Скендербег (поема)
„Скендербег“ (грчки: Σκεντέρμπεης) — поема на македонскиот поет Григор Прличев. Делото е засновано врз вистинит историски настан - османлиската опсада на Круја од 1467 година, предводена од турскиот војсководач Балабан-паша.[1]
Содржина
уредиПоемата започнува така што поетот зборува за својот мотив за опејување на херојството на Скендербег, кој копнеел по одмазда заради убиството на татко му и неговите тројца браќа од страна на Османлиите. Притоа, поетот бара сила од музата Клио. Потоа, тој опишува дека поминале 22 години откако Скендербег влегол во Круја, собрал војска и ги протерал Османлиите, а набргу, нему му се придружиле повеќе водачи од околните земји. Султанот Мурат тргнал во воен поход против Скендербег, но бил поразен и набргу умрел.[2]
Новиот султан, незадоволен од непокорот на Скендербег, го испраќа својот најголем воин Балабан со задача да ја освои Круја. Балабан поставува логор пред градот, но пред нападот го испраќа својот потчинет Емин да му однесе подароци на Скендербег - својот коњ и сабја. Емин влегува во утврдената Круја каде е во тек верска служба на која присуствува и Скендербег, кој веднаш му остава впечаток со неговиот голем раст. Скендербег изразува презир кон даровите и го испраќа својот родина Димко да му однесе скромни подароци на Балабан - земјоделски алатки, а го задржува Емин како заложник. Димко му ги предава подароците на Балабан и му ги пренесува зборовите на презир, а тогаш гневниот Балабан им наредува на војниците да го набијат Димко на кол. Меѓу турските воини настапува еуфорија, а само стариот Карахасан ги предупредува за претстојната катастрофа и ги советува да ја повлечат војската, но никој не сака да ги слушне неговите совети. Тогаш, во турскиот логор пристига војсководачот Синан, кој раскажува за својата несреќа: Неговата војска била ненадејно нападната и масакрирана од војската на Скендербег; Синан едвај се спасил, но во борбата го загубил својот брат. Поучен од тоа искуство, Синан го предупредува Балабан за опасноста со која се соочува, но тој е непоколеблив во намерата да ја освои Круја.[3]
Во Круја, Емин го разгледува дворецот на Скендербег и притоа ја здогледува неговата војска која е подготвена за борба. Исто така, тој забележува многу заробени Османлии меѓу кои се наоѓа и Хасан, брат му на Синан. Скендербег љубезно го кани Емин на вечера, а тој им раскажува на присутните за соборот што го свикал султанот, кој бил цврсто решен да го уништи Скендербег; стариот Карахасан го смирил гневот на султанот, но тогаш настапил Балабан кој се понудил себеси да ја освои Круја и така султанот одлучил да испрати 20-илјадна војска. Во тој миг, во дворецот на Скендербег пристига веста за погубувањето на Димко, а Емин го моли Скендербег да остане во Круја, но да не мора да се бори против турската војска.[4]
Изутрината станува турската војска и трубите повикуваат за поход кон Круја. Истовремено, по молитвата, Скендербег ги остава старите борци во дворецот, а останатите ги поведува во битката против непријателот. Јакуп, еден од турските воини, непромислено го напаѓа Скендербег, но веднаш погинува. Тогаш почнува борбата во која Скендербег убива многу турски воини, а се истакнуваат и другите албански и сојузнички војсководачи. На турската страна се истакнуваат Синан и Балабан, кои убиваат многу албански војници, но по совет на Карахасан, Балабан постојано ја избегнува непосредната борба со Скендербег.[5]
Во екот на борбата, Балабан го испраќа силниот Халил во борба против Скендербег. Халил се прикрадува до него и го соборува од коњот, но Скендербег го убива него. Тогаш, Балабан и неколку други турски воини го опколуваат Скендербег, но во негова одбрана доаѓаат другите алабански воини. Тогаш, пред Скендербег истапува Емин, а поразен од таа глетка, Балабан се повлекува. Скендербег продолжува успешно да се бори како пешак, а кога се соочува со Синан, тој му соопштува дека неговиот брат е жив и се наоѓа во Круја. По таа вест, Синан и неговите придружници го предаваат оружјето, ја напуштаат битката и одат во Круја. Додека трае крвавата битка во која има многу погинати на двете страни, Господ се разгневува поради нечесното однесување на Балабан и му дава необична сила на Скендербег, кој го убива Балабан така што го погодува со голем камен во градите. По смртта на Балабан, турската војска бега во паника, а прогонувајќи го непријателот, Скендербег го здогледува Димко кој набргу умира. Потресен од неговата смрт, Скендербег почнува немилосрдно да ги убива турските војници со колот на кој бил набиен Димко. Во продолжение, турската војска бега, оставајќи зад себе голем број погинати, а тогаш повторно се јавува Господ кој им ветува помош на малкумината преживеани побожни турски војници.[6]
Ликови
уредиВо поемата се прикажани два лика кои се различни карактера и имаат спротивни сфаќања за своите војнички должности, Скендербег и Балабан, а покрај нив се појавуваат и неколку споредни ликови: Емин, Синан, Карахасан, Димко, Дорика, Халил итн.
- Скендербег е тивок во секојдевниот живот, кој е исполнет со љубов и семејна хармонија, а секоја негова постапка е обмислена. Еедна од неговите главни одлики е тоа што не верува само во своето мислење, туку го почитува и мислењето на мнозинството, а оттука, тој не носи непромислени и избрзани одлуки. Тој не ги заборавил народните обичаи и учествува во празничните церемонии. Исто така, тој е опишан како чесен човек, кој е верен на својот збор. Тој убива само кога мора, односно во борбата против непријателот, но не убова невини луѓе. Скендербег е нежен сопруг и татко, а во борбата е храбар и решителен, и секогаш е подготвен да им помогне на борците кои се во неприлика. Тој не зборува многу и не се појавува многу често меѓу луѓето, односно не сака по секоја цена да биде во центарот на вниманието.[7]
- Балабан е спротивен карактер - тој е избувлив и непромислено зборува и дејствува, а самоувереноста е неговата главна одлика, иако во некои моменти делува нерешително; оттука, неговиот збор не е секогаш цврст, но е неповредлив. На почетокот, пред да почне битката, тој е горделив и грубо го замолкнува својот стар советник, а потоа, во текот на борбата, покорно го слуша советот на старецот да не влегува во директна борба со Скендербег. Всушност, како што се развива борбата, борбениот и човечкиот морал на Балабан опаѓа. Балабан е циничен, како човек кој го заборавил своето потекло, а животот го посветил на борбата против своите сонародници од кои тој се откажал. Тој е суров и убиец по убедување така што ништо не му е свето.[8]
Историјат на делото
уредиКако што наведува самиот автор во својата „Автобиографија“, откако во 1860 година победил на поетскиот конкурс со поемата „Сердарот“, за конкурсот во 1861 година Прличев ја подготвил својата нова поема „Скендербег“ која е неколкупати пообемна од претходната. Од непознати причини, таа година конкурсот не се одржал, а Прличев учествувал на конкурсот во 1862 година, но овојпат не освоил награда. Според сведочењето на Прличев: „Во јуни 1862 година, Иван Сапунџиев ми го прати во Охрид „Скендербег“, без да ми пише каква била пресудата на комисијата за мојата поема.“[9]
Како доказ дека делото на Прличев предизвикало одреден интерес кај историчарите на книжевноста може да послужи историјата на новата грчка книжевност, дело на Рангабе и Сандерс, во која авторите изнесуваат неколку недостатоци на поемата, но истакнувајќи дека помеата се осликува и со епска убавина. Така, тие ја искажуваат следнава оцена на поемата: „Значаен дел од историската величина на Скендербег познат епски јунак, се одзема со тоа што е опеана само една од неговите победи... Потоа, вмешувањето на Господ во човечките дела (по примерот на Хомер) не е сторено секогаш вешто... Покрај ова и некои други недостатоци, и двете поеми (се мисли на „Сердарот“) си имаат многубројни вистински епски убавини“.[10]
Меѓутоа, долго време не била позната судбината на поемата „Скендербег“: 90 години не се знаело ништо за неа, а цели 100 години не била позната нејзината содржина. Според некои тврдења, еден ракопис на поемата (на грчки јазик) се наоѓал кај синот на авторот, Кирил Прличев, а Скпаков тврдел дека кај синот на Кирил Прличев се наоѓал и преводот на „Скендербег“, направен од самиот автор. Меѓутоа, до почетокот на 1950-тите не било познато што се случило ниту со тој превод ниту со оригиналот. А тогаш, на 6 јуни 1950 година, државната библиотека „Васил Коларов“ во Софија го добила пронајдениот ракопис на поемата, напишан на грчки јазик. Во тој ракопис, на 25. страница стои следнава забелешка на Григор Прличев, која докажува дека тој навистина направил превод на поемата: „До овде преведов, а сега ја започнувам последната песна. А за да се поврзе последното со претходното, го скратувам средното...“ На почетокот на 1960 година, писателот Стале Попов рачно ја препишал поемата, и тоа непосредно од Прличевиот ракопис, но тој не ги препишал разните забелешки кои Прличев ги ставал на маргините ниту крајот на поемата, кој постои во оригиналниот ракопис, но не можел да се реконструира поради разлеаноста на буквите, недостигот на некои делови и бројните лепенки. Поради тоа, македонскиот препев на поемата, направен во 1961 година, ги нема последните четири страници (крајот на поемата) од вкупно 116 страници во ракописот на Прличев. Исто така, и покрај тоа што е пронајден ракописот на „Скендербег“, сепак сè уште останало отворено прашањето: дали тој е ракописот со кој Прличев учествувал на конкурсот? Имено, на првата страница од ракописот на Прличев се наоѓаат три потписи на кои Стале Попов не им обрнал внимание и не ги прочитал, а за кои се претпоставува дека се на членовите на конкурсната комисија. Од друга страна, очигледно е дека ракописот не е содржински довршен, зашто во него се вметнати нови стихови, нови моменти, забелешки и поправки за кои се претпоставува дека се направени подоцна. Исто така, на неколку места во ракописот се ставени забелешки од типот на: „Епизода од детскиот живот на Скендербег“ и „Епизода за развратната Отоманка“, но во ракописот ги нема тие епизоди. Врз таа основа се добива впечатокот дека тој ракопис не е довршен, односно не е ракописот со кој Прличев учествувал на поетскиот конкурс.[11]
Осврт кон поемата
уредиПрличев ја напишал поемата на стар грчки јазик, измешан со голем број византизми. Таа е напишана во неримувани стихови, петнаестерци, кои често се менуваат во шеснаесет, четиринаесет, а понекогаш и тринаесет слога. Во делото е очигледно влијанието на Хомеровата „Илијада“, кое се гледа не само во формата на поемата, туку и во почетокот на поемата, кога Прличев ѝ се обраќа на музата со молба да му даде сила да ги опише настаните. Таа постапка претставува анахронизам во книжевната постапка од 1860-тите, но може да се објасни со задоцнетото доаѓање на романтизмот овие краишта. Влијанието на Хомер е присутно низ целата поема: во описите на природата, на зората, во лирските отстапувања, во воведот итн. Во воведната песна, авторот ги нижи спомените на Скендербег за неговата некогашна припадност, за татковата сенка која ја бара одмаздата, а потоа следи прекрасно лирско отстапување во кое Прличев за првпат спомнува дека ги презрел славата и богатството, слободниот живот и девојката со богат мираз, како и една своја заблуда. Меѓутоа, ликовите во поемата отстапуваат од Хомеровите херои и повеќе наликуваат на хероите од делата на Торквато Тасо и Лудовико Ариосто. Имено, Прличевите херои се откриваат себеси повеќе низ монолог или разговор, отколку низ акција, а исклучок е само ликот на Скендербег, како и турскиот воин Халил кој е кратко присутен во поемата.[12]
Настаните во поемата се прикажани интересно, иако на повеќе места авторот умее да се занесе. Неговиот збор е жив, одбран, а на некои места обичен, но не и прост. На многу места во поемата доминира лирскиот набој, со смисла за откривање поетски елементи со посебна емоционалност. Во тој поглед се впечатливи описите на природата, на зората, на внатрешноста од дворецот на Скендербег и на шаторот на Балабан. Односите меѓу ликовите се откриваат постепено, можеби и премногу бавно, но не здодевно, така што општата динамика не е нарушена. Напротив, во описот на битката дефилираат борците од двете страни, но не наместено, туку преку логичен развој. Оттука, дури и во долгото редење на имињата на борците има некаква ритмичност, а авторот покажува мајсторска способност за префрлање од една на друга слика и на споредните епизоди. На пример, смртта на Елмаз му служи на поетот да се префрли на една малечка епизода - свадбата на турскиот јунак.[13]
Во најголем дел, Прличев успеал мајсторски да го наслика ликот на Скендербег, иако на неколку места се забележуваат и одредени слабости, односно отсуствува појасен психолошки пресек на внатрешниот живот на главниот јунак. Во тој поглед, Прличев останал некаде меѓу античката и романтичарската постапка. Во секој случај, ликот на Скендербег е опишан многу пореалистично во споредба со ликот на Кузман Капидан од поемата „Сердарот“. Слабите страни на „Скендербег“ лежат во епското преразлевање на содржината што го нарушува единството на поемата, а на повеќе места, дијалозите и монолозите се премногу долги и нефункционални. Понатаму, на некои места, единството на дејствието е разбиено со непотребно продолжено раскажување, а често непотребно се повторуваат некои дејства. Најпосле, на неколку места се среќаваат несовпаѓања, противречности, празнини и недоречености и навистина не е јасно како можел Прличев да не ги забележи тие недостатоци.[14]
По примерот на Хомер, и во поемата „Скендербег“, во дејствието се замешува Господ, кој се јавува на неколку места, но тој ги нема својствата на Хомеровите богови, иако и тој ја одредува судбината на учесниците во битката при што понекогаш победата им ја доделува дури и на припадниците на исламот. Меѓутоа, удри и сцените со божјото мешање повеќе претставуваат лирски отстапувања, отколку сцени во стилот на Хомер. Инаку, во својата историја на грчката книжевност, Сандерс и Рангабе ја наведуваат сцената во која Господ ги кара Грците дека во својата молитва го ставиле името на пророкот Мухамед пред неговото, но таква сцена нема во пронајдениот ракопис на поемата така што нивната забелешка не е јасна, освен ако таа сцена била присутна во оригиналниот текст.[15]
Изданија на македонски јазик
уредиВо 1961 година, делото било објавено на македонски јазик од издавачката куќа „Кочо Рацин“. Препевот е дело на Георги Сталев врз основа на прозниот превод од Прличевиот ракопис на старогрчки јазик кој го извршил Митре Дамјановски. Книгата има 95 страници и не каталогизирана ниту ја поседува меѓународната ознака ISBN. Таа била испечатена во графичкиот завод „Гоце Делчев“ во Скопје, во јули 1961 година, а во тираж од 3 000 примероци. Покрај текстот на поемата, книгата содржи и предговор, напишан од Георги Сталев.[16] Притоа, во ова издание, по 2 346. стих, Георги Сталев вметнал пет свои стиха кои ги нема во текстот на Прличев, а кои се однесуваат на разделбата на Скендербег со неговата сопруга, пред тој да замине во битката.[17]
Наводи
уреди- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 9.
- ↑ Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 19-22.
- ↑ Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 22-48.
- ↑ Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 48-65.
- ↑ Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 65-78.
- ↑ Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 78-93.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 15-16.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 15.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 5.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 5.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 6-7.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 9-10.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 16-17.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 12.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 10-11.
- ↑ Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961.
- ↑ Георги Сталев, „Предговор за Прличевата поема Скендербег“, во: Григор Прличев, Скендербег. Кочо Рацин, Скопје, 1961, стр. 14.