Црква „Св. Никола“ - Габровник
Св. Никола — поствизантиска православна црква во велешкото село Габровник, Општина Чашка. Му припаѓа на Велешкото архијерејско намесништво во Повардарската епархија на МПЦ - ОА.
Свети Никола
| |
Христос во медаљон на апсидата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Повардарска |
Архијерејско намесништво | Велешко |
Парохија | Богомилска |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 41°31′43″N 21°29′54″E / 41.52861° СГШ; 21.49833° ИГД |
Место | Габровник |
Општина | Чашка |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Никола |
Изградба | XVII век |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | еднокорабен |
Стил | поствизантиски |
Местоположба
уредиЦрквата е гробишен храм, сместен на половина километар североисточно од селото.
Архитектура и живопис
уредиЦрквата е изградена во XVII и обновена во XIX век. Оригиналниот живопис е зачуван само на источниот ѕид. Покривот е срушен и во целост зачувани се само западниот и источниот ѕид, а другите два се делумно урнати. Црквата е еднокорабна градба со полукружна апсида на исток. Од западната страна е имала дограден трем со дрвена камбанарија од која се зачувани само темелите. Градбата е масивна, изградена од дробен камен и имала покрив од камени плочки. Од јужната и северната страна има две прозорски окна, додека пак источната горе има крстовиден отвор и тенка линија под него. Порталните и прозорските окна се од делкан камен и се засводени во горниот дел. Од постарата документација се се гледа дека црквата е имала касетирана таваница, дрвена брановидна галерија во западниот дел, двокатен иконостас со икони и црковен мебел.[1]
-
Оригиналната фреска на Богородица во апсидата
-
Св. Јован Златоуст во олтарот
-
Св. Василиј Велики во олтарот
-
Св. Симеон Столпник во олтарот
-
Архиѓакон Стефан во проскомидијата
Влезот на црквата е од западната страна и над него има покровителска ниша со претстава на Свети Никола насликан за време на обновата во XIX век. Тој е претставен во свечена архијерејска одежда со митра на главата, со десната рака благословува, а во левата држи затворено евангелие.[2]
Оригиналниот живопис од XVII век е зачуван само на источниот ѕид. Во конхата на апсидата[1] е насликана Пресвета Богородица Знамение до појас со Младенецот во медаљон на градите. Богородица е со подигнати раце во молитва; Христос благословува со десната рака рака, а во левата држи затворен свиток. Претставата на Богородица денес е уништена и позната е од стари фотографии што се чуваат во Националниот козерваторски центар. Светлосиниот медалјон на Христос е поставен врз црвен квардрат, кој пак седи врз син квадрат. Тој карактерстичен медаљон е истоветен на оној во црквата „Свети Никола“ во Мрзен Ораовец.[3]
Во првото подрачје на апсидата, во службата на светата литургија учествуваат само двајца архијереи свртени кон средишниот простор, каде место Агнецот поставен на Чесната трпеза е отворен тесен отвор. Литургистите се облечени во полиставриони, епитрахили и омофори со големи крстови. Во рацете држат отворени свитоци со старогрчки богослужебни текстови. Од северната страна е св. Јован Златоуст,[3] а од јужната е св. Василиј Велики.[4]
Во просторот меѓу апсидата и проскомидалната ниша е насликан Симеон Столпник. Светецот е до појас во монашка облека на столб, како благословува со левата рака, а со десната држи крст. Во самата проскомидална ниша е Архиѓакон Стефан, до појас, облечен во бел стихар и орар на кој е насликан трисагионот. Носи дарохранилница во левата покриена рака, а со десната благословува.[4]
Останатите фрески во наосот се од XIX век и се познати само од документацијата на Националниот конзерваторски центар. На северниот ѕид од запад во првото подрачје биле насликани св. Харалампиј, св. Петка, св. Катерина, св. Марина, св. Игнатиј, св. Атанасиј и пророкот Илија, а во второто подрачје Апостол Филип, Апостол Тома, св. Трифун, св. Пантелејмон, св. Кузман и Дамјан и светите Константин и Елена. На јужниот ѕид во првото подрачје биле пророкот Даниил и св. Никола, а во второто св. Ѓорѓи и св. Ѓорѓи Јанински.[4]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 273.
- ↑ Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 274.
- ↑ 3,0 3,1 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 275.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Николовски, Дарко (2017). „Прилог кон проучувањата на поствизантиската уметност во Општина Чашка, Велешко“ (PDF). Патримониум. Скопје: КАЛАМУС. Χ (15): 276.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Никола“ - Габровник на Ризницата ?