Мојот Скендербеј
Мојот Скендербеј – македонски роман од Драги Михајловски. Книгата е издадена во 2006 година од издавачката куќа Каприкорнус.[1]
Автор | Драги Михајловски |
---|---|
Земја | Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | роман |
Издавач | Скопје : Каприкорнус, 2006 |
Издадена | 2006 |
Медиум | печатено издание |
Страници | 317 стр.; 20 см |
ISBN | 9989-715-19-X |
Романот е постмодернистички опит да се раскаже приказната за големиот балкански јунак од петнаесеттиот век, Георгија Кастриот-Скендербеј низ судбините на десетици ликови од наше време. Стилски извонредно, Михајловски низ својот препознатлив прозен говор, ги претставува резултатите од своите долгогодишни истражувања на животот и делото на Скендербеј.
Романот ја добил наградата „Стале Попов“ за 2006 година.
Содржина
уредиМојот Скендербеј , романот кој е истовремено историски и современ. Ова дело е резултат на долгогодишното истражување на Михајловски на животот на балканскиот јунак од петнаесеттиот век, Георгија Кастриот-Скендербеј, за кој авторот го има напишано и својот магистерски труд. Михајловски ги прикажува ликот и делото на Скендербеј преку судбините на повеќе современи ликови. И покрај тоа што авторот ги истакнува сите совршености, квалитети, доблести и јунаштва на Скендербеј, тој со огромна умешност успева да создаде еден уникатен човечки лик, за потоа фиктивното да го испреплете со фактичкото, внесувајќи во романот голем број научно документирани податоци од разни автори кои пишувале за овој легендарен јунак.
Михајловски денес е еден од најнаградуваните, најанализираните, најомилените и најпреведуваните писатели во Македонија, но и пошироко. Ова секако се должи на неговиот привлечен и податлив за читателите прозен стил во кој е вградена народната раскажувачка традиција. Покрај стилот на авторот, треба да се истакне и книжевната вредност на прозното творештво на Михајловски кое е вонвременско, бидејќи најчесто може да се чита и како историски и како современ текст, а неретко и како предвидување за иднината. Покрај тоа што е апликативна за сите времиња, треба да се потенцира и тематската сеопфатност на прозата на Михајловски која е подеднакво привлечно четиво за сите генерации. Преку огромниот семантички потенцијал на своето творештвото, мајсторот на прозниот збор, Михајловски, постојано создава нови значења во имагинацијата на читателите. Затоа прозното творештво на Михајловски останува неисцрпен извор за нови креативни читања, критички осврти и толкувања од страна на читателите и книжевните критичари, а поттик и инспирација за младите писатели.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Михајловски, Драги (2006). Мојот Скендербеј. Скопје: Каприкорнус. стр. 317. ISBN 9989-715-19-X.