Емброуз Бирс (англиски: Ambrose Bierce) (24 јуни 1842 - 1914) – американски новинар и писател.

Животопис

уреди
 
Портрет на Бирс - дело на сликарот Партингтон

Емброуз Бирс е роден во Хорс Крејв Крик, Охајо,[1] во 1842 година. Името го добил по јунакот од еден „готски“ роман („Животот и авантурите на Емброуз Гвинет: познат и како сакатиот просјак“). Уште како мал го мразел своето семејство, а особено татко му Марк Аврелиј, кој бил сиромашен фармер и верски фанатик. Подоцна, тој се срамел од своето потекло, а меѓу ретките подробности од неговото детство се истакнува случката во која тој натоварил бел коњ со слама, ја запалил сламата и го натерал коњот да влета меѓу учесниците на некој верски собир.[2]

Бирс се школувал во воениот институт во Кентаки, а кога избила Граѓанската војна во САД, Бирс ѝ се приклучил во армијата на Северот како топографски инженер при што се борел во многу борби и бил тешко ранет во главата. Како последица на тоа, целиот живот страдал од вртоглавица и од повремено губење на свеста.[3] По зваршувањето на војната, некое време извршувал разни воени должности (управник на складиште со воен плен и управник на напуштен имот), а во 1866 година заминал во Сан Франциско. Таму, најпрвин работел како ноќен чувар во ковачница за пари, а потоа почнал да соработува со локалните весници и набрзо станал уредник на весникот „News Letter“. Во својство на новинар, тој станал жесток критичар на секојдневието, обвинувајќи ги луѓето за лажливоста и алчноста и остро ги коментирал убиствата, политичарите, свештениците, писателите, државните службеници итн.[4] Кон крајот на 1871 година, Бирс се оженил и заминал во Лондон.[5]

 
Портрет на Бирс со неговиот автограм

За време на животот, Бирс бил многу контроверзна личност и бил познат како опседнат со ѓаволот. Така, се зборувало дека жените можат на оддалеченост од 10 метри, да го почувтсвуваат доаѓањето на таа „демонска“ личност. Тој пак никогаш не се одделувал од револверот што го носел за да се одбрани од бесот на гневните читатели. Исто така, неговиот личен живот бил исполнет со немили настани: ја оставил жената откако ги открил нејзините неверства, едниот син умрел од последици на алкохолизмот, а другиот син загинал во двобој поради некоја девојка. По повод неговата смрт, Бирс запишал во својот дневник: „Сине мој, ти си возвишена душа: го направи тоа што требаше да го направиш.“ Болен и осамен, во 1913 година, Бирс упатил молба до блиските пријатели да му простат што „не умира на лице место“ и заминал по патот на битките од Граѓанската војна и во близината на Ел Пасо преминал во Мексико. Во прошталното писмо напишал:[6][7]„Збогум. Ако слушнете дека во Мексико ме ставиле до камен ѕид и ме изрешетале со куршуми, да знаете дека го сметам тоа за прилично добар начин да се напушти овој живот. Многу е подобар од староста, болеста, или паѓањето по скалите од подрумот. Да се биде ‘гринго’ во Мексико – ах, тоа е вистинска евтаназија!“

Познато е дека, во Мексико, Бирс му се придружил на Панчо Вилја, но не се точно познати околностите на неговата смрт - се претпоставува дека погинал во 1914 година за време на опсадата на местото Ојинега.[7][8]

 
Емброуз Бирс во 1892 година

Творештво

уреди

Бирс започнал да пишува многу рано. Така, уште како десетгодишно момче напишал стихови по повод смртта на некое мало девојче:[9]
„Го вкуси горчливиот пехар на животот
И одби да го испие тој напиток.
Згадена од вкусот,
Се сврте кон ѕидот и го напушти животот.“

Во 1871 година излегол неговиот прв расказ, „Проклета долина“, а кон крајот на истата година, во Лондон, објавил две збирки со текстови објавени во калифорниските весници. Овие збирки биле издадени под псевдоним. Во 1876 година се вратил во Калифорнија и постепено станал познат писател, наречен „Горчливиот Бирс“.[5]

Бирс е познат како еден од најголемите песимисти и мизантропи во историјата на книжевноста, заедно со Џонатан Свифт. Самиот тој ги објаснил своите гледишта на следниов начин: „Мојата програма гласи: студено неодобрување на човечките институции воопшто, вклучувајќи ги сите видови власт, повеќето закони и обичаи, како и целокупната книжевност. Нетрпеливост кон нетрпеливоста, војна против сите луѓе со некаква мисија, презир кон сите можни титули...Без исповедување, без лутење, без декламаторство: човечкото страдање ќе го гледам со бесчувствителна љубопитност со која набљудува мравјалник.“[10] Во книжевноста, Бирс бил голем противник на реализмот, „локалната боја“ и се спротивставувал на пишувањето на дијалекти и на „сленг“. Затоа, неговите раскази, во кои најчесто се зборува за Граѓанската војна во САД, претежно се под влијание на романтизмот и готската книжевност.[11] Најпознатата збирка со раскази е „Приказни за војниците и цивилите“ во кои се чувствува големото влијание на Едгар Алан По.[7]

Кога решил да направи список на нештата што ги мразел или презирал, тој составил едно лексикографско дело со околу илјада поими, а со наслов „Ѓаволовиот речник“, објавен во весниците. Денес, токму „Ѓаволовиот речник“ е најпознатото негово дело. Според Бирс, човековото постоење е бесмислено и во расказите ги опишал оние области од искуството во кои таа бесмисленост најдобро се манифестира. Во своите дела, тој обемно се потпирал врз современата мелодрама и врз театарот, воопшто. Опседнат со бесмисленоста на животот, Бирс не можел или не сакал да избегне одредена механичност во неговото творештво и затоа бил наречен „песимистичка машина“.[12] Иако него го сметаат за безбожен и скареден писател, наклонет кон претерување, сепак зад мизантропската фасада на неговите раскази се крие разочаран идеалист.[7]

Наводи

уреди
  1. Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 57.
  2. „Белешка за животот и делото на Емброуз Бирс“, во: Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 94-95.
  3. Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 57-58.
  4. „Белешка за писателот“, во: Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 189-190.
  5. 5,0 5,1 „Белешка за животот и делото на Емброуз Бирс“, во: Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 95.
  6. „Белешка за животот и делото на Емброуз Бирс“, во: Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 95-96.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 58.
  8. „Белешка за животот и делото на Емброуз Бирс“, во: Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 96.
  9. „Белешка за животот и делото на Емброуз Бирс“, во: Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 94.
  10. „Белешка за животот и делото на Емброуз Бирс“, во: Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 97.
  11. „Белешка за писателот“, во: Емброуз Бирс, Ѓаволовиот речник. Скопје: Темплум, 2006, стр. 190.
  12. „Белешка за животот и делото на Емброуз Бирс“, во: Емброуз Бирс, Басни. Скопје: Темплум, 2016, стр. 97-98.