2001: Вселенска одисеја (филм)

2001: Вселенска одисеја (англиски 2001: A Space Odyssey) — научнофантастичен филм од 1968 година, режиран од Стенли Кјубрик, кој заедно со Артур Кларк е автор на сценариото. Филмот е заснован врз истоимениот роман на Артур Кларк и се занимава со тематски елементи на човековата еволуција, технологија, вештачка интелигенција и вонземскиот живот, а е познат по научниот реализам, пионерските специјални ефекти, провокативната двосмислена и често надреална сликовитост, употреба на звукот на местата на традиционалните наративни техники и минималното користење на дијалогот.

„2001: Вселенска одисеја“
Оригинален филмски постер
РежисерСтенли Кјубрик
ПродуцентСтенли Кјубрик
СценаристРоман:
Артур Ч. Кларк
Сценарио:
Стенли Кјубрик
Артур Ч. Кларк
Главни улогиКиер Дулеа
Гери Локвуд
Вилијам Силвестер
Дениел Рихтер
Леонард Роситер
Даглас Рејн
КинематографијаЏефри Ансворт
МонтажаРеј Лавџој
ДистрибутерMetro-Goldwyn-Mayer (1968-1998, само видео од 1986-1998)
Turner Entertainment (1986-1996)
Warner Bros. (преку Turner) (кино и ТВ од 1996, видео од 1999)
Премиера6 април 1968 (САД)
ВреметраењеПремиера:
160 мин.
Реиздание:
141 мин.
ЗемјаОбединето Кралство Обединето Кралство
 САД
ЈазикАнглиски
Буџет$10,500,000
Следен2010: Годината кога ќе оствариме контакт

Денес, филмот е признат од критичарите и публиката како еден од најдобрите филмови во историјата: на пример, анкетата на списанието Sight & Sound од 2002 година, го рангирала филмот меѓу десетте најдобри филмови на сите времиња.[1] Во 1969 година, филмот бил номиниран за четири награди „Оскар“, а добил еден „Оскар“, и тоа за специјални ефекти, додека истата година филмот добил три награди на „БАФТА“. Во 1991 година, филмот бил прогласен е за „културно, историски, или естетски значаен“ од страна на Библиотеката на Конгресот на Соединетите Држави и бил избран за зачувување во нивниот Национален филмски регистар. На разни фестивали, филмот добил 14 награди и имал уште седум номинации.[2]

Кратка содржина уреди

Насловната секвенца ја прикажува Земјата како се крева над Месечината додека изгрева Сонцето. Врз пејзажен приказ на африканската пустина, се прикажува насловот „Зората на човекот“. Племе од праисториски човеколики мајмуни се бори да преживее во сушната пустина. Едно утро, мистериозен правоаголен монолит се појавува во близина на нивната населба. По овој настан, еден човеколик мајмун (го игра Даниел Рихтер) ја измислува првата алатка, кога зема коска од едно купче и открива дека може да ја употребува како палка за да крши други коски. Овој човеколик мајмун, кој сега стои делумно исправено, го предводи своето племе во одбрана на нивното поило од друго племе, употребувајќи ја палката за да го убие водачот на непријателската глутница, користејќи го новооткриеното оружје. Победоносниот човеколик мајмун го фрла оружјето во воздухот и во тој момент филмот скокнува во иднината низ кадар кој ги поврзува коската со еден орбитирачки вештачки сателит.

Во продолжение на филмот, д-р Флојд (го глуми Вилијам Силвестер) оди на Месечината, каде е откриен црн монолит, чија старост се проценува на четири милиони години. Бидејќи монолитот емитира сигнал во насока на Јупитер, еден вселенски брод се упатува кон таа планета. Со бродот управува интелигентниот компјутер ХАЛ 9000 (гласот на Даглас Реин), кој знае за тајната мисија, додека екипажот сè уште не знае за задачата. ХАЛ 9000 се свртува против екипажот, така што започнува да прави саботажи на вселенскиот брод и ги убива космунаутите, но во последен миг еден член на екипажот, д-р Дејв Боуман (го игра Кир Дали) успева да го исклучи компјутерот. Потоа, тој ја дознава тајната на мисијата и се спушта на Јупитер. Наеднаш, тој се наоѓа во соба, уредена во старински стил, каде седи еден човек (самиот Боуман, но остарен), а човекот здогледува друг човек кој лежи на смртната постела (повторно, тој, но уште постар). Пред смртта, човекот го здогледува црниот монолит во собата, а филмот завршува со крупен кадар на човечки ембрион.

Преглед уреди

Наслов уреди

На почетокот, Кјубрик и Кларк меѓусебно го нарекувале овој проект „Како го освоивме Сончевиот систем“, како омаж на популарниот вестерн на „МГМ“, „Како го освоивме Западот“ од 1962 година. Но, Кјубрик одлучил да го именува проектот како „Патување отаде ѕвездите“ и ова го објавил на прес-конференција одржана на 23 февруари 1965 година. Сепак, и други наслови биле во игра, но „дури единаесет месеци по почетокот, во април 1965, Стенли го одбрал насловот „2001: Одисеја во вселената“. Колку што се сеќавам, идејата беше чисто негова“, подоцна напишал Кларк. Со намера да го оддалечи неговиот филм од типичните тогашни научно-фантастични филмови, во кои изобилуваат „чудовишта и секс“, Кјубрик ја зел ХомероватаОдисеја“ како инспирација за насловот. „Ни текна“, вели тој, „дека широките морски пространства за Грците биле исто толкава мистерија колкава што за нашата генерација денес е вселената“.

Стил уреди

Кларк и Кјубрик симултано го пишувале романот и сценариото, но додека Кларк одлучува појасно да го објасни мистериозниот монолит и Ѕвездената порта во книгата, Кјубрик одлучува да го направи филмот позагадочен со тоа што дијалозите и објаснувањата ги сведува на минимум. „2001, вели Кјубрик, е невербално, визуелно искуство“ кое ги одбегнува зборовите сакајќи да допре до потсвеста на човекот на еден поетичен и филозофски начин. Филмот е субјективно искуство кое „допира до свеста на секој човек како музиката или сликарството“.

Некои гледачи велат дека филмот им предизвикал чувство на возвишеност и духовност. Роџер Еберт забележува: „одбиената музика на Норт, која е достапна да се купи, е добра филмска музика, но немаше да биде соодветна за „2001“ бидејќи, како и сите други филмски музики, се обидува да соодветствува со дејството, да дава ’емотивни’ знаци. Класичната музика која Кјубрик ја одбра постои надвор од дејствието. Го покрева. Сака да биде возвишена; визуелното го прави посериозно, трансцендентално“.

Грегори Каико, во својата книга, пишува дека „2001“ е илустрација на двете контрадикторни желби што нѐ мотивираат да ја истражуваме вселената: желба за нешто возвишено – нешто поразлично од нас, духовно, и желба за убавина која ќе ни „каже“ дека не сме веќе изгубени во вселената, туку дома.

Наводи уреди

  1. „Sight and Sound: Анкета од 2002 година“. Британски филмски институт. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
  2. IMBd, 2001: A Space Odyssey (1968), Awards (пристапено на 2.3.2017)

Надворешни врски уреди

 
Викицитат има збирка цитати поврзани со: