Подрумите на Ватикан

Роман

Подрумите на Ватикан (француски: Les caves du Vatican) — роман на францускиот писател Андре Жид од 1914 година. Романот, со поднаслов „Сотија“ (поджанр во француската средновековна драма со пародиски карактер), му е посветен на Жак Копо.[1]

Содржина уреди

Романот се состои од пет книги:[1]

  1. Антим Арман-Дибуа
  2. Јулис де Бараљул
  3. Амеде Флерисуар
  4. Стоногалка
  5. Лафкадио

Првата книга се состои од седум глави: Во 1890 година, масонот Антим Арман-Дибуа се сели од Париз во Рим, заедно со сопругата Вероника. За разлика од неа, која е многу побожна, Антим е отворен неверник и времето го минува во лабораторијата, каде извршува експерименти на мали животни кои му ги набавува скитникот Бепо. Неколку години подоцна, нив ги посетуваат Маргерита (сестрата на Вероника) и Јулиус де Бараљул, со ќеркичката Јулија. За време на ручекот, Антим им се потсмева на нивната претерана побожност, а кога дознава дека Вероника секој ден пали свеќи во негово име, тој побеснува. Потоа, излегува на улицата и, обидувајќи се да ги изгасне свеќите, ѝ ја крши раката на малата статуа на Богородица. Ноќта, тој ја сонува Богородица, а потоа се случува чудо: Антим, кој претходно се движел само со помош на ортопедско помагало, сега може да оди нормално. Така, тој ја напушта науката и станува верник. Набргу, целата јавност дознава за чудото, а веста пристигнува и до високото свештенство, кое го наговара јавно да се откаже од масонската ложа. Меѓутоа, без поддршката на масоните, материјалната положба на Антим се влошува и тој принудно се сели во Милано, очекувајќи финансиска помош од католичката црква.[2]

Втората книга, исто така, се состои од седум глави: По враќањето на семејството де Бараљул во Париз, Јулиус добива писмо од татко му, грофот Жист-Аженор де Бараљул кој го замолува да се распраша за едно момче со име Лафкадио Луки. Јулиус оди во станот на Лафкадио и го поканува да му биде личен секретар. Лукавиот Лафкадио почнува да се спомнева дека можеби е син на стариот гроф де Бараљул, кој за време на дипломатската служба во Букурешт бил љубовник на неговата мајка. Во меѓувреме, тој случајно присуствува на пожар во една куќа, при што спасува две деца, а тогаш запознава една убава, непозната девојка. Кога го посетува грофот де Бараљул, тој го признава татковството и му ветува дека ќе му остави големо наследство. Утредента, одејќи во домот на Јулиус, Лафкадио повторно ја среќава убавата девојка и дознава дека таа е Женевјева, најстарата ќерка на Јулиус. За зреме на состанокот со Јулиус, Лафкадио му ја раскажува својата животна приказна: детството и младоста ги поминал со мајка му и нејзините љубовници од кои научил бројни вештини; потоа бил испратен на школување во Париз од каде побегнал; повторно се вратил во Париз каде живеел раскошен живот во друштво на еден богат љубовник на мајка му; а по ненадејната мајчина смрт останал сиромашен, живеејќи со Карола, поранешната љубовница на неговиот најдобар другар. Состанокот меѓу Јулиус и Лефкадио се прекинува поради веста за смртта на грофот де Бараљул, по што Лафкадио ја напушта Карола и се преселува на друго место, одлучен да започне нов живот.[3]

Третата книга се состои од четири глави: Еден ден, во посета на грофицата Ги де Сен-При (помалата сестра на Јулиус) ја посетува млад човек, кој се претставува како свештеник, но, всушност, станува збор за Протос, некогашниот пријател на Лафкадио. Тој ја искористува побожноста на вдовицата, кажувајќи ѝ неверојатна приказна: папата Леон XIII бил киндапиран од страна на масоните и затворен во еден замок, додека на неговото место е поставен двојник. Притоа, тој ѝ кажува дека мал круг свештеници работат на ослободувањето на папата, но за таа цел се потребни пари. Така, Протос успева да изнуди многу пари од грофицата, која пак веднаш тајната ѝ ја кажува на својата пријателка Арника Флерисуар, сестрата на Вероника Арман-Добуа и на Маргерита де Бараљул. Арника му ја кажува тајната на својот сопруг Амеде, кој утредента со големо воодушевување заминува за Рим, со цел да дознае нешто повеќе за случајот. Истовремено, Јулиус де Бараљул заминува на конгрес во Рим, а патем ги посетува Вероника и Антим Арман-Дибуа, кои живеат во сиромаштија во Милано.[4]

Четвртата книга се состои од седум глави: Кога пристигнува во Рим, Амеде запознава младо момче кое му помага да најде сместување при што, всушност, го сместува во бордел, каде Амеде води љубов со Карола, која пак чувствува привлечност кон него. Во меѓувреме, тајната дружина „Стоногалка“ продолжува со својата акција за божемното собирање пари за спасување на папата. Известен за доаѓањето на Амеде, Протос веднаш се враќа во Рим, каде божем случајно го среќава Амеде и успева да го измами со својата приказна за грабнатиот папа. Дознавајќи ги плановите на Амеде, Протос му прави друштво на патот за Неапол, организирајќи средба кај неговиот соработник-измамник кој ја игра улогата на божемен кардинал. Од бројните противречни информации што му ги дава Протос, Амеде е целосно збунет и повеќе не е во состојба да размислува разумно, така што станува играчка во рацете на измамниците, кои му даваат задача да размени еден чек за пари. Во Рим, Амеде го среќава Јулиус, кој штотуку бил на прием кај папата, а од разговорот со него станува уште позбркан.[5]

Петтата книга се состои од седум глави: Лафкадио, веќе богат, е решен да го напушти здодевниот живот во Европа и заминува за Италија, каде планира да се качи на брод за Азија. Во возот, тој среќава еден човек и, без никаква причина, го убива туркајќи го во провалија. Потоа, Лафкадио се враќа во Рим и таму се среќава со Јулиус од кого дознава дека убиениот е Амеде. Јулиус, пак, мисли дека убиството на Амеде има врска со тајната околу грабнувањето на папата. Мислејќи дека Протос е убиецот на Амеде, Карола го пријавува во полицијата. По молба од Јулиус, Лафкадио оди во Неапол да го донесе трупот на Амеде и во возот го среќава Протос, кој е маскиран во божемен професор по право. Протос се обидува да го уцени, но по враќањето во Рим, полицијата го затвора поради убиствата на Амеде и на Карола. За време на закопот на Амеде, Јулиус му ја соопштува тајната за грабнатиот папа на Антим, кој одлучува да се откаже од верата, да им се врати на масоните и да продолжи со научната работа. Лафкадио му признава на Јулиус дека е убиецот на Амеде, а разговорот го слуша Женевјева, која ја поминува ноќта со Лафкадио признавајќи му ја својата љубов. Лафкадио е растргант меѓу извршеното злосторство, љубовта кон Женевјева и желбата за живот.[6]

Осврт кон делото уреди

Романот „Подрумите на Ватикан“ е брилијантно напишана книга, веројатно најдобра во белетристичкиот опус на Жид. Во неа, главниот јунак, Лафкадио, воден од идејата на „беспричинско дејство“ (acte gratuit) си дава себеси апсолутна слобода, надвор од сите морални норми, извршувајќи злосторство коешто е цел на самото себе.[7]

Изданија на македонски јазик уреди

Романот е објавен на македонски јазик од страна на издавачката куќа „Магор“, а за преводот на книгата, Елисавета Поповска била наградена во 2010 година со наградата „Божидар Настев“ за најдобар превод од француски јазик.[8]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004.
  2. Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 9-39.
  3. Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 43-88.
  4. Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 91-123.
  5. Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 127-181.
  6. Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004, стр. 185-246.
  7. „Andre Žid, Podrumi Vatikana. Novi Sad: Vega Media, 2004.
  8. Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 17.