Џон Толанд (англиски: John Toland) - (30 ноември 1670, Ардаг, Ирска - 11 март 1722, Лондон, Англија) англиски филозоф.

Животопис

уреди
 
Џон Толанд

Џон Толанд се родил во 1670 година, во Ирска. Спред некои извори, тој бил незаконски син на католички свештеник. Како бунтовен и немирен дух, веќе на возраст од 14 години, тој учествувал во некое локално востание, поради што бил осуден на јавно камшикување. Пред својата смрт, самиот си составил епитаф за својот надгробен споменик, на којшто напишал: „Veritatis propugnator, libertatis assertor“ („Борец за вистина, бранител на слободата“).[1]

Творештво

уреди
 
Насловната страница на делото „Hypatia“, издание од 1753 година.

Толанд започнал рано да пишува и веќе во својата 21. година го објавил своето прво дело „Племето на Леви“ (Tribe of Levi) во кое тврди дека на светот нема ништо поштетно од свештенството. Поради острите реакции на оваа книга, Толанд морал да побегне во Холандија. Во 1696 година го објавил своето славно дело „Христијанство без тајни“ (Christianity not mysterious). Исто така, тој објавувал и изданија на туѓи дела. Така, во 1699 година ги објавил делата на поетот Џон Милтон, заедно со неговата биографија, а во 1700 година ги објавил делата и биографијата на републиканецот Џејмс Харингтон (James Harrington). Истата година го објавил своето дело „Clito или за говорот“, во 1701 година следувале делата „Anglia libera“ и „Државни парадокси“, во 1702 година го објавил делото „Vindicius liberius или самоодбраната на Г. Толанд“. Понатаму, негови попознати дела се и: „Писма до Серена“ (1704), „Adeisidaemon“ (1708), „Nazarenus“ (1718), „Tretradymos“ (1720), „Pantheistikon“ (1720) итн. Сите овие дела имале слична судбина како и неговата прва книга: предизвикале остри реакции, против секое од нив биле објавени неколку памфлети, книгата „Христијанство без тајни“ била јавно запалена, а еден член на цензурата дури предложил да се запали и нејзиниот автор. Поради непријатлескиот став кон неговите дела, Толанд бил принуден многу од своите книги да ги издава анонимно, јавно да изјавува дека нема ништо против христијанството и монархијата или дека е непријател на атеизмот, а често морал да го менува местото на живеење (Англија, Ирска, Холандија, Германија, Чешка и Австрија).[1]

 
Предната корица на „Pantheisticon“ од 1720 г.

Пантеизмот на Толанд

уреди

Низ целото творештво на Толанд провејува борбата за слобода на мислењето. Според него, слободното изразување на мислите е услов за јавна афирмација на вистината. Оттука, Толанд се борел против верската нетолеранција и политичката тиранија. Во тој поглед, Толанд се солидаризирал со филозофите-пантеисти, сметајќи ги за „непријатели на сите тирани, без оглед на тоа дали се монарси или деспоти, олигархиски оптимати или анархистички деспоти“. Според него, „пантеистот нема никого да прогонува само поради неговите уверувања, т.е. неговите зборови и дела, доколку тие никому не причинуваат штета“. На тој начин, проширувајќи ја толеранцијата и на атеистите, во борбата за верска толеранција, Толанд отишол чекор напред во однос на Џон Лок, кој ги исклучувал нив.[2]

Во продолжение, Толанд се залага и за внатрешна слобода, т.е. луѓето треба да се ослободат од сите авторитети кои им ја заробуваат слободната мисла. Тука, тој во прв ред мисли на религијата со нејзините догми. Во тој поглед, Толанд ја продолжил традицијата на таткото на англискиот деизам, Херберт од Чербери (Herbert of Cherbury), кој на почетокот на 17 век се залагал за „природна“ или „разумна“ религија. Така, во делото „Nazarenus“, Толанд вели дека неговата религија нема да содржи ништо таинствено, несфатливо и воопшто, „ништо што би придонесувало за поробување на духот и телото на народот, ништо што би им служело на намерите на владетелите и свештениците против доброто на човечкиот род“. Притоа, своето религиозно-филозофско учење, Толанд го делел на два дела: егзотерично (надворешно или народско и расипано), кое е наменето за јавна употреба, и езотерично (внатрешно или чисто и вистинско), наменето само за тајни кружоци на избраната интелектуална елита.[3]
Причината за оваа поделба, произлегува од потребата да се избегне реакцијата на власта, зашто, според него, „ниедна религија не трпи да ѝ се противречи...на празноверните и лицемерни приврзаници на религијата...треба да им заблагодариме за раздорот, расцепот, казните, жигосувањето, апсењето, прогонствата и убивањето“. Оттука, Толанд се залагал за внимателно пропагирање на пантеистичката филозофија, т.е. пантеистот „на своја сопствена штета нема да ѝ се спротивстави на вообичаената религија, која во филозофските работи отстапува од вистината, но нема ниту целосно да молчи, ако му се укаже поволна прилика... пантеистите нема да истапат отворено пред да им биде дозволено да мислат што сакаат и да го кажат она што го мислат“.[4]

Инаку, самиот Толанд го нарекол своето учење „пантеизам“, а според него, вселената е направена од еден единствен материјал од кого потекнуваат сите нешта, кои се состојат од едноставни неделиви елементи кои според видовите и количеството се бесконечни. Тие елементи не може да се уништат и сите предмети настануваат или пропаѓаат преку спојување, разделување и различни комбинации на тие елементи. Според Толанд, „во светот не се случува ништо ново, освен промена на местата“. Тој смета дека “сè се наоѓа во движење“ и дека „во природата нема ниту една точка која би се наоѓала во апсолутно мирување“. За разлика од Спиноза, Толанд смета дека движењето не е модус, туку атрибут на материјата, нејзинот битно својство кое „е подеднакво неделиво од нејзината природа, колку што од неа се неделиви непробојноста и простирањето“. Како израз на овие сфаќања, едно од своите две писма наменети на спинозистот (објавени заедно со трите писма на Серена), Толанд го нарекол „Движењето како битно својство на материјата“ (Motion essential to matter).[5] Слично на тоа, Толанд го критикувал и сфаќањето на Њутон за издвојувањето на просторот од материјата, иако ниту тој самиот не успеал да дојде до решение на овој проблем. Понатаму, тој го критикувал и Спиноза, тврдејќи дека мислењето не е атрибут на материјата, зашто тоа „не може да се оствари поинаку освен како дејност на мозокот“, т.е. „мислењето е специфично движење на мозокот“ и дека „сите мисли се телесни“.[6]

Иако целата негова концепција е материјалистичка, Толанд оставил место и за постоењето на Бога. Според неговите зборови, „конечно, силата и дејноста на вселената, која е творец и управувач на сите нешта и која секогаш ги насочува кон најдобрата крајна смисла, е Бог, кого можеш да го наречеш душа или дух на вселената и поради тоа членовите на сократовскиот сојуз ги нарекуваат пантеисти, зашто таа сила само човеќкиот начин на претставување ја дели од вселената“. Така, Толанд го сфаќа Бог не како сила која е надвор од вселената и која управува со неа, туку како нејзина внатрешна активност, како нејзина душа. Токму поради ваквите сфаќања, Толанд бил напаѓан и прогонуван како атеист.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „John Toland“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 94-95.
  2. „John Toland“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 95-96.
  3. „John Toland“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 96-97.
  4. „John Toland“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 98.
  5. „John Toland“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 99.
  6. 6,0 6,1 „John Toland“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 100.