Големи Разводни Планини

планински венец во Австралија

Големите Разводни Планини, познати и како Источнa Австралискa Кордилерa или Источни Висорамнини, е планински систем во источна Австралија кој се состои од многу планински венци, висорамнини и ридови, кој се протега скоро паралелно со источниот брег на Австралија и е петтиот најдолг копнен планински венец на светот, а најдолг кој целосно се протега во една земја. Тие се најзначајната топографска одлика на континентална Австралија и служи како дефинитивен слив за речните системи во источна Австралија, па оттука и името.

Големи Разводни Планини

Големите Разводни Планини се протегаат на повеќе од 3500 км; од островот Дауан во теснецот Торес кај северниот врв на полуостровот Кејп Јорк, и ја поминуваат целата должина на источното крајбрежје низ Квинсленд и Нов Јужен Велс, а потоа свртуваат на запад преку Викторија пред конечно да исчезнат во рамнините Вимера. Ширината на венецот варира од околу 160 км до над 300 км.[1] Во венецот се наоѓаат предели од светското наследство: Големите Сини Планини, дождовните шуми Гондвана и Влажните тропски предели на Квинсленд. Највисокото место во Австралија - врвот Кошќушко (2,228 m), се наоѓа во делот на Снежните Планини на јужниот дел од Големите Разводни Планини.

Географија

уреди

Големите Разводни Планини не се состојат од еден континуиран планински венец, туку е комбиниран систем (Кордиљера) од планински масиви, висорамнини, ридско планински области и ескарпи со древно и комплексно геолошко минато. Затоа се нарекуваат и како источноавстралиска кордиљера. На некои места теренот е релативно рамен, составен од многу ниски ридови.[2] Обично, висорамнините се високи од 300 до 1600 метри.[2] Планините и висорамнините, кои се состојат од варовници, песочник, кварцити, шкрилци и доломит, настанале со раседни процеси и процеси на превиткување.[3]

Сртовите на Големи Разводни Планини ја поставуваат границата на сливните подрачја на речните системи помеѓу источната (крајбрежната или дождовната страна) и западната (внатрешната или подветрената) страна од нив. Терминот „Големи Разводни Планини“ може да се однесува на целиот висински комплекс со сите ридови и планини помеѓу источниот брег на Австралија и централните рамнини и низини, или само на разводните сртови. На некои места може да биде широк и до 400 км.[2]

По правило, реките источно/југоисточно од Разводните Планини се влеваат директно во Јужниот Тихи Океан и Тасманското Море, или на југ во теснецот Бас. Реките западно од Разводните Планини се влеваат во: Големиот Австралиски Залив преку крајбрежното езеро Александрина;[2] езерото Ер во источниот дел на централна Австралија; а бројните реки на западниот полуостров Кејп Јорк во североисточна Австралија се влеваат директно во Карпентарискиот Залив.

Наводи

уреди
  1. Shaw, John H., Collins Australian Encyclopedia, William Collins Pty Ltd., Sydney, 1984, ISBN 0-00-217315-8
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Johnson, David (2009). The Geology of Australia. Cambridge University Press. стр. 202. ISBN 0-521-76741-5.
  3. Haggett, Peter (2001). Encyclopedia of World Geography. Marshall Cavendish. стр. 3211. ISBN 0-7614-7289-4. Посетено на 23 December 2012.