Тераса во Рим (француски: Terrasse à Rome) е кус роман на францускиот писател Паскал Кињар. Книгата е објавена во 2003 година од издавачката куќа „Тера Магика“ од Скопје. Преводот од француски јазик го извршиле Харита Вибрандс и Катица Ќулавкова.

Технички одлики

уреди

Книгата е отпечатена во мек повез, во печатницата „Доминант“ од Скопје, во 2003 година. Таа има 129 страници, не е каталогизирана во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје, а ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-905-25-8. Автор на корицата и дизајнот е Бобан Лукиќ. Цртежите во рамките на книгата се дело на Харита Вибрандс, додека на предната корица е ставен дел од сликата на Claude Lorrain, „Port avec la villa Medicis“. На крајот од романот се наоѓаат поговорот на книгата под наслов „Паскал Кињар: субверзија на јазикот“, напишан од Вибрандс, како и куси биографии на Кињар, Вибрандс и Ќулавкова. Објавувањето на книгата било финансиски поддржано од Министерството за култура.[1]

Содржина

уреди

Романот „Тераса во Рим“ е составен од 47 поглавја и во него се опишува животот на бакрорезецот Мом. Истовремено, во книгата се прикажани и неговите бројни графики, кои, исто така, даваат информации за одделни важни епизоди и ликови од неговиот живот. Мом се родил во Париз, пролетта 1617 година, а занаетот го учел во Париз, Тулуза и Брухе. Таму ја запознал Нани, убавата ќерка на судијата Јакоб Вет Јакобс и веднаш се вљубил во неа. Мом успеал да се запознае со неа и набргу започнал да одржува страсни сексуални односи со девојката, која пак била свршена за помошникот на нејзиниот татко, Ванлакр. При една средба, во собата во која се наоѓале Нани и Мом упаднал нејзиниот свршеник и, истурајќи солна киселина кон Мом, потполно му го уништил лицето. По инцидентот, Нани се омажила за Ванлакр, а тој побегнал од Брухе, поради опасноста да биде убиен. Во меѓувреме, таа родила машко дете чиј биолошки татко бил Мом.

Потоа, одредено време, Мом живеел крај морскиот брег во заливот кај Салерно, Италија, по што во 1643 година се преселил во Рим. Животот на граверот Мом бил бурен. Тој се запознал со девојката Марија Едел со која ја делел постелата, но таа никогаш не му дозволила да има сексуални односи со неа. Еден ден, во неговата куќа се појавил Абрахам ван Берхем и заедно со него, Мом заминал во Шпанија. Исто така, Мом често патувал низ Европа, прудружуван од Абрахам, Марија и младото момче Естерер. Сепак, наспроти честите патувања, Мом постојано останал осамен, копнеејќи по својата единствена љубов, Нани. Во 1656 година, Марија Едел го напуштила Мом и така, тој останал да живее сам, дружејќи се само со сликарот Клод Желе, познат како Клод де Лорен.

Мом го напуштил Рим во 1666 година, а неговото заминување му претходеле два важни настани: во 1664 година, Еугениот, најстариот син на едно угледно римско семејство, не можел да доживее ерекција. За да му помогне да го реши проблемот, семејниот лекар купил 32 еротски графики на Мом, но наместо да му помогнат на момчето, тие го предизвикале да изврши самоубиство. Оттука, по наредба на татко му, сите бакарни плочи и графики на Мом биле јавно запалени; Подоцна, на 8 јуни 1666 година, во едно римско село, Мом бил нападнат со нож од непознато младо момче, кое мислело дека тој му ја украл торбата. Мом бил тешко ранет во грлото, а при испитувањето, момчето му кажало дека е синот на Нани и дека го бара својот вистински татко - граверот Мом. Мом му одговорил на момчето дека не го познава граверот, а потоа се заклучил во својата куќа и им наредил на слугите никого да не пуштаат внатре, плашејќи се од посетата на својот син.

Како последица на тешката рана на грлото, Мом почнал да слабее и да запаѓа во агонија. Мом умрел на 24 декември 1667 година во Утрехт, во куќата на сликарот Жерар ван Хонтхорст, откако од летото, тој одбивал да јаде. На денот на смртта, него го посетила Марија Едел, која претходно Мом ја вклучил во својот тестамент. Пред смртта, потполно несвесен за околината и неспособен да ја препознае Марија, тој го прошепотил името на Нани.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Паскал Кињар, Тераса во Рим, Тера Магика, Скопје, 2003.