Градиште (остров)

езерски остров во Македонија
(Пренасочено од Тиквеш Град)

Градиште — мал остров во Тиквешкото Езеро[1] Сместен е во северниот дел на езерото, западно од селото Ресава[2] и содржи археолошко наоѓалиште од битно значење за подалечната историја на Тиквешијата. Денес наоѓалиштето е прогласено за културно наследство на Македонија.[3]

Поглед на островот во езерото

Географија

уреди

Островот Градиште, како возвишение, е настанат со исполнувањето на Тиквешкото Езеро, некаде околу 1970 година, по што следел и островот Брушани на друг дел од езерото кај истоименото село.

Климата на островот е умерена, се наоѓа на надморска височина од околу 240 метри. Најмалата оддалеченост на островот од брегот (кон исток) изнесува 120 метри. Островот има неправилна квадратна форма, со широчина од 140 до 160 метри, површина од 2,3 хектари, додека најголемата височина обично е околу 20-30 м, што зависи од нивото на водата во Тиквешкото Езеро.[2]

Највисоката точка на островот е на 286 метри и се наоѓа во средишниот дел. Вкупната должина пак на бреговата линија е околу 550 метри. Островот Градиште е покриен со густа, претежно нискостеблеста и дрвенеста вегетација, со повеќе видови на птици, влекачи и други животни. Покрај врвот можат да се забележат одредени остатоци од стара градба, поради што и името Градиште. Инаку е слабо посетен, освен понекогаш од рибари, излетници и авантуристи.[2]

Утврдено градиште и Град Тиквеш

уреди
Градот
 

Скица на наоѓалиштето според И. Микулчиќ

 

Местоположба 41°23′13″N 21°57′7″E / 41.38694° СГШ; 21.95194° ИГД / 41.38694; 21.95194
Основни податоци
Место Ресава
Општина Кавадарци
Тип

  населба   некропола


Период раноантичко време
римско време
среден век
Портал „Археологија“

На островот се наоѓа археолошкото наоѓалиште познато како Градот или Тиквеш Град, кое сведочи за долгото постоење на утврдена населба и некропола во текот на раната антика, римското време и средниот век, која во тоа време била копнено возвишение високо над коритото на Црна Река.[4] Денес се забележуваат остатоци од масивни бедеми со повеќе фази на градба, а во внатрешноста има темели од архитектонски објекти. Пронајдени се керамички садови, метални предмети, монети и друг археолошки материјал, кои укажуваат на долговековно живеење на местото. На југозападниот дел на се откриени повеќе гробови со камени плочи од типот на циста. Оваа тврдина била средиштето на населбата наречена „Град Тиквеш“ која постоела во нејзиното подградие, а чии остатоци се денес под вода.

Наодите од утврдената населба се чуваат во Музеј-галеријата во Кавадарци и во Музејот на Македонија во Скопје.

Раноантичко и хеленистичко време

уреди

Низ долината на Црна Река водел значаен рударски пат на југ, кон рудниците во масивот на Кожуф, додека крај Тиквешка Река водел локалниот пат низ Тиквешијата до Вардар на исток (денес патот Возарци - Кавадарци - Неготино). Од врвот на Градот се контролирале двата пата многу километри далеку на север, југ и исток.[5]

На зарамнетиот врв (денес површината на островот) во хеленистичко време постоела укрепена населба, голема 4-5 ха. Од ова време се најдени керамичките предмети и монетите, кои датираат од III до I век п.н.е. Во доцноримско време на тој простор бил изграден кастел, голем 140 × 155 м. Малтерниот ѕид околу него бил зајакнат со најмалку 7 кули. Во VI век обѕидието било обновено на низа места, а во југоисточниот агол се обликувала мала акропола со внатрешен ѕид. Во периодот од 1959-61 и 1967-68 г. откопани се делови од обѕидието, сондирани се културните слоеви и прибрани се движни наоди, меѓу нив и повеќе монети од IV, V и VI век. Во долината на Тиквешка Река е откопан еден полски имот, гробишта, црква и др.

Средновековие

уреди

Некои од обновените делови на обѕидието можеби потекнуваат од доцниот среден век, додека акрополата била целосно обновена (со димензии 56 × 30 м). Пред половина век нејзините ѕидови стоеле до 4 м високо над почвата. Во неа е изградена една цистерна и една помала црква, додека друга ваква црква лежи пред западното чело. Наоди: средновековна грнчарија и црепни, бројни ситни предмети исковани од железо, византиски монети од XIII век.[5]

Акрополата го претставувала јадрото на „градот” Тиквеш, додека просторот околу неа а во рамките на античкото обѕидие (зафаќа 2 ха) бил населуван подоцна, на подледователни наврати. Тој служел за сместување на помошните објекти — коњушници и магацини, работилници, простории за стража, ковачници и др., а нивните темели се откриени со ископувањата.

Меѓутоа и во долинката долж реката, на голем простор источно од Градот, лежат остатоци од едно подградие. Со спомнатите ископувања пред потопувањето на овој терен во новото Тиквешко Езеро, на три места откопани се помали цркви со остатоци на фрескопис (врз глинена подлога) и гробишта околу нив. Овие остатоци потекнуваат од XIII век (монети) до XV—XVI век (фрески).

Османлиско време

уреди

Во турските пописни дефтери од XV и XVI век Тиквеш се јавува како село и центар на Тиквешката нахија. „Градот” (крепоста) Тиквеш не постои во тоа време, меѓутоа не е забележан ниту во српските или византиски извори. Не се спомнува ни во документите врзани за соседниот Полошки манастир, изграден во XIV век неколку километри југозападно од Тиквешкиот Град.[5]

Наводи

уреди
  1. Група автори (2016). „Езерски острови“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 185. ISBN 978-9989-110-90-0.
  2. 2,0 2,1 2,2 Милевски, Ивица (14 јануари 2012). „Покрај Голем Град, во Македонија има уште десетици други острови!“. Игеографија. Посетено на 29 јануари 2018.
  3. Список на заштитени добра. Состојба до 31.12.2012. Скопје: Управа за заштита на културното наследство.
  4. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 157. ISBN 9989-649-28-6.
  5. 5,0 5,1 5,2 Микулчиќ, Иван (1996). Средновековни градови и тврдини во Македонија. Скопје: МАНУ. стр. 205-206. ISBN 9989-756-06-6.

Надворешни врски

уреди