Јужни Алпи
Јужните Алпи (англ. Southern Alps) се планински венец кој се протега долж западната страна на Јужниот Остров на Нов Зеланд, и го дели Јужниот Остров на два дела по целата должина. Поимот „Јужни Алпи“ се однесува на целиот венец, но помалите венци во склоп на него имаат свои имиња.
Аораки/Кукова Планина е највисоката планина на венецот (и во земјата) со 3.754 m. Венецот има уште 16 врва кои надминуваат 3.000 метри во височина. Голем дел од венецот е заштитен како дел од разни национални паркови, од кои позначајни се националниот парк Вестленд, Маунт Аспајринг, и Аораки/Кукова Планина. Според едно пребројување од доцните 1970-ти, Јужните Алпи имале над 3000 ледници поголеми од еден хектар,[1] а најголемиот од нив – Тасмановиот Ледник – е долг 29 километри.[2]
Јужните Алпи ги именувал капетанот Кук на 23 март, 1770, опишувајќи ја нивната „запрепастувачка височина“.[3] Пред Кук ги видел и Абел Тасман во 1642, чиј опис на западното крајбрежје на Јужниот Остров честопати се преведува како „крај издигнат на високо“.[4]
Јужните Алпи се протегаат долж тектонска граница, дел од т.н. Тихоокеански Огнен Прстен, при што Тихоокеанската Плоча на југоисток турка западно и се судира со северно насочената Индоавстралиска Плоча на северозапад.[5] Во текот на изминатите 45 милиони години, судирањата од Тихоокеанската Плоча истиснале карпи со широчина од 20 км образувајќи ги Алпите, иако најголемиот дел од овој истисок денес е одронет. Нагорниот раст бил најбрз во последните 5 милиони години, и ова извишување продолжува и денес благодарјќи на тектонскиот притисок, кој предизвикува земјотреси во Алпскиот Расед. И покрај значителноото извишување, највеќето релативни движења на Алпскиот Расед се странични, а не вертикални.[6]
Бидејќи венецот е ориентиран нормално на предоминантните западни ветришта, венецот создава одлични услови за летање со едрилица. Гратчето Омарама, која е во заветрина од планините, има стекнато меѓународно реноме за неговите услови за воздушно едрење. Предоминантните западни ветришта исто така создаваат и временска појава наречена „Северозападен Лак“, каде влажниот воздух се истиснува нагоре над планините, обликувајќи облачен лак во инаку синото небо. Оваа временска појава честопати е видлива во текот на летото преку Кантербери и Северен Отаго. Тамошниот северозападен ветер е фенски ветер сличен на Чинукот во Канада, каде влажните ветришта удираат во планинските венци и го истиснуваат воздухот нагоре, така разладувајќи го воздухот и кондензирајќи ја влажноста во дожд, па со тоа се добиваат суви топли ветрови во спуштениот воздух во заветрина на планините.
Наводи
уреди- ↑ Chinn, T. J. (2001). Дистрибуција на ледничките водни ресурси на Нов Зеланд Архивирано на 16 октомври 2008 г., Journal of Hydrology (Нов Зеланд), 40(2), 139–187.
- ↑ Lambert, M. (уредн.) (1989) Air New Zealand Almanack Wellington: New Zealand Press Association. стр. 165
- ↑ Reed, A.W. (1975) Place names of New Zealand. Wellington: A.H. & A.W. Reed. ISBN 0-589-00933-8 стр. 384.
- ↑ Orsman, H. and Moore, J. (уредн.) (1988) Heinemann Dictionary of New Zealand Quotations, Heinemann, стр. 629.
- ↑ Campbell, Hamish; Hutching, Gerard (2007). In Search of Ancient New Zealand. North Shore and Wellington, New Zealand: Penguin Books, во соработка со GNS Science. стр. 35. ISBN 9780143020882.
- ↑ Campbell, Hamish; Hutching, Gerard (2007). In Search of Ancient New Zealand. North Shore and Wellington, New Zealand: Penguin Books, во соработка со GNS Science. стр. 204–205. ISBN 9780143020882.