Скендербег
Ѓорѓија „Ѓерѓ“ Кастриот (6 мај 1405 — 17 јануари 1468), попознат како Скендербег (бег Александар)[1] — една од најзначајните личности во историјата на Албанија и албанскиот народ.
Ѓорѓија „Ѓерѓ“ Кастриот - Скендербег | |
---|---|
На престол | 1443-1468 |
Претходник | Јован Кастриот |
Почивалиште | Црква „Св. Никола“ во Леска, Албанија |
Сопружник | Доника Комнина |
Династија | Кастриоти |
Татко | Јован Кастриот |
Мајка | Воисава Трипалда |
Вероисповед | христијанство →преминал во ислам → повторно преминал во христијанство |
Животопис
Рани години
Скендербег е роден како „Ѓерѓ Кастриоти“ во Кроја, денешна Албанија. Син на Јован Кастриот, тој потекнувал од феудалното христијанско семејство „Кастриоти“. Според англискиот историчар Гибон, Јован Кастриот бил кнез на Епир,[2] а неговата власт ги вклучувала денешните албански области Матка, Кроја, Мирдита и Дебар.[3] Неговата мајка Воисава, била кнегиња[4], од полошкото семејството „Трибалда“[5] или од благородното семејство „Музака“.[6] Неговите родители имале девет деца, од кои Ѓерѓ бил најмалиот син, а неговите браќа се викале Станиша, Репош и Костандин, додека неговите сестри Мара, Јелена, Анѓелина, Влајка и Мамица.
Јован Кастриот, како византиски вазал кој се борел против Османлиите, за да ги задржи поседите во средна Албанија и во дебарската област, ги дал своите синови како заложници кај султанот. Таму, децата биле потурчени, а Ѓорѓи го добил името Скендер и ја променил својата вера во Ислам. Подоцна, децата на Јоан Кастриот ја загубиле наклонетоста на султанот Мурат II и тој ги отрул тројцата браќа на Скендер.[7][8] Скендер завршил воена школа во Одрин, а потоа војувал во турската војска при што остварил многу победи за Отоманското Царство во борбите против христијанските народи поради што Јоан Кастриот морал да им се извини на Венецијанците поради активноста не неговиот син. За своите воени заслуги, го добил званието „Искендер Беј“ („бег Александар“ — тур. İskender Bey, алб. Skënderbeg) споредувајќи ја воената умешност на неговото семејство со Александар Македонски.[2][9]
Востанието против Османлиите
По битката против Јанош Хуњади кај Ниш во 1443 година, наместо да се врати кај султанот, Скендербег ја напуштил турската војска[10], заминал во Круја и преминал во христијанството. Тој кренал востание во Дебарско и се прогласил за господар на земјата со која владеел татко му при што создал сојуз со повеќе соседни христијански владетели, а султанот трипати испратил воени експедиции кои безуспешно ја напаѓале Круја. По смртта на султанот Мурат, неговиот син Мехмед II ги продолжил борбите против Скендербег, но тој веќе зајакнал и ги проширил границите на својата држава. Така, тој ги освоил градовите Драч, Белград и Леска, кои претходно биле под власт на Венеција. Исто така, тој му помогнал на кралот Алфонс V да ги одбие турските напади во 1466 година, а отишол дури и кај папата Павле II за да бара помош. Таму, тој бил примен срдечно и бил одликуван со орденот „Рицар на христијанството“, но не ја добил ветената помош. Последната османлиска опсада на Круја била извршена во 1467 година, а ја предводел познатиот турски водач Балабан-паша. Скендербег умрел од треска на 17 јануари 1468 година во Љеш, каде што бил закопан во катедралната црква „Св. Никола“.[11]
Скендербег како мотив во уметноста
- „Скендербег“ — поема на македонскиот поет Григор Прличев.[12]
- „Мојот Скендербеј“ — роман на македонскиот писател Драги Михајловски.
Наводи
- ↑ За своите воени заслуги, го добил звањето „Искендер Беј“ (бег Александар; тур. İskender Bey, алб. Skënderbeu) споредувајќи ја воената умешност на неговото семејство со Александар Македонски.
- ↑ 2,0 2,1 Edward Gibbon, 1788, History of the Decline and Fall of the Roman Empire, Volume 6, Дел за Скендербег на англиски
- ↑ Edwin E. Jacques, The Albanians: An Ethnic History, 1994, p. 179
- ↑ Marin Barleti, 1508, Historia de vita et gestis Scanderbegi Epirotarum principis
- ↑ Camille Paganel, 1855, "Histoire de Scanderbeg, ou Turcs et Chrétiens du XVe siècle"
- ↑ Hodgkinson, Harry. Scanderbeg: From Ottoman Captive to Albanian Hero. I. B. Tauris. ISBN 978-1850439417
- ↑ Rendina, Claudio (2000). La grande enciclopedia di Roma. Rome: Newton Compton. ISBN 88-8289-316-2.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 7-8.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 8.
- ↑ James Emerson Tennent, 1845, The History of Modern Greece, from Its Conquest by the Romans B.C.146, to the Present Time
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 8-9.
- ↑ Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961.
Оваа биографска статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |