Христијан Мицкоски

македонски политичар

Христијан Мицкоски (р. 29 септември 1977 во Скопје) — македонски политичар, универзитетски професор. Мицкоски е премиер на Македонија во мандатот на 35. влада на Македонија.

Христијан Мицкоски
Премиер на Македонија
На должноста
Стапил
23 јуни 2024
Претседател Гордана Силјановска-Давкова
Претходник Талат Џафери
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
На должноста
Стапил
23 декември 2017
Претходник Никола Груевски
Лични податоци
Роден(а) 29 септември 1977(1977-09-29)(47 г.)
Скопје, СР Македонија, СФРЈ
Националност Македонец
Партија ВМРО-ДПМНЕ
Деца 2
Установа „Св. Кирил и Методиј“
Професија политичар, машински инженер, универзитетски професор
Вероисповед Православен христијанин

Своето работно искуство го започнал како дел од научно-наставниот кадар на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2002 година.[1] Во периодот 2015–2017 бил советник за енергетика на премиерите Никола Груевски и Емил Димитриев,[2] а во периодот 2016–2017 бил генерален директор на АД „Електрани на Македонија“.[3]Во декември 2017 година, избран е за водач на ВМРО-ДПМНЕ на шеснаесеттиот конгрес на партијата во Валандово,[4] а во декември 2021 година повторно бил избран на функцијата на седумнаесеттиот конгрес на партијата во Скопје.[5]

Животопис

уреди

Рани години и образование

уреди

Христијан Мицкоски е роден во Скопје на 29 септември 1977 година во христијанско семејство. Неговиот татко Иван (р. 1950) е доктор по машински науки и универзитетски професор.[6] Студирал на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во периодот од 1996 до 2001 година. Во периодот 2001–2002 година остварил студиски престој на Универзитетот Перуџа и Универзитетот Сиена во Италија.[7] Со звањето магистер по технички науки се стенува во 2003 година при завршување на постдипломските студии на Машинскиот факултет во Скопје со магистерската тема „Оптимизациона синтеза на лостови механизми“ под менторство на проф. д-р Емилија Ветаџокоска.[1][8] Во периодот 2005–2008 година остварил студиски престој на Универзитетот Илменау и Универзитетот Ахен, каде што работел на експерименталниот дел од неговата докторска дисертација.[7] Според податоците од Националната и универзитетска библиотека во Скопје, тој во 2009 година под менторство на проф. д-р Даме Коруноски на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја одбранил докторската дисертација со наслов „Управување на манипулациони роботи со примена на fuzzy логика“.[1][8][9] Членови во комисијата за одбрана на докторската дисертација му биле: Даме Коруноски, Кочо Анѓушев, Емилија Ветаџокоска, Владимир Дуковски и Атанаско Тунески.[9]

Полето на научен интерес на Мицковски ги опфаќа следните подрачја: лостови механизми, проектирање и оптимизација на лостови механизми, отимизација на лостови механизми, кинематичка и кинетостатска анализа на лостови механизми, синтеза на лостови механизми, динамика на механизмите и машините, развивање на софтверски пакети за синтеза и оптимизација на механизмите, проектирање и симулации на мехатрони системи.[1]

Професионално искуство

уреди

Во периодот од 2001 до 2002 работи како главен и одговорен проектант и изведувач на термотехнички инсталации Фонко клима во Скопје.[1][8] Од 2002 до 2004 година работи како помлад асистент на Машинскиот факултет,[1] од 2004 до 2009 година работи бил асистент,[8] а од 2009 до 2014 работел како доцент. Во периодот од 2010 до 2012 неколку пати престојувал на Техничкиот универзитет Виена и Техничкиот универзитет Софија. Од 2014 до 2019 година бил вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје,[8] а во декември 2019 година бил избран за редовен професор на истиот факултет.[10]

Во периодот 2015–2017 бил советник за енергетика на премиерите Никола Груевски и Емил Димитриев.[2] Во 2016 година поставен е за претседател на управениот одбор и Генерален Директор на АД „Електрани на Македонија“.[8] Како директор забележува успех во рабтоењето, што се огледа преку зголемување на финансиската добивка на претпријатието, намалување на цената на електричната енергија, како и започнување проекти за отворање нови рудници за јаглен и реконструкција на енергетските блокови на РЕК „Битола“.[3] Во јуни 2017 година, веднаш по изборот на новата влада на СДСМ, Мицкоски се повлекува од позицијата „надворешен соработник за енергетика“ на која е назначен од претходната влада.[11] Во истиот период тој се повлекол и од други комисии во кои функциите ги извршувл бесплатно. Како причина за оставките Мицкоски ги навел различните економски и енергетски концепти што ги имала тогаш новата влада.[11]

Политичка кариера

уреди

Мицкоски е член на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од 1997 година. Во првите неколку години бил дел од младинската структура. Во периодот од 2010 до 2012 година бил сопретседател на комисијата за енергетика, каде што започнал да ја гради партиската политика во енергетиката. На изборите во 2008, 2011, 2014 и 2016 година бил дел од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2016 година го предводел и Регионалниот штаб на изборна единица 4. Од април 2017 година е претседател на кадровата комисија на ВМРО-ДПМНЕ, а од август до декември истата година ја извршувал функцијата Генерален секретар на партијата.[8] Непосредно по локалните избори се повлекол од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ како советник во Советот на Град Скопје за да се посвети на функцијата Генерален секретар на партијата.[12][13]

Од јуни 2017 до декември истата година ја извршува функцијата генерален секретар на партијата.[2]

Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

уреди

На шеснаесеттиот вонреден конфрес на партијата, кој се одржал на 23 декември 2017 година во Валандово, Мицкоски бил избран за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ откако за него гласале 376 од вкупно 438 делегати. По изборот, тој ја дал следната изјава:

„Македонија мора да оди напред, да стане земја членка на ЕУ и НАТО, но потребна е реална волја, структурни и реални реформи, преку професионални кадри кои ќе го подобрат живеењето на граѓаните. Корупцијата, политичките притисоци, политичката одмазда…мора да стане минато. Македонија мора да има брз и ефикасен правосуден систем, а не уценет и зависен каков што е сега. Оние кои ја делат правдата мора да бидат независни и непристрасни. Мора да растат платите на граѓаните, клучот е во развојот на економијата.“[14]

Како претседател на партијата, тој се залага за евроатлантска политика, но со достоинствен третман на државата и македонскиот народ. Во јуни 2018 година, во пресрет на потпишувањето на Преспанскиот договор, тој изјавил дека е против уставните измени за промена на името.[15]

На Локалните избори во 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ под водство на Мицкоски остварила победа со освојување градоначалнички места во 42 општини, што било повеќе од двојно од второпласираната партија на СДСМ со освоени 16 градоначалнички места, по што изјавил:

„Не треба тактизирање, треба да се донесат државнички одлуки и да се послуша волјата на народот. Ова е убедлива победа на опозицијата. Сакам да го замолам да размисли добро што ќе бидат следните чекори, да се надмине себеси и да ја разбере конечно пораката дека е доста и мора да замине. Нема веќе место за криминал. Не треба само Заев да си оди, туку и заевизмот и сето она што тој го претставува.“[16]

Исходот од изборите го принудил тогашниот премиер Зоран Заев да поднесе оставка.[17]

На двојните избори (претседателски и парламентарни) ВМРО-ДПМНЕ под водството на Христијан Мицкоски однесе убедлива победа по која Мицкоски беше назначен за мандатар за составот на новата влада на Република Македонија.

Личен живот

уреди

Оженет е со Роза Мицкоска, која работи како професор по македонски јазик во СУГС Гимназија „Орце Николов“ во Скопје. Од бракот со неа има два сина: Јован и Антониј.[18] Освен македонски како мајчин, говори англиски, италијански, српски и бугарски јазик.[8]

Публикации

уреди
  • Мицкоски, Х. и Мицкоски, И. (2011). „Статика“. Интерна скрипта во електронска верзија во Power Point со ЦД. Скопје.
  • Мицкоски, Х. и Мицкоски, И. (2011). „Кинематика“. Интерна скрипта во електронска верзија во Power Point со ЦД. Скопје.
  • Мицкоски, Х. и Мицкоски, И. (2011). „Динамика, осцилации и механизми“. Интерна скрипта во електронска верзија во Power Point со ЦД. Скопје.
  • Мицкоски, Х. и Мицкоски, И. (2011). „Проектирање на мехатронички системи“. Интерна скрипта во електронска верзија во Power Point со ЦД - Скопје.
  • Мицкоски, Х. и Мицкоски, И. (2011). „Мехатронички системи со повеќечлена структра“. Интерна скрипта во електронска верзија во Power Point со ЦД. Скопје.
  • Анализа и проценка на повеќе влијателни фактори при процеост на кочење во железничкиот сообраќај. „Личен труд објавен 2021 година
  • Дизајн за апликација на сила врз кочница. „12 медитеранска конференција за вградено софтверско маневрирање (MECO) објавено Јуни 2023 година во Будва, Црна Гора.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Христијан Мицкоски“. Машински факултет - Скопје.
  2. 2,0 2,1 2,2 „Кој е Христијан Мицкоски, новиот водач на ВМРО-ДПМНЕ?“. Република. Посетено на 2017-12-23.
  3. 3,0 3,1 Разрешен Христијан Мицкоски: ЕЛЕМ го губи најуспешниот директор досега[мртва врска]“. Инфомакс. 5 август 2017.
  4. „Нов водач на ВМРО-ДПМНЕ е Христијан Мицкоски, Груевски замина во историјата“. СДК. Посетено на 2017-12-23.
  5. Мицкоски како единствен кандидат реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, без глас против и со три неважечки ливчиња“. Сакам да кажам. 12 декември 2021.
  6. Иван Мицкоски“. Машински факултет - Скопје.
  7. 7,0 7,1 „Новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е Христијан Мицкоски, директор на ЕЛЕМ“. мкд.мк. 30 јули 2017. Архивирано од изворникот на 2019-02-25. Посетено на 13 февруари 2019.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 8,6 8,7 ВМРО-ДПМНЕ. „Христијан Мицкоски - официјална страница на ВМРО-ДПМНЕ“. ВМРО-ДПМНЕ. Архивирано од изворникот на 2018-09-15. Посетено на 13 февруари 2019.
  9. 9,0 9,1 Христијан Мицкоски (22 јуни 2009). „Управување на манипулациони роботи со примена на fuzzy логика“. Машински Факултет, Скопје. Посетено на 13 февруари 2019.[мртва врска]
  10. Мицкоски е избран во звање редовен професор на Mашинскиот факултет во Скопје“. Нетпрес. 19 декември 2019.
  11. 11,0 11,1 „Директорот на ЕЛЕМ, Мицковски се повлече од функцијата соработник на Владата“. mkd.mk. 7 јуни 2017. Архивирано од изворникот на 2017-07-14. Посетено на 13 февруари 2019.
  12. Габриела Димковиќ-Мишевска (5 декември 2017). „Христијан Мицкоски иден водач на ВМРО-ДПМНЕ?!“. mkd.mk. Посетено на 13 февруари 2019.
  13. Мицкоски се повлече од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје“. Слободна Европа. 31 октомври 2017.
  14. „Христијан Мицкоски е новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ“. NOVATV.mk. 23 декември 2017. Посетено на 13 февруари 2019.
  15. Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е против промена на Уставот со цел промена на името“. Фактор. 14 јуни 2018.
  16. Мицкоски прогласи победа и му порача на Заев да замине“. Дојче Веле. 31 октомври 2021.
  17. Заев се повлекува од владата и партијата“. Дојче Веле. 31 октомври 2021.
  18. Христијан Мицкоски со синовите Јован и Антониј подготвени да навиваат за Македонија: „Тројцата мускетари“ го комплетираа албумот на „Панини“ за ЕУРО 2021 Архивирано на 11 јануари 2023 г.“. Вистина. 12 мај 2021.

Надворешни врски

уреди
Партиски функции
Претходник
Никола Груевски
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
2017–денес
Наследник
нема