Шега (новела)
Шега (чешки: Žert) — прв роман на Милан Кундера, пишуван од 1962 до 5 декември 1965 година а објавен во Прага во 1967 година.[1] Дејството во романот се одвива од крајот на Втората светска војна па сѐ до настаните пред Прашката пролет, кон крајот на 1960-тите години во тогашната Чехословачка.[2] Шега се вбројува во 100. книги на векот според Ле Монд.
првото издание на чешки | |
Автор | Милан Кундера |
---|---|
Изворен наслов | Žert |
Преведувач | Маргарета Карајанова |
Јазик | чешки |
Издавач | „Табернакул“ |
Страници | 376 страници, 120 mm x 200 mm, полутврда подврска |
ISBN | 978-9989-171-51-2 |
Содржина
уредиРоманот се состои од седум дела, а приказната е раскажана од четири раскажувачи: Лудвик Јан, Хелена Земанек, Костка, и Јарослав.
- По 15 години, Лудвик Јан се враќа во родниот град во Јужна Моравија за да заврши некоја ситна работа. Тој се сместува во хотелот, но веднаш го бара својот пријател, докторот Костка, со молба утредента да му го отстапи станот. Костка го води во берберница каде Лудвик ја препознава Луција, некогашната негова љубов.[3]
- Хелена Земанек е новинарка во едно радио, верна активистка во комунистичката партија, омажена и мајка на едно дете. По Втората светска војна, како членка на музички ансамбл, таа го запознала Павел и се омажила со него. Меѓутоа, почетната љубов брзо исчезнала и нејзиниот брак бил несреќен, исполнет со неверствата на нејзиниот сопруг, а и таа самата, во потрагата по љубов, имала неколку авантури со други мажи. Во една прилика, случајно го запознава Јан Лудвик и меѓу нив се раѓа љубов. Таа службено треба да отпатува во родниот град на Лудвик, каде ја чека тој.[4]
- Додека шета низ својот роден град, Лудвик се сеќава на своето минато: По Втората светска војна, како студент, тој бил ангажиран комунист, посветен на изградбата на социјализмот, иако малку несериозен. Тој бил вљубен во колешката Маркета и многу се налутил кога таа заминала на партиски курс, што го спречило да се гледа со неа. Знаејќи дека таа немала никаква смисла за хумор, во една прилика, Лудвик ѝ испратил разгледница со следниов текст: „Оптимизмот е опиум за народот! Здравиот дух смрди на глупост. Да живее Троцки!“ Меѓутоа, разгледницата паднала во рацете на комунистичката партија по што тој бил исклучен од партијата и избркан од факултетот. Есента, Лудвик заминал во војска, а воениот рок го служел во казнената единица, работејќи во рудник. На почетокот, тој не можел да се помири со исклучувањето од партијата и се трудел да ја докаже својата верност, но потоа сфатил дека е засекогаш отпишан како непријател на партијата и на народот. При една прошетка по периферијата на Острава, Лудвик ја запознал Луција - обична, скромна и сиромашна девојка во која веднаш романтично се вљубил, а дури подоцна ја открил нејзината женственост. Така, тој почнал да ја наговара Луција за да имаат сексуален однос, но таа упорно го одбивала. По еден неуспешен обид да води љубов со неа, Лудвик ја избркал по што Луција си заминала од градот. Во меѓувреме, Лудвик поминал една година в затвор, потоа пак служел во армијата и три години работел во рудникот, а Луција не ја видле никогаш во следните 15 години.[5]
- Јарослав се подготвува за прославата на народниот обичај наречен „Патот на кралевите“. Тој ден, сосема случајно го здогледува својот поранешен пријател Лудвик и тоа му ги буди спомените за него: Татко му на Лудвик умрел во концентрационен логор, така што него го одлгедала богатата тетка. По Втората светска војна, Лудвик се откажал од католичката црква, станал член на комунистичката партија и заминал на студии во Прага. Во тој период, токму Лудвик го поттикнал Јарослав да формира ансамбл за народни песни кој набргу станал многу успешен. Јарослав, пак, студирал музика во Брно, но ги прекинал студиите за да се грижи за болниот татко. Набргу, тој се оженил со Власта, а на свадбата присуствувал и Лудвик, кој бил нерасположен, а утредента му ја соопштил причината - исклучувањето од партијата и од факултетот. Подоцна, по погребот на мајка му на Лудвик, Јарослав разбрал дека Лудвик бил в затвор. Повторно го сретнал Лудвик во 1956 година и тогаш дошло до големо идејно разидување меѓу нив. Подоцна, Лудвик ги довршил студиите, се вработил и станал познат експерт. Односите меѓу нив никогаш не се подобриле, а оттогаш Јарослав чувствувал нејасно неспокојство поради пропаднатиот живот на Лудвик и неможноста да го обнови пријателството со него.[6]
- Следниот ден по пристигнувањето во родниот град, Лудвик сè уште размислува за случајната средба со Луција. Изутрината, во градот пристигнува Хелена на договорената средба со него. Тој ја носи во станот на Костка и притоа се присетува на околностите што довеле до познанството со неа: кога ја запознал, најпрвин таа му била одбивна, но откако дознал дека му е сопруга на Павел Земанек, човекот кој го исклучил од партијата и од факултетот, направил план да ја зведе и така да му се одмазди на Павел. Затоа, додека водат љубов, Лудвик ја удира Хелена по лицето и по телото, но откако таа отворено му кажува дека е вљубена во него и дека веќе три години е отуѓена од Павел, Лудвик го губи интересот за неа и таа повторно му станува одбивна зашто сфаќа дека неговата одмазда е неуспешна. Откако Хелена го напушта станот, Лудвик останува сам и повторно почнува да мисли на Луција.[7]
- По средбата со Лудвик, Костка се сеќава на неговото и на своето минато: Во 1947 година, како христијанин, Лудвик паднал во немилост на комунистите, но Лудвик застанал во негова одбрана и така го спасил од исклучувањето од факултетот каде Костка работел како асистент. Сепак, половина година по исклучувањето на Лудвик, Костка дал отказ и се вработил во земјоделска задруга во едно далечно село. Во 1951 година, во околината на селото се појавила непозната девојка-скитничка која ја сакале сите деца во околината. Меѓутоа, милицијата ја фатила девојката и така се дознало дека таа е Луција Шебеткова која останала во селото и се вработила во земјоделската задруга. Така, Костка се зближил со неа и дознал дека крадела цвеќе од гробиштата во Острава, дека некој војник настојувал да има полов однос со неа, дека претходно, во нејзиното родно место Луција била повеќекратно силувана од дружината на која ѝ припаѓала и дека потоа била упатена во поправен дом. Костка ја упатил Луција во христијанската религија и таа најпосле се смирила. Но, откако станале љубовници, Костка сметал дека направил грев и ја напуштил работата и така се разделил од Луција. Подоцна, во 1956 година, Костка случајно го сретнал Лудвик, кој му помогнал да најде работа во болницата во неговото родно место,а неколку години подоцна, Луција се омажила и се преселила во градот во кој живеел Костка. Во разговорот со Лудвик, Костка му ја раскажува историјата на Луција, но не е свесен дека Лудвик ја познава неа. Истовремено, Костка ги преиспитува своите постапки во минатото во кое постојано бегал од жените.[8]
- Утредента по љубовната средба со Хелена, Лудвик оди да ја гледа фолклорната свеченост „Патот на кралевите“. За време на последните подготовки за свеченоста, Јарослав е многу возбуден, зашто кралот треба да го игра неговиот син Владимир. Во селото пристигнува и сопругот на Хелена, Павел Земанек, заедно со неговата млада љубовница, а Хелена му кажува за нејзината врска со Лудвик. Лудвик ја набљудува свеченоста, но постојано мисли на Луција. Тогаш му приоѓа Павел Земанек, кој во меѓувреме се променил во идеолошки поглед. Неговата девојка, пак, е типична претставничка на новата генерација која се одликува со сосема поинакви сфаќања и интереси од оние на Павел и Лудвик. Во толпата, Павел и Лудвик ја среќаваат и Хелена, а Павел се чувствува засрамен и понижен, зашто по вторпат во животот Павел излегува како победник во нивната пресметка. Затоа, тој ѝ соопштува на Хелена дека не ја сака и брзо си заминува. Хелена е шокирана од неговата изјава и му пишува проштално писмо на Лудвик, а потоа пие поголемо количество апчиња со намера да изврши самоубиство. Сепак, соработникот на Хелена (младо момче кое е вљубено во неа) и Лудвик ја пронаоѓаат, а Хелена останува жива и поминува само со стомачни проблеми. Во меѓувреме, иако за него свеченоста има посебно значење, Јарослав е незадоволен од нејзиниот тек, а неговиот душевен замор се зголемува кога случајно дознава дека е измамен, односно дека момчето кое го игра кралот не е неговиот син. Бесен, тој доаѓа дома и ги чиниите и делови од мебелот, а потоа заминува крај реката за да се смири. По случката со Хелена, и Лудвик заминува крај реката за да ги среди мислите, таму го среќава Јарослав и го замолува да му дозволи да свири со неговата музичка група. Попладнето, тие свират во еден ресторан во кој присутните не им обрнуваат внимание, а за време на концертот, Јарослав е погоден од инфаркт. Додека помага во пренесувањето на Јарослав до болничкото возило, Лудвик размислува за неповратно изгубеното минато.[9]
Осврт кон романот
уреди„Шега“ е единствениот роман на Кундера во кој тој не е единствениот раскажувач.[2] Романот влегол во изборот на [[100 книги на векот според Ле Монд|100. книги на векот според францускиот весник Ле Монд]], послужил како инспирација за филм, а се споменува и во неколку песни од поп-изведувачи. Книгата била трипати преведена на англиски јазик, поради тоа што Кундера не бил задоволен од првите два превода.[10] Во 1968 година, романот ја освоил наградата на Здружението на писателите на Чехословачка, а според Луј Арагон го оценил како еден од најзначајните романи на XX век.[11]
„Шега“ се одликува со отворена и динамична структура, а иако е составена од седум дела кои ги раскажуваат, со сопствен ритам па и синтакса, четири лица, со што романот делува архитектонски цврсто. Осветлувајќи ги поединечните судбини, романот всушност го именува тоталитетот на човечкото искуство, надминувајќи го специфичниот политички контекст кој во книгата е наведен дискретно и впечатливо. Драмата на една земја и на еден јазик, во книгата е изречена благо, но и со ведра горчина, со вешто преплетување на временското и вечното, смешното и сериозното, така што зад дејствието се чувствува присуството на интелектуално надмоќен дух кој со целото свое битие учествува во судбината на својата епоха.[11]
Наводи
уреди- ↑ „Predgovor“, во: Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 6 и 338.
- ↑ 2,0 2,1 „Издание на „Табернакул"“. Архивирано од изворникот на 2018-01-22. Посетено на 2021-08-09.
- ↑ Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 9-20.
- ↑ Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 21-33.
- ↑ Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 35-136.
- ↑ Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 137-181.
- ↑ Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 183-234.
- ↑ Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 235-268.
- ↑ Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984, стр. 269-338.
- ↑ Author's Preface to 1982 Harper & Row edition.
- ↑ 11,0 11,1 Milan Kundera, Šala. Sarajevo: Veselin Masleša, 1984.