кабрамура во Нов Јужен Велс, тие се единствените постојани населби во оваа област. Во долините под подножјето може да се најдат неколку градови со средна големина, како Џиндабин во Нов Јужен Велс, Корјонг во Викторија и планината Бјути.
Австралиските Алпи не се високи или стрмни како Европските Алпи, Јужните Алпи во Нов Зеланд или Андите, а на повеќето од врвовите може да се стигне без опрема за планинарење.
Птици
уредиАвстралиските Алпи се класифицирани од BirdLife International како Важно подрачје за птици. Во шумските предели од венецот живеат и се размножуваат големи популации на црвеногради австралиски славејчиња (Petroica phoenicea) и ендемичните Pycnoptilus floccosus.[4]
Инсекти
уредиБогоншкиот молец сезонски мигрира, минувајќи долги растојанија од и до Австралиските Алпи и естивира во пештери и други места во планинскиот венец во летото да ги избегне високите температури и недостатокот на храна во вид на ларви.[5] Со молецот се хранат многу видови кои живеат во регионот, како што е загрозениот планински пигмејски посум. Но, молецот исто така е биовектор на арсен, и го пренесува од низините во кои се храни во планините, што доведува до биоакумулација на елементот во околината на планинскиот венец.[6]
Шумски пожари
уредиПоради топлата и сува клима, пожарите во Австралија се чести, особено во густите шумски области на Австралиските Алпи. Алпите, особено од Викторијанската страна на границата (познати како Викторијански Алпи), повремено ги зафаќаат големи шумски пожари и некогаш се речиси целосно изгорени, особено; Црниот четврток во 1851 година, црниот петок (1939 година) и за време на пожарите во 2003 и 2006-07 година.
Одредена автохтона флора во Австралија еволуирала да се потпира на шумските пожари како средство за репродукција. На пример, кај некои видови евкалипти и банксија, пожарот овозможува отворање на мешунките од семето, и им овозможува да 'ртат. Пожарот исто така го поттикнува растењето на нови тревни растенија. Другите видови се адаптирале брзо да се опорават од пожарот.
Алпски куќарки
уредиНа Австралиските Алпи има околу 120 активни алпски куќарки кои претежно потекнуваат од времето на раните сточари. Многу од нив се употребуваат и денес од планинарите и скијачките групи во текот на целата година. Повеќето од овие куќарки се одржуваат од волонтери и локалната служба за Национални паркови и диви животни.
Најпознати куќарки се: Вила Москва, Куќарка на вљубените, Симановата куќарка и Мосоновата куќарка.
Атракции
уреди- Пешачката патека на Австралиските Алпи е патека за пешачење на долги растојанија низ алпските области на Викторија, Нов Јужен Велс и ACT. Долга е 655 км. Почнува од Валхала во Викторија и завршува во близина на Канбера.
Скијачки центри
уредиАвстралиските Алпи се главниот регион во кој се одвива скијањето во Австралија (иако скијањето е можно и во Тасманија ). Има скијачки патеки на многу места на Алпите а скијачката сезона трае од јуни до октомври. Во Нов Јужен Велс има највисоката снежна покривка во Австралија, и таму се наоѓаат најстарите ски терени и најголемото одморалиште. Рекреативното скијање во Австралија започнало околу 1861 година во Киандра, Нов Јужен Велс, кога норвешките рудари почнале да скијат на замрзнатите ридови околу градот.[7] На југ има пострмни падини и повеќе снег, па во 20 век фокусот на рекреативното скијање во Нов Јужен Велс се префрлил на југ, на планините во и околу регионот на Главниот венец, каде што се најдобриот вертикален пад во Австралија (во Тредбо) и најголемото одморалиште во Австралија (Перишер). Во Државата Викторија има најмногу области за скијање во Австралија.[8]
Планината Богонг, со својот врв на 1986 m надморска височина, е највисокиот врв во Викторија. Околните висорамнини Богонг се области со најмногу снег во Австралија. Таму се наоѓаат одморалиштето Фолс Крик и планината Хотам.[9]
Панорами
уредиНаводи
уреди- ↑ IBRA Version 6.1 Архивирано на 8 септември 2006 г. data
- ↑ „Interim Biogeographic Regionalisation for Australia (IBRA7) regions and codes“. Department of Sustainability, Environment, Water, Population and Communities. Commonwealth of Australia. 2012. Посетено на 13 January 2013.
- ↑ „Geology of the Australian alps“ (PDF). стр. 1. Посетено на 30 November 2013.
The Australian Alps are the highest part of a larger entity, the Eastern Highlands of Australia...
- ↑ „IBA: Australian Alps“. Birdata. Birds Australia. Архивирано од изворникот на 2016-10-13. Посетено на 2011-05-19.
- ↑ Warrant, Eric; Frost, Barrie; Green, Ken; Mouritsen, Henrik; Dreyer, David; Adden, Andrea; Brauburger, Kristina; Heinze, Stanley (2016). "The Australian Bogong Moth Agrotis infusa: A Long-Distance Nocturnal Navigator". Frontiers in Behavioral Neuroscience. 10. doi:10.3389/fnbeh.2016.00077. ISSN 1662-5153.
- ↑ Green, Ken; Broome, Linda; Heinze, Dean; Johnston, Stuart (2001). "Long distance transport of arsenic by migrating Bogong moths from agricultural lowlands to mountain ecosystems" Архивирано на 3 октомври 2017 г.. The Victorian Naturalist. 118 (4): 112–116. ISSN 0042-5184.
- ↑ „Kiandra - Culture and History“. The Sydney Morning Herald. 21 November 2008. Архивирано од изворникот на 2010-10-31. Посетено на 2010-05-04.
- ↑ „404“. australia.com. Архивирано од изворникот на 10 February 2012. Посетено на 25 January 2016.
- ↑ [1] Архивирано на {{{2}}}.