Пустина (роман)
„Пустина“ — историско-психолошки роман на македонскиот писател Ѓорѓи Абаџиев од 1961 година. Темата е земена од историјата, а дејствието се одвива во периодот пред Илинденското востание, т.е. пролетта 1903. Опишани се солунските атентатори — гемиџиите, поточно внатрешната состојба на двајцата преживеани извршители на акциите — Арсо и Глигор. Идејата во романот е дека секој на свој начин треба да го плати долгот кон татковината. Авторот употребува дијалог, монолог — интроспекција (влегување во сопствената внатрешност) и ретроспекција (враќање во минатото).[1]
Автор | Ѓорѓи Абаџиев |
---|---|
Земја | СР Македонија |
Јазик | македонски |
Жанр | роман |
Издадена | 1961 |
Содржина
уредиРоманот е составен од осум глави.
Презир
уредиРано наутро, двајца заробеници, Глигор и 19-годишниот Арсо, ги носат од затворот во воениот суд. За време на читањето на пресудата, Глигор се сеќава на испрашувањето во врска со експлозијата на францускиот брод „Викторија“, бомбата во Отоманската банка и другите борбени акции во Солун, а Арсо чувствува презир кон себеси поради тоа што дозволил да биде заробен. Кога претседателот на судот ја објавува пресудата – смртна казна со бесење, на лицето на Арсо се јавува презрива насмевка.[2]
Во оваа глава се запознаваме со двата главни лика, Арсо и Глигор кои по атентатите се затворени, како и со филозофијата на гемиџиите:
„На хероите ликот им е чист само кога се мртви. Живите херои не се херои… Ние сме дојдени да не се согласуваме, ние сме создадени да го порекнуваме она што постои“.
Овие зборови храбро изречени од Глигор, ни го претставуваат како бунтовник, како човек кој не се помирува со својата и со судбината на татковината. Тој стои гордо, предизвикувачки ги гледа сите со своите живи костенливи очи, неговото тело е јадро, косата непокорна и дива. Неговата појава ги дразни сите присутни, а неговиот ироничен говор уште повеќе. Тој им вели:
„Се уплашивте? Вие сте многу. Ние сме останале само двајца. Сакавме само да ве подразниме, да го вознемириме вашиот сладок спокој, да фрлиме само камен во вашето блато, та луѓето што носат осетливи носеви да го сетат лошиот мирис… Само тоа. Што можеме ние друго?“
За разлика од него, Арсо е тивок, мирен, молчалив и само чека да помине судењето, за конечно да дојде пресудата и смртта која ја ветил.
Преку судскиот процес кој е во тек, се запознаваме со акциите кои ги извршиле осудените: потопувањето на францускиот брод „Викторија“, разрушувањето на Отоманската банка, како и со казната што ја добиваат — смрт со бесење.
Реалност
уредиГлигор и Арсо се префрлени во затвор во Мала Азија. Кога ги ставаат во преполната затворска ќелија, започнува тепачка во која е убиен еден затвореник. На Арсо му приоѓа затвореникот Патрокле, трговец од Крит, кој постојано зборува, жалејќи се на неправедното затворање и на притисокот од главниот затвореник, Џемал-ага, познат по низата убиства на девојки во Солун. Џемал-ага управува со сите настани во затворот, но Глигор нема никаков страв од него, туку храбро му се спротивставува. Арсо, пак, запаѓа во апатија поради чувството на вина дека ги изневерил другарите кои погинале во борбените акции. Кога Глигор му го изложува планот за бегство (со помош на Џемал-ага), Арсо порачува хашиш од Патрокле со намера да остане во затворот. Еден ден, Глигор и Арсо, предводени од непознат човек, бегаат од затворот низ подземен тунел кој ги води до морскиот брег. Двајцата бегалци се спуштаат со јаже низ стрмните карпи, а Арсо нема сила и останува во пештерата и се онесвестува. Кога се буди, тој се наоѓа во затворската ќелија, а Патрокле го известува за амнестијата со која смртната казна му е заменета со доживотна робија.[3]
Во оваа глава е опишан затворскиот живот и правилата кои владеат таму. Авторот воведува нови ликови: Џемаил-ага, насилник и господар во затворот, кој од сите зема пари за заштита, а оние кои немаат да му дадат, ги убива. Тој може да избега од затворот, но не сака, бидејќи тука сите го почитуваат и се плашат од него, за разлика од надвор, каде е презрен. Патрокле е една од неговите жртви во затворот: за да си го зачува животот, тој му дава пари на Џемаил-ага. Арсо и Глигор се сосема спротивни ликови и физички и психички. Во затворот, Арсо постојано седи во некој агол, не сака да разговара со никого, сè му е здодевно, размислува, се навраќа на минатото, купува хашиш за да се самоубие и едвај чека да дојде судниот час. Глигор, напротив, цело време е во движење, ги запознава сите во затворот, интересни му се туѓите животни приказни, ведар е, полн со живот и изнаоѓа начин да избегаат од затворот.
Распнување
уредиАрсо лежи сам во затворска ќелија во непознато место каде што пред една година бил префрлен од Батум. Цела година тој нема излезено надвор, а постојано го слуша гласот на еден од вработените во затворот, Алија.[4]
Карпа
уредиВо четвртата глава, преку сеќавањата на Арсо, се прикажани подготовките на атентатите — копањето тунел од берберницата до банката. Арсо копа тунел под солунските улици, заедно со другарите Павле и Иван, кои ја изнесуваат ископаната земја. По некое време, нему му се слошува зашто во тунелот нема доволно воздух, но пред да ја изгуби свеста му помага Павле давајќи му ја цевката со свеж воздух. Додека копа, Арсо се сеќава на средбите со саканата девојка — Ана Шепок. Неочекувано, тој налетува на водоводна цевка, но наспроти предупредувањата на Павле, не се откажува и продолжува со копањето. По секојдневото напорно копање, тие наидуваат на карпа, а тоа предизвикува физичка и нервна исцрпеност кај Арсо. Сепак, по повеќедневна работа, тие успеваат да ја пробијат карпата и во тој момент Арсо се онесвестува од исцрпеност.[5]
Пак заедно
уредиЕден ден, во ќелијата на Арсо се појавува Глигор кого во меѓувреме повторно го заробиле. Тој му раскажува за своето патешествие низ Сахара и за девојката Смарагда која го лекувала. Во бегството му помогнал чуварот Едип кој бил многу сиромашен и имал несреќна семејна судбина. Тој се наоѓал во вистински безизлез, а Глигор му помогнал и затоа го водел низ пустината. Арсо е болен и се сеќава на своето патување во Цариград каде што се сретнал со Ана, која му набавила експлозив. Притоа, него го зафаќа бунило и Ана ја заменува со Смарагда. Глигор се труди да го одржи во живот тешко болниот Арсо.[6]
Жрепка
уредиВо оваа глава е опишано сеќавањето на Арсо на атентатот: Шестмината другари фрлаат жрепка и нему му паѓа задачата да ја крене банката во воздух. Арсо оди во складиштето кое се наоѓа до банката, го пали фитилот на експлозивот, а потоа влегува во зградата за да го предупреди помошник-директорот на банката. Кога ја здогледува неговата ќеркичка, Арсо го крева девојчето и излегува на улицата, а по него бегаат помошник-директорот и неговата сопруга. Набргу, банката експлодира, а Арсо бега во околните улички, фрлајќи бомби, но не се убива, како што било претходно договорено.[7]
Во детството
уредиБолниот Арсо оди уште подалеку во своите сеќавања — во своето детство: На крајот од учебната година, тој рецитира песна пред публиката во која се наоѓа и татко му, а за рецитацијата добива пара од кајмакамот и пофалби од присутните. Во текот на летото, тој му помага на татко му во дуќанот, но воопшто не го привлекува кројачкиот занает, зашто многу ги сака книгите. По некое време, учителот го убедува татко му и тој му дозволува да го продолжи образованието во Солун. Во сеќавањата на Арсо се прикажува тагата на мајка му предизвикана од претстојната разделба, гласот на еден човек кој го обвинува за убиството на син му Емин, кој погинал за време на борбите во Солун, како и сликата на помошник-директорот како трча по ќеркичката...[8]
Излез
уредиПоследната глава е враќање кон реалноста: Глигор решава да ископа тунел од ќелијата за повторно да избегаат. Арсо не сака да учествува, зашто е сосема паднат во духот. Со својата ведрина и оптизимам, Глигор го бодри, му вели дека тој ќе копа, дека задачата на Арсо е само да лежи врз дупката и да стражари. Но, за Арсо нема бегање, неговиот излез е смртта — она што го ветил на другарите пред атентатите. Затоа, на крајот Арсо се обесува на прозорската решетка во ќелијата, оставајќи на ѕидот мал запис: „Тука згасна Арсо во летото 1903“, а Глигор бега преку ископаниот тунел кон француската граница и кон слободата.[9]
Ликовите на Арсо и Глигор
уредиАрсо е опишан како високо и слабо момче, како интровертен човек кој живее во своите спомени и мечти кому му е полесно да живее во среќното и идеализирано минато отколку да се соочи со реалноста. Тој е оптоварен со сознанието дека преживеал, т.е. не умрел достоинствено и херојски. Кај него психичкото се манифестира преку физичкото и постојано е во исчекување на смртта. Оттука, тој е еден вид жив мртовец без желба за натамошна борба. Арсо се презира себеси поради неисполнетиот долг кон татковината, но ги презира и оние што го судат. Тој често води дијалози сам со себе, а случувањата околу себе ги набљудува како нем сведок. Кај него сѐ се сведува на настаните од минатото на кое постојано му се навраќа и кое не може никако да го надмине.[10]
Глигор, пак, е опишан како крупен, висок млад човек полн со живот и екстровертен, зборлест и искрен, понекогаш на границата на дрскоста. Тој е човек од акција и се обидува да избега од затворот, дури и по цена на неуспех, но никогаш не се откажува од намерата. За него животот е борба што се води до последниот здив и не паѓа во меланхолија и летаргија кога е затворен, туку напротив, тоа е поттик за натамошно дејствување. Затоа, тој постојано се обидува да го подигне духот на Арсо. Во ликот на Глигор е изразен револтот и идеалот за слободата и во тој поглед тој е сличен на ликот Жан Валжан од романот „Клетници“ на Виктор Иго.[11]
Крајот на двајцата главни протагонисти е различен: Арсо не може да го издржи притисокот на казната, затворот и совеста и се беси во ќелијата, а Глигор е единствениот сведок на неговото умирање. Тој конечно успева да избега од затворот при што последниот негов поглед кон обесениот Арсо е полн со гнев и огорченост по што тој продолжува со својата борба. Иако читателот може да се поистоветува со бунтовниот и пркосниот Глигор или со мирниот и повлечен мечтател Арсо, двата лика прават целина.[12]
Осврт кон делото
уреди„Пустина“ претставува комбинација на историски и психолошки роман кој се зафаќа со клучните прашања поврзани со целта на живеењето и егзистенцијалните измачувања, како: Зошто живееме? Која е целта? Што сме? Зошто сме? Уште кога ќе се прочита насловот на романот се поставува прашањето: каде е пустината во него, т.е. дали тоа е просторот во кој се одвива дејствието или станува збор за нешто друго? Овој збор се повторува неколкупати низ романот, но ноншалантно, без врска со физичкиот простор, туку секогаш пустината е само метафора за внатрешниот свет на ликовите.[13]
Во поглед на композицијата, романот се состои од осум глави со симболични наслови, а за семантички полни може да се сметаат и имињата на двајцата главни лика кои заедно сочинуваат комплетен книжевен лик. Арсо е скратена форма од Арсениј, што значи „храбар“, додека името Глигор е поврзано со Григориј, што значи „бдее“ или „оној што е бодар“. Сепак, значењето на имињата не може целосно да се прифати имајќи ги предвид карактеристиките на главните јунаци кои се сосема различни еден од друг, така што не може да се тврди дека имињата се намерно избрани.[14]
Иако историската инспирација на романот ја претставуваат Солунските атентатори, Абаџиев не се задржува премногу на историскиот контекст, туку повеќе се посветува на психолошкиот апсект на последиците од случувањата. Дејствието на романот повеќе се одвива во психолошкиот свет на Арсо отколку во судницата или на улиците, што значи дека во него постојат две временски линии. Оттука, наспроти историската позадина, „Пустина“ е модерен психолошки роман кој претставува голем скок во творечкиот стил на Абаџиев и ги поставува основите на модерниот македонски роман[15]
Изданија на романот
уредиВо 1972 година, романот бил објавен од издавачката куќа Наша книга, како трета книга од избраните дела на Абаџиев. Книгата има 176 страници, а била испечатена во тираж од 3 000 примероци. Таа не е каталогизирана и ја нема меѓународната ознака ISBN.[16]
Во 1988 година, романот бил објавен како заедничко издание на издавачките куќи „Мисла“ и „Култура“.[17]
Наводи
уреди- ↑ „Ѓорѓи Абаџиев - Пустина (раскажана)“. Македонски јазик и литература. 2011-06-02. Посетено на 2023-08-15.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 5-28.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 29-77.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 78-88.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 89-111.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 112-141.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 142-151.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 152-166.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972, стр. 167-175.
- ↑ Деспина Буцевска, „Анализа на романот „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев“, Современост, број 3, 2023, стр. 88-90.
- ↑ Деспина Буцевска, „Анализа на романот „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев“, Современост, број 3, 2023, стр. 89-90.
- ↑ Деспина Буцевска, „Анализа на романот „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев“, Современост, број 3, 2023, стр. 91.
- ↑ Деспина Буцевска, „Анализа на романот „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев“, Современост, број 3, 2023, стр. 87.
- ↑ Деспина Буцевска, „Анализа на романот „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев“, Современост, број 3, 2023, стр. 87-88.
- ↑ Деспина Буцевска, „Анализа на романот „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев“, Современост, број 3, 2023, стр. 88.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Наша книга, Скопје, 1972.
- ↑ Ѓорѓи Абаџиев, Пустина. Мисла и Култура, Скопје, 1988